Аj здраво 🙂

Јас сум Наташа, а ти ми дојде дома.

Бидејќи е можно да не се знаеме, би сакала да ти се претставам. Односно, да ти подадам рака како покана да ме запознаеш преку тоа што го правам тука, на Блен.мк.

Ако куќа не направив
со високи шимшир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце – порта наjвисока,
срце – куќа наjширока.

Вака пееше мојот сограѓанин пред помалку од еден век. Куќа и јас немам направено, не живеам повеќе во родниот град, но затоа мојата дома е мојот свет кој понекогаш знае да биде толку шаренолик, весел и сјаен како сонцето, а на моменти, денови, недели… сив, мрачен и опасен како најсилна бура. Каков и да е, тој е, мој е, токму е.

Го сочинуваат луѓе, предмети и многу неопипливи работи. Темите и фраер(к)ите што ми биле или уште ми се привлечни – ќе ги најдете тука. Со луѓето кои сум имала да ги прашам нешто и сум успеала да го направам тоа – муабетите се тука. За книгите што сум нашла време поради некоја причина да им се посветам малку повеќе отколку само да ги исчитам – и за нив има по нешто тука.

Додека не сум претерала со веселава азбука од почетните букви, да ја разбушавам 🙂

Зошто го правам Блен.мк?

Во моето тефтерче, во кое веќе некое време си запишувам зошто (треба да) го правам ова, стои:

  • За да ги соберам на едно место текстовите што ги имам објавувано на разни страни, кои ми се мили и од кои повеќето не можат да се најдат на интернет;
  • Да се мотивирам да им посветувам повеќе време на книгите што ги читам и да кажам по нешто за тие за кои навистина сметам дека вреди да ги земат в рака и други луѓе (и, обратно, секако);
  • Да се поттикнам да научам повеќе за нашата македонска книжевност, култура и традиција, за нашето МАКЕдонско макоНДО;
  • Да здивнам малку од пишувањето по нарачка според барањата и потребите на други;
  • Плус, да си ги пренесувам мислите онака како што ми бара нивниот тек, со триста зависни и независни реченици во рамки на една, со колку сакам дигресии и навидум а можеби и навистина непотребни но ете во моментот за мене неопходни епитети и со тоа да се спротиставам на сеопштата тенденција за пишување кратко и јасно за да разберат сите; нека, нека не разберат сите – белки ќе се најде некој;
  • Да престане да биде реалност мислата што ме мачи: „Постојано пишувам, а всушност ништо немам напишано“;
  • Да ја одржувам во живот поговорката: „Џабе работи, џабе не седи!“;
  • Со секој новонапишан ред да (си) одговарам одново и одново на прашањето: „Која сум јас?“
  • Да запознаам луѓе со слични интреси како мене и да гo објавуваме и тоа што тие го пишуваат тука.

Зошто се вика Блен.мк? Што значи БЛЕН?

Одговорот на ова прашање, кое досега ми го поставија сите што им кажав дека така ќе ми се вика блогот/сајтот/што-ли-да-ќе-излезе-на-крајот, се крие во РИЗНИЦА.

ПОСАКА ДА МИ ПИШЕШ?

Еве ми ги профилите на Фб и Инста, па повели!:

список-на(д)-списоците