Книжевен гоБЛЕН

Топ 7, 6, 5, 4, 3, 2, 1 за 2024-та

Во моментиве кога одбројуваме саати до завршувањето на годината, задачата што си ја дадов себеси да го напишам последниот, 18. ГоБЛЕН за годинава, кој ќе биде сумирање на тоа што се случуваше на Блен во 2024-та, ми дојде како камче во конечно смиреното езеро на моите мисли, кое почна да произведува многу концентрични кругови. И тоа од топ листи!

Па, во духот на новогодишното одбројување до новиот почеток, од поголемата кон најмалата, ова се седумте топ листи кои ја одбележаа годината на Блен.

Топ 7 најчитани интервјуа

Од направени 18 интервјуа годинава, најчитаните седум се со жени (со исклучок на интервјуто со „Мојра“, кое е со Јасна и Дарко заедно). Интересно е и што најчитаното интервју беше објавено само пред неколку дена, направено во соработка со Europe House Skopje, со желба да го продолжиме одекот од силниот говор на професорката Маја Бојаџиевска по повод добивањето на најголемата државна награда Св. Климент Охридски. Според читаноста на Блен и на блогот на Europe House, според сите споделувања на социјалните мрежи и на други медиуми (Трн, Рацин), се чини дека мисијата е успешна!

  1. Интервју со Маја Бојаџиевска:Давањето без да бараме ништо за возврат е адутот кој победува
  2. Интервју со Бисера Бендевска: Имав среќа да учам од најдобрите уредници
  3. Интервју со „Мојра“: Нашите песни се деца на случајноста
  4. Интервју со Катерина Шекутковска: Сонувам за помалку работа, повеќе игра
  5. Интервју со Фросина Пармаковска: Отсекогаш сакав да напишам магично-реалистичен роман
  6. Интервју со Ирена Јурчева: За да се преведе вакво дело, треба занес
  7. Интервју со Биљана Стојановска: Секогаш поезија!

Топ 6 најчитани ГоБЛЕНи

Во септември на Блен ја почнавме рубриката Книжевен ГоБЛЕН, замислена како своевиден patchwork на неделни колумни од разни автори, на најразлични теми поврзани со книгите, пишувањето, читањето… И тука, сосе овој, објавивме 18 (честито полнолетство ГоБЛЕНу!) најшаренолики гоблени, како што може да се види и од листата на најчитаните шест:

  1. Буки е македонската јазична Ноева арка, ГоБЛЕН бр. 13 со Никола Стиков
  2. Годинава добро, догодина уште подобро, ГоБЛЕН бр. 8 со Наташа Атанасова
  3. Маргарита е мајсторката, ГоБЛЕН бр. 14 со Хана Корнети
  4. Битови или домати – прашање е сега!, ГоБЛЕН бр. 2 со Бранко Прља
  5. Книгата е основното човеково право, ГоБЛЕН бр. 11 со Снежана Стојчевска
  6. Со читачкиот клуб му даваме шаренило на сивиот живот во Куманово, ГоБЛЕН бр. 17 со Наташа Атанасовска

Топ 5 најчитани осврти на книги

Во 2024 година на Блен сум објавила осврти за 16 книги, меѓу кои имаше и романи, и раскази, и книги за млади, и сликовници, и графички новели, и нефикција, а ова се петте најчитани:

  1. Овде, во близина, има сиромаштија (за книгата „Овде, во близина живее едно девојче“ од Ида Млакар Чрнич, илуст. Петер Шкерл)
  2. Петре пред и по „Книга за Петре“ (за „Книга за Петре“, прир. Од Оливера Ќорвезироска)
  3. Поглед низ маестрален военорепортерски двоглед (кон „Уште еден ден живот“ од Ричард Капушќињски)
  4. Еден ден, има сите да нè нема (кон „Мојата бабичка не знае која сум“ од Ива Безиновиќ-Хејдон, илустр. Хана Тинтор)
  5. Негувам значи постојам (кон „Големите пространства“ од Катрин Мерис)

Топ 4 книги што ги исчитав во 2024-та, а за кои не успеав ништо да напишам

Мојата прецизна евиденција ми вели дека годинава (целосно) сум прочитала 77 книги. Можеби е парадоксално, но токму за книгите кои најмногу ме воодушевија на Блен немам напишано ништо. За нив имам еден тон белешки, куп коментари и безброј ниети да ги склопам моите впечатоци за нив во текст, но очигледно во 2024-та тие беа поголеми и од мене, од моето време и од мојот капацитет за пишување, па останува само да ги набројам како своевиден споменик на ненапишаното:

  1. Романот „Тирза“ од Арнон Грунбер, од кој уште ме лазат морници и ми минат трпки по ‘рбетот очекувајќи го македонското издание
  2. Романот „Лавиринтот“ од Аманда Лори, за неискажливите лавиринти на болката
  3. Романот „Контури“ од Рејчел Каск, откритие до кое дојдов преку читачкиот клуб на Инстаграм-профилот Мама(ми)чита
  4. Романот „Лепи странкинки“ од Мирча Картареску, која неодоливо ме потсетуваше на острината и луцидноста на Дубравка Угрешиќ

Топ 3 книжевни „проекти“ што ми ја одбележаа годинава

  1. Првиот е учеството во организацијата на нашето национално претставување на најзначајниот светски саем на книгата, Саемот во Франкфурт, искуство за кое пишував и го има погоре во најчитаните гоБЛЕНи.
  2. Вториот е текстот „Критички за критиката во критично“, кој може да се гледа и како мини проект за подигнување на свеста за значењето на критиката, но за мене беше значаен за преиспитување на моите можности да се занимавам со критика.
  3. И третиот е моето учество вторпат по ред во жири-комисијата за доделување на наградата „Новите“, која оваа година со Елена Митреска и Стефан Алијевиќ одлучивме да ја доделиме на ракописот „Градот што не го засакав од прва“ од Енис Хилми.

Топ 2 лекции на кои ме научи годинава

  1. Боли кога идолите ќе станат разочарување, така што намали со идеализирање.
  2. Големите риби се големи бидејќи имаат нагон да се хранат со малите.

Таа топ 1, таа најважната работа во 2024 година

Среќна сум што го имаме Блен, а Блен е среќен што цела година ве има сите вас за читатели 😊.

Наташа Атанасова

...

Leave a comment