Шкртки

Поглед низ маестрален военорепортерски двоглед

Сметам дека не треба да пишувам за луѓето со кои не сум преживеал барем малку од она што тие го преживуваат.
– (Ришард Капушќињски, „Уште еден ден живот“, стр. 59) –

(кон книгата „Уште еден ден живот“ од Ришард Капушќињски; превод од полски: Лидија Танушевска; издавач „Бегемот“, 2017 г.)

Имам едно сеќавање од 2006 година. По бурните средношколски години во кои го следев секој можен натпревар во фудбал, откако се запишав на факултет и центрифугата на книжевноста ме вовлече целосно, фудбал речиси престанав да гледам. Но, се сеќавам како поминувајќи во дневната каде што татко ми седнуваше да гледа некој нов натпревар, слушнав нешто што ме седна до него. А тоа беше информацијата дека на Светското првенство во фудбал Ангола игра против Португалија, нејзиниот вековен колонизатор. Гледавме и заедно со коментаторот кој ја раскажуваше тешката историјата на земјата, жестоко навивавме за Ангола. Но, Португалците победија, а во мене остана мачнина, како божем ако успееја да победат Анголците тоа да ќе задоволеше некакваси космичка правда.

Ова сеќавање ми оживеа во моментот кога зедов да ја читам книгата „Уште еден ден живот“ од полскиот воен репортер Ришард Капушќињски и кога видов дека темата е токму Ангола, односно Граѓанската војна во Ангола, која траела 27 години и завршила три години пред гореспоменатиот натпревар. Веројатно зашто, освен сеќавањето на фудбалскиот натпревар, во мојата глава немаше ниту една друга асоцијација за Ангола.

Изострен двоглед за поглед од близу

Историската заднина на книгата е следнава: со завршувањето на Војната за независност од колонизаторската Португалија (1961-1974), Ангола влегува во нова, Граѓанска војна, во која три внатрешни страни се борат за доминација: МПЛА, ФНЛА и УНИТА. Капушќињски живее во Луанда, главниот град на Ангола, три месеци – од септември до 11 ноември 1975 година, денот на прогласувањето на независноста на земјата, како единствен воен репортер од Источна Европа. Од тој период, Капушќињски, мајсторот на полското, европското и светското воено репортерство, со секоја страница од оваа книга ни дава разно-разни двогледи со кои ни отвора различни погледи кон животот во Ангола – пред и за време на Граѓанската војна.

Во текот на тие три месеци Капушќињски набљудува, фотографира, размислува, пишува, известува. Живее во хотелот „Тиволи“ во главниот град и низ неговите очи гледаме како под налетот на војната Луанда исчезнува „како што исчезнува оаза во која секнале бунарите“. Луѓето живеат под голо небо со своите врзулчиња и чекаат како бегалци да ги превезат на друг крај од светот. Паралелно во градот изникнува еден нов град, дрвениот град, кој се подготвува за исто така да замине. Станува збор за сандаци од дрво во кои луѓето ги пакуваат сите работи од покуќнината што сакаат да ги земат со себе, а кои се своевиден пандан на камениот град во кој дотогаш живееле. Како што ќе истакне Салман Ружди, од сите што пишувале за Луанда тоа време, само Капушќињски го забележал и го опишал дрвениот град.

Моќта на Капушќињски да раскажува за војната се состои во неговиот порив да ја искуси онака како што ја искусуваат луѓето што живеат таму, да остане неутрален и фокусиран на детали. Капушќињски во оваа книга не споделува траорни и грозоморни слики од воените фронтови, оние со кои новинарите редовно ги хранат пасивните набљудувачи сместени во удобните домови далеку од војната. Капушќињски преку слики, сцени и детали ја доловува целата атмосфера на конфузија, хаос и бесмисла што ја носи војната. Луанда станува град во кој ја снемува полицијата (заминале сите полицајци!), ја снемува пожарната (заминале сите пожарникари!), ги снемува и ѓубреџиите и градот се потрупува со ѓубре, па наеднаш ги снемува и мачките – сите пцовисуваат веројатно затруени од мрши. Потоа заминуваат сите пекари, монтери, поштари и чувари, а по нив и сите кучиња некаде на друго место, во потрага по храна. „По излегувањето на глутницата кучиња, градот западна во крајна зачмаеност. Па, затоа, решив да заминам на фронтот“, вели тој.

Сцени од фронтот

По описите на градот во прво лице, следува вториот дел на книгата во кој Капушќињски го меша својот глас со гласот на неговите јунаци од фронтот. Во оваа литерарна постапка на претопување на гласовите што раскажуваат во еден ја гледаме желбата на Капушќињски да им даде глас на оние што се борат и гинат да прозборат преку неговата книга:

