Книги

Како беше исечен цутот на „Кога цветаа тиквите“

Октомври* е месец кога делото „Кога цветаа тиквите“ на српскиот автор Драгослав Михаиловиќ слави немила годишнина. Имено, во октