Пловидба низ времето

– кон романот „Годините“ од Ани Ерно –
(превод од француски на македонски: Андријана Папиќ Манчева; издавач: „Илика“, 2025 г.)
Во нејзиното капитално дело со наслов „Годините“, Ани Ерно ни дава една доста специфична животна перспектива. Ерно не само што ни го потврдува чувството дека „сè е минливо“ и само одредени нешта ќе останат да ни значат од „историското време“, туку таа го опредметува тоа време. Како археолог на минатото, француската нобеловка ископува и вади на виделина подзаборавени културни артефакти, независно дали се работи за спомената песна од Жо Дасен, или памфлет со наслов „Размисли од 1985 година“, каде што пишува, „иднината изгледаше светло, тешките и неуредни задачи ќе ги извршуваа роботи“, а оптимизот се дополнува со изјавата дека „првата трансплантација на срце во далечната Јужна Африка се чинеше како чекор поблиску до искоренување на смртта“ (стр. 79).
Ерно ги нижи пред нас собите во коишто некогаш спиела, ручеците со нејзините синови, изборите во Франција, додека, пак, протестите од 1968 година, остануваат жешка точка на враќање во ширната временска мапа што таа ја исцртува пред нас, како место кое постојано служи за да се измери енергијата на отпор – онаму каде што цела една генерација ги насочила своите напори и надежи за искрена промена на општеството и светот наоколу.
Во обидот да ги спои „овие многуслојни слики од себеси, неповрзани, неусогласени, со нишката на една приказна, онаа од нејзиното раѓање за време на Втората светска војна па до денес“ (стр. 161), најголемиот предизвик за Ани Ерно е како симултано да го претстави и „текот на историското време“ и личното време, односно, како што вели, „интимата на оваа жена“. Во тој судир, најмногу ја мачи изборот помеѓу „јас“ и „таа“, како два спротивни света на „нешто премногу трајно“ и „нешто премногу надворешно и далечно“ (стр. 161).
Исчитувањето на овие страници нè остава со двосмислено чувство, дека можеби наскоро, за пет, десет, или педесет години, доколку сме живи, ќе бидеме рамнодушни на секојдневието кое моментално го живееме, на излишните тв-изјави од домашните и светски лидери, актуелните скандали, естрадните забавувачи, сомнителните инфлуенсери, или најновиот консумеристички тренд кој ни дава лажен впечаток дека сме „се подновиле“ како луѓе откако ќе се почестиме со нов пар чевли или кошула. Во годините што доаѓаат, веројатно доста од тоа воопшто нема да ни биде важно.
Во нас сепак ќе останат да тлеат трагите од загадувањето, зачестените екоциди и климатски катастрофи, војните кои можеби ќе се доближат и до нашиот праг, (не)очекуваниот пораст на расизмот, фемицидите, хомофобијата (отворена и интернализирана), религиозното радикализирање и неговите последици (наспроти сиот напредок на науката), траумите од големите национални трагедии за кои се бара правда на улица, губењето на човековите права, геноцидот во Газа.
Покрај изразената ангажирана димензија, „Годините“ го следи ритамот на општествените промени низ повеќе слоеви, и тоа во завидна магнитуда, што најпрвин може да се чини како невозможен чин, но станува возможен со запис од ваков тип, барем во рамките на западната цивилизација. Книгата ја документира „трансформацијата на светот“ и сето она што упатува кон создавањето на „нова интелигенција“. Од почетоците во кои телевизорот служел како мерило за општествениот статус – со неговото купување Ерно вели, може да „се оконча социјалната интеграција“ – па сè до баналноста да се има последниот модел достапен на пазарот. „Од ден на ден телевизијата непрекинато и опсежно го снимаше светот. Се раѓаше нов вид меморија“ (стр. 119). Дистанцата од ваквите промени кои како бранови постојано надоаѓаат во животите на обичните луѓе, ѝ овозможува на Ерно сеќавањата од „романтични“ да ѝ стануваат „критични“ (стр. 107), односно постојано да ја преиспитува трагата што сите новитети ја оставаат врз поединецот и општеството.
Точна е формулацијата на книжевната критика кога вели дека овде се работи за, контрадикторно речено, „колективна автобиографија“. Оваа пловидба низ времето се провлекува низ шест декади, со тоа што дел од читателите веројатно ќе се соочат со одредената нејаснотија околу историските случувања и факти искористени како прозна граѓа во почетниот дел на книгата. Поточно, пред овој своевиден предизвик ќе застанат читатели кои не го доживеале тоа време, или не се темелни познавачи на историјата (помеѓу нив и најголемиот дел од нас). Недостижноста на времето е сепак клучно за исполнетоста на оваа експериментална автопроза. Историскиот след станува појасен како што текстот напредува, односно кога нарацијата се втемелува во осумдесеттите и деведесеттите, и уште малку понатаму, кога нè доведува до прашањето што си правел на 11 септември 2001 година – читајќи, се сетив на моментот додека збунето зјапав во преносот во живо на телевизија. Беше пладне, ручав на трпезариската маса. Со моите родители само што се бев вратил од купување школски прибор: нова чантичка за моливи, тетратки, гума за бришење. Сè она што беше неопходно за почетокот на петто одделение.
По некоја коинциденција, читањето на „Годините“ од Ани Ерно го завршив токму на годишнината од рушењето на Кулите-близначки во Њујорк. Во септември кога секогаш истите снимки одново исполовуваат по социјалните мрежи и покрај тоа што поминале повеќе од дваесет години: темен патнички авион кој прецизно удира во горните катови на северната, а потоа втор авион кој влетува речиси на средината од јужната кула и уште подраматично експлодира. Оваа епизода од нашата релативно рецентна историја постојано ме потсеќа на Сузан Сонтаг која опсежно го анализира феноменот на „затапеност“ пред гледањето ужасни снимки од терористички чинови или од војна. Феноменот на своевиден восклик пред таквиот ужас.
Истиот ден откако ги прочитав последните страници од „Годините“ се облеков и тргнав кон „Сити мол“ за да побарам роденденски подарок за блиска другарка. Речениците на Ани Ерно сè уште течеа како жив говор во мојата глава. Внатрешниот глас од прво лице ми прескокнуваше кон трето, добро позната техника на оваа авторка и редовно користена во „Годините“ и ред други нејзини дела. Додека на таквиот начин коментирав настани за самиот себе во трето лице, се движев покрај светкавите излози со јакни, најновите модели патики, мирисливи сапуни и шампони, долна облека, штандот на „Лотарија на Македонија“, и ништо од она што гледав немаше смисла. Пред мене беше целиот тој избор на можни подароци, а сепак сè се чинеше испразнето од значење или вредност. Молот е епитом на консумеризмот, како што нè потсетува читањето на „Годините“: „Приливот на нови нешта ги смируваше луѓето, а сигурноста во постојаниот напредок им ја бришеше желбата да го замислуваат“ (стр. 134). Излегов надвор од молот, во кој секогаш недостасува воздух, со празни раце.
„Годините“ на Ани Ерно беше објавена минатата 2025 година, како втор превод од француската авторка на македонски јазик, во издание на книгоиздаваштвото „Илика“. Тешко се пробиваш низ првите страници, а потоа те зема. Се согласувам дека ова е една од најдобрите книги на Ерно чие име деновиве е повторно актуелно со објавувањето на уште една нејзина книга, „Настанот“, на македонски јазик. Како и да е, секогаш е добро да се чита и/или да се препрочитува оваа сјајна авторка.
Пишува: Стефан Алијевиќ
