Нихилистичко огледало на суштината на животот

Пишува: Хана Корнети
Личен осврт кон документарниот филм „Поарно полуди во дивината“
„Чекај“, вика Андреј и го паузира филмот околу седмата минута, додека шеесетгодишните близнаци пробуваат, пред воопшто да се појави насловот, со чесна доза на неуспех да фатат петел за колење, „овие се Чеси, си личат, пробуваат да направат нешто и не им иде, па ова се Пат и Мат!“
Испадна дека за една работа не беше во право – Ондра и Франта се Словаци од регионот Шумава, на границата помеѓу Чешка и Германија. Пределот е како бајка – пред неколку години, во Графенрид (Лучина), напуштен град на 90 километри од Шумава, добив инспирација за сцена од една книга. Нема везе. Филмот „Поарно полуди во дивината“, режиран од Миро Ремо и сниман во период од пет години, го гледав во склоп на „Македокс“, како дел од жирито за награда за морален пристап. Иако не ја освои таа награда (критериумите ни се фокусираа на потенцијал за социјален импакт, креирањето наратив од страна на субјектот, итн.), филмот ме освои мене. И да, знам дека тоа е далеку помала победа, ама тоа е.
Филмот ме маѓепса не (само) со бајковитата природа, туку со искреноста за бесмисленоста на животот и смислата што му ја даваме, пред сè, со љубов. Потоа, со очи широко отворени.
Нихилизмот е светла и темна точка на гледиште, но најубаво е изразена низ зборовите на нашиот наратор, бикот:
„Смртта е само уште еден чекор на пат кој никој од нас не го одбрал. Затоа треба да живееме добар живот, за смртта да не нè начека на неспремно.“

Ексцентричен, поетичен, полн со хумор и дијалози подобри од грото играни филмови што сум ги гледала во последно време, филмот ги следи двајцата браќа близнаци, изворно земјоделци со хипички развој, дозволувајќи ни да ѕирнеме во нивниот живот, некогаш низ огледало, некогаш низ дупче во ѕидот, преку низа фантастични кадри. Филмот е поетичен, но истовремено не ја идеализира пасторалната позадина како рај на земјата – реалноста е полна со гомна, буквално, особено кога се бавиш со земјоделство. За среќа, Франта му вели на Ондра: „Можеш да си покриен со гомна сè додека не се твои; да се твои, тоа е најбрзиот пат до пеколот“. Но реалноста, исто така, е букетот убавина кој ќе се осмелиме да го создадеме, нешто што станува сè потешко во светот во кој живееме и разочарувањата кои ги носи.
Меланхолијата се проткајува низ целата приказна, заради што филмот го доживеав како шишенце есенција од работите кои го сочинуваат животот – тага за изгубеното и неживеаните животи („нема веќе девојки“, тагуваат Ондра и Франта, пред Ондра да направи снешко-жена и да го запали, жртва принесена кон богот на неостварените врски), малите задоволства и убавини кои си ги дозволуваме, и, најважната работа, длабоките односи – со кого, на крај, ја тепаме самотијата. Филмот е впрочем романтичен – љубовта помеѓу двајцата браќа е највистинска што може да биде, полна со (често комични) расправии и соочувања, но и со жртви за саканиот.

На пример – Ондра му кажува на Франта, поетот: „ти си егоцентрик“, и тоа е на многу начини вистина. Франта е уметникот од двајцата (иако и Ондра црта и рецитира поезија, или едноставно зборува на поетичен начин; омилено ми беше: „еднаш имав девојка; го сакаше сонцето; и јас го сакав тоа нејзино сонце“ или: „престар сум за љубов… најмногу што можам да очекувам сега е да се заљубам на сон“), но Франта истовремено е пофокусиран на себе, помалку внимателен за околината, и мислам дека ова добро нè разоткрива нас, уметниците. Сакајќи да му кажеме нешто големо на светот, се однесуваме како светот да се врти околу нас. Така, и покрај предупредувањата на Ондра, Франта пробува да го јава нашиот наратор. Нашиот наратор, бикот, го напаѓа Франта, кој потоа е подигнат со хеликоптер и транспортиран во болница. На крај, Ондра е тој што го убива бикот, бикот што го сакал, бикот кој му бил драг, бидејќи бикот го нападнал Франта, неговата најголема љубов. Беше како некоја библиска хорор приказна. Сепак, после сиот споделен живот, браќата ќе си кажат: „Драго ми е што бев тука со тебе.“
А за разлика од Франта, кој сака нешто да му каже на светот, Ондра вели:
„Немам ништо да му докажувам на светот.“

И од тој аспект, не знам, можеби анти-уметниците се најголеми уметници. А ние сме самобендисана багра што сака да се преправа дека многу знае и разбира. Ќе го смениме светот со песна! Со книга! Со филм! Ај да не претерувам, верувам дека имаме способност да менуваме микросветови, а па и тоа е нешто. Патем, ми се допаѓа и реалноста на односот со природата – односно, односот на човекот како дел од неа, како дел од синџирот на исхрана. Ние колеме кокошки, бикови нè колат нас. Кога Ондра го коле петелот, вели „твојата крв нека ја полие почвата“, бидејќи смртта на петелот не е бесмислена, туку е природен дел од малиот екосистем на нивната нива.
Животот на близнаците исто така ме потсети за цената на интегритетот. Самата забележувам во последно време која е цената на тоа да не делуваш дипломатски туку доследно до некакви принципи, и често е изолација. Интересното е дека така некако почнал и нивниот живот каков што е – биле мета на дискриминација како Словаци во чешко училиште, често исмевани и за тоа што се деца на селани, земјоделци. Кога наставничката им удрила шамари затоа што носеле пижами под алиштата во седмо одделение, близнаците решиле никогаш да не се вратат на училиште, но продолжиле самите да се едуцираат, станувајќи важен дел од борбата против режимот, како и дел од андерграунд културата. Значи, меѓу другото, ова е приказна и за како изгледа животот во кој тврдоглаво одбираш да останеш доследен до себе. (Ондра е цврсто решен да биде пијаница до крај, што особено ми се допаѓа во моменталниот зајтгајст што морализира здравје.) И тука нема романтизирање и среќни краеви, како што е во реалноста.
А реалноста исто така не нè поштедува од иронија. Пази што ќе му кажеш на универзумот, бидејќи ќе чуе само за да те заебе. Кога близнаците зборуваат за кој прв ќе умре, заклучуваат дека тоа би бил Ондра. И двајцата се среќни со тој заклучок – Ондра ќе оди прв, Франта ќе му носи цвеќиња на гробот. Но само неколку дена откако филмот ја добива наградата на „Карлови Вари“, Франта е најден мртов.
Три дена после смртта, Франта му се појавува на Ондра на сон, и Ондра знае, тогаш, дека сè ќе биде во ред. Можеби и ова е исполнување на неговото ненамерно пророштво: „најмногу што можам да очекувам сега е да се заљубам на сон“.

Без многу зборови и факти туку преку чувства и слики (за нивното минато дознав повеќе од истражување отколку од филмот), „Поарно полуди во дивината“ ги изразува големите вистини. А тоа е и тоа што го бараме во уметноста – големите вистини за цена на малите лаги – односно, измислените приказни за цена на универзалноста во сето тоа. Огледалото во филмот служи и како огледало за нас самите. Можеби гледајќи во тој одраз, и ние ќе се почуствуваме помалку осамени.
На крајот на краиштата, Франта вели:
„Песните треба да се живеат, не само да се пишуваат“ и „Животот е само песна низ која се простуваме.“
Па, можеби едното прашање кое го поставува филмот е:
„Како ја живееш ти твојата песна?“
