Шкртки

Затвори ги очите и почни

(осврт кон книгата „Најмалиот остров на светот“ од Билјана С. Црвенковска, со илустрации на Хана Тинтор; издавач „Чудна шума“, 2025 г.)

Понекогаш, кога ќе се скараме со сопругот, ќерка ни доаѓа и нè моли да престанеме. Ние двајцата редовно сме убедени дека тоа и не е некоја караница и дека треба да си кажеме што ни лежи на срце, да не ги ставаме работите под тепих, но не можеме да ја убедиме и неа во тоа.

А тие ситуации ме враќаат во детството, кога сум била од другата страна на вратата, кога сум си ги затворала ушите чувствувајќи дека светот ми се ниша и сум се молела караницата да престане.

Токму од една таква ситуација, кога домот, местото каде што детето треба да се чувствува најкомотно, најсигурно и најдобро – станува место од каде што му се бега, тргнува и приказната во сликовницата „Најмалиот остров на светот“ на нашата писателка Билјана С. Црвенковска, илустрирана од хрватската илустраторка Хана Тинтор. 

Лежеа во креветот. До нив допираа звуци: непријатна бучава и зборови што не треба да се кажуваат. Срцата им чукаа забрзано.

Мајсторството на зборовите

Каде да се побегне кога единствената врата од детската соба низ којашто би можело да се излезе води токму во изворот на непријатноста? Пуштете ја фантазијата! Онака како што прави Ален, воведувајќи ја својата помала сестра Ирма во тајните на највозбудливите патувања – оние со затворени очи. 

Сликовницата „Најмалиот остров на светот“ е своевидно продолжение на приказната од романот за деца „Приказни од Ѕунливото Море“, каде што Ален на брановите на својата фантазија плови низ Тиркизното, Зеленото, Жолтото и Црвеното за да стигне до маѓепсувачкото и преобразувачкото Ѕунливо Море. Тие авантури на Ален, чиј свет на фантазија е доловен и низ илустрациите на Наталија Лукомска, завршуваат со неговата желба во иднина да му се придружи и Ирма – нешто што гледаме како се остварува во „Најмалиот остров на светот“. 

Во текстот на сликовницата, Билјана го мајсторски го збива своето раскажување и го сведува на минималистички редови поместени по ќошињата, како да сака да покаже колку многу може да се каже со што помалку зборови и воедно како да сака што поголем простор да ѝ отстапи на илустраторката. А сето тоа со желба детето на кое му читаме да го слушне само најнеопходното, најскокотливото, за да може подобро да „види“ – да се препушти на илустрациите, но и да ја доживее моќта на својата фантазија, која и најмалиот и најпустиот остров на светот може да го исполни со невиден раскош

Магијата на илустрацијата

Ова е втора сликовница илустрирана од Хана Тинтор за којашто пишувам. И по вторпат гледајќи ги нејзините илустрации во главата рефренски ми одѕвонува „на почетокот беше цртежот“. И во „Мојата бабичка не знае која сум“, и тука, а и во некои други сликовници што ги имам ѕиркано на интернет, кај неа сѐ тргнува од цртежот, од онаа првобитна форма на визуелно изразување на децата, која Хана ја има максимално усовршено. Па уште кога ќе ѝ додаде и боја (со дрвени, водени или темперни бои(ци)) – тоа е создавање магија во толкувањето и надополнувањето на текстот каква што само таа умее да изведе. 

Во оваа сликовница гледаме како во цртежите со моливи, фломастер и боички полека навлегува сината вод(ен)а, а со неа и другите (водени-фантазиски) бои. Патувањето почнува со влез во тунел што наликува на глувчешка дупка, на чиј крај се наоѓа сино пространство дофатливо само со фантазијата, а во него најмалиот остров на светот. И тука, фантазијата на Ирма го полни островот со куќи (една на и една во дрвото), со жители и посетители (Влакнестото Страшило, зајакот, пингвинот, галебот, самовилата Мирнанеседи), со средби и дружби „како големо и среќно семејство, по какво што отсекогаш мечтаеше“

Заиграните илустрации на Хана Тинтор се како впечатливи филмски кадри паузирани за да се задржи атмосферата на светот на фантазијата и шаренилото од емоции на грч, страв, изгубеност, возбуденост, топлина, среќа… што се менуваат со секоја свртена страница. 

Моќта на фантазијата 

Фантазијата на Билјана се гледа дека со приказната ја разгорела фантазијата на Хана, која во оваа сликовница е пуштена на максимум. Двете уметници, кои го имаат зачувано во себе детето живо, здраво и полно со фантазија, создале дело кое е вистински поттик за децата да ги истражуваат границите и моќите на својата фантазија како средство за отпор, за самосправување со ситуации во кои човек се чувствува беспомошен. А на фантазијата не ѝ треба многу. Понекогаш ни празен лист хартија! Едноставно, затвори ги очите и почни! -_-

Наташа Атанасова

...

Leave a comment