Младиот Лупен има нешто важно да ви (рас)каже

(осврт кон романот „Авантурите на младиот Лупен“ од Марта Палацези; издавач: „Сказнувалка“, 2023 г.; превод од италијански: Ирина Талевска)
Деновиве со ќерка ми ги гледаме филмовите за Енола Холмс, сестрата на познатиот детектив Шерлок што ја има измислено писателката Ненси Спрингер. Сетингот е 19. век, викторијанска Англија, поточно Лондон, големи класни разлики меѓу аристократијата и сиромашните и меѓу правата на мажите и жените.
Во истиот тој 19. век, само во Париз, каде што по само еден век од Француската револуција сè уште постојат огромни класни разлики меѓу буржоазијата и сиромаштијата, италијанската авторка Марта Палацези ја сместува приказната на својата книга „Авантурите на младиот Лупен“, осмислувајќи го ликот на младиот Арсен Лупен, крадецот-џентлмен од книгите на Морис Леблан.
Па, ако и вие сте ги гледале „Енола“, „Лупен“ или некој сличен филм/серија со вашите деца и би сакале да им „подметнете“ летово и книга во тој стил – ова би била вистински избор, затоа што ова е една од оние книги со кои не може да не настане хемија.
Како било кога било 19. век
Дејството на книгата почнува во времето кога Лупен, славниот крадец-џентлмен, има 11 години и живее во сиропиталиште на клучната, Божиќна ноќ, кога од животот ќе го добие „најголемиот подарок“ – ќе остане без храна и покрив над главата. Веќе во следната глава Лупен има 14 години и е оформено дете на улицата – популарен и галантен крадец кој смета дека крадењето не е погрешно ако тоа го правиш од вистински причини (за што, секако, се согласуваме!)
Со стилска вештина која како да е брусена преку книгите на Чарлс Дикенс (+ многу хумор!), Палацези го втурнува Лупен во една откачена детективска авантура во која тој се обидува да ја разоткрие мистеријата зад исчезнувањето прво на еден млад механичар, а потоа и на еден стар хемичар и да го улови озлогласениот Господин Мустак, кој за полицијата е „фантазија измислена од смрдливиот печат“.
Марта Палацези вешто го гради светот на младиот Лупен, при што живописно ја доловува епохата кога Франција по укинувањето на монархијата со големата Француска револуција (1789-1799) цел век опстојува како република.
Лупен живее во Форка, најозлогласената зграда во Париз, каде што како семејство му се брачен пар криминалци кои имаат девет деца, луѓето кои го нашле и згрижиле на божиќната ноќ кога беше исфрлен од сиропиталиштето. Преку него, кој се движи меѓу припадниците на најниските слоеви во општеството, можеме да ги видиме ужасните услови во сиропиталиштата водени од алчни и бескрупулозни луѓе („колку ние сирачињата бевме сведени на купишта коски толку нејзините коски беа обложени со меки слоеви маснотија“), користењето на детскиот труд во пералниците („со вцрвенети образи од жешката пареа, раце испукани од сапунот и подлактици обележа и со изгореници од пеглите и од јагленот“), сиромаштијата и бедата на животот во напуштени згради и на улица. И сето тоа и преку јазикот кој е одлично дозиран со архаизми – не премногу за да не им биде одбивно на децата при читањето, но доволно за лесно да се случи преселбата во друго време во нивната глава.
„Крадењето е погрешно, велат луѓето. Но, не ако го правиш тоа од вистински причини, велам јас.“
Кога Лупен е млад, славен и главен
Раскажувањето во прво лице еднина прави младите читатели лесно да се поистоветат со младиот Лупен и да го преземат неговиот поглед на свет, што е одлично, затоа што тој е воден од исправен морален компас.
Остроумен и речовит, тој е ѕвезда меѓу сиромашните, меѓутоа поради вистински причини – како некој Робин Худ на 19. век, зема од богатите за да им даде на оние на кои им е неопходно. Преку неговите згоди и незгоди низ книгата се пропагираат искреноста, солидарноста и храброста и се покажува што значи да се биде добар пријател и бескомпромисно правичен.
„Пакувањето“ на приказната во жанрот на детективски роман (патем, жанрот се појавува во тој 19. век, во прозата на Едгар Алан По) овозможува:
- забава, која кога станува збор за книжевност за деца, не е на одмет ако е во добро одмерени количини, и
- поттикнување на љубопитноста и истражувачкиот дух, што е секогаш добредојдено!
Особено, особено кога разрешувањето на мистеријата во овој роман е поврзано со важна историска тема, а тоа е постоењето на републиката како државно уредување. Господинот Мустак сака да ја разнесе Ајфеловата кула, затоа што таа е симбол на стогодишнината од Француската револуција и паѓањето на монархијата. Преминувањето на власта од рацете на кралските семејства во рацете на народот е значаен историски чекор на човештвото кој произлегол токму од таа револуција, а господинот Мустак како правнук на Марија Антоанета, симболот на паѓањето на монархијата во светот, се бори за враќање на стариот поредок. А Лупен, додека читателите навиваат за него, се бори против него.
Приказната не завршува тука…
И, како што доликува на секој детективски роман, на крајот да најави продолженија, ако на почетокот недарежливата мадам Женероз од сиропиталиштето му ја треснува вратата на Лупен убедена дека нејзината злоба победила, на крајот од романот Лупен ја добива битката со злото.
Сепак, ова е детективски роман и крајот е само почеток на ново продолжение (а ги има уште две и чекаме превод, слушате вие од „Сказнувалка“? 🙂 ). Затоа што, исто како и во животот, победата над злото никогаш не е целосна и борбата никогаш не завршува. Затоа се неопходни што повеќе млади луѓе, нови чисти души искрено и храбро да застануваат на страната на доброто и правдата, а младиот Лупен е тука да ги придобие 😉
Наташа Атанасова
...
