Книги

Стварно, за што служи литературата?!

Интересни сме ние луѓето. Кога не би ни биле достапни книгите, би плачеле или би се тепале за нив. Денес кога квалитетни книги има колку сакаме околу нас, на луѓето како да не им требаат. Така е, живеењето во (сè) поголеми градови ни јаде голем дел од времето што би можеле да го поминеме во читање, а дигиталните платформи на кои се виси од утро до мрак полека но сигурно го прават нашето внимание неспособно да се задржи на едно место повеќе од… некои велат 2 минути, некои 30 секунди, а најново што слушам и 6 секунди! А за да исчиташ еден роман, пустото, ти требаат саати и саати.

Плус, зошто некој би се замарал со здрава храна за мозокот и психата, кога послатко е инстант-задоволството од лајковите на новото селфи на старото затапено јас?! Како да се откажеме од тоа да држиме чекор со следење во живо на тоа што сакаат да ни прикажат дека прават сите што ги знаеме и не ги знаеме за да се посветиме на макотрпното билдање кондиција за читање? На кого, по ѓаволите, денес му треба читање? И за што, по боговите, би ни користеле книгите и литературата?

Дома, повеќе од една година ми стоеше неотворено едно книгиче на кое му било судено дури сега да го исчитам. Го имав ставено на едно ќоше од каде што често зјапаше во мене и упорно со неговата корица ми го поставуваше прашањето: „За што служи литературата?“. Јас си знам за што (ми) служи, си велев. Што е важно дали уште некому за нешто служи или сите ја газат игнорирајќи ја. Ама еден ден изгледа потсвесно зачезнеав по неговите одговори кога во трк го земав како мало книже лесно за во ташна за да го читам во автобус.

И, како што ја читав книгата, која всушност го содржи пристапното обраќање на теоретичарот на книжевност Антоан Компањон на Колеж де Франс, така ми идеше да почнам да им ги кажувам на тие околу мене во автобусот одговорите, ама бидејќи ми беше страв дека прашањето на книжевноста ќе добие уште едно болно (и јавно!) игнорирање од сите, се воздржав таму, ама решив дека морам да ги споделам тука.

Ама, пред тоа, да тргнеме од прашањата, од најчестите прашања што си ги поставуваме или што ги слушаме во врска со литературата:

  1. Зошто да се чита?
  2. Што е литературата?
  3. Што може литературата?
  4. За што служи литературата?
  5. Дали таа носи профит во животот?
  6. Какви вредности литературата може да создаде и да пренесе во овој актуелен свет?
  7. Кое треба да е нејзиното место во јавниот простор?
  8. Дали навистина сè уште има нешта што само литературата може да ни ги обезбеди?
  9. Доколку нејзината историја, нејзиниот напредок и нејзиното автономно придвижување не ѝ даваат легитимитет на литературата, тогаш врз што да се втемели нејзиниот авторитет?
  10. Зар не е дојден моментот да се премине од дискредитација кон раставрација и од одрекување кон афирмација на литературата?

Нема да навлегувам во начинот на аргументација на Компањон, со кој прави еден фантастичен историски преглед на поимањето на значењето на литературата за човекот и за човештвото. Најпросто и едноставно, сакам да ги споделам (неговите) одговори на овие вечни прашања:

  • Иако читањето не е неопходно за да се живее, ние читаме затоа што животот е полесен, појасен, поширок за оние што читаат отколку за оние што не читаат.
  • Литературата поседува морална моќ. Книжевноста поучува бивајќи допадлива.
  • Литературата го ослободува поединецот од неговата потчинетост на авторитетите, таа особено го лечи од религиозната помраченост. Книжевноста, како инструмент на правдата и толеранцијата и читањето како искуство на автономијата, придонесуваат за слободата и одговорноста на поединецот.
  • Литературата ги коригира недостатоците на јазикот. Поетот, играјќи си со јазикот располага со една моќ да разоткрие една вистина што не е трансцендентна, ами латентна.
  • Како извор на инспирација, литературата го помага развитокот на нашата личност и на нашето „сентиментално образование“, како што побожните четива тоа го правеле со нашите предци.
  • Литературата нуди начин за зачувување и пренесување на искуството на другите, на оние што се оддалечени од нас во просторот и времето или што се разликуваат од нас поради условите во кои живеат.
  • Литературата деконцентрира, обеспокојува, збунува, раскоренува повеќе од филозофскиот, социолошкиот или педагошкиот дискурс, затоа што таа се повикува на емоциите и на емпатијата.
  • Литературата се спротивставува на глупоста, но не насилнички, ами суптилно и упорно.
  • Укажувајќи на исклучокот, литературата обезбедува едно знаење што е поинакво од научното знаење, но поспособно да ги расветли човечките однесувања и мотивации.
  • Литературата нè учи подобро да чувствуваме и бидејќи нашите сетила се безгранични, таа никогаш не донесува заклучоци, туку останува отворена.
  • Литературата е вежбање на мислата, експериментирање со можностите.
  • „Стани тоа што си!“ – ти шепоти литературата.

„Еве веќе една генерација како се стеснува местото на литературата во нашето општество“, вели Компањон и додава дека ако во периодот на модерната литературата влегла во „ерата на сомнежот“, денес можеме да ја почувствуваме растечката незаинтересираност за неа, па дури и омразата кон неа.

Имајќи ги предвид сите горенаведени одговори, тој вели дека е време да ги обновиме пофалбите за литературата и да ја заштитиме од омаловажување во светот на силната конкуренција каде што таа нема монопол врз ништо. Иако нејзината кревкост ја прави пожелна и понизноста ѝ прилега, мора да кажеме јасно и гласно дека нејзините моќи остануваат огромни.

БОНУС цитати од книгата:

Како вежбање на мислата и искуството на пишувањето, литературата дава одговор на еден проект на запознавање на човекот и светот.
– Емил Зола –

Читањето го прави човекот комплетен, конверзацијата го прави брз, а пишувањето го прави прецизен… Читањето прави да не мора да прибегнуваме кон подмолност, дволичност и измама; тоа следствено нè прави искрени и вистински, или едноставно подобри.
– Френсис Бејкон –

Литературата ја има моќта да нè оттргне од силите на алиенацијата и угнетувањето.
– Жан-Пол Сартр – 

Единствената цел на литературата е да направи читателите подобро да уживаат во животот, или подобро да го поднесуваат.
– Семјуел Џонсон –

Човековата судбина не може да биде сфатена во нејзината сложеност без помошта на литературата. Оние што ги читаат најдобрите писатели знаат повеќе за светот и живеат подобро.
– Томас Стернс Елиот –

Единствено продлабоченото и постојано читање целосно го засновува и го зајакнува автономното јас. Благодарение на читањето се создава една независна личност што е способна да се придвижи кон другите.
– Харолд Блум –

Романот „ја цепи завесата“ на наследените идеи.
– Милан Кундера –

 

БОНУС пофалба:

Значи, секоја чест за „Арт конект“. Ова е шеста книга во нивно издание што ја читав (по „Писма до Милена“, „Министерство за врвна среќа“, „Шумот на времето“, „Прослава“ и „Грозовилата во страшната шума“) и сите се одлично уредени.

Наташа А.

https://blen.mk/jas/

Што мислиш ти?