Хеа Схутерс: Фикцијата може да го промени наративот што го контролира светот

Хеа Схутерс е фламанска писателка, сценаристка, авторка на либрета и колумнистка од Белгија. За неа и за нејзиниот роман „Трофеј“ за првпат слушнав на Саемот на книгата во Франкфурт во 2024 година, а веќе во 2025-та, романот се појави на македонски, во издание на „Чудна шума“.
Станува збор за жесток роман за кој се израдував дека ќе можам да разговарам со Хеа пролетва, кога требаше да гостува во Скопје, но била спречена да дојде, па можноста пропадна. Но, многу од книгите кои ги читав летово ме навраќаа на „Трофеј“ и, едноставно, му го поплочија патот на ова интервју, кое, очигледно, мораше да бидне, макар и на далечина. Долго е, ама вреди!
Хеа, во моментов кога ги добиваш прашањата си на некое патување, каде што немаш постојан пристап до интернет. Каде си, и со која цел? Што ти значат патувањата и како придонесуваат за тебе како писателка?
Патував на место без интернет. Планинарев по северна Шведска и тоа е една од работите што вистински ми требаат пред да почнам да пишувам нова книга или пред да почне вистинското пишување. Затоа што во оваа фаза, книгата се развива во мојата глава, се обидувам да ги поврзам ликовите и да навлезам во нивните глави. За тоа, треба да бидам на место каде што мојот ум може слободно да талка, а тоа најдобро ми оди во пространи и празни пејзажи каде што нема ѕидови, секојдневна врева како пристигнување меилови, телефон и сите останати мали работи кои нè држат во реалноста.
Најдобро е кога тоа ќе го искомбинирам со повторувачки физички движења кои бараат мало, а не целосно внимание. На пример, патека за пешачење на која треба да гледате каде стапнувате за да не се сопнете, ама сè уште дел од мозокот ви е слободен за да размислува за приказната што ја креирате.
Друг вид патување е она на коешто бев минатата година, долго возење со мотоцикл низ Централна Азија и Пакистан. На овие патувања се обврзувам да одам одвреме-навреме, затоа што ако не ја напуштаме често Европа, забораваме дека не сме сами во светот, дека начинот на кој размислуваме, нашиот морал и нашата етика, целиот начин на кои се изградени и функционираат нашите општества е еден вид модел, но не и единствениот или најдобриот. Така, можам цело време да размислувам за тоа и мојот поглед на свет цело време е предизвикуван. И за да не заборавам колку ужасно привилегирани сме ние во Европа, не само со пасошот кој може да не однесе на сите овие места, што е привилегија што ја добиваме со самото раѓање, туку и за сите други работи, за да се сфати дека ова е ретко и не е нормално и дека треба да го вреднуваме како такво а не да го земаме здраво за готово.
Така што, поради сето ова, патувањето е голем дел од тоа која сум јас како писателка и како уметница, го има обликувано моето размислување и, на некој начин, моето пишување произлегува од него.
Минатата година на македонски го добивме твојот роман „Трофеј“, кој го имаш напишано во коронската доба. Романот е преведен на повеќе од 20 јазици, во Германија во годината на издавање се продале повеќе од 150.000 примероци, а во Белгија е адаптиран и во театарска претстава. Колку си задоволна досега од приемот кај читателите и дали го очекуваше сето ова?
Морам да кажам дека бев преизненадена и дека, пред сè, сум многу благодарна за меѓународниот успех на „Трофеј“ досега. Не затоа што е моја книга и затоа што како писател сте задоволни ако вашето дело се чита нашироко, туку затоа што мислам дека отвора важно прашање и фасцинантно ми е кога гледам какви се рефлексиите во земјите каде што досега беше преведена. На пример, беше преведена и на неколку индиски јазици, на арапски и стигнува до земји кои биле на другата страна од колонизацијата и нивната реакција на книгата е многу интересна.
Имав интересен разговор со мојата преведувачка на арапски, која ми кажа дека била многу лута додека ја преведувала книгата, дека навистина ја разгневиле колонијалните концепти кои уште живеат во главата на Хантер Вајт, но во исто време сфатила дека е важно што книгата е напишана затоа што за првпат можела без извинување да погледне во мозокот на еден бел колонизатор и да ги види фантазиите што овие луѓе ги носат на Африканскиот континент и иако тие гледаат празен континент каде што можат да дојдат и да го сметаат за нивни, затоа што, едноставно, никако не ги гледаат луѓето како луѓе, туку како дел од природните пејзажи.
