Искра Димковска: Со соработниците градиме свет и тоа ми е свето

Издавачката куќа „Сказнувалка“ е едно од оние мали места на радост на нашата книжевно-културна сцена. Во изминативе години имам пишувано за неколку книги во нивно издание, затоа што секоја што сум ја прочитала (сликовница или роман за деца) ми биле од-лич-ни. Искра Димковска, жената што стои зад издавачката куќа и зад изборот на секој од насловите исто така ја поврзувам со радост – радост што ја буди нејзината страст кон работата, нејзината посветеност на поттикнување на читачките навики кај децата и развивањето на нивното естетско сетило, неоптовареноста со сè што не е поврзано со суштината на работите и, на крај, нејзината способност на добрите книги за деца да им се радува… па, како дете!
Искра, како почна приказната (макар што подобро е да кажам сказната 😊) на „Сказнувалка“? Кој ти беше главниот поттик?
Веројатно како желба или можеби дури и како нагон за споделување. Во тоа време немав никакви познавања од светот на издаваштвото, ниту каква било амбиција. Бев филолог што кога ќе порасне сака да стане книжевен преведувач – и, сосема случајно, живеев во Холандија. За првиот роденден на ќерка ми ни стаса честитка од општината, во која стоеше дека ѝ го честитаат роденденот, нѐ покануваат да појдеме во локалната библиотека, каде нѐ чека нејзината прва членска книшка, и ни испраќаат подарок – мало куферче полно со убави сликовници. Е токму тогаш, некаде помеѓу тоа воодушевување, препрочитување наглас, уживање посакав кога ќе се вратиме дома, да издавам исто толку убави книги. Дури потоа научив што е ЦИП.
Колку твоето претходно искуство како преведувачка ти беше и сè уште ти е од помош за работата со издавачката куќа?
Тоа ми беше секако прва помош. Мислам дека тие две работи почнаа да се испреплетуваат и да градат кај мене сѐ поголема свесност за текстот, за општењето, за културолошките размени. Можам да кажам дека со сѐ поголемо задоволство си играм со текстот и тоа ми причинува голема радост – не само затоа што е суперзабавно, туку и затоа што е голема одговорност.
„Сказнувалка“ постои од 2018 година и досега има издадено околу 50 книги. Голем дел од соработниците (преведувачи, лектори, уредници…) гледам дека се повторуваат, што зборува за една долготрајна синергија. Колку ти се важни луѓето со кои соработуваш – и од професионален, и од личен аспект?
Најважни ми се – и од професионален и од личен аспект. Во мојава глава заедно со тие луѓе градиме свет и мене тоа ми е свето. Настрана фактот што секогаш соработувам со луѓе што одлично си ја работат својата работа, и тоа многу помага во крајниот резултат. Се обидувам, и тоа е свесно, да се грижам повеќе за соработниците, отколку директно за читателите. Мислам, или барем се надевам, дека тоа обезбедува одредена заштита од туѓите очекувања и, следствено, од компромиси што не сакам да ги правам.
Низ годиниве имам впечаток дека премногу се вложуваше во промоција на читачките навики кај децата преку работилници во многу училишта низ земјава, преку фестивалот „Крошна“, преку донации на книги, организирање конкурси… Можат ли на некој начин да се измерат ефектите од целиот тој труд?
Мерењето води до натпревар, било со себе, било со другите. Секогаш подразбира „повеќе од“ или „помалку од“. И тогаш можеби ќе почувствуваш и задоволство од трудот, од резултатот, но играта и радоста престануваат. Тоа е лизгав терен и се обидувам да го избегнувам.
„Сказнувалка“, генерално, е фокусирана на квалитетна преводна книжевност за деца, но има и неколку изданија од македонски автор(к)и и илустратор(к)и. Колку издавачко-уредувачкиот процес за овие книги е специфичен и што е тоа што го прави таков?
Да, фокусот е на преводна литература, затоа што тоа знам да го правам. Изданијата од македонски автор(к)и и илустратор(к)и бараат знаење и искуство што ги немам и за нив се потпирам на надворешни соработници. Доработувањето на текстот и спојувањето со илустрациите, особено ако се работи за млади автори се посебна магија, но бараат сериозни вештини.
Во целиот овој период на работа со „Сказнувалка“ имаш накалемено и богато меѓународно искуство. Од увидот што си го имала во повеќе земји, како би ја оценила грижата на нашата држава за македонската сцена на книжевност за деца?
Нашата држава не се грижи за ништо, па ни за тоа.
Скопје ја доби титулата Европска престолнина на културата во 2028 година. Тоа е за две години и во таа година во која не треба да има ни ден без културен настан во градот, колкав дел од тие настани би требало да бидат поврзани со книжевноста (па и културата) за деца?
Културата за деца, независно од титулата Европска престолнина на културата во 2028 година, треба да ни биде врвна грижа. Титулата, да, ќе биде одлична можност во секторот да се вбризга капитал што можеби ќе го живне и ќе го прошара, но не ја гледам како цел. Сѐ додека општеството, заедницата не развие свесност за важноста на културата, и особено на културата за деца, десет такви титули нема да нѐ спасат.
За крај, кое е тоа едно нешто поврзано со книгите за деца кое секојпат ти буди насмевка и оптимизам дека и оваа твоја работа и тоа како вреди да продолжи?
Во некое претходно интервју ја цитирав другарка ми, Јуле. Не можам да одолеам и повторно ќе ја цитирам: „Ако вреди да се тера, вреди да се претера.“ Книгите за деца се нешто што сакам да го правам и го правам одлучно, и кога ми буди насмевка и оптимизам, и кога сум намуртена и полна горчина и гнев.
А, на насмевки и на оптимизам сум лесна, доволно ми е да видам корица, да препрочитам одломка или да видам фотографија од минат настан, веднаш се ставам во погон, зашто да, вреди.
Наташа Атанасова
...
