Кул

За 5-те годин(к)и на Блен

Го пропуштив почетокот на месецот, поточно 4 мај, денот кога пред 5 години го пуштив Блен во интернет-просторот.  Кога го сфатив тоа, се мислев: да пишам – да не пишам нешто… Минуваа деновите, ми се изнаслучуваа многу работи и додека мај сè уште трае, сепак некако ми дојде да (си) ја одбележам првата петка.

Смислата на „Блен“ за мене откога го создадов до денес спонтано се менуваше. Од место кое сакав да ги собере сите мои раштркани текстови што сум ги пишувала низ годините, полека се претвори вo мое место за истражување.

Преку (пред сè) книжевните интервјуа со писател(к)ите, чии дела ми се допаднале кога сум ги прочитала или кои сум сметала дека отвораат важни теми на кои треба да размислуваме и разговараме, си ја хранев љубопитноста. Еден разговор обично водеше кон други, исто како што една книга секогаш води кон други. Разговарав и со преведувач(к)и на чии преводи и препеви сум се восхитила. Или со издавач(к)и кои во моментот со нешто позитивно ми паднале в око и сум сакала да ѕирнам подлабоко во тоа што го работат и мислат. Со автор(к)и што доаѓале во Скопје на фестивали или промоции; со луѓе заинтересирани за нашата книжевност, кои ја промовираат преку своите преводи надвор…

Со рубриката #КнижевенГоБЛЕН, која траеше 24 недели, си играв со можноста за заедничко колумништво, при што како во чуден танц изборот на авторот на следната ќе го диктира актуелна тема…

Пишував и осврти (сега сфатив дека биле повеќе од 30) за книги што ми се допаднале. Некои од нив беа производ на чист восхит во моментот, а некои на структурирана (платена) соработка со издавачките куќи. Немав цел тие да бидат којзнае колку и како теориски аргументирани, но сепак да бидат издржани и, пред сè, читливи за малку поширока публика од книжевната. Идеални читатели ми беа моите пријатели некнижевници (адвокати, научници, инженери, трговци, наставници, занаетчии…), со надеж дека освртите ќе стигнат и до поширока публика од познаниците. Важно ми е што секојпат се водев од тоа да го пишувам тоа што го мислам и, на некој начин, да заведувам со текстот.

Зад мене е и еден пропаднат партнерски проект, книжевниот поткаст „Читкаст“, на кој очигледно многу работи не му се погодија.

Зад мене се и многу идеи и планови во глава кои дури и сум ги споделувала со луѓе, а не сум успеала ни да ги почнам, а камо ли да ги реализирам.

А пред мене… Пред мене се уште планови, некои стари и живи, некои новородени кои чекам да видам дали ќе преживеат. Како минуваше времето, сè посвесна станував за две работи: (1) за огромното значење што го има издаваштвото за културата во едно општество и (2) за потребата од новинарска критика (и позитивна, и негативна). Но, како минуваше времето така и јас се трошев низ повеќе циклуси со налети на голем ентузијазам воден од некој мој сè уште психоаналитички неистражен идеализам, проследени од месеци и месеци прераборување и исцрпување и заокружени со редовно кршење на филмот, егзистенцијална криза и прашањето „дали нештата имаат смисла“ што долго потоа лебди низ мислите.

Си велам, одговорот дали сето ова има смисла подалеку од мојот нос, би сакала да е како кромид: земјосан е, на места може и подмувлосан што те тера да го залупиш, а тука па и лути и смрдлив е, ама сепак супер оди со патлиџан и сол и помага за намалување отоци на синуси при пролетни алергии.

И им велам „мило ми е“ на сите кои низ годиниве беа тука за Блен и Блен беше тука за нив. Како човек кој во животот може да наведне глава само пред еден единствен авторитет – знаењето, се надевам дека овие 5 годин(к)и постоење на „Блен“ се само ‘ркулецот од кој допрва ќе израсне уште похранлива содржина.

 

 

Наташа Атанасова

...

Leave a comment