Кога станува збор за тоа дали го очекував сето ова, и да и не. Не, во смисла на тоа дека никогаш не можеш да очекуваш успех како овој. Успехот на една книга зависи од многу фактори кои не се во рацете на писателот. Инаку, сите ние со секоја книга ќе целиме кон продажба на големи тиражи и многу преводи. Но, од почетокот чувствував дека овој роман на некој начин ќе ми биде пресврт, дека ќе ми смени нешто, затоа што кога ќе добијам идеја за книга обично им кажувам на неколку пријатели и сите на кои им кажав за приказната на „Трофеј“ ми рекоа дека не треба да ја пишувам, дека не можам да ја напишам, дека е ужасна приказна, дека не треба да биде напишана. Имаше многу несогласувања во врска со идејата, отпор од сите на кои им ја кажав приказната и, всушност, тоа ме поттурна напред, тоа ме натера да сфатам дека мора да биде напишана, затоа што ако нешто повлекува толку многу спротиставување под него постои рана, а тоа значи дека тоа прашање мора да се отвори. Мораме да зборуваме за тоа затоа што инаку никогаш нема да се исцели и никогаш нема да еволуираме. Кога нешто е толку болно, мораме да размислуваме за него.
„Трофеј“ е роман за богат бел ловец на трофеи по име Хантер Вајт, кому „судбината“ на патот ќе му постави неочекуван „африкански плен“. Приказната го води читателот во ловечката авантура на Хантер, кој е воден од своите нагони кои лесно си ги објаснува ако природен порив за задоволување на своите машки потреби и цивилизациски порив за финансиско помагање на загрозените заедници во Африка. Што беше потребно за толку длабоко да навлезеш во психологијата на Хантер?
Да се влезе во умот на Хантер Вајт не беше ниту убаво ниту лесно. Всушност, беше вистински предизвик. Делев биро со овој човек пет години, а не е човек со кого би сакала да го правам тоа и при крајот на романот бев среќна што конечно ќе се ослободам од него, иако ми требаше уште многу време потоа за да го исфрлам од мене. Ама цврсто верувам во сè што пишувам и дека е важно да бараме ликови кои се целосно поинакви од нас. Со Хантер немаме баш нешто заедничко и токму затоа сакав да пишувам за него. Оти живееме во свет што е многу, многу поларизиран. Сите си стоиме во нашите ќошиња и си шепкаме едни на други колку многу сме во право и не би сакале да помислиме дека можеби и целосно грешиме и дека другиот можеби е во право. Но не разговараме едни со други.
Фикцијата е добра за излез од ова шепотење и да се обидеме да ги разбереме другите однатре, што е целосно поразличен процес отколку да гледаш на некого од страна и лесно да го осудуваш.
Тоа што сакав да го направам е да влезам внатре во умот на Хантер Вајт, да го заведам читателот да го направи истото за да може да се поврзе со него и да ја добие таа минимална емпатија што е потребна при обидот да се разбере другиот, бидејќи од ова разбирање може да почне разговорот. А штом почнеме да разговараме едни со други, може да почнеме и да се предомислуваме. Така што, мислам дека промената секогаш доаѓа со слушање и зборување едни со други. И затоа, навистина ми беше важно да најдам нешто што ни е заедничко со Хантер Вајт, од каде што ќе почне оваа поврзаност. Фиктивните ликови не се толку различни од запознавањето нови пријатели, а секое пријателство почнува на оваа лесна територијата, кога зборувате за работи што ви се заеднички, па потоа дури можете да почнете да разговарате и на други теми, кои може и да се деликатни и за кои може да имате различни мислења.
Тоа што сфатив дека ни е заедничко со Хантер Вајт е вистинската љубов кон природата. Верувам дека овој дел од него е општ и дека тука сите можеме да се поврземе. А потоа, можеме да почнеме да зборуваме за работите кои се покомплицирани и да се обидеме да го разбереме однатре.
Во романот се отвораат многу теми за размислување, како: остатоците од колонијализмот во менталниот склоп на Западот, патријархалното воспитување на машките деца кое создава незаситна глад за генерирање моќ преку третирање на другите како плен, сведувањето на човечкиот живот на едноставна деловна трансакција, екоколонијализмот… Се чини како многу работи поврзани со овие теми никако да не се менуваат под дејство на времето, историјата и поуките што требало да ги извлекуваме од нив?
Ова е многу тешко прашање. Зошто не ги учиме лекциите кои требало да ги научиме од историјата и од грешките во светот? Мислам дека начинот на кој живееме и на кој се движат работите денес, политички и геополитички, е многу поврзан со силите што имаат моќ. Одредени луѓе се толку приврзани за моќта, без никаква волја за промена, толку се врзани за нивните лични привилегии и за концептите на алчност и постојан раст што не сакаат да учат од нив.
Ако пробате да му објасните на 4-годишно дете дека се обидувате да одржувате систем на постојан и забрзан раст на ограничена планета, веројатно секое дете ќе ви каже дека тоа не е можно затоа што во одреден момент ресурсите нема да можат повеќе да го одржуваат овој систем. На некој начин, единствената причина зошто сè уште функционира овој постојан раст, кој е во срцевината на капиталистичкиот систем, е што денес, за разлика од минатото, преку глобализацијата ги има зафатено сите начини на размислување низ целиот свет.
А ненаситната алчност повлекува да ги користиме другите луѓе како ресурс. Идејата за постојан раст може да се одржи единствено ако ја експлоатираме јужната полутопка, ако безмилосно ја експлоатираме природата, ако го користиме неплатениот женски труд, целата домашна работа што жените ја извршуваат како ресурс, затоа што системот ќе крахира без сите овие човечки животи кои ги користиме како ресурси за да го одржуваме овој свиреп систем на економски профит.
И човек може да се прашува зошто не го пуштаме и зошто не ја замениме идејата за богатење со поинакви концепти за богатење, затоа што богатството може да се однесува и на културно, интелектуално, лично богатство, богатство во однос на поврзаностите што ги имаме, пријателствата, начинот на кој се грижиме едни за други, ама некако фокусот се има стеснето на оваа идеја базирана на економска логика, па дури и на логика на моќ. Исто како на детско игралиште каде што едно дете-силеџија ги малтретира сите други, а ретко некој му се спротиставува и најчесто насилството ексалира. Тоа го гледаме и на глобално ниво, каде што некои од меѓународните лидери лесно би можеле да се опишат како силеџии на игралиште, кои успеваат да го повлечат целиот свет во токсичната логика на насилството, кон милитантна одбрана и повеќе агресија и многу е тешко да се смисли како да се скрши оваа логика откако еднаш е поставена.
Но, од друга страна, мора итно да се напушта ова размислување и тука мислам дека фикцијата може да помогне, затоа што таа може да нè потсети на фактот дека наративот кој денес го контролира светот не е единствениот наратив. Тоа е само приказна која била инсталирана од луѓе, што значи дека во секое време можеме да ја преосмислиме и да избереме друга. Тоа е прашање на одлука, макар што е многу тешко да се замени овој наратив.
И кога сме кај тоа, сакам да додадам дека фикцијата може да биде многу интересен безбеден простор за дискусија и за теоретско истражување на потенцијалните моќи и придобивки од алтернативните начини на размислување. Затоа што ако луѓето размислуваат на реалните работи или ако зборуваме за нив со пијачка в рака, почнуваме со мисли кои ни се длабоко всадени во глава и одиме директно на нашите ставови кои често не се базираат на ништо. Наместо да ги реобмислуваме работите, најчесто застануваме и велиме: да, но тоа не е реално. Но што е реално? Мислам дека фикцијата може да те предизвика, затоа што те носи во фикциски свет за да размислуваш за работите на многу послободен начин отколку во реалноста. Делумно се надевам дека тоа им го прават на луѓето и „Трофеј“, и „Подарокот“, романот што го напишав по него – да ги извлечат од она што мислат дека го знаат и да побараат од нив навистина да размислат за тоа што го мислат.
Во романот се отвораат многу теми за размислување, како: остатоците од колонијализмот во менталниот склоп на Западот, патријархалното воспитување на машките деца кое создава незаситна глад за генерирање моќ преку третирање на другите како плен, сведувањето на човечкиот живот на едноставна деловна трансакција, екоколонијализмот… Се чини како многу работи поврзани со овие теми никако да не се менуваат под дејство на времето, историјата и поуките што требало да ги извлекуваме од нив?
