Борис Пахор, грамада од писател
Пред околу две години за првпат се сретнав со дело на словенечкиот автор Борис Пахор. Тоа беше збирка раскази од човек за кој дознав дека во тој момент има дури 108 години!
Иако овие раскази му биле пишувани во седумдесеттите години на минатиот век, кога имал речиси половина од годините што ги изживеал, ги доживеав како приказни на стар дедо, низ кои и по толку години чувствува немир и потреба да им го пренесе тоа што го видел и доживеал во детството на новите генерации.
Минатата недела дознав дека оваа збирка раскази се појавила на македонски и дека ќе се промовира, за жал, без присутност на Пахор, кој почина неколку месеци по моето запознавање со неговите раскази.
Во средата бев на промоцијата на „Грамадата на пристаништето“ и се почувствував задолжена од оставината на овој писател да напишам нешто за збирката. Па додека ми се свежи впечатоците и податоците, да ги споделам.
Пахор имал навистина неверојатен живот
Борис Пахор е роден во Трст, најголемиот словенечки град на почетокот на ХХ век, кој по Првата светска војна од австро-унгарска потпаѓа под италијанска власт. Во текот на својот живот, тој сведочи на насилствата и злосторствата на три тоталитаризми – на фашизмот, на нацизмот и на комунизмот.
Меѓу двете светски војни го гледа гмечењето на својот народ под чизмата на италијанските фашисти. За време на Втората светска војна како неподобен интелектуалец нацистите ќе го шетаат низ неколку концентрациони логори, кои ќе ги преживее и завршувањето на војната ќе го дочека како жив костур болен од туберкулоза. За време на Југославија, како писател од Италија кој му припаѓа на словенечкото малцинство, но остро го критикува комунизмот, ќе му биде забранет влез во земјата. Целиот живот ќе го помине во својот роден Трст, каде што ќе работи како професор по Италијански јазик.
Според кажувањата на неговата најголема познавачка во Словенија, Дарка Звонар Предан (која беше и промоторка на збирката), Пахор како писател во Словенија се прославил дури на негови 95 години, по гостувањето во популарна емисија на италијанската телевизија „Раи Уно“. Пред да стане познато во Италија, пак, неговото творештво било особено ценето и почитувано во Франција и Германија.
Грамадата на насилството
Збирката „Грамада на пристаништето“ се состои од шест раскази, шест приказни во кои се фрла поглед на различен аспект од италијанското насилство врз словенечкото малцинство. Темата на првиот расказ, насловниот, е палењето на Народниот дом (кое се случило на 13 јули 1920 година, пред очите на малиот Пахор и неговата сестра), симболот на словенечкиот народ и култура во Трст. Она што е особено впечатливо низ редовите на овој расказ е градењето на атмосферата околу пожарот, почетниот црвен пламен и црн чад на фашизмот. Тоа е пожарот кој можеби ќе биде подметнат прво тука, пред очите на немоќните Словенци кои ги гледаат своите сограѓани заробени во Домот како стојат на високите прозорци од запалената зграда со замандалени врати, од каде што „излезот“ е или да изгорат живи или да скокнат од височина од која не се преживува. Но тој фашистички оган ќе тлее и за две децении ќе ја опожари цела Европа.
И во првиот, и во вториот расказ, Пахор се фокусира на траумата што овие бездушни постапки ја оставаат во душите на децата кои се нивни сведоци – деца кои оттогаш ќе почнат да сонуваат поинакви соништа, деца на кои старите приказни повеќе нема да им бидат интересни и деца за кои играта веќе не е единственото нешто на коешто мислат.
Ха, ама ние ќе речеме: „Ајде, покажете како се влегува во печката.“ И тој ќе покаже, а ние ќе го турнеме во вжештеното ждрело и ти веќе нема да плачеш, Мици. Да, и црните мажи што го запалија Народниот дом и кои играат од радост, и нив ќе ги турнеме во печката; па тие не им дозволуваат на пожарникарите ниту да го држат платното под прозорците. И нив. Не, не, да бегаме, Евка, да бегаме! Вујкото со фес на глава брзо лизга со влечките и сака да нè пресече , за да се слушне шлаааап и потоа шлуууп. Евка! Да бегаме! Живи ќе изгориме во печката, црниот маж го пресече цревото, а водата не може да ги изгасне пламењата и тече поземи. Птиците ги исколваа сите трошки што го означуваа патот за враќање. Не, не, ние ништо не сме направиле! Си одиме кај мама! Пуштете ја Евка, пуштете ја! Не, не. Мамааа. „Неееее!“.
