Муабетења

Ана Пејчинова: Не би сакала никогаш да го загубам пустинското срце

Постојат земји кои географски ни се далечни и поради тоа многу малку знаеме за нив. Најчесто, она што го добиваме преку медиумите се вести за војни, природни катастрофи и политички превирања. Една таква земја е Авганистан. Со години сликите кои доаѓаа оттаму беа воени, а по доаѓањето на власт на Талибан до нас допираат само информации за ужасната положба на жените во таа заедница.

Со Ана Пејчинова откога се запознавме пред две години, во повеќе наврати имаме зборувано за „нејзиниот“ Авганистан, за тоа како таа ја има доживеано таа земја и тој народ и нејзините приказни ми беа ѕирка кон еден поинаков свет. Но, нејзината книга „Пустинско срце“, која излезе летово во издание на „Или-или“ е вистински прозорец кон минатите патешествија на Ана на авганската територија, внимателно испреплетени со историски и културолошки факти, кој нуди еден длабок и многу човечки увид во Авганистан.

Ана, како се чувствуваш сега, откако излезе од тебе книгата „Пустинско срце“, која им ја посветуваш на авганските пустини и планини?

Спокојно. Објавувањето на „Пустинското срце“ направи едно долго и сложено искуство да досегне завршена целина. Процесот на пишување, седум месеци долг, исполнуваше и опседнуваше, и стори да проживеам одново наполу заборавени ликови и мигови. Така се возобнови интензитетот на минатото, со сите свои бои, мириси, допири и звуци.

Самото пишување на оваа книга за патешествија претставуваше своевидно патешествие, а после секое добро патешествие, доаѓа мир на душата – сѐ до наредниот немир и до наредното патешествие.

На почеток, прашање кое може да изгледа банално, ама мислам дека е важно: зошто Авгани и Талиби, а не Авганистанци и Талибанци?

Самите Авгани и Талиби се нарекуваат себеси така: Авган и Талиб, при што Талибан (движење) е збирна множина од Талиби („студенти“ кои припаѓаат на талибанското движење). Верувам дека треба да ги нарекуваме луѓето на начин на којшто сами се нарекуваат. За среќа, и македонскиот правопис ја дозволува формата „Авган“ покрај понесмасната форма „Авганистанец“.

„Пустинско срце“ е документаристичка проза каква што не сум сретнала кај нас. Во неа толку умешно се издозирани историските факти за Авганистан и авганскиот народ и твоето лично (книжевничко) доживување што резултира со едно возбудливо, едукативно и литерарно четиво. Бидејќи првпат пишуваш ваква книга, како успеа да го најдеш твојот глас?

Благодарам! Пишував за она што мене ми е силно интересно, со верба дека мојата љубопитност ќе се прелее и на читателот. Ми беше неочекувано лесно, всушност, да ја напишам книгата. Иако ми е прва книга од ваков вид, претходните години книжевно постојано се враќав на Авганистан: со препевот на Радјард Киплинг (2024) каде што повеќе прекрасни балади се за авгански емири и Паштуни, како и со мојата збирка поезија „Чувари на малите нешта“ (2025), на која ти беше уредник. Дел од песните во неа се напишани во мојот „авгански период“ и носат печат на номадство. На пример, песната „Добредојдов“ во „Чуварите на малите нешта“ може да се чита како дел од поглавјето „Изгон“ во „Пустинското срце.“ Во далечната 2007 се издадоа и моите кратки „Авгански дневници,“ збир од блог-постови од и за Авганистан на тогаш популарната платформа Блогерај. На некој начин, „Дневниците“ носеа зачеток на „Пустинско срце.“

Откако лани ја прочитав докуфикцијата „Граница“ од Капка Касабова, воодушевена од книгата, си помислив: „Во овој облик можело да се пишува за патешествија!“ И веќе наредните денови седнав да пишувам цели поглавја од идното „Пустинско срце,“ што од сеќавања, што од стари дневници, студии и книги.

