Книги

Петер Хандке, најјугословенскиот нејугословенски писател

Романсиер, драмски писател, преведувач, поет, сценарист, па дури и филмски режисер – Петер Хандке е името кое ја разгоре културната јавност откако на 10 октомври беше прогласен за добитник на Нобеловата награда за литература за 2019 година*.

Зад него стои библиографија која брои накај сто дела, во повеќе жанрови и стилови, меѓу кои има вистински ремек-дела, кои му имаат донесено големи награди: Бихнер, Хајне, Кафка, Ибзен и најновата и најголемата – Нобеловата награда за литература.

Сепак, она што ја разбранува јавноста „загрижена“ за етичката страна на неговата личност е неговото застанување во одбрана на Србија за време на и по војните водени на територијата на поранешна Југославија. Така, за само ден-два по објавувањето на наградата, дојде до распишување на онлајн-петиција за да му се одземе наградата, како и до вистински медиумски линч од страна на неговите политички неистомисленици.

Детство со чувство на неприпадност

Петер Хандке е роден во 1942 година, во селото Грифин, во австриската јужна покраина Корушка, како син на мајка му Марија, која била Словенка и татко војник во германската војска од врска што траела кратко за време на Втората светска војна. Пред да го роди, мајка му ќе се омажи за берлински возач на трамвај, исто така војник во германската војска.

По завршувањето на војната, семејството живее во Источен Берлин, од каде сиромаштијата под контролата на советската Црвена армија ќе ги натера да се вратат во Грифин. Таму, освен што животот им се сведува на преживување од социјална помош, која неговиот очув ја трошел главно на алкохол, и самиот Хандке не успева да се вклопи во средината во која штрчи со својот берлински изговор.

За очувот Хандке кажува дека не само што никогаш не го сакал, туку и дека го мразел. На 18 години ќе дознае дека тој не му е вистински татко и ќе тргне да го бара својот, од кој, кога ќе го запознае, подеднакво ќе се разочара. Така, вели тој во едно интервју, ќе расчисти со потребата од татко и со чувствата кон татковината (земјата на неговиот потатко и на неговиот татко) и ќе се сврти кон мајковината – земјата на потекло на неговата мајка, Словенија, односно тогашна Југославија.

Пцуење на публиката затруена со „описна импотенција“

Од селското опкружување, каде што секојдневието минува во работа, во црква и во прошетки низ природа, Хандке заминува да учи во католичко училиште во градот Клагенфурт, а потоа се запишува на Правниот факултет на Универзитетот во Грац.

Но, уште додека е на факултет, сфаќа дека повеќе го привлекува да биде адвокат на „правото“ личното мислење на индивидуата да се преточи во уникатна книжевност отколку да се занимава со вистинска адвокатура. Така, кратко пред да го напушти факултетот, во 1965 година, го издава својот прв роман „Стршлени“, експериментална „двојна фикција“ во која главниот лик собира фрагменти од друг роман, непознат за читателот. Романот му носи голема слава низ Европа.

Хандке на Саемот во Фрнкфурт (1973 г.)

Следната година неговата слава станува светска, откако ќе го премине океанот за да се појави на средбата на тогашните авангардни германски уметници, претставници на „Групата 47“ во Принстон, Њу Џерси, каде што со битлсовска фризура пред истакнатите писатели како Хајнрих Бел и Гинтер Грас, на сензационалистички начин ја критикува германската литература за која вели дека изобилува со „описна импотенција“.

По „пцуењето на литературата“, следувало „Пцуење на публиката“. Имено, тоа е насловот на неговата прва пиеса, која се играла во мал алтернативен театар во Франкфурт, во режија на Клаус Пејман. Претставата се состоела буквално и единствено од пцовки кон публиката затоа што присуствува на претставата и привлекла неверојатно големо внимание од германската, но и од светската јавност, што било навистина за чудење, со оглед на тоа што не се играла во некој од водечките театри. Според познавачите на театарот, таа претстава ставила крај на театарот на авангардата на шеесеттите години и го означила почетокот на театарот на барокот, театарскиот бран што ќе стане новата авангарда.

По неа, во 1967 година, следувала драмата „Каспар“, нарекувана и „драма на деценијата“ и дело кое за многумина е пресудно за добивање на Нобеловата награда. Станува збор за бекетовски театар, во кој Каспар талка низ улиците на Нирнберг, одвај успевајќи да пропелтечи по некој неповрзан збор. Ликот на Хандке се обидува да зборува, но неговата борба со зборовите го прави уште понем, како да станал дел од општата постхолокаустовска состојба во која не треба само светот да се изгради од нула, туку и јазикот.

