Слободанка Пековиќ: Бајка, поука и тривијална книжевност

Покрај вестерн, еротскиот и научно-фантастичниот роман, двата основни облика на тривијална литература денес се криминалниот и љубовниот роман. Двата се замислени и остварени како средство за лесна заработка. За да ја задоволат таа основна задача, мора да заинтересираат голем број консументи, целосно да го освојат нивното внимание, да ги обземат толку, што тие речиси ќе станат зависни од нив. Секако, сите теми не се подеднакво погодни да се употребат како општо средство за анимација на читателите, па авторите на овој вид литература, нималку случајно, одбрале посебен образец на општо привлечни теми, во исто време водејќи сметка за посебниот образец на читателот. Двете речиси универзални теми: среќно остварување на љубовните фантазии – за жените и борбата и победата на борецот за правда – за мажите, со мали отстапувања и варијации, се единствени и речиси задолжителни. Приказната на овие теми, сепак, не би била вредна за раскажување ако тука не постои некаква „авантура“, некаква ситуација што во завршницата би се искомплицирала и на крај, во климаксниот завршен дел, успешно и релаксирачки би се разрешила, целосно во согласност со очекувањата на читателот. Таа тројност во овој вид тривијална литература постојано е присутна и почитувана, исто како и правилото за трите единства, поставено во теоријата на класицистичката драма.

Меѓутоа, покрај овие, навистина задолжителни, заеднички црти, овие два вида тривијална книжевност имаат и нешто што особено ги раздвојува. Криминалните романи или приказни, задолжително имаат своја порака, носат во себе елементи на прочистување и доста високи морални норми. Крими-романот е граден така што го осудува злосторството и секогаш е на страната на правдата, односно на оној кој, без разлика како, се бори против злосторствата. Криминалниот роман, за разлика од љубовниот, има уште една специфична особина. Раскажувачот на „криминалниот“ заплет, на крајот или на почетокот на раскажувањето (поретко во средината на раскажувачкиот текст) дава некој вид своја проценка на настаните или прикажаните ликови, а понекогаш и своја валоризација на приказната или на раскажувачкиот текст во целина.

Самата граѓа на овој вид тривијална литература, и на криминалниот роман и на криминалната приказна, е целосно схематична, стереотипна. Начелото на оригиналност во овие творби целосно е занемарено. И додека т. н. уметничка книжевност, барем во поново време, со сите сили се обидува да се ослободи од клишеата, во овој вид литература канонизацијата е неодминлива. Начелото на оригиналност исто така се занемарува и во творбите на народната книжевност. И тука шаблонот е познат, но додека во фолклористиката канонизацијата претставува врв на вредностите, токму отсуството на оригиналност и стереотипноста во тривијалната литература го сместуваат овој вид во пониските вредносни слоеви. Различноста во вреднувањето не потекнува единствено од различните модели на кои им припаѓаат овие појави, ниту, пак, станува збор за различните типови култура и различните типови творештво. Фолклорната книжевност своевремено била тип супкултурно творештво (онака како што се денес песните на разни поп, рок и други групи, графитите и стриповите), додека тривијалната литература е повторување и модифицирање на одредени примери и схеми.

На прв поглед, бајката, љубовниот и криминалниот роман се многу слични. Сите три книжевни облици се градени по строго клише, со незначајни отстапувања од канонот. Што е основна ситуација во бајката? Пред сè, борбата меѓу принципот на доброто и принципот на злото со задолжителна победа на принципот на доброто; издигнување на најмалку веројатниот кандидат до победа, до чест и богатство; честа помош од натприродни сили или предмети со кои на праведникот, или на миленикот на судбината, му се осигурува победата. Бајката е пишувана возбудливо низ многу перипетија низ кои главниот јунак или јунакиња минуваат, значи за забава на оној кому му е наменета. Појдовна точка на бајката најчесто е реална ситуација, тежок живот на обесправениот слој, без разлика дали тоа се селаните или второ-трето родените синови и ќерки кои остварувањето на своите права и желби можат да ги очекуваат единствено во приказната.