Зборовите се тркалаа како лавина искрена возбуда. Дури и обемното истражување за историските и културолошките прилози на книгата беше возбудливо – историјата на таа област е фасцинантна, со сплет на влијанија на Персија, Древна Грција, Индија, Кина, Монголите, потоа Британија и Русија. Одново учев за Авганистан и за местата на кои што сум била, не секогаш знаејќи што сум сведочела. На пример, при истражувањата за „Пустинско срце“, најдов неочекувана сродност меѓу паштунскиот племенски закон паштунвали со турскиот адет и албанската беса, коишто се сплетени со македонските традиции. И ова мало откритие влезе во прилозите на книгата.

Во книгата е посочено дека при уредувањето имаш користено вештачка интелигенција. Во што се состоеше таа помош и кои ти беа црвените граници?

Мислам дека мојата книга е прва во Македонија која носи официјална декларација за употреба на вештачка интелигенција (ВИ). Ова не беше на барање на мојот добар издавач, туку на моја иницијатива. Го следам развојот на ВИ, со внимателност и без страв. Имам тестирано разни модели, како Chat GPT, Claude, DeepSeek, Gemini и други. Заклучокот ми е следен: за креативно пишување, ВИ е бескорисна. За книжевен превод, тоа е добра алатка за груб нацрт, но сосем недоволна за верен и естетски превод. Едноставно, ВИ нема човечки сензибилитет, што е темелот на човековото доживување, осет и смисла. А за техничко пишување, ВИ може да биде навистина од помош, но секогаш со строга контрола на секој збор и исказ.

Така, и мојата употреба на Клод Опус во „Пустинско срце“ дојде откако ја напишав книгата во целост и неколку пати темелно ја преуредив. Кога сметав дека е спремна да ја пратам на издавачот, тогаш ја „пројдов“ и со Клод, со првична скептичност. На мое изненадување, оваа ВИ алатка најде неколку превиди: некои фактографски грешки, copy/paste повторувања, како и една стилска забелешка – прекумерно користење на професионален жаргон. Ова го коригирав, пак со свои зборови и на свој начин. Сметам дека во оваа улога ВИ го подобри квалитетот на текстот што на крај му го доставив на издавачот. А самиот издавач имаше и повеќе и подобри стилски и структурални сугестии од ВИ: од насловот, до структурата на прилозите. Можеби требаше да додадам и „декларација за одличен издавач“ во книгата!

Мојата црвена линија при употреба на ВИ е самото креативно пишување. ВИ во улога на асистент уредник е сосема корисно и етички да се употребува, според мене, но секогаш со здрава дистанца и свест за ограничувањата на моделите. Знаеме дека некои „автори“ користат ВИ модели да им напишат цели книги. Ваквите дела се слаткасти и коректни во стилот, „штимани“ според просечен (американски) читател, но се без страст, без жиг на индивидуалност и без оригиналност.

Не ми е јасно зошто еден творец би му го препуштил најубавиот дел од творештвото на ВИ агент – ако не ужива во творењето, можеби и не е за творечка вокација? Творештвото е возбудливо патешествие, неприкосновено и неповторливо искуство. Зарем ние би пратиле туристички агент да оди во авантура наместо нас?

Значајно место во книгата има твојата почит кон паштунвали, комплексното и долготрајно обичајно право на авганското племе Паштуни користено низ целата земја, коешто тежнее да го скроти насилството. Во магистерските по политички студии си се занимавала, меѓу другото, и со прашањето зошто на вакви традиционални системи им се наметнува демократија. До какви одговори стигна?

Не само формални демократски институции, туку се наметнува цел културолошки модел од страна на посилните врз послабите.

