Николина Андова Шопова: Низ песната приватниот свет го ослободувам од буквалноста

Пред некои книги се чувствувам толку мало, како кога сум стоела на карпата од каде што се верува дека Сапфо се фрлила во морето, под Ајфеловата кула или во центарот на римскиот Пантеон. Или, со толкаво чувство на возвишено, што би рекол професорот по естетика. Така се чувствувам при секој престој во збирката „Во куќата“ на Николина Андова Шопова и тоа е сè што сакам да кажам за книгата во воведот на овој разговор, кој постоеше како идеја уште при првото читање, пред добивањето на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата годинава.
Во твојот творечки опус имаш две збирки поезија, два романа и две книги за деца. Но меѓу збирките поезија има најголемо растојание – првата и втората ти се издадени последователно во 2012 и 2013 година, а третата дури годинава, во 2026. Дали „Во куќата“ ти беше навраќање на поезијата или поезијата ти беше тука во целиот овој период, само сега реши да ја ставиш пак меѓу корици?
Оваа збирка не ја доживувам како враќање кон поезијата, затоа што од поезијата никогаш не сум заминала. Таа за мене не е само книжевна форма, туку начин на постоење во јазикот. Дури и кога пишував романи или книги за деца, поезијата остануваше мојот најприроден внатрешен говор, местото од кое произлегуваше сè друго. А и не верувам во цврсти формални поделби во литературата. Тие се корисни за книжевната историја, критиката или библиотечните полици, но многу помалку за самиот чин на создавање. Кога текстот навистина почнува да живее, тој природно ги преминува тие поделби. Литературата е единствен простор во кој формите непрестајно се допираат и се преобразуваат една во друга. И во делови од моите романи природно се задржала густината на поетскиот јазик, а песните во себе носат и наративен импулс.
Затоа „Во куќата“ ја доживувам како природно продолжение на еден ист книжевен тек. Песните од книгава не се напишани „по пауза“; тие се таложеа низ годините, заедно со сите други текстови што ги пишував.
Збирката е поделена на два дела: „Во колибата“ и „Во куќата“. Во првиот дел доминираат песните кои се занимаваат со тајни животи и скриените постоења во и вон телото, со одземеното и празното, самотијата и смртта во живиот лирски субјект, додека во вториот доминираат преживеаните слики и гласови од минатото, од луѓето кои веќе ги нема. Што им е слично на луѓето, колибите и куќите?
Веројатно тоа што сите тие се простори во кои се впишуваат животот, сеќавањата и отсуството. И луѓето и домовите не се затворени и стабилни форми, туку нешто што се менува, низ кое минуваат искуства и во кое остануваат траги од она што веќе го нема. Во таа смисла, збирката може да се чита и како поетска верзија на хаунтологијата – како чувство дека отсуството не исчезнува, туку опстојува и делува како присуство во јазикот, телото и просторот. Ова не е поезија за телото, туку поезија што мисли преку телото, а куќата се појавува како продолжено колективно тело, составено од органи од предмети: папучи, тефтерчиња, чинии, и сè она што го носи и го памети животот што се одвивал во него. Телото тука се третира како архив — не само биолошки, туку и историски, семеен и културен, во кое се впишани трагите на колективни трауми, наследени сеќавања и неизговорени приказни. Во една од песните, опожарената куќа се носи како грутка што се движи низ телото – под грлото, на грбот или на челото, а од неа се слуша гласот на „таткото што пее во бањата“, како ехо што продолжува да одекнува во телесната меморија.
Поезијата неминовно значи изложување на длабоко интимното, на модринките и раните. Храброст ли е тоа за тебе или нешто друго?
Постои едно широко распространето уверување дека поезијата е најдиректната форма на интимност, но мене отсекогаш ми се чинело дека е спротивното. Не затоа што таа нешто сокрива, туку затоа што не говори непосредно. Она што во животот би било гола исповед, во песната минува низ еден долг процес на преобразба: низ јазикот, низ ритамот, низ сликата, низ играта. Дури тогаш станува поезија. Затоа никогаш не сум чувствувала дека со песната го изложувам својот приватен свет, туку дека го ослободувам од неговата буквалност.
Можеби токму затоа, и покрај мојата природа која повеќе тежнее кон повлеченост отколку кон јавно присуство, поезијата никогаш не сум ја доживувала како непријатна експонираност. Напротив, таа ми изгледа како најприродниот начин да се биде искрен без да се биде буквален. Секако, за тоа е потребна и храброст – не толку храброст да се откриеш, колку храброст да не пишуваш под диктат на сопствената претпазливост. Во мигот кога авторот почнува да го замислува погледот на читателот пред да го напише стихот, во текстот се населува еден речиси незабележлив грч. Тој грч не се гледа секогаш, но се чувствува. Од него настануваат песни кои се беспрекорно контролирани, а необјасниво безживотни. Колку повеќе авторот се обидува да се заштити, толку повеќе текстот се затвора.
Исто така, мислам дека секој текст носи одредена енергија која не може целосно да се објасни со книжевнотеориски поими. Анализата може да покаже како „функционира“ една песна, но не може сосема да објасни зошто таа останува во читателот. Во неа секогаш има нешто што го надминува сопствениот механизам – некаков вишок на присуство, трага од ризикот што авторот бил подготвен да го преземе.
Во збирката има две песни во кои се тематизира зборот, односно јазикот, неговата важност и внимателноста – и во поглед на негувањето и во поглед на користењето. Како поетеса и писателка, а и како наставничка по македонски јазик, колку си опседната со размислување за зборовите?
Станува збор за еден вид неизбежна свест за јазикот како посредник низ кој воопшто постоиме во светот. Зборовите никогаш не се неутрални: тие носат историја, ритам, културна меморија, тишина меѓу значењата. Би рекла дека пишувам водена од интуицијата дека гласот му претходи на значењето, дека звукот е првото место каде што зборот почнува да живее. Во неговата звучност се насетува нешто што не може целосно да се сведе на логика или семантика. Верувам дека во звукот се крие меморија постара од нас. И често песната ми се открива преку еден тон, една звучна врска, една слика или немост пред неа. Во една песна спомнувам „вишни што висат како ноти што никој не знае како да ги отпее“. Тие „звучат“ без да произведуваат вистински звук. Нивната музика не е акустичка, туку онтолошка – тие се дел од една поголема хармонија на светот која човекот ја чувствува, но не успева целосно да ја преведе. Човекот зборува во обид да го задржи и именува она што му се измолкнува, додека природата го носи својот невидлив јазик без потреба од зборови – постои во својата тивка целост, без потреба да се објаснува.
Кој е твојот идеал во поезијата? Што е она што се стремиш да го создадеш кога твориш?
Понекогаш кога ќе прочитам некоја песна помислувам дека е совршена, но секогаш ми е тешко точно да објаснам што ја прави таква. Ги сакам песните кои не зборуваат од позиција на сигурност, туку од позиција на потрага. Песните кои имаат смелост да зборуваат за нешто мало и навидум небитно, кога сè околу нив се натпреварува да биде големо. Кои „не се срамат“ од секојдневното, од обичното, од она што не изгледа доволно „поетски“, додека не се погледне од малку поинаков агол. Песните што не се плашат да кажат „не знам“ таму каде што другите брзаат да објаснат –тогаш, можеби, ќе се приближат до нешто што личи на идеал.
Дали сметаш дека во денешново време на живеење луѓето имаат потреба од поезијата?
Човекот не живее единствено од она што е корисно и нужно, туку и од она што ја прекинува рутината на неговото восприемање на светот. Читањето добра поезија прави една мала, но важна интервенција: го успорува гледањето. Како да го намалува шумот околу нас за да може да се слушне она што инаку би останало незабележано. Нејзината вредност е во способноста да ни го промени погледот кон она што веќе го гледаме.
Поезијата нè потсетува на светоста што секојдневно ја одминуваме – не во религиозна смисла, туку како длабоко човечко чувство за вредноста на присуството, на постоењето и на малите нешта што нè опкружуваат. Таа ни помага повторно да ја почувствуваме необичноста на она што ни е најблиску, она што поради навиката често престануваме да го забележуваме. Доволно е за миг да нè задржи пред некој мал, речиси незабележлив детаљ и да нè натера да почувствуваме дека во самото постоење има нешто необјасниво и чудесно.
Некако кратко време помина од излегувањето на книгата „Во куќата“ до добивањето на наградата „Браќа Миладиновци“. Како би ги градирала задоволството од творечкиот процес, од процесот на уредување и од големото признание од фелата?
Задоволството од творечкиот процес кај мене личи на кратки, неочекувани моменти на согласност – кога еден стих конечно „седнува“ на свое место. Тоа е задоволство што не се најавува и не трае долго, но остава чувство дека нешто, барем за миг, дише правилно.
Иако изгледа построго, во процесот на уредување често се случува најголемата верност кон текстот – кога се отстранува она што сакало да биде впечатливо, но не било неопходно. Се сетив на една мисла што се припишува на Хичкок, ќе парафразирам: „филмот е живот од кој се исечени досадните делови“. И навистина, нешто слично се случува и со песната во уредувањето: како да се брише сè што е споредно, банално, сè што го одвлекува вниманието од јадрото што текстот се обидува да го задржи.
А признанието од фелата… тоа влегува во друга категорија, каде задоволството станува потивко и малку сомничаво. Како да се прашува дали текстот што бил признаен е навистина истиот оној што бил напишан во оние првични, несигурни моменти.
Ако градираме, можеби најсилно, иако најнепредвидливо, е првото – моментот на создавање. Уредувањето го продлабочува и проверува напишаното. Признанието го потврдува, но оддалеку, како одраз во вода што малку доцни зад стварноста.
Фото: Иван Шопов
Наташа Атанасова
...