„Грамадата на пристаништето“, стр. 20
Вториот, најкраткиот и за мене најефектен расказ, „Пеперуга на закачалката“, морничаво сликовито го доловува ѕверското лице на насилството кое сакајќи да влее страв во коски кај децата од зборувањето на мајчиниот јазик, нема никаков проблем да го закачи девојчето за плетенките да виси на закачалката во училницата. А додека девојчето скаменето трепери закачено на закачалката како пеперуга боцната во инсектариум, нејзините соученици илјадапати ја пишуваат реченицата Devo parlare soltanto Italiano.
Во секој следен расказ поминат е одреден период од палењето на Народниот дом. Минуваат десет, па дваесет години… Во меѓувреме децата растат, почнуваат да учат на италијански јазик, луѓето добиваат нови италијански имиња, па Јулка станува Џулија, Лојзе Луиџи, Сречко Феличе… Во „Бродолом“ го гледаме кутриот татко кој се обидува да му помогне на своето кутро дете да напише состав за бродовите на италијански, на јазикот што и двајцата одвај го зборуваат, па домашната задача прочитана гласно пред италијанските деца се претвора во едно големо понижување за детето коешто чита дека бродот се удавил (Порано одеше на училиште за да учи. Сега, како секој ден да мора да се потчинува за нешто, си размислува Бранко).
Таму каде што има разорна сила, нема место за креативната. Расказот „Цвеќе за лепрозниот“ ја раскажува вистинската приказна за маченичката смрт на познатиот словенечки музичар Лојзе Братуж. Поради пеењето на словенечки јазик, тој ќе умре во агонија по испиеното машинско масло под принуда од италијанските војници, а неговиот гроб опсипан со цвеќиња фрлени од далечина ќе го чуваат стражари за луѓето да не му доаѓаат, како на лепрозен.
Како што збирката оди кон крајот, така тече и времето, ситуациите стануваат сè покомплицирани, а нарацијата покомплексна. Ги гледаме некои од некогашните деца, сега млади луѓе фатени во костец со предизвиците на новото нивно време, како се срамат од своето словенечко потекло („Ориент Експрес“) или како низ италијанското образование го изгубиле својот мајчин словенечки јазик, па дури и ако некој станал професор по философија, при средба со една девојка од селото од неговото детство, му се отвораат големи идентитетски прашања за тоа кој е, всушност, тој, па сфаќа дека таа со детскиот кикот при неговото неразбирање словенечки може лесно да му докаже „дека не си тоа што си, туку она што таа знае дека си и тоа треба да си“ („Непоимливото прашање“).
Грамада од писателско срце
Пахор во текот на целиот свој живот трпеливо ги повторувал своите размислувања за важноста на националниот идентитет и (само)свеста. Тој секогаш бил на страната на „малите“ народи и нивното право на еднаквост во друштво на поголемите и помоќните. И покрај сите ѕверства што ги видел и претрпел, тој до крајот на животот останал гласноговорник на идејата дека љубовта и простувањето ќе го спасат светот.
Дочекал да ја доживее веста за преводот на збирката „Грамадата на пристаништето“ на македонски јазик. Велел дека на овој превод особено му се радува, затоа што станува збор за друг мал народ чии поголеми и посилни соседи сè уште се обидуваат да му го скратат правото на сопствената свест, култура и јазик, како што пренесува Дарка Звонар Предан во поговорот кон книгата.
А, всушност, тоа делење на едно слично минато и историја, е нешто што на македонските читатели Пахор им го прави толку близок. Таа идентификација со ликовите кои се борат за да говорат и пишуваат на својот јазик, кои цело време живеат со грамадата на своето горко минато и со дилемите за тоа кои се и што се и зошто другите имаат проблем со тоа е нешто што Пахор го прави и тоа како вреден за читање.
Наташа Атанасова
...