  • тука е командантот кој вели дека да се добие битка е физички напор како да се исече една шума и кој им наредува на војниците да ги закопаат загинатите – и своите и туѓите заедно, затоа што и онака по смртта нема врска;
  • тука е воочувањето дека тазе војникот се плаши од сешто и дека негов главен фокус не е да се порази противникот, туку да ја добие војната со сопствениот страв;
  • тука се муабетите меѓу војниците дека Ангола е земја во која војната трае петстотини години, откога таму дошле Португалците, дека од цела Африка Ангола на Јужна Америка ѝ има испорачано најголем број робови; Ангола, „црната мајка на новиот свет“ е земја чии луѓе си ги корнеле забите или ги стругале со камења за да не бидат продадени како робови; земјата на којашто сметаат дека и оваа војна ѝ била наметната бидејќи е богата со нафта и дијаманти, а е населена од пет милиони сиромашни луѓе кои паметат и паметат што се случувало низ историјата, затоа што во нивното размислување минатото зафаќа повеќе место од иднината;
  • тука е воениот заробеник кој вели дека има 16, а изгледа како да има 12 години и кој раскажува дека отишол на фронтот да се бори за ФНЛА затоа што му рекле дека само така подоцна ќе може да оди на училиште и да ја оствари својата најголема желба – да црта и да слика;
  • тука е и моќната сцена кога стражарите на МПЛА и воените заробеници од ФНЛА муабетат за фудбал (ах, тој фудбал!), за натпреварот меѓу Бенфика и Фероварио, при што поделбата кој за кој тим навива не е иста со поделбата на стражари и заробеници, а жестоката дискусија полна со младешка пасионираност е дискусија во која се заборава на сè друго;
  • тука е начинот на кој (не) се поминуваат стражите по патиштата, составени од деца-војници кои не се разликуваат по алиштата или изгледот па никој не знае од која страна се и кои чекаат прв да ги поздравиш, а ако го изустиш погрешниот поздрав (секоја страна си има свој) по брза постапка овој ден во животот ќе направат да ти биде последен;
  • тука е и согледувањето дека девојките како војници се подобри од момците, кои знаеле на фронтот да се однесуваат хистерично и честопати неодговорно, а меѓу нив во раскажувањата на Капушќињски блеска Карлота, прекрасната воинка-легенда која ќе ги придружува и штити да стигнат безбедно до Баломбо, за отпосле да дознаат дека откако ја оставиле таму, живеела само уште еден час.

Уште еден ден живот

Во последниот, трет дел од книгата, Капушќињски раскажува за јавувањата секоја вечер точно во 20 часот од страна на неговите колеги од Варшава, испраќањето вести во форма на депеши што ги мисли, пишува и подготвува во текот на целиот ден.

Феноменални се неговите согледувања дека држењето и одбраната на МПЛА зависи само од двајца луѓе. Едниот е Рауш, пилот и авиомеханичар на единствениот авион што го има Луанда, машина направена во 1943 година, кој лета по Ангола напамет цело време додека е буден и доставува муниција на фронтовите, разнесува брашно и пренесува ранети. Вториот човек е Алберто, инженер, единствениот човек кој знае да ги поправи пумпите за вода. Ако загине Рауш, градовите ќе мора да се предадат, а ранетите да умрат. Ако загине Алберто, Луанда ќе снема вода и ќе може да издржи најмногу пет дена пред да се предаде.

Во ситните саати Капушќињски седи буден и размислува. Како флешбек му се враќа реченицата што ја кажува неговиот сопатник Нелсон во зората откако ќе го поминат Дипанда, најстрашниот од сите патишта низ Ангола: „Уште еден ден живот“, па помислува што се случува на другите делови од планетата, на сите места каде што постои нормален живот, каде што луѓето мирно ʼрчат, се преместуваат од една страна на друга в кревет, стануваат, пијат млеко, се бричат, се шминкаат…. „Човек се буди и не мисли дека можеби го започнува последниот ден од животот. Прекрасно чувство, но веќе толку вообичаено што никој таму не обрнува внимание на тоа“, пишува тој при крајот на книгата, додавајќи: „Светот го гледа големиот спектакл на борбата и смртта, кој, впрочем, тешко можат да си го замислат, бидејќи сликата на војната е непренослива. Ниту со перо, ниту со глас, ниту со камера. Војната е реалност само за оние кои седат во нејзината раскрвавена, одвратна, валкана внатрешност“.

Во својата последна депеша, таа за 11 ноември, истиот ден на кој и Полска ја слави својата независност, Капушќински известува во Варшава дека свеченостите за прогласување на независноста на Ангола во Луанда, договорена меѓу завоените страни по завршувањето на Војната за независност, се одвиваат мирно. Меѓутоа, Граѓанската војна сè уште гори, страните ги зголемуваат силите и оружјето и мирот не е на повидок.

Граѓанската војна во Ангола завршила дури по 27 години, а во неа се проценува дека загинале над половина милион луѓе. Читајќи ја оваа книга, оваа епска репортажа и во исто време толку добро раскажана приказна, доминира чувството на бесмисленост. Бесмисленоста на војната, бесмисленоста на дадените жртви од сите страни, бесмисленоста на политичките сили одново и одново да го втурнуваат народот во војна – дали тогаш во Ангола или денес во Украина и Палестина…. Ова е одлична книга за бесмисленото војување, кое треба да се насочи кон помирување, затоа што и онака луѓето што се борат на спротиставени страни се како стражарите и воените заробеници, кои единствено што би сакале е страсно да разговараат на некоја друга тема, да речеме, за фудбал.

Ришард Капушќињски, магот на военото репортерство, детето израснато во сиромаштија каде што гладта му била секојдневие, исто како и одењето бос, совршено го разбирал духот на Африка, тој континент на глад, жед и надеж. Во оваа книга, човекот кој во својата 55 годишна кариера успеал да види 17 револуции, на уникатен начин ја опишува Граѓанската војна во Ангола, „сиромашна војна, преобелечена во евтина, синтетичка одежда“, насочувајќи го на крајот својот маестрален военорепортерски двоглед кон внатрешноста на човековата надеж и барањето смисла на постоењето дури и во вакви, воени услови:

„Дури и кога имаме впечаток дека веќе ништо не функционира, нешто функционира и ни овозможува минимум егзистенција. Па и да нè опкружува океан на зло, од него ќе изнуркуваат зелени островчиња полни со живот. Видливи се, на хоризонтот се. Дури и најлошата ситуација, ако се најдеме во таква, се разложува на заеднички именители, за кои можеш да се фатиш, како гранки од грмушка што расте на брегот, за да дадеш отпор на вировите што те влечат кон дното. Тој процеп, тој остров, таа гранка нè одржуваат на површината на постоењето“.


Фотографија за заднина: Pexels

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?