Книги

Игор Штикс: Живееме во грд свет што мора да се менува

Минатиот месец, на книжевниот фестивал „Bookstar“, имав можност да разговарам со писателот Игор Штикс. Штикс го запознав во студентските денови, преку романот „Столот на Елијах“ што го објавија „Или-или“ меѓу првите изданија на нивната законска едиција ПроАза, ама оттогаш се поминати петнаесетина години и впечатокот за книгата ми беше целосно избледнат. Позајмувањето на некој пријател излегло патување на книгата во една насока, па не можев од прва рака да се потсетам на содржината и, за мене најважното: на работите што тогаш ми се виделе интересни и значајни, а кои обично ги подвлекувам или запишувам на маргините.

Во меѓувреме за Штикс до мене допираа единствено вести за неговиот активизам и пропагирањето на левичарските идеи. Читањето на новите два романа „Сечилиште“ и „W“, кои излегоа од печат токму пред фестивалот, ми беше како ново откривање на Штикс како автор и некако неминовно ми се наметна да ги читам преку идеите и темите за кои говори јавно и кои го интересираат и како научник и истражувач на политиката и историјата. На тие теми се фокусираше и овој наш разговор.

Идентитетот е тема што се провлекува низ сите твои книжевни дела, а те интересира и како научник и истражувач. Имајќи го предвид целото твое знаење на темата, би можел ли полесно да кажеш кој си ти?

Не толку лесно и токму затоа пишувам. Кога би знаел да дадам едноставен одговор на тоа прашање, веројатно и целата магија би исчезнала 😊. Затоа што, всушност, тоа прашање го повлекува темелниот конфликт што го имаме, каде што се вкрстуваат колективните проекции на идентитетот со нашиот индивидуален живот.

Од мојата најрана возраст, од детството, коешто коинцидираше со распадот на Југославија, тоа прашање за мене е особено болно и се обидував да го одговорам со сите романи, со поезијата и со драмите, а и со мојата академска работа. Занимавањето со идентитетот за мене почнуваше со деконструкција и критика на редукцијата на идентитетот на потеклото, на родителите, на верата, нацијата, на етничкото, културното итн., затоа што нашата доба е обележана од тоа ние да изведуваме политички, а би можело да се каже и метафизички заклучоци од мистеријата околу потеклото, којашто сме одлучиле да ја фиксираме во некој колективен идентитет. Целата моја литература настанува во обидот на конкретна индивидуа, која би можела да се вика, на пример, Игор Штикс, да живее, прифати или да се бори против она што му се наметнува. Изборите се јасни – капитулација, прифаќање, откажување, егзил, борба… и претпоставувам дека и јас, како и сите други, сум мешавина од сите тие стратегии кои ги користи индивидуата за да живее во времето во коешто живее.

Ангажираната книжевност е книжевност што критикува, што повикува на превреднување на општествените вредности и на подобрување на системите во кои живееме, а твојата книжевност ја читам како 100% таква. Кога сфати дека ангажираноста е твојата сфера?

На некој начин ова е комплимент, ама е и обврска. Затоа што на прашањата што е ангажираната книжевност, што треба да направи – немам одговор. Ако е вистина тоа што го велиш, дека таа влијае на нашето разбирање на некои работи, тогаш би бил задоволен со тој резултат. Сам не сум уверен дека книжевноста може да го менува светот, ама на оние кои добро читаат може да им даде алат или оружје со кои можат подобро да живеат или со кои можат да го менуваат својот свет.

Инаку, кога ќе кажеме ангажирана книжевност, врз нас паѓа големото бреме на тоа што било ангажирана книжевност во 20. век. Кај најдобрите ангажирани писатели тоа значело дека писателот како личност е ангажиран, а неговата книжевност повикува на ангажман но нужно ги комплицира работите. Затоа што, кога вие сте во политичка борба, работите мора да бидат јасни и нема простор за тоа што го носи книжевноста – комплексност на ситуацијата.

И затоа најинтересни фигури во тој поглед се Брехт и Крлежа. Благородната идеја за Verfremdungseffekt на Бертолд Брехт, идејата дека откако гледачот ќе ја доживее неговата драмска инсценација ќе ги прифати и идеалите што стојат зад неа – мислам дека тоа обично не оди така. Тоа што гледачот може да го прифати е очигледната комплексност во рамки на која е потребно да се дејствува кон одредени идеали, а вистинската политичка борба се случува преку комплексни процеси, социјализација и политизација на индивидуата, кои потоа влијаат на одреден начин во одредени околности. Да не бидам премногу апстрактен – во тој процес на социјализација, разбирање и дејствување, книжевноста и уметноста имаат важна улога. Јас немам илузии дека мојата книжевност е ангажирана во таа смисла, но би сакал да верувам дека си во право и дека таа читателот не го остава рамнодушен, дека моите книги не се за на плажа, не се за одмор по работа или за пред спиење, сакам да верувам дека вознемируваат.