Во периодот што следувал Хандке се дистанцирал од актуелната и од пишувачката традиција на германски јазик; инспирација нашол во новиот бран на францускиот роман, т.н. „нов роман“ (le nouveau roman). Од тој период познат е денес веќе култниот роман на Хандке „Стравот на голманот од пенал“ (1970), каде што главниот лик Јозеф Блох запаѓа во трауматизирачки морален вакуум за да изврши ладнокрвно убиство. Хандке мајсторски го опишува очајот на индивидуата изгубена во депресивната реалност на Европа во времето на Студената војна. Според книгата Вим Вендерс ќе го сними истоимениот филм (1972), а нивната соработка ќе продолжи и од неа ќе произлезе и филмот со кој Вим Вендерс ќе стане Вим Вендерс – „Небото над Берлин“ (1987), за кој сценариото и познатата воведна поезија ги пишува Хандке.

Заминување на мајката, заминување кон мајковината

Вистинска лична трагедија му се случува на Хандке во 1971 година, кога мајка му на 51 година ќе изврши самоубиство. Само шест недели по нејзината смрт, тој ќе седне да ја извади тагата пишувајќи за неа. Ќе ја напише книгата „Несреќа без желби“, во која, како што стои во образложението на Нобеловиот комитет, „без прекумерни чувства, пишува за самоубиството на неговата мајка Словенка. Таа е опишана, не од гледна точка на син што жали, туку едноставно како приказна за жена која методички соблекува слој по слој од својата облека пред тивко да си го одземе животот“.

Иако следува плоден период во кој ќе пишува и романи, и драми, и сценарија, тој сè уште поголемиот дел од животот го поминува во Средна Европа (што подоцна ќе ја нарече само метеоролошки поим), во климата на Студената војна, од каде, гледајќи кон југ, кон „мајковината“ Југославија, оваа земја почнува да ја доживува на некој начин како ветена земја, како вистински пример за развој на една земја и како земја што Европа ја прави да биде Европа.

Хандке во Вишеград (1998)

Од ноември 1987 до јули 1990 година тој пишува патеписи. Патувал, се возел со автобуси, пешачел, летал низ Европа, но најпрво по Југославија: од Словенија, Далмација и островите, сè до Македонија и до Охридското Езеро. Ова патување низ предвоена Југославија, ќе стане негово симболично проштално одење по сонуваната земја.

Кога Југославија ќе почне да го доживува својот распад, проследен со ужасните братски војни на оваа буре-барут територија, Хандке целосно ќе се фокусира на расветлување на искривената вистина што тој смета дека Европа ја пласира во медиумите за Србија. По отцепувањето на Словенија од Југославија, го напишал текстот „Збогување на сонувачот од Деветтата земја“, а во 1996 година го пишува есејот „Зимско патување по Дунав, Сава, Морава и Дрина или Правда за Србија“, кој го објавува во германскиот весник „Зидојче цајтунг“ и во кој јавно ја поддржува меѓународно изолираната Србија. Со овој есеј Хандке си го навлекува гневот на целата европска и светска културна и интелектуална јавност, кој само се засилува со неговото присуство во Србија за време на бомбардирањето од страна на НАТО и неговите јавни осуди на постапките на „мировната“ алијанса, како и со поддршката на Милошевиќ.

Тој станува идолизирана европска фигура во Србија и омразена „србизирана“ фигура во цел свет, па на крај, и Балканците, и Европејците престануваат да водат сметка за сè литерарно што Петар Хандке имал напишано и што сè уште пишувал.

 

Колку награди – толку скандали

Сите награди што оттогаш наваму ги добивал, се проследувани од медиумска хајка насочена кон „етичката“ страна на неговата личност. Тоа се случило во 2006 кога му била доделена наградата „Хајне“ од германскиот град Дизелдорф, која по целата ука-бука одбил да ја прими.

Потоа, во 2014 година, ја добива наградата „Ибзен“ за животно дело како драмски писател, која ја поттикнува цела Европа не само да ја критикува одлуката туку да отиде и дотаму да му ги стави на товар Сребреница и Сараево, пренебрегнувајќи го фактот дека наградата се доделува на најважните европски драмски писатели и дека Хандке нема ниту напишано ниту еден драмски текст во кој ги величал политиките на Караџиќ, Милошевиќ или нивните воени злосторства.

Со години, Хандке беше споменуван и како дел од најтесниот круг на писатели во конкуренција за Нобеловата награда за литература. Кога Австријката Елфриде Јелинек ја доби наградата во 2004 година, таа изјави дека смета оти наградата ѝ е дадена нејзе, за да не му ја доделат на Хандке. Самиот тој, пак, пред неколку години изјави дека Нобеловата награда веќе нема никаков кредибилитет и дека би требало да се укине. Многумина интелектуалци со години наназад пишуваат оти тврдоглавото следење на своите ставови во врска со Југославија и Србија се причината поради која Хандке никогаш нема да се закити со најголемата книжевна награда.