Кога станува збор за тоа како Хантер Вајт гледа на Африка и на Африканскиот континент, секако, тоа е многу колонијалистичка гледна точка. Всушност, нема никаква врска со реалноста на континентот, кој е разнолик во поглед на политички и културни системи, религии, етнички заднини, митологии, приказни, начини на живот, модерни престолнини и градови и рурални заедници. Така што, Африка не е ништо друго освен континент.
Работата е во тоа што Хантер тоа не го гледа, бидејќи Африка за него е проекција. Тоа е сенка од сликата на колонијална Африка од почетокот на 20. век што сè уште ја имаме и со која сè уште сме длабоко поврзани бидејќи сме ја добиле од филмови како „Out of Africa“. Помислете на Африка и веројатно ќе нацртате портокалово сонце и мазен ридовит пејзаж со по некое животно. Никој нема да нацрта високи облакодери и зуечки голем град. Тоа доаѓа и од романите како тие на Хемингвеј и од колонијалните фотографи, како и од еротизацијата на црните тела и слики. И тоа е толку длабоко вкоренето во нашето културно наследство што лесно се сопнуваме одново на оваа колонијална слика за Африка.
Јас мислам дека „трофеј“ воопшто не е роман за Африка. Тоа е роман за колонијалните проекции и тоа го сфатив во моментот кога почнав да пишувам, затоа што сакаме да мислиме дека сме ослободени од овие колонијални концепти – ние, толку прогресивни и добро образовани луѓе имаме отидено чекор понатаму, ние сме отаде овие идеи. И потоа почнав да пишувам и многу силно ме погоди тоа што толку лесно ми беше да ги најдам сликите, фразите и клишеата со кои Хантер си го храни умот.
Како што го сфатив тоа, сфатив дека можам да ги искористам овие слики како трик за да го вовлечам читателот во истата логика и да го натерам да почне да размислува на истиот начин, што води до катастрофалниот крај на книгата што, мислам дека е резултат на оваа логика и на овој поглед кој сè уште го имаме на континентот и на Африканците.
И, секако, додека истражував за книгата, најдов многу работи кои целосно се косеа со оваа логика, целосно поинакви начини на размислувања, поинакви философски, етички или морални концепти кон секојдневното живеење. И сакав да си играм со нив и одвреме-навреме овие мали реалности да продрат во фантазијата на Хантер за Африка и да му ја нарушат сликата. И тоа секогаш многу го иритира, без разлика дали се однесува на облеката или кога го гледа како Давид наеднаш скрола на Фејсбук – нешто што не се вклопува во неговата претстава за благородното дивјачко афиканско момче, бидејќи единствено тоа го оправдува тоа што тој го прави таму и фактот дека го загрозува континентот како природен парк чисто за сопствено задоволство. Сакам да си играм со колизијата на овие работи.
Но, морам да кажам дека од сите мои книги, само од пишувањето на „Трофеј“ научив толку многу за себе и за сите овие концепти и, особено, за моќта на овие клишеа и нивната отпорност на исчезнување.
Откако една другарка ми прати еден забавен текст за третманот на Африка и африканските ликови во книжевноста, многу покритички им пристапувам на книгите што се занимаваат со неа. Во твојот роман многу работи се суптилни, но јасно е истакнато непознавањето и незаинтересираноста на Хантер за Африка, африканските народи и култури, за нивната историја… Истражувајќи за твојот роман, дојде ли до некои важни лекции за поинаков однос кон етиката и моралот од африканските народи?
Врската со природата е нешто што ми е фасцинантно. Многу имам патувано, не само на Африканскиот континент, туку и во Азија и морам да кажам дека е многу јасно дека нашиот концепт за тоа како ја третираме природата, како се однесуваме кон неа како да е нешто над коешто господариме и дека можеме да ја користиме онака како што сакаме е многу западна идеја.