Надмоќта често носи слепост, низ историјата и денес. Оној кој е физички помоќен, смета дека неговиот начин е најдобар и единствен (инаку не би надвладеал). Освојувачот сака покорените да ги промени во свој облик и туѓоста да ја преведе на свој јазик. Кога во историјата победникот го учел јазикот на поразениот? Единствено со тек на време, што денес го немаме, и најварварскиот победник, кога ќе освои побогата култура, ја поприма културата на поразените. Така било со арапското освојување на Персија и со монголското освојување на огромен дел од цивилизираниот свет: првите бранови на освојувања биле разорни, да се уништи сѐ туѓо и друго, но веќе за една-две генерации, освојувачите почнуваат да се поведуваат по културата на постарите освоени цивилизации.

За жал, ова не се случува со Европа и САД, два центри на глобално влијание што ги обликуваат политиките на меѓународните организации. Тие влегуваат во земји со различни култури – САД често како насилни „ослободители,“ а меѓународните институции (ООН, Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и други) во облик на (често присилна) економска или меѓународна помош и развој. Го проектираат сопствениот пат до (својот поим на) успех врз туѓи култури, без да си дозволат време и промисла да ја запознаат локалната култура, која се води по сопствени вредности и има постоечки форми на заедништво. При тоа, мерени со западен аршин, многу богати култури, како авганската, се чинат примитивни и назадни, без да се согледа какво богатство носат.

На некој начин, Западот сѐ уште е слеп за сопственото културолошко насилство. Порекнувајќи го, ги порекнува и своите заборавени вредности, сѐ уште живи и загрозени под други поднебја: важноста на крвното сродство, на соработката наспроти компетитивноста, на заедништвото наспроти поединецот; вредноста на личната чест и на дадениот збор, на човековата чувственост и правичност; благодатот на доброто дело без лична корист, на кроткоста, сочувството и жртвата, на поезијата, приказната и разговорот. Идеализирајќи ја ефикасноста и економскиот напредок, Западот ги пренебрегнува и сопствената заборавена историја и современата автентична другост. Слично, се превидува и нужната бавност на природниот раст кој раѓа автентични форми единствено ако нештата се остават слободни да се творат себеси по пат на обиди и грешки. Овие согледби мислам дека може лесно да се пресликаат и на лични односи, и на случајот на Македонија во денешните меѓународни односи.

Токму на средина во книгата, во срцето на приказната, зборуваш за моментот кога си почувствувала дека си добила ново „пустинско срце“, срце во кое се огледуваш како во темно огледало. Сега, кога веќе долго си вратена на животот на цивилизиран начин, со сите придобивки што ги земаме здраво за готово, се чувствуваш ли како тоа срце по малку да губи од својата пустинскост?

За жал, малку омекнав последниве години, но не сосема: сѐ уште секое утро чувствувам благодарност за привилегиите овде: безбедност, струја, вода, храна, потоа пријатели, време и мир. А кога треба, за среќа, брзо ми се враќаат пустинските инстинкти: сетилата се отвораат на 360 степени, во криза уште делувам одлучно и без многу емоции. Сѐ уште го ценам животот над сѐ и без отпор ја прифаќам минливоста на нештата и битијата, како Авганите.

Не би сакала никогаш да го загубам пустинското срце: во пустината има простор за безмерната човечка сенка и за сонцето над планините на сите наши протегања. А избрав и да живеам малку како пустиник, сама на крајот на Скопје, во природа и релативна изолација. Зборот „пустиник“ потекнува токму од оние луѓе коишто се запатувале во пустина да се соочат со себе и со Бога. Јас се запатив во зеленото Нерези.

Не сум човек што има голема потреба од патување, можеби затоа што редовно патувам преку книгите. По читањето на „Пустинско срце“ се чувствувам како да сум била во тоа време во Авганистан, но чувствувам и желба да можам да бидам сега таму, да можам да ѕирнам, да почувствувам што значи да се биде денес жена таму. Дали мислиш дека е толку страшно како што се чини од тукашна перспектива или има нешто утешно за коешто не сме свесни?

