Книги

Овде, во близина, има сиромаштија

Сиромаштијата е најстрашната форма на насилство.

Махатма Ганди

(осврт кон сликовницата „Овде, во близина, живее едно девојче“ од Ида Млакар Чрнич со илустрации на Петер Шкерл; превод од словенечки: Дарко Спасов; издавач „Чудна шума“, 2023 г.)

Брзајќи накај дома, застанувате на раскрсница и на прозорецот од колата доаѓа да ви проси изѕемната мајка со бебе во рацете. Се шетате низ најубавите улици на градот и додека се договарате која да ви биде следната дестинација за патување, махинално го одбегнувате момченцето што чука на тарабуче. Колку години и да има вашето дете, секогаш во околината има некое друго, на негова возраст, чии родители би ги зеле за него износените алишта и изиграните или воопшто нечепнатите играчки од кои сакате да се ослободите.

Вашето дете при овие ситуации секојпат е зачудено и има триста прашања, но вие веќе сте извежбани како да му го скренете вниманието и да ја одбегнете темата. Затоа што темата за нееднаквоста во светот и за сиромаштијата во која се принудени да живеат многу луѓе, не води кон разговор што би го паметеле како среќни мигови поминати со семејството. Тоа е тема која ако се обидеме да ја објасниме доволно едноставно и сликовито, најверојатно силно ќе нè растажи и расплаче.

Ако тогаш кога наидувате на лицата на сиромаштијата не ви се чини дека е вистински миг да ја отворите темата, а од друга страна кога ќе си дојдете дома ви се враќа јазикот од муабетот и сè досега „успешно“ сте бегале од него, има една книга што може да биде пресвртница.

Станува збор за сликовницата „Овде, во близина, живее едно девојче“ од словенечката авторка Ида Млакар Чрнич, која е издадена во 2019 година и оттогаш преведена барем на 10 јазици (според кориците што можат да се најдат на Гугл), меѓу кои во 2023 година и на македонски.

Приказна за едно поинакво девојче

Во оваа сликовница раскажуваат две девојчиња. Нивната приказна почнува во јануари и завршува во декември, а главен лик е едно друго, поинакво девојче, кое учи со нив и живее овде, во близина. Во јануари тие кажуваат дека девојчето не е толку убаво како нив, во февруари дека не е толку богато, во март дознаваме дека тоа нема своја соба како нив, а во април дека нема ни пријатели како што имаат тие. Во мај ги слушаме како гордо кажуваат дека девојчето нема ни име. Всушност, има, ама името му е толку чудно што не сакаат ни да го запаметат. А во јуни, јули и август ни раскажуваат дека девојчето е нечујно, невидливо и бестелесно. За во септември девојчето вистински да го снема и до декември да стане уште поприсутно со своето отсуство.

Од раскажувањето на девојчињата сфаќаме дека станува збор за сиромашно девојче, кое живее во стара распадната куќа. Таа нема другарчиња и не кани никого дома – ни на роденден, ни на гости, ни на преспивање. Кога девојчињата ја играат, тие можат да бидат принцези што живеат во замок, а таа единствено измеќарка што чисти, им ги облекува замислените прекрасни фустани и ги служи со кралски чај и торта. Не доаѓа на училиште со автомобил, не летува на море, ја нема на групните фотографии. Изгледа мала. Децата на неа гледаат со презир и потсмев, па нема самодоверба да се бори гласно за тоа што го сака, не се наметнува и нејзините шкртки-мртки по листовите никого не го интересираат. И така нечујно и невидливо, девојчето исчезнува од нивните животи.

За разлика од неа, девојчињата кои раскажуваат бликаат од самодоверба. Тие се фалат со своите убави фустанчиња и розови пони коњчиња. Живеат во нови куќи или станови, со големи градини, базени и трамбулини. Сметаат дека се убави, мили и фини; добри принцези, кои сè што не им треба од орманите го носат на училиште за девојчето. Дури и се радуваат затоа што старата куќа во којашто живеело девојчето ќе се урне и ќе се гради нова, со голема и убава продавница. До толку ги осиромашиле возрасните околу нив не објаснувајќи им ја суштински поинаквоста на другото девојче.

Мајсторството на писателката Ида Млакар Чрнич при раскажувањето на оваа приказна најмногу доаѓа до израз во деловите каде што вметнува „ти и јас“, „тебе и мене“. Како и во животот, каде што сиромашните обично немаат глас да ја раскажат својата приказна, па тоа го прават другите за нив, така и оваа приказна ја раскажуваат богатите девојчиња. Но, со оваа раскажувачка финта авторката им ја одзема на читателите дистанцата што природно би им дошло да ја заземат и да се оградат од неправдите што ги трпи девојчето. Со тоа, таа укажува на тоа дека и да се биде сведок на неправда е исто како и самиот да ја нанесеш и дека сите ние заеднички ја сносиме одговорноста за тоа што им се случува на понеимотните од нас.

Чувството на оваа тивка вина и заедничка одговорност ја доживува својата кулминација во моментот кога рефренската реченица со која почнува и завршува секоја претходна глава „Овде, во близина, живее едно девојче“ не стане: „Овде, во близина, живееше едно девојче“. Грутката во грлото што растеше со секоја нова страница сега станува неподносливо голема и почнува да гуши, а единствениот спас од неа останува да биде разговорот за девојчето кое живеело и кое продолжува да живее овде, во близина, и кое колку и да изгледа поразлично, е исто такво, „какви што сме ти и јас“.

Посебна приказна е мајсторството на илустраторот на оваа сликовница. Станува збор за Петер Шкерл, кој ја има илустрирано и една од моите најомилени современи книги за деца, „Мочурливци“ од Барбара Симонити. Со илустрациите во техника молив и акварелни бледи бои што се прелеваат, Шкерл и визуелно ја збогатува атмосферата на излитеност, трошност, оскудност и сиромаштија. Одлично е и решението на корицата со загадочната силуета на девојче во форма на клучалка низ која ѕиркаат две девојчиња и ве повикуваат заедно со нив да откриете што се крие во нејзината црна длабочина низ која проѕирно гледаат.

Овде е, во близина ни е… сиромаштијата

А во таа црна длабочина на сиромаштијата се крие едно од најстрашните насилства што еден човек и, уште полошо, едно дете може да ги (до)живее. Како некој врз кого транзициската сиромаштија има оставено длабоки белези, со не толку голема гордост можам да кажам дека добро ја владеам темата.

Сиромаштијата е живеење во грижи, таложење фрустрации, откажување од можности и стеснување на светот на имагинацијата под присила на суровата реалност и сето тоа – воопшто не по твоја вина. Сиромаштијата не е несреќа што може да го снајде секого, сиромаштијата е огромна појава што системски се игнорира и нема да ја снема со тоа што ќе се правиме слепи и глуви за нејзиното постоење и им го оттргнуваме вниманието на нашите деца од неа. Сиромаштијата била и останува предизвик и за нас и за идните генерации, но на тој голем и мачен пат кон нејзино искоренување можеме и сами да правиме мали чекори. Чекорче за разговор со децата на темата, чекорче за дружење на сиромашно другарче, чекорче за поттикнување на училиштата да го воочуваат насилството врз посиромашните деца, чекорче за… – бидете креативни, смислувајте нови чекори и чекорете, а децата најмногу ќе учат гледајќи ги постапките на возрасните. Оти овде, во близина, има многу сиромаштија и не правејќи ништо на темата, сите заедно, во многу аспекти, ќе остануваме сиромашни.


Позадина на насловна фотографија: Anete Lusina on Pexels 

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?