Незамаглената форма на слободата

(осврт кон романот „Магла“ од Марта Палацези; издавач: „Сказнувалка“, 2022 г.; превод од италијански: Ирина Талевска)
Светот е полн со неправди. Премногу, за да мислиме дека можеме да го смениме. Но, не постојат битки што се поважни од другите: она што е навистина важно е битката што ти ќе избереш да ја војуваш.
Често, откако ќе прочитам книга од автор или авторка што ме фасциниралe, се радувам кога ќе видам дека има и друга од нив на македонски. Во случајов, така беше со романот „Магла“ од италијанската писателка Марта Палацези, која ја засакав преку книгата за деца „Авантурите на младиот Лупен“, за која го пишував мојот претходен осврт тука.
Пред да проверам и да видам дека ги има издадено по обратен редослед, си имав помислено дека откако го напишала „Лупен“, Марта си рекла: „Хм, напишав роман за едно дете од улиците на Париз на крајот од 19. век и толку навлегов во периодот, па ајде да го искористам тоа и сега да видиме како му било на едно такво дете во истиот век, ама во Лондон!“
Работата била обратна, ама во суштина, и двата романа ги врзуваат многу нешта што ги прават блиски – сетингот, раскажувањето во прво лице еднина на децата-џамбази од улица, слободата, хуморот, пријателството, доброто срце… И кој и да го читате прв, ќе посакате да го читате и другиот, исто како мене и (силно верувам!) исто како и секое дете.
Полугладен, ама слободен
Во „Магла“ главен лик е 13-годишниот Клеј, сираче кое живее во сламовите – густо населените сиромашни квартови во Лондон. Откако на 5-годишна возраст се нашол на улица како сирак, еден постар човек кого сите го викаат Стариот Сал, го научил како да биде блатар – да талка и копа по калливите брегови на Темза, најдените предмети да ги продава за пари и така да преживува.
Но, освен тоа, Стариот Сал го научил и за тоа што е правилно а што погрешно и пред секоја голема одлука, на Клеј низ глава му поминуваат зборовите на старецот, кои во книгата провејуваат како прекрасни цитати:
- „Тенка е границата меѓу инстинктот за преживување и лошотилакот“;
- „За да живее на реката човек треба да умее да ѝ го препознава гласот“;
- „Светот е полн со неправди. Премногу, за да мислиме дека можеме да го смениме. Но, не постојат битки што се поважни од другите: она што е навистина важно е битката што ти ќе избереш да ја војуваш“;
- „Колку помали се можностите за успех во подвигот толку поголема е вредноста на човекот што се одлучува да го изврши“.
Иако односот на Клеј кон себе и кон другите во голема мера е извајан од советите на Стариот Сал, она што е најкарактеристично за него доаѓа од него самиот, од неговата внатрешност. А тоа е потребата за слобода, која одлично се насетува од ваквите мисли што му се вртат низ глава:
„Замислете за миг дека се подавате на некој мост на Темза. Сонцето ви ја грее кожата, водата нежно ве лулка, мешавината мириси што доаѓаат од пловилата кои се лизгаат низ реката: зачини од Индија, овошје и зеленчук од селата, цветови хмељ за пиварниците, бел леб наменет за непцето на некојси богат лорд ви ги дразнат ушите и носот… Вие стоите таму, во центарот на сè, и уживате во слободата во срцето на најголемиот и најмоќниот град на светот“
(„Магла“, стр. 6)
Кога заробен волк ќе се погледне в очи
Таа потреба ја има формирано неговата философија која вели подобро слободен на улица со сите несигурности што може да ги донесе таа, отколку заробен во сиропиталиште со сигурна работа од десет часа дневно.
И токму тука настанува заплетот во романот, во моментот кога Клеј ќе ги види животните заробени во кафезите на цуркусот што доаѓа во градот, па иако како што кажува, никогаш не ги сакал животните премногу, на Клеј му се создава грутка во стомакот. Кулминацијата на ова чувство му надоаѓа кога ќе го види волкот, животното кое е синоним за нескротлива дивост и слобода, зад решетки:
„Тогаш за првпат го видов Магла (…) Тој волк не беше убав. Тој волк беше песочиште одвеано од ветрот, и трк низ шумите, и ноќи минати во душкање на пленот, и виежи на месечината и… (…) тоа суштество со сребрено крзно и големи килибарни очи (…) беше најизвонредното нешто што сум го видел.“
(„Магла“, стр. 34)
Клеј ја препознава својата потреба за слобода во очите на волкот, се поистоветува со него на ниво на живо суштество кое го изгубило она што му било најдрагоцено и по секоја цена решава да му помогне да побегне од суровоста на циркуските скротители кои во него гледаат само пари.
Незамаглената форма на слободата
Напишан во авантуристички стил, со големи дози хумор и возбуда, со раскошен речник (за првпат по којзнае колку време во книгава го сретнав зборот „ѓериз“) романот „Магла“ преку ликот на сочувствителното момче Клеј зборува за следењето на нашиот природен (животински, зошто да не!) инстинкт да помогнеме кога ќе сфатиме дека некому му е потребна помош, не правејќи разлика дали тој некој е човек или животно.
Ова е и роман кој силно застанува во одбрана на вродената, незамаглена слобода на живите суштества, отфрлајќи ги калкулациите колку би чинело тоа и дали вреди. Секако дека вреди, затоа што да се има слобода да не се калкулира во тие ситуации и да се помогне секогаш кога срцето алармира дека некој трпи неправда што и нас силно би нè болела – е и една од најголемите слободи што можеме да ги имаме!
Слика на позадина: извор
Наташа Атанасова
...