Но, пладнето на 10 октомври, сите беа шокирани кога Шведската кралска академија на науките го прогласи за нобеловец за 2019 година. Дури и самиот Хандке, видно збунет и возбуден, изјави дека комисијата била навистина храбра што го сторила тоа.

Одлуката ја фрли во сенка добитничката на наградата за 2018 година, полската писателка Олга Токарчук, зовривајќи ги повторно спламнатите страсти. Медиумскиот и интернет-просторот запламтија и сè уште горат од коментари, навреди, пцовки, па дури од страна на американскиот ПЕН е распишана и петиција за повлекување на одлуката.

Размислувањата на Миленко Јерговиќ спакувани во текстот „Правда за писателот“ од 2015 година, се најблиску и до моите ставови за опседнатоста на Хандке со Југославија и за неговите контроверзни политички ставови:

Со што Петар Хандке толку ги разгневи луѓето за да го паметат по лошо и откако на сите други им простија? Со тоа што истраја, не се стиши по првите скандали, туку тврдоглаво продолжи по свое, уживајќи во тоа што е издвоен и поинаков, во тоа што е отфрлен. Барајќи правда за Србија, ја бараше правдата за она дете од најмрачната корушка вукоебина, кое, ете, зборувало со берлински акцент во тие рани повоени времиња, кога Австријците за да го разграничат својот јазик, го нарекувале австриски. Очигледно таа рано доживеана навреда му била поважна од сите идни книжевни слави, вклучувајќи ја и Нобеловата награда, која сигурно би ја добил да не се инаетел (…) Оние што го нарекуваат фашист не се во право, иако Хандке, барајќи го доброто во Милошевиќ и во Караџиќ, ги поддржувал српските фашисти (…) во Србите ја барал својата детинеста метафора, наместо во нив да гледа луѓе како и сите други луѓе. Кои, меѓу другото, исто така се склони кон фашизмот. Но таа грешка во расудувањето не е таква за Петер Хандке да го сметаме за фашист.

Читајте, па судете!

Ако се впуштите во читање коментари и текстови на интернет за Хандке, а немате читано ништо од него, можно е да навлезете во една какофонија од која боли глава. Исто така, ако сте ги читале неговите дела, повторно можете да западнете во замката новопрочитаните обвинувања да влијаат врз вашиот личен впечаток, па затоа, моја препорака е пред да судите за тоа дали Петер Хандке е добар писател или не, дали ја заслужува Нобеловата награда за литература или не, да ги прочитате неговите дела.

Од неговиот богат опус, скромен е бројот на дела преведени на македонски – само четири, но сепак, и тие се репрезентативни за неговата поетика, тесно поврзана со неговиот живот и со неговата автобиографија. Делата преведени на македонски, од кои повеќето беа споменати низ овој текст, се следниве:

  1. „Стравот на голманот од пенал“ – во издание на „Или или“ од 2009 година, во превод на Ива Фиданчева.
  2. „Несреќа без желби“, во издание на „Магор“ од 2011 година, во превод на Ксенија Чочкова.
  3. „Дон Жуан (раскажано од него самиот)“, во издание на „Магор“ од 2013 година, во превод на Ива Фиданчева.
  4. „Кратко писмо за долга разделба“, во издание на „Арс ламина“ од 2017 година, во превод на Елизабета Линднер.
  5. „Каспар“, во издание на „Арс ламина“ од 2018 година, во превод на Ксенија Чочкова

Моите книги од Хандке.

Во едно интервју од деведесеттите години Хандке зборува за контрадикциите кои му се толку иманентни на човекот. Во таа линија  ја толкувам и неговата воодушевеност од добивањето на нобеловата награда. Има такви што тврдат дека прифаќањето на наградата по сите перипетии е голем пораз на Хандке и дека со оваа награда добива само Шведската кралска академија, која игра на сигурно наградувајќи врвен писател за да го испере својот нарушен кредибилитет. Тие истакнуваат дека Хандке се погазува себеси, но како што вели Хандке – човекот е таков, човекот е полн контрадикции. И нормално, како и секој човек, и самиот Хандке е полн контрадикции и затоа верувам кога кажува оти кога дознал за наградата почувствувал неверојатна слобода што не може да ја објасни.

Сепак, доследно на верувањето во контрадикциите и во неговата способност за контроверзии, ќе го почекаме 10 декември, датумот кога Хандке штотуку ќе напони 77 години, да видиме дали ќе ја прими наградата.

 

* Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во октомври 2019 година.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?