Во „Сечилиште“ и „W“, двата твои романа неодамна преведени на македонски,  ги користиш жанровските рамки на трилерот и на детективскиот роман. Дали е ова твоја јадица за да стигнеш до публика и надвор од затворените книжевни кругови, публика што веќе ужива во овие жанрови?

Да, таа јадица може да биде интересен трик, но од друга страна мислам дека луѓето кои сакаат класични трилери бргу ќе сфатат дека тоа е само јадица. Е, сега, дали ќе продолжат да ја читаат мојата книга кога ќе сфатат дека тоа не е баш трилер, тоа е друго прашање. Од Умберто Еко научивме дека можеме да ги користиме и трилерот и детективскиот роман и пак да направиме нешто сериозно. Вештачкото делење на книжевноста на висока и ниска е passé во вистинска смисла на зборот и отсекогаш било погрешно.

А, да, важно е уште нешто – важно е авторот да се забавува додека го пишува романот, односно и нему неговиот роман да му биде возбудлив. Иако го знае крајот, да не знае како ќе стигне до него и како ќе го напише.

А како може да се забавува човек кога пишува на тема војна, како во „Сечилиште“? И како може да наоѓа смисла во тоа? Историјата упорно се повторува и иако толку се пишувало за војните, човештвото како ништо да не научува и гледаме војни одново и одново…

Да, понекогаш е навистина обесхрабрувачки и губиме надеж кога ќе помислиме дека го повторуваме истото, дека истото се враќа, само има различни лица, различна боја на кожата, јазик, но дека во суштина е истата ситуација. И покрај тоа што „На запад ништо ново“ бил бестселер, Ерих Марија Ремарк не ја спречил Втората светска војна. Но, направил нешто. „Направил“ многу антифашисти, кои не ја прифатиле симплифицираната нацистичка хитлеровска пропаганда. Со своите дела успеал да покаже, како што тоа успеал да го покаже и Крлежа, дека постои важен начин со кој се гради борбата против војната и уништувањето, а кој не е наивен пацифизам и им дал многу силни аргументи на многумина и можеби на повеќемина отколку класичната идеолошка литература, опишувајќи ги стравотиите на војната.

Ние мораме да веруваме во тоа. Не можеме да веруваме дека книжевноста, уметноста ќе спречи какви било конфликти, но можеме да веруваме дека е можно да се влијае на одредени луѓе, кои подоцна ќе станат клучни во оние војни што нема да ги избегнеме. Тие ќе бидат важни за да победиме во тие војни.

Новите генерации редовно не можат да ги разберат тие пред нив и нивните борби за менување на светот и за подобро утре. Ова е тема која се провлекува и низ „Сечилиште“, каде што Игор се фали со својот досетлив графит „Среќна Нова шеесосма“, а и во „W“, твојот последен роман, каде што протестите во Франција пролетта ’68 заземаат значајно место. Сепак, излегува дека со менувањето на генерациите, едноставно, се менуваат само илузиите?

Романот „W“ има еден меланхоличен поглед на времето во кое постоеле важни илузии, илузии кои создавале свет. Тој говори за тоа како сме ги изгубиле тие илузии и како навистина сите ќе можеме да живееме во свет без илузии, а без илузии нема надеж. Притоа кога велам илузија мислам во позитивна смисла, на илузија која тера на дејствување.

Во суштина, на сон, на сонот од „I have a dream!

Да, тоа е тоа. Ние сме се откажале од сонот, како жртви на еден доминантен модел кој можеме да го наречеме неолиберален капитализам, кој ни вели: ова е отприлика целта на човековото постоење – слободен пазар во кој само мал број луѓе победуваат, во кој мнозинството губи; нееднаквоста си е таква каква што е; судбина е раѓањето, класата, која всушност нема да се промени, а вие можете само да се утешите со некој нов ајфон, со некој нов производ. Навистина грд свет, грд свет кој не ни дава можност да бидеме подобри.

