Елена Филиповска: Не сметам дека југоносталгијата е опасна

Елена Филиповска е една од оние автори кои не сакаат себеси да се наречат писатели. A што го прави еден човек писател – дали бројот на објавени книги, нивниот квалитет или посветеноста на пишувањето? Иако за мене одговорот лежи најмногу во последното, тоа претпоследното ми е најважно. Затоа, интересен феномен ми се луѓето кои имаат напишано по една добра книга и толку.
Такво дело е романот „Идол на ѕидот“ издаден во 2020 година – дистопија сместена во Македонија во втората деценија од 21. век, при што земјата сè уште е дел од Југославија, под водство на сега веќе Третиот Маршал, а луѓето живеат под паролата за братство и единство и под силно влијание на Белград и на пропагандата.
Периодов, занимавајќи се со книжевните дистопии, во глава повеќе пати му се навраќав на романов, па се ослободив од самонаметнатите стеги дека интервјуата треба да ги правам додека се делата свежи и решив да ја запознаам Елена и да направам интервју со неа.
Елена, од каде ти се јави желбата да го напишеш романот „Идол на ѕидот“?
Беше повеќе потреба да (си) ja објаснам подобро реалноста во која живееме, а притоа да се чувствувам пријатно и креативно.
Колкав дел од приказната имаше во глава пред да почнеш да пишуваш, а колку таа се формираше во процесот на пишување?
Имав само нејасна, стуткана идеја. Речиси целата приказна се обликуваше додека пишував. Како пишував, случките добиваа длабочина, ликовите се делкаа, менуваа род, деновите стануваа недели, а неделите месеци. Го знаев заплетот, ама не знаев што сѐ ќе го снајде Зоран по пат и како ќе се расплетка целата приказна.
По професија си филолог и во романот е видлива твојата свесност за врската меѓу јазикот и културата. Таа е одразена во креирањето на нов јазик на кој зборуваат ликовите од Скопје под долгото влијание на српскиот јазик, како резултат на опстојувањето на Југославија и на Македонија како нејзина федеративна република во светот на романот. Што беше пресудно за овој јазик да ја добие уверливоста што ја има?
Една ублажена форма на јазик кој е под силно влијание на српскиот не е нова за ова поднебје. Почнав да пишувам и некое време терав по интуиција. Меѓутоа, во моментот кога приказната почна да личи на нешто, си отворив документ со мини-граматика, каде ги запишав фонетските, морфолошките, синтаксичките и лексичките правила на овој јазик. Исто така, има разлика во говорот на ликовите, а некои од нив воопшто не го користат овој јазик. Се трудев да го очудам јазикот, ама во исто време да остане приемчив, природен и питом. Не знам колку сум успеала во намерата.
И по повеќе од три децении по распадот на Југославија, југоносталгијата опстојува на овие простори, дури и меѓу припадници на генерации кои никогаш немале можност да го искусат живеењето во неа. Дали пишувајќи го романот, во кој на супресивната моќ на таа држава ѝ даваш дистописки димензии, сакаше да ја покажеш неоправданоста на таа носталгија?
Не сметам дека југоносталгијата е опасна и затоа се провлекува низ приказната. Од една страна режимот е строг и животот е тежок, ама од друга страна, во таа држава продолжуваат да живеат некои вредности што сме ги имале; младите им стануваат на постарите во автобус, луѓето се трудат да си помагаат, користам често зборови како „чесност“, „солидарност“ и „братство“.
Во вториот дел од романот, сакав да оживеам некои места од минатото: скопјани одат на плажа на Вардар, на игранки на Лизгалиште, на лулашките на ул. „Максим Горки“, во „Кермес“ на ручек, се движат по пространите зелени површини на градот.
„Симпо“ во Карпош, каде што другарите и другарките во романот земаат млеко за децата, во нашата реалност е казино.
Отсуството на сите капиталистички удобности што денес ни го заробуваат умот е самото по себе носталгија по едно друго време.
На 14 август се наполнија 25 години од Охридскиот рамковен договор и, ако ме прашаш мене, твојот роман во однос на него прави повеќе отколку што имаат направено повеќето политичари во државава во целиот овој период. Како размислуваш денес на темата на меѓуетничките односи во нашата земја?
Во „Идол на ѕидот“, Зоран и Дардан често си прават смешки на национална база. Понекогаш им се смешни, а понекогаш не. Иако се добри пријатели, албанското знаменце во домот на Дардан му буди страв на Зоран. Во еден момент, при крајот на романот Дардан вели: „Доста беше тепање, а? Ајде да живееме малку“.
Иако случувањата во светот укажуваат на спротивното, се надевам дека младите денес успеваат да излезат од своите етнички пештери и надвор да најдат интереси и цели во животот.
Во единственото интервју со тебе што го најдов на интернет, имаш кажано дека не се сметаш себеси за писателка. Сепак, напиша оригинален и добар роман кој шест години живее меѓу читателите. Какво чувство ти буди тоа?
Уживав додека го пишував романот. До последен момент не планирав да го издадам, a не го ни промовирав. Мило ми е што гледам дека романот си го нашол патот до многу читатели. Си живее без мене. И така треба да биде.
Во истото интервју велиш дека не планираш да пишуваш понатаму, освен ако не почувствуваш дека имаш нова приказна што треба да биде раскажана. Ти се има ли појавено таква приказна? И колку се препушташ на туѓите приказни – со други зборови, што и колку читаш додека не пишуваш? 😊
Уште не ми се има јавено идеја за приказна за која вреди да трошам хартија, ама уживам во читањето. Ме фаќаш во најнеуредната читачка фаза во животот, да му се згади на човек! 🙂
За сѐ е крива една огромна збирка на научно-фантастични раскази од минатиот век што ја читам веќе две години. Како наидував на нешто што е навистина добро, паузирав со збиркава за да прочитам збирка или роман од тој автор. Полека тоа излезе од контрола. Веќе пола година „во позадина“ читам и збирка бајки од Анџела Картер, а три месеци ја читам „Се појавува свет“ од Мајкл Полан. Во меѓувреме читам и пречитувам доста романи од најразлични жанрови и како ги завршувам, се навраќам на некоја од овие три книги, во зависност од расположението. Исто така, почнувам и оставам недочитани романи. Некои од нив ми стојат на полица, зашто не се знае, еден ден можеби ќе сакам да ги дочитам.
Насловна фотографија: Јане Божиновски
Наташа Атанасова
...
