Домашни

Марија Гиревска: „Џакомо Џојс“ е збирка епифании за една љубов

Сите што го сакаат Џојс, деновиве имаат нова причина за радост. Недовршеното дело „Џакомо Џојс“, најдено како ракопис од страна на неговиот брат Станислав и објавено за првпат во 1968 година, доби свој превод на македонски.

Преводот е на Марија Гиревска, која пред една деценија го направи големиот животен потфат и го преведе „Улис“ на македонски во рамки на проектот Ѕвезди на светската книжевност. Овојпат, преводот на „Џакомо Џојс“ не е финансиран од државата ниту од некоја фондација. „Џакомо Џојс“, во своето слатко книшко издание на македонски десно, на англиски лево, со белешки од еминентните џојсовци Фриц Сен и Ричард Елман и со неодоливата рачна чадорска доработка, која исто како и Џојс повикува: Љуби ме, љуби го мојот чадор – е дело само и само на Марија.

Промоцијата на овој самиздат во ограничени сто примероци е утре, на тројниот роденден на Џојс, на „Улис“ и на „Буква“, каде што ќе се собереме. За подгревање на возбудата, со темнооката Марија го направивме ова интервјувце за Џојсовите белешки за една миговна љубов.

Го преведе и самостојно го издаде „Џакомо Џојс“, недовршеното дело на Џојс за кое многу малку се знае. Кои се најинтересните работи што ги знаеш за „Џакомо“?

Да, не се знаеше многу за овој ракопис сѐ до 1968 кога Ричард Елман постхумно го објавил. Џојс е познат по својата долга проза и ако некој нема трпение да го чита „Улис“ или „Финегановото бдеење“, тогаш топло ги препорачувам овие педесетина фрагменти од „Џакомо Џојс“. Чудно е како Џојс, кој умеел да рециклира стари материјали, го оставил овој свој ракопис во Трст кога заминал во Париз во 1920 година. Постојат најмалку две енигми околу овој ракопис: што сакал всушност да направи со него? Да го батали или да го објави? И втората се однесува на таинствената црноока девојка за која е напишана оваа поезија во проза. Првиот лист почнува токму со прашањето „Која?“. Колку е вистина дека станува збор за неговата ученичка Амалија Попер, како што некои истражувачи тврдат, меѓу кои, секако, и Ричард Елман, со сигурност никој не може да потврди. Веројатно тука има исто толку елементи на писателска имагинација колку и автобиографија или фактографија. Интересно е што во „Џакомо“ може да се препознаат зачетоците на „Улис“. И ме фасцинира што дури и во „Џакомо“ има теолошки референци.

Знам дека неизмерно ти се допаѓа сè што доаѓа од Џојс 😊. Со што те освои „Џакомо Џојс“? И, те молам, сподели еден, само еден фрагмент!

„Џакомо“ ме поврзува со спомените за Трст: со Летната школа за Џојс во Трст и со предавањата за „Улис“ на легендарниот Фриц Сен. За Џојс Трст е „земјата на истокот“ и веројатно не мислел дека засекогаш ќе го напушти. Можеби и затоа го оставил својот „Џакомо“ таму. Тргнал за Париз за да го објави „Улис“ и останал речиси дваесет години. Неверојатно е што дури и за овие 16 страници ракопис има толку многу белешки со алузии на она што го читал и она што го пишувал.

Имам повеќе омилени парчиња од „Џакомо“. Еве, би го издвоила првото парче што го преведов пред неколку години во хотелската соба токму спроти Музејот на Џојс во Трст:

„Дамата се упати нога пред нога . . . . . Чист воздух угоре по патот. Трст се буди пресно: пресна сончевина врз неговите скупчени кафено поплочени кровови, желковидни; мноштво од распростени бактерии чека национално ослободување. Belluomo станува од постелата на жената на љубовникот на својата жена: зафатената домаќинка е на нозе, косоока, чинија со оцетна киселина во нејзината рака . . . . . . Чист воздух и тишина угоре по патот: и копита. Девојка на коњ. Хеда! Хеда Габлер!“

„Хеда Габлер“ ми е една од омилените драми на Хенрик Ибзен. 😊

Утре е промоцијата, која ќе биде целосно во твоја „режија“. Како ја имаш замислено? Кој би сакала да дојде и што можат да очекуваат тие што ќе решат да го прослават тројниот роденден на втори-втори?

По некоја чудесна случајност, токму на 2.2. и „Буква“ слави роденден. Убаво би било да се видиме со сите драги пријатели и колеги кои имаат желба да прочитаат некој ред од „Џакомо“ за 141 роденден на Џојс и 101 роденден на „Улис“. Спонтано, без помпезности. Овде нема да паѓаат крупни зборови, па да нѐ смачкаат како мравки. Мислам дека ќе биде интересно да го исчитаме „Џакомо“ како во некоја надреалистичка сеанса. „Џакомо“ е збирка на епифании за една љубов. A „да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи“ (1Кор 13:1). Целиот проект беше во духот на другарството, од Маја Катарова, која го лекторираше текстот и Зорица Теофилова како уредник на изданието, и секако, оваа книга немаше да изгледа токму онака како што ја замислував да не беше Симе Шандуловски кој ми помогна околу графичкиот дел и дизајнот на книгата. А со Мијата сме другарки од детство и драго ми е што ентузијастички прифати да отпее песна од „Улис“ што ја снимаше за Блумздеј 2022. Ме радува одѕивот и поддршката што ја добив од многу драги луѓе и мислам дека ќе биде навистина весела дружба во „Буква“!

Наташа Атанасова

...