Затворени во оваа лудница, не треба да нè чуди што некои луѓе во овој свет без иднина, без соништа и без позитивни илузии ќе забегаат во верски фанатизам, ќе веруваат во теории на заговор или во тоа дека одредено етничко или верско потекло е клучот за сè, дека остваруваат некаквиси замисли на предците и догмите ги претставуваат како вистина на живеењето.

Интересно е што многу бавно доаѓаме до идеи за тоа дека светот може да биде поинаков, и покрај тоа што условите во кои живееме се скандалозни. Да, левицата изгуби во 70-те години, но таа секогаш живеела преку идеите за еманципација и слобода. Без оглед на тоа што искуствата од 20. век и од некои режими што се повикуваа на левицата и на социјализмот беа лоши или во некои аспекти и катастрофални, левичарските идеи нема да умрат. Кога гледате неправда, ќе кажете дека е неправда. Кога ќе видите нееднаквост, ќе кажете дека ви е потребно нешто друго, дека мораме да смислиме, дека веројатно сме доволно способни да смислиме нешто подобро. А мојот роман „W“ повикува на нешто што ни е неопходно пред да почнеме да замислуваме поинаков свет, а тоа е да сфатиме што ни се случило. Тоа е неговата и книжевна, и интелектуална, и политичка амбиција.

А дали навистина имаме капацитет да дознаеме што ни се случило? Живееме во инстант-време, кога луѓето не можат да се фокусираат на нешто подолго од две минути, а да не зборуваме за едукација преку книги, историја…

Сега сме така кондиционирани што немаме време за ништо, вниманието ни е многу мало и затоа можат да ни се продаваат различни „вистини“. Меѓутоа, оддалечувањето неопходно подразбира поглед во минатото и нормално дека тоа не може да биде работа на сите. Имаме можности да им се вратиме на архивите на минатото кои не се изгорени, кои не се фрлени на ѓубриште, кои не се пратени во сечилиште и во нив да бараме идеи за иднината. Тие цело време се таму, само прашање е дали ќе го најдеме патот што води до нив и како ќе дејствуваме потоа. Тоа е нешто на што не постои одговор.

Често ме прашуваат „Па што да се прави?“ Одговорот е дека историски секогаш станувало збор за коктел од идеи, околности, услови и можеби среќа светот да се менува. И тогаш кога го менувате, можеби го менувате на подобро, ама прашање е на кој начин, прашање е колку ќе трае тој процес, прашање е дали можете насилниот свет да го менувате со убави слогани или со убави намери. Изгледа дека бруталниот насилен свет не може да менува поинаку освен со насилство. Но со какво насилство? Што подразбира тоа во морална и во политичка смисла, со оглед на тоа што тврдите дека се вашите идеали? Значи, сите прашања што постоеле во 19. и во 20. век, и ние ќе мораме да ги одговориме во 21. век, но секако, во други околности.

Во „W во повеќе наврати алудираш на Шехерезада, која животот си го спасува раскажувајќи приказни. Нашиот најзначаен драматург, Горан Стефановски, во своето пристапно обраќање во МАНУ има кажано: „Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, имаат совршен вроден инстинкт за ткаење мрежи. Луѓето, за да преживеат, имаат совршен вроден инстинкт за ткаење приказни – за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се с’рж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет.“ Може ли човек да го „спаси“ човештвото со приказни?

Спасувањето на човештвото нема да може да се случи без нарација, без слики, без прикажување, без раскажување. На цитатот на Стефановски би можел да одговорам повикувајќи се на францускиот филозоф Жак Ранасиер, кој вели дека Аристотел е во право, ние сме политички животни, но ние сме и уште нешто – ние сме и книжевни животни, затоа што можеме и ни треба да бидеме заведени од сликите и приказните.

А со тоа доаѓаат и стравовите за тоа од какви сè не стравотни приказни можеме да бидеме заведени и подведени…

Потполно си во право и како што гледаме, многу луѓе се заведени од верскиот фанатизам, национализмот и идејата дека светот треба да го сочинуваат раздвоени групи, со доминација на една група над друга или со експлоатација на другите.

Секако, и Стефановски и Рансиер мислат на нешто што нè прави подобри. Тоа треба да значи дека за некој подобар свет можеме да го искористиме тоа што ни е инхерентно, тоа што сме книжевни животни, но прашање е и дали ќе можеме да ја спроведеме таа идеја. Тука почнува вистинската политика, која е помалку романтична и многу реална, а тоа е дека едноставно ќе морате да победите во тој политички свет, што е навистина тешко, но не и невозможно.


Фотографии: Наташа Атанасова

Наташа Атанасова

...