Основното дејство во љубовниот роман е потрагата на млада девојка по љубовта, т.е. по примерен брак и добра прилика. Девојката обично е сираче, секогаш е убава, добро градена, наивна и невина, русокоса. Обично веќе е верена за некој солидно, но не многу богат младич, кого девствената и наивна девојка, секогаш го држи како резерва и како средство за излудување на идниот маж. Заљубената девојка секогаш е во конфликт со својот иден. Конфликтите се слични и би било лесно да се разрешат кога главната јунакиња би можела да води дијалог. Нејзините страдања заради невозвратената љубов се големи, таа плаче во креветот ноќе, но преку ден тоа не се забележува, бидејќи тоа би ја намалило нејзината убавина. Милната и добра Златокоса на крајот во страсна прегратка добива признание од принцот дека ја засакал од првиот момент кога ја видел. Клишеата не се постојани само за дејството, за содржината и за описот на јунакињата и останатите ликови, туку и јазикот на овие романи е клишеизиран. Просидбата обично изгледа вака: „Би сакал да се венчаме… и тоа веднаш!“. Таа нему му ја открива својата љубов со поглед и со бакнеж: „Го подигна погледот кон него и, наместо страв, во нејзините очи се појави љубов. Со дланката го допре неговото лице. Усните им се споија. Почувствува возбуда како никогаш во животот“.

Љубовното романче е четиво наменето, пред сè, за жени, Не постои љубовно романче во кое главниот јунак е маж. Некои одлики на херц-романот лесно можат да се пронајдат и да се препознаат во англиските романи од добата на сентиментализмот, а ако се занемари острата критика на општествениот поредок, тогаш Памела и Клариса и уште постариот Мол Фландерс би биле доста типични претставници на овој облик на роман. Интересно е дека и денес писателите на љубовни романчиња за главна јунакиња земаат Англичанка, а за место на случувањата Англија, поретко Шпанија, Грција, Австрија и Австралија. Писателите на љубовен роман внимателно ги следат сите промени во модата и во помодните диктати на животот на „висока нога“. Љубовното романче се појавило во времето на процутот на потрошувачкиот менталитет, на новопечените богаташи, на дојденците, во времето на неизживеаните амбиции и остварувања на одреден слој од градското и приградското население. Како што растела купувачката моќ на потрошувачите, растела и потребата за извонредното, за ексклузивното. Копнежот за видливи ознаки на стандардите, па со самото тоа и за престиж во општеството, се огледувале во куќите, автомобилите, во можностите за добро облекување и за летување и зимување на помодните места. Херц-романот сето тоа обемно им го дава на своите читателки. Писателите на љубовните романчиња мора да ја заинтересираат својата публика, да ги задоволат нивните потреби за удобен живот без многу обврски и морални огради, па затоа и не можат да ѝ се препуштат на разиграната фантазија како „вистински“ писатели на сентименталниот љубовен роман. Затоа тие се трудат својата јунакиња да ја доведат на вистинското место, облечена во соодветен костум. Заради брзањето да се задоволат потребите на читателот, чувствата се вулгаризираат, сè се поедноставува и се забрзува.

Криминалниот роман нуди повеќе сличности со бајката. Би можело да се рече дека тематските модели на криминалниот модел се пренесени од митологијата, епот и бајката. Првата и основна тема на крими-романот, борбата против злото, односно борбата против злосторството, е прастара. Реквизитите со кои се остварува таа борба, исто така се препознатливи, иако модифицирани во однос на постарите модели. Слично е и со стилот и со психологијата. Јунакот на бајката обично е надарен со сила, како физичка, така и морална. Понекогаш е роден под чудни околности што му гарантираат исклучителност (на пример, татко му е мечок или мајка му е самовила). Поинаков тип на бајка е, всушност, антихеројот: неугледен и физички и психички, често најмладиот глупав брат или џуџе. Силата на овој јунак е скриена токму во неговата беспомошност, но и во моралниот закон на бајката. Нов тип е отмениот, убав јунак кој непредвидено и неправедно запаѓа во неволји од кои се извлекува со помош на верните помошници, со волшебно средство или со магија.

Слични типови јунаци е лесно да се пронајдат и во детективската приказна или роман: нанадминливите типови детективи, тајните агенти од типот на Џејмс Бонд, супер агентот 007, труимфираат во борбата за (својот) успех, а во најновата продукција на борци за правда се појавуваат сè повеќе „луѓе-мутанти“ кои, на пример, со зрачење, стекнале посебни физички или психички својства. Неугледните детективи, налик на инспекторот Коломбо речиси предизвикуваат сожалување поради својата вешто прикажана „глупавост“ или неверојатната неспретност на Тимоти Тачер ја успива внимателноста на противникот и им дава неочекувана предност на неугледните борци во откривањето на злосторниците. Детективот Доналд Лем или инспекторот Коломбо, или во поново време сè почесто жената детектив, се мали по раст, слаби, но паметни. Наспроти нив е поинаку означената гигантска фигура на Нер Волф, чија сила целосно е концентрирана во интелектот. Сличности можат да се пронајдат и во ексцентричниот Херкул Поаро и повлечената провинцијалка Госпоѓа Марпл, со елегантниот лорд Вимси Дороти Соерс, со многубројните презрени и социјално непризнати детективи од полициските станици, со црниот полицаец Виргил Тибсом или со Евреинот Рабиј. Сите тие се јунаци како Пепелашка – колку што им се можностите побезнадежни, толку успехот им е поголем. Третиот тип се јунаците кои под склоп на околностите се натерани да се бранат, кои како Симон Темплер докажуваат дека се во право во ситуациите во кои се нашле против своја волја.

Ако јунакот во бајката има волшебен коњ, детективот има магичен автомобил, неугледен изглед и неочекувани својства (Лун, кралот на полноќта). Ако на првиот му помагаат пет просјака, на вториот при рака му е Вотсон или верната секретарка, наспроти стапот во џебот се наоѓа колт окован со злато (Човекот со златен пиштол) чии дваесетичетирикаратни куршуми никогаш не ја промашуваат целта. Можеби најинтересен од сите помошни средства е телефонот кој во детективските романи секогаш помага да се добијат вистинските информации.

И борбата на детективот се одвива под слични околности како и борбата на јунакот од бајката. Дворецот на змејот е претворен во модерна скапоцена градба на криминалецот, опкружена со чувари и електронски чуда. Освојувањето на леглото на злосторството е исто толку комплицирано колку и продирањето во забранетиот подземен свет. Сличности има уште, јунаците можат да се трансформираат, т. е. да се премаскираат, можат да дознаваат важни тајни, да чуваат спасоносни фомули, осносно лозинки итн.

Меѓутоа, овие сличности се формални и површински бидејќи фолклорната творба, иако е градена според клише, во себе носи јасна и недвосмислена порака што е неприкосновена. Анализата на јунакот или на содржината во бајката не доведува до вистинско разбирање на бајката. Она што во бајката е најважно, тоа е анализата на функционалните односи во самото народно остварување. Бајката е поучно и релаксирачко четиво кое подучува на основните вредности во животот, а понудената слика на стварноста, без оглед на фантастичните елементи, е прифатлива. Наспроти тоа стои љубовниот или викенд-роман во кој сликата на „стварноста“ и, да речеме, на културниот модел е искривена и опасна. Изгледа дека со малку невиност, интриги и неколку природни непогоди, лесно може да се достигне среќата. Поистоветувајќи се и соживувајќи се во посакуваната „викенд“ стварност, читателката нужно станува како јунакињата од романот: лажна, лишена од волја за борба во нормалниот, но грд живот, бидејќи таа во однос на ситуацијата од романот е премногу тешка и нечиста. Имитативниот модел што го нуди љубовниот роман е нестварен и, во крајна линија, неморален. Љубовното романче ја велича лажната наивност на јунакињата, типичните женски лукавства што обично се подложени на исмевање во канонската литература и во реалниот живот, лажниот сјај на потрошувачкото општество во кое начинот на облекување, шминкање, китење и добар помин се истакнуваат пред здравиот инстинкт и паметот. Љубовното романче успива и, како и сите религиски системи, ветува вечна среќа, ако се живее покорно според одредени клишеа.

Ситуацијата во криминалниот роман е поздрава. Средствата за влијание на читателот во овој жанр се крајно јасни и оголени. Дејството на криминалниот роман е многу слично на дејството што го имала митолошката или религиозната литература. Тематските модели на криминалниот роман се пренесени од многу постара литература. Но, светот на бајката е праведен, наивен и со непогрешлив морал, свет во кои за слабите има надеж, во кој злите сили не се непобедливи. Детективските приказни завршуваат многу слично на бајката – со победа на оној кој е на страна на правдата. Но, детективската приказна не е напишана за да го зајакне моралот на читателот, ниту, пак, консументот очекува порака. Овој жанр, или поджанр е прифатен заради живо раскажаната акција, заради силното катарсично дејство (неделото, бруталните сцени на насилство или на секс се опишуваат детално – во бајката деталите од неделата никогаш не се прикажуваат), но овој понов жанр исто така претставува наивен и едноставен морал на обичниот човек и не ги афирмира и стимулира мрачните инстинкти.

Љубовниот роман е на периферијата на животот, во него сè е скроено од хартија, пишувано без фантазија и чувства, со ножици, насочено кон една цел – профит. Истата цел ја има и криминалниот роман, но писателите на криминалниот роман им побегнале на анонимноста и на миметичноста на писателите на љубовни романчиња и иако исполнуваат одредено клише, авторите се препознатливи и на делото му даваат свој печат. Пишувањето според зададен модел е тешко ама и предизвикувачко и можеби судбината на криминалниот роман е од низок да премине на повисок степен, бидејќи сè повеќе писатели денес ги испробуваат своите способности токму во овој жанровски модел.

Наташа А.

https://blen.mk/jas/

Што мислиш ти?