CultureMatters

Владимир Лукаш: Пишувам епитафи – поволно!

Познатата детска песничка „Ени, мени, сени“ со една буква плус се најде во насловот на последната книга за возрасни на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш.

„Гени, мени, сени“ е роман за гените – за „потеклото на бабите“, како што стои и во неговиот поднаслов, за семејната историја фрагментарно подраскажувана преку навраќање на семејните фотографии и други спомени и чувства; за мените сфатени како времето што минува и (сè) менува; и за сените – сè засенето и отсенето што имало потреба и смисла да се најде во друштво на претходните две.

Впечатливата приказна на овој роман како детски „слајм“ со боја на чоколадо и мирис на лимонада излегува од кориците и го повикува читателот на тегнење и гмечење, мирисање и шлапкање, на една детска заиграност но и на една сериозна внимателност, затоа што со својата аморфна маса постојано се обидува да се лизне и протне низ прсти.

Како си, Лукаш? Со здравјето, со животот, со инспирацијата?

Жив сум, благодарам на прашањето. Здравјето и инспирацијата (фала му на Дарвин) се прилично поврзани со животот, а без него – како што знаат и мравките во сендвичите на излетниците, е прилично здодевно и пусто.

Од излегувањето на „Гени, мени, сени“ помина некое време. Од каде желбата и потребата да се занимаваш со потеклото (на бабите), со семејните фотографии, спомени и сеќавања и да ги сплетеш во приказна?

Семејните фотографии ме восхитуваат сè повеќе и повеќе, но не поради сентиментот што блика од нив, туку од надреално реалните слоеви што се кријат во нив. Пишувајќи за бабите, природно е паралелно да се размислува за „нивните“ времиња и за „заедничките“ времиња и за сè што црцори, брмчи, шепоти, вика и постои околу тие и овие времиња. Фантазијата, гордо исправена пред реалноста, се згрчува од зачуденост кога се соочува со јавето и од срам бега далеку и, барем за кратко, замолкнува. За среќа, и двете баба ми се живи, секоја на свој начин. За среќа, во ракавот сè уште кријат некаква блескава ѓурултија.

Композицијата на твојот роман е триделна: фрагменти од семејните спомени во форма на приказни базирани на сеќавања и фотографии, очудени секојдневно-семејни случки и ситуации и лирски пасажи за неа, за синегдохиската баба. Што беше прво – концептот во глава или пишувањето со рака?

На почетокот беше хаос. Што би се рекло, бланко концептот истражуваше на каков начин да се изгради конструкцијата на романот, но многу често се губеше во темни сокачиња, што ми даде време да седнам и да напишам нешто. Кога концептот конечно го најде излезот од сокачестиот лавиринт, добар дел од текстот веќе беше напишан и тука почнаа да работат ножиците. Сецкање, поместување, бришење и дополнување, голема пауза, повторно читање: ова е ужасно! – и така натаму, мала пауза, големи поправки, дедлајн, слава (автоироничен крај, типичен за авторот – заб. на авт.).

Троделноста е, на некој начин, како (музичка) соната. Во првиот став сè се изложува, јасно и гласно, со расфрлани блиц-сеќавања (и/или претпоставки) во однапред зададен формален простор, со јасна и гласна разрешница. Вториот став е обично поведар, сеќавањата не се во преден план, повеќето од гласовите што се провлекуваат низ мотивите се случиле утрото или ден-два претходно, но сето тоа е малку магловно, сонливо, понекогаш смешно, понекогаш траорно. Третиот став е сочинет од ехата на претходните ставови и вооружан со лирски самострел. Има и епитаф. Може мала пауза за мали огласи? – Пишувам епитафи, поволно.

Мала забелешка: добро црташ и илустрираш за некој што потекнува од семејство надарено за фотографии со лоша композиција :D

Мал одговор на малата забелешка: Децентрираните фотографии обично покажуваат нешто што не би покажале центрираните фотографии: нечија рака, нога, фрагмент од реченица, фрагменти од сè и сешто. Можеби фотографиите се децентрирани зашто фотографите го сакале токму тоа – да ја децентрираат реалноста малку полево или малку подесно, малку удолу или малку угоре, и со тоа да ни остават во наследство фрагмент од нивната фантазија. А фантазијата, како што знаат и скакулците во август, е непроценлива.

Лежерноста, спонтаноста и хуморот се одлики на сите твои дела што сум ги читала – за деца или за возрасни. Би кажал ли дека си тоа во голема мера ти или во дозерката со измешаните најважни состојки на твојата поетика има уште нешто?

Лежерноста, спонтаноста и хуморот се ништо без своите антиподи: паниката, прецизноста и тагата. Едноставно, тие кланови мораат да одржуваат некакви односи, па макар и смртнонепријателски. Мојата поетика има само една цел: да ми го прави животот поинтересен. Што и да крие, го крие прилично вешто од мене. Кога го наоѓам нештото, се радувам. Кога не го наоѓам, нешто друго ме наоѓа мене и на крајот пак се радувам. На радоста ѝ нема крај, како и на тагата.

Од промоцијата на книгата што ја гледав на Јутуб сфатив дека немаш баш мерак јавно да го автопоетизираш сопственото творештво 😊. А денес, писателите повеќе од кога било како да се ставени во функција на најголеми мегафони за промоција на своите дела. Како гледаш на ова, чувствуваш ли некаков товар?

Не сум љубител на промоции, барем не како учесник. Кога треба да зборувам пред публика жедна за информации поврзани со текстот (и уште пожедна за коктел по информациите), животот ми се скратува за 53 часа. Но, има и промоции на кои се свири и се пее. Тие ми се драги и ми го продолжуваат животот за 53 часа. Пред да заминам од овој свет ќе пресметам колку часа сум изгубил и колку сум добил. Се надевам на второто.

Што претставува за тебе пишувањето, што цртањето, а што музицирањето? Има ли некој од овие твои афинитети што најмногу те троши, а некој што најмногу те полни? И на што си фокусиран периодов?

Пишувањето, цртањето и музицирањето имаат склучено пакт и заедно сочинуваат една поголема приказна. Ништо од нив не ме троши, освен кога ќе дојде време да се оправдаат средствата (и кога ги има и кога ги нема) и кога крајните рокови како гладни лешинари ќе почнат да кружат околу кутрата глава на авторот. Да се укинат крајните рокови! Уа! Слобода за бескрајните преправки!

Периодов бавно пишувам роман за деца, уште побавно цртам еден цртачки дневник (или графички роман за сè и сешто и за ништо) и уште неколку други работи кои можеби ќе ги завршам кај и да е, можеби ќе ги завршам некогаш, а можеби никогаш.

Добра ноќ.


Насловна фотографија: Наташа Атанасова

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?