Во други култури, луѓето гледаат на природата на поинаков начин. Помислувам на екофеминистката Вал Плимвуд, која е од Австралија, а едно време живеела целосно оддалечена од сè и од сите. Во тој период, додека била во кану, ја нападнал крокодил и успеала да ја преживее таа речиси невозможна борба. И потоа таа пишува за тоа како размислувала додека се борела со крокодилот – нешто во што не верувам, затоа што мислам дека додека се борела со крокодилот мислите ѝ биле окупирани со борбата и дека сè друго дошло отпосле. Ама сепак, од борбата сфатила дека сите проблеми на западната цивилизација почнале во моментот кога луѓето престанале да се гледаат себеси како дел од природниот синџир на исхрана, дека ние сме почнале да мислиме оти можеме да бидеме само ловци и дека никогаш пак нема да бидеме жртви. При борбата со крокодилот нејзе брутално ѝ станало јасно дека може да биде и жртва. И дека е дел од тој синџир.
Тоа што ми е интересно во нејзиниот концепт е дека сите наши проблеми почнуваат од моментот кога сме ставиле цврста граница меѓу природата и луѓето кои се над неа, за разлика од многу други култури а и од нас самите во минатото, кога луѓето се гледаат како дел од природата. А ако се гледате себеси како дел од екосистемот, ќе го третирате на поинаков начин отколку кога мислите дека тој ви е само извор на ресурси. И денес, иако го знаевме тоа уште од 70-те години на минатиот век па и порано, невозможно е да негираме дека имаме голем проблем со климата. Проблемот е наш, затоа што ако ние исчезнеме, тој ќе се реши сам од себе. Ние сме проблемот.
На пример, минатата година кога бев во Пакистан, ни стана буквално јасно колкав проблем е тоа. Бевме налето и беше 15 степени потопло отколку што требаше да биде и на над 4.500 метри надморска височина одевме на кратки ракави. Во таа земја со илјадници глечери, влијанието е видливо на дневно ниво. Секој ден имаше одрон, поплава, ненадејна силна бура носеше по половина село. И ние тука можеби сè уште можеме да кажеме, па, добро, жешко беше летото годинава, ама таму на луѓето им беше многу јасно колку е голем проблемот и колку итно треба да се бараат решенија, кои, колку и да е чудно, ние сакаме да ги негираме. И тоа повторно нè води кон идејата дека концептот на алчност и раст е многу поголем од волјата вистински да се решаваат проблемите. Ова го сфатив и додека го пишував „Трофеј“ и мислам дека веројатно тоа е една од причините зошто по него ја напишав новелата „Подарок“, која се фокусира на европските политики и зошто тие не се занимаваат со климатските проблеми, иако би требало.
За крај, што е највредното нешто за еден човек, што може да се гледа како трофеј и дали, воопшто, ни се потребни трофеи?
Всушност, воопшто не верувам во трофеи. Иако треба да бидам внимателна со тоа што ќе го кажам тука, можеби тоа има некаква врска со фактот дека сум жена и дека идејата на собирање трофеи, всушност, е многу маскулина.
Не верувам во трофеи, награди, работи кои ја докажуваат твојата вредност пред тебе. Мислам дека нашата вредност како човечки битија и вредноста на нашиот живот во рамки на заедницата или во некој поопшт контекст е многу повеќе поврзана со конекциите што ги градиме, со она што им значиме на другите луѓе или со она што другите луѓе ни значат нам, со она што им го даваме на другите и со она што можеби го добиваме за возврат.
Мене, некако, секогаш поголемо задоволство ми е кога давам отколку кога примам. Можеби тоа е и една од причините зошто пишувам. Пишувам не затоа што сакам да продавам книги или затоа што сакам да добивам награди, трофеи или што и да е за романите. Пишувам затоа што сакам да ги споделам моите размислувања – мислам за светот, формирам ставови и сакам овие увиди да ги споделам со другите, не затоа што луѓето треба да речат: „леле, фантастичен увид, фала ти, отсега и јас вака ќе размислувам“, туку за да ги поттикнам луѓето да се прашуваат, да разменуваат идеи и да комуницираат.
Ако нешто е вредно во животот, тоа се разговорите што ги имаме едни со други, затоа што тоа нè прави специјални како човечки суштества – тоа што можеме да зборуваме едни со други. Ние можеме и да пишуваме и со тоа да разменуваме мислења меѓугенерациски, така што можеме да ја продолжиме конверзацијата и со луѓе кои умреле пред 300 години или со луѓе кои ќе се родат по 200 години. Всушност, на тоа се надевам.
Насловна фотографија: © Annelies Van Parys
Наташа Атанасова
...