Драго ми е што книгата те однела во таа далечна земја. Патешествијата никогаш не биле нужно телесни – една туѓа приказна, или книга, отвора своевидно патешествие за желниот слушател-патник. Постојат благородни космополити коишто никогаш не го напуштиле својот дом. Од друга страна, постојат туристи, кои физички минуваат низ егзотични предели без вистински да ги доживеат, без љубопитност да ги допрат и спознаат.

Патник е оној кој му поаѓа во пресрет на Непознатото и му допушта на Непознатото да го допре, да го промени, често од корен. Дали тоа патешествие се случува во имагинацијата или телесно, не е услов: патешествието е заемна преобразба, интимна размена меѓу Патникот и Непознатото.

Кон твоето прашање: иако малку новинарство постои под денешната талибанска власт, доволно информации има да се насети дека животот на Авганките е сериозно влошен, со свирепи ограничувања на однесување и движење, со ограничен пристап до образование, работа, болница и сѐ останато.

А утешни нешта секогаш има: во неволја, луѓето се сплотуваат поблиску. Така и Авганките, во војна и под талибанска тиранија, се сплотуваат и создаваат свои тајни канали на поддршка, соработка и смисла. За ова самите Авганки ми раскажуваа, гордо и трагично. Жилавите стануваат пожилави, а слабите се кршат.

Не верувам дека западен човек, маж или жена, би можел ова да го сведочи одблиску без да му препукне срцето. Но и западните луѓе можат да се здобијат со ново, пустинско срце, „со лузни, било и жили, со простор и за смрт, насилство и свирепост, како и за величественост, пожртвуваност и кроткост,“ како што пишува Епилогот на мојата книга.

Одржуваш ли контакти со луѓе од Авганистан, со некогашни колеги? Дали често мислиш на луѓето, на пустината и планините, на Авганистан?

Да, и да. Првите години после падот на Кабул интензивно бевме во контакт со авганските колеги, во немоќни обиди да им помогнеме да ја напуштат земјата или да се прилагодат на живот под новата талибанска власт. Да не се чувствуваат напуштени и заборавени, не се. Во последно време имаме помалку комуникација, но сѐ уште редовно се допишуваме со некои ликови од „Пустинско срце“. Тие пријателства се за цел живот.

Авганите кои пребегнаа во странски земји се повеќето сега анонимни бегалци и несакани мигранти – ние ги памтиме какви беа, горди и способни, силни и исправени, кога беа свои на свое. Нашата почит се чини дека денес им недостасува кога се, за жал често, презрени и беспомошни странци во туѓи земји.

На сите странци, пак, што сме престојувале подолго во земјата, Авганистан ни го има променето животот. Со овие делиме спомени и искуства кои само ние целосно си ги разбираме. Еден американски колега ми пиша, сега скоро, дека иако го напуштил Авганистан, Авганистан никако да го напушти него. Секој негов нов расказ и роман, вели, вклучува авгански лик. Таа земја ни ги сплете жилите што денес нѐ држат исправени.

Дали уште го носиш прстенот со ѕвезден сафир? 😊

Да! Ја немам симнато од прст таа кандахарска ѕвезда. Го носам понекогаш и својот брош во облик на кукри-нож, подарок од Гурките, што се спомнува во книгата. Го носам и изветвениот воен елек со многу џебови што го носев преку панцир кога одев на терен меѓу Паштуните. Чувам и стари бели пердувчиња залепени во тогашниот дневник, и еден паштунски плашт, и скромен накит што го купив од вештите Авганки. Уште тврдоглаво носам и војнички карго панталони, и поклоничка љубов кон Непознатото. Го носам Авганистан во себе. А со „Пустинско срце“ се надевам дека во Македонија ги донесов авганските пустини и планини, на кои што им е посветена книгата.


Насловна фотографија: Валентина Младенова и Диме Данов („Скопски поетски фестивал 2026“)

Другите фотографии: од приватната архива на Ана Пејчинова

Наташа Атанасова

...

Leave a comment