Муабетења

Мимоза Хиса: Историјата може да се смени преку ноќ, но не и луѓето

Мимоза Хиса е современа албанска писателка, која ја запознав преку романот „Ќерките на генералот“, неодамна објавен во издавачката куќа „Чудна шума“. Станува збор за роман за две сестри близначки кои ги опишуваат последните заеднички години, кои се, всушност, последните години од диктатурата на Енвер Хоџа во Албанија.

Вештото филигранско раскажување богато со метафори и двојни значења, длабокото продирање во психологијата на личноста што е постојано растргната и подвоена, како и важноста да се отвораат старите рани и да не се оставаат работите под тепих, особено кога станува збор за нерасчистените сметки со минатото, беа поводи за ова интервју со авторката.

Мимоза, Вашиот роман „Ќерките на генералот“ месецов беше преведен на македонски и излезе во издание на „Чудна шума“. Иако сме соседни држави/книжевности, немаме често можност да читаме современи албански писатели. На што мислите дека се должи тоа?

Мислам дека вашата опсервација е многу точна. Можеби сме пољубопитни за далечни места отколку за соседството. Тоа е како заљубување: ретко се заљубуваме во некој сосед. Љубопитноста и желбата имаат тенденција да нè однесат кон некој поинаков, некој од друга култура, друг свет.

Но не мислам дека ова е единствената причина. Тука се и одредени предрасуди, можеби и некој комплекс на инфериорност што ние на Балканот го имаме долго време. Сакаме да бидеме „поевропски“, иако веќе сме дел од Европа. Се наклонуваме кон француската, германската, англиската, италијанската и шпанската книжевност, кон земјите со „големи“ јазици и „големи“ култури и понекогаш забораваме да разменуваме книги и идеи со соседите преку граница.

Можеби треба да станеме пољубопитни едни за други. Да се запознаеме подобро, но и да се вреднуваме повеќе. Верувам дека кога ќе почнеме да се чувствуваме посамоуверени во врска со нашите култури и културите околу нас, ќе имаме и поинаква врска со остатокот од светот. А можеби ќе живееме подобро и со самите себеси, и со соседите.

„Ќерките на генералот“ е психолошки роман кој се занимава со внатрешните светови на сестрите близначки Мартина и Марсина за време на диктаторскиот режим во Албанија во последните години од владеењето на Енвер Хоџа. Од каде потребата да се впуштите во литерарно истражување на импликациите на овој режим врз психологијата на индивидуата?

Припаѓам на генерација која речиси половина живот го помина под диктатура. Моите формативни години беа дел од тој период и мислам дека ова е многу важно. Еден човек не се буди следното утро по падот на политички систем како поинаква личност. Историјата може да се смени преку ноќ, но не и луѓето.

Многу години го проучував Исуф Љузај, важен албански философ и поет, кој го искусил албанскиот комунизам од егзил. Има искористено слика која остана во мене. Тој ја спореди идеологијата со дрвен стап оставен во оцет 45 години: откако ќе го извадиш, можеби ќе требаат уште 45 години за да го снема мирисот.

Има нешто болно вистинито во оваа слика. Законите се менуваат, институциите се менуваат, материјалните услови исто така, но стравовите, рефлексите и начините на размислување преживуваат многу подолго. Понекогаш се потребни генерации за да ги снема.

Затоа се враќам на овој период во книжевноста. Не сум особено заинтересирана за диктатурата како историска заднина, како нешто што се случува и завршува. Ме интересира тоа што останува во луѓето откако наводно завршила.

Комунистичката диктатура на Хоџа, според сè што имам прочитано, е најстрашната социо-политичка констелација во која живеел некој народ на Балканот. Дали и како и денес се чувствуваат последиците од децениското живеење на народот во оваа шизофрена, подвоена реалност во која од една страна е рајот од пропагандата, а од друга секојдневниот пекол?

Да, и јас мислам дека оваа поделба е веројатно една од најстрашните последици од режимот. Реалноста беше поделена, исто како и индивидуалното.

Денес, кога зборуваме за албанската диктатура, прво мислиме на затворите, интернирањето, работните логори, сиромаштијата, физичкото страдање. И секако дека треба. Но многу помалку зборуваме за нешто поневидливо: деформацијата на човекот.

Режимот сакаше да го создаде тоа што го нарекуваше „Новиот Човек“. Но овој човек научи да живее меѓу две реалности: што смееш да кажеш и што навистина мислиш, што покажуваш во јавност и што шепкаш по дома. Ако вака живеете со децении, во одреден момент тоа не е веќе само начин да преживеете. Тоа станува дел од вас.

Можете да донесете закон што ја гарантира слободата на говор. Можете да ги подобрите материјалните услови. Но не можете да донесете закон со кој ќе го смените човековиот ум преку ноќ.

Мислам дека сè уште и денес ги гледаме последиците, во нашиот општествен и политички живот, во недовербата, во амбигвитетот, па дури и во нашата неможност понекогаш јасно да направиме разлика меѓу тоа што е правилно а што погрешно.

Можеби ова е една од најдлабоките рани од диктатурата: не само што им правела на животите на луѓето, туку што направила внатре во луѓето.

Кога и да читам некоја книга за тешката положба на народ при одреден тоталитарен режим, секогаш останувам со горкиот заклучок на крај дека, жените секогаш го носат поголемиот товар. Дали се сложувате?

Да, многу сум склона кон тоа да се согласам. Има една стара идеја во книжевноста: дајте му на писателот рана и може да добиете роман; дајте им на луѓето рана и може да добиете трагедија.

Но, кога го пишував „Ќерките на генералот“ не сакав да гледам на диктатурата однадвор. Сакав да влезам внатре во човекот. Солженицин има речено дека линијата што го дели доброто од лошото минува низ секое човеково срце. Ова е многу поблиско до она што ме интересира: местото каде што доброто и лошото можат да живеат заедно во една личност.

И мислам дека оваа контрадикција станува особено видлива кај жените. Албанската жена веќе го носела товарот на партијархалното и недоволно развиеното општество. Потоа комунизмот од нив побарал да станат „Нови Жени“. Така што требало да живеат со две различни, често контрадикторни барања од нив: традиционална потчинетост и идеолошка еманципираност.

Можеби ова исто така објаснува и зошто близначките се во центарот на мојот роман. Мартина и Марсина се две жени, две сестри, но за мене тие, на некој начин, се две половини од една подвоена личност. Тие мораат да ги градат своите животи во систем на искривени и контрадикторни вредности.

Можеби близначките се мојот начин на прашување дали едно човечко суштество може да остане комплетно во свет кој постојано бара да се поделиш.

Вашиот роман покажува колку личното е политичко и политичкото лично, со други зборови, колку политиката е прашање на живот и смрт – и буквално, и метафорично. Во таа смисла, како ја разбирате слободата?

Ова е тешко прашање. Всушност, толку тешко што ме натера да седнам и да напишам роман. И сè уште не сум сигурна дека го најдов одговорот.

Се раѓаме во систем кој веќе постои. Наречете го систем на вредности, идеологија, култура – како што сакате. Сите правила на семејството, на општеството, на политиката и на моралот се веќе тука. Дури и во демократија, се приспособуваме на системот до одредена мера затоа што сме социјални битија.

Токму затоа во романот никогаш директно не го опишувам комунистичкиот режим. Ме интересираа внатрешните животи на моите ликови. На некој начин, сакав да ја тестирам слободата на индивидуата соочена со системот. И, како и во секој експеримент, екстремните услови ги прават работите повидливи. Диктатурата е екстремна состојба во која се тестира човековата слобода.

Но, прашањето не се однесува само на диктатурата. Различни системи создаваат различни форми на задоволство. Денес консумеризмот, парите, успехот, општествениот статус исто така можат да влијаат на нашите избори. Секако, не го изедначувам ова со насилството на диктатурата. Само зборувам за механизмот, за дистанцата меѓу тоа што навистина сакаме и што општеството околу нас нè учи да сакаме.

За време на комунизмот, една млада жена можела да избере маж поврзан со Партијата затоа што нуди сигурност, додека љубењето некого со „лоша биографија“ можело да ја уништи нејзината иднина. Денес некоја млада жена може да биде искушена да избере богат и успешен маж само поради парите и успехот кои станаа мерило за вредност.

Ова се два многу различни света. Но прашањето што ме интересира е истото: колку од она што го бираме е навистина наш личен избор?

Можеби слободата, за мене, почнува тука: во препознавањето на тоа што влијае врз нашите избори и упорното трудење да ги правиме да бидат наши.

Ликот на Зани е олицетворение на оние што биле на страната на државната репресија, што уништувале туѓи животи како дел државниот апарат и за лична корист и кои никогаш, дури и по паѓањето на режимот не одговарале за тоа. Дали сметате дека едно општество може да има светла иднина без соочување со своето темно минато?

Романот го напишав токму затоа што мислам дека не можеме да изградиме праведна иднина ако соодветно не го разбереме нашето минато.

За мене, ова не е само прашање на имиња, на идентификување кој што направил или на делење на луѓето на жртви и сторители. Секако, ни треба тоа. Но, ме интересира и нешто уште повознемирувачко: како злото влегува во еден обичен човек?

Тука ми е важна идејата за „баналноста на злото“ на Хана Арент. Злото не изгледа секогаш како зло. Понекогаш изгледа како должност. Како послушност. Како следење на законот или правење онака како што прават сите. Опасноста почнува кога ќе престанеме да мислиме со нашите глави.

Можеби пред секоја идеологија, закон или должност би требало да си поставиме едно едноставно прашање: дали ова што го правам е добро за човекот?

Затоа и Зани и Генералот во романот ги третирав со одредено сочувство. Не затоа што сакав да ги ослободам од вина, туку едноставно не сакав да ги направам негативци. Тие си имаат свои тешкотии, амбиции, причини. Тие може и вистински веруваат дека го прават вистинското нешто за нивната држава.

Но, малку по малку, додека им служат на овие „големи“ идеали, тие забораваат да си ги постават малите, човечки прашања: Дали ја повредувам мојата сопруга, детето, пријателот, човекот до мене? Дали се однесувам човечки кон другите луѓе?

И можеби тоа е вистинската опасност: моментот кога идеалот ќе стане поважен од човекот.

Секако, едно општество мора да се соочи со криминалите од минатото. Но исто така мора и да разбере како обичните луѓе станале способни да учествуваат во нив. Инаку, можеме да го осудуваме минатото и повторно да ги повторуваме неговите механизми во некоја друга форма.

Така што, најудобниот одговор не е „Што направиле?“, туку „Во истите околности, што би направил(а) јас?“

А какви се денес околностите во Албанија? Сведоци сме на долготрајни антивладини протести поради корупцијата, ограничените можности за вработување и масовното заминување на младите од земјата и ги гледаме и им се восхитуваме на Албанците кои упорно и истрајно бараат промени во институциите и законодавството. Како гледате на сегашната ситуација во земјата?

Албанското општество се има многу сменето и мислам дека луѓето денес многу помалку се подготвени тивко да ги прифаќаат работите. Многу се посвесни за своите права, бараат повеќе од институциите и се поподготвени да го кренат гласот. Во оваа насока ги гледам и протестите: не само како израз на незадоволство, туку и како знак дека луѓето сè уште веруваат дека промената е можна. Во демократијата, молчењето е многу попроблематично од протестот. Како раководителка на јавна институција, чувствувам дека ова барање за промена се однесува и на мене лично. Довербата во институциите не се гради само преку закони и регулативи, туку преку начинот на кој граѓаните ја доживуваат државата во нивните секојдневни животи. Јавните службеници не треба само да следат процедури, туку и да слушаат, да разбираат и, во рамки на законите, да се обидуваат да најдат решенија. Мислам дека оваа човечка димензија на јавната служба е суштинска ако сакаме луѓето да ја повратат довербата во институциите.

Во средината на септември доаѓате во Скопје, на промоцијата на романот пред македонската публика. Дали досега сте имале некакви релации со македонската книжевна и културна сцена и какви се Вашите очекувања?

Многу сум среќна што ќе доаѓам во Скопје. Од почетокот имам добро чувство за односот со „Чудна шума“. Комуникацијата беше сериозна, топла и професионална и, за жал, нешто што не можеме секогаш да го земеме здраво за готово во книжевните средини како нашите.

Истата грижа ја почувствував и од преведувачката. А бидејќи и самата сум преведувачка, можеби ги забележувам и ги ценам овие работи уште повеќе. Знам што значи да се преземе одговорноста за нечија книга.

Имам сретнат неколку македонски писатели на книжевните фестивали во Тирана, каде што сум гостувала и особено ме има импресионирано поетот Никола Маџиров, чии дела се и преведени на албански.

Убедена сум дека малите земји можат да имаат огромен книжевен потенцијал. И сè повеќе мислам дека нашиот пат до поширокиот европски книжевен свет треба да минува прво меѓу нас. Треба да се преведуваме едни со други, да се читаме едни со други, да станеме љубопитни едни за други, наместо постојано поединечно да целиме кон „големите“ култури.

Така што, на некој начин, се враќаме на твоето прво прашање. Можеби патот до поширокиот свет понекогаш минува низ портата на соседот.

А што очекувам од Скопје? Нешто многу едноставно и во исто време многу амбициозно: надеж дека ќе бидам разбрана.

Еден писател не може да очекува секој читател да ја разбере неговата книга на ист начин. Но, ако книгата на друг јазик и во друга култура си најде еден „идеален читател“, некој кого ќе го допре до ʼсрж, тоа е чудо.

И морам да кажам дека веќе почувствував вакво нешто низ прашањата. Начинот на кој го имате исчитано романот, интелигенцијата и сензитивноста на Вашите прашања, ми дадоа чувство дека книгата веќе е прочитана на начин на којшто се надевав дека ќе биде.

Така што, на тоа се надевам дека ќе наидам во Скопје: средби. А можеби и тој еден читател што секој писател се надева дека ќе го запознае.

Наташа Атанасова

...

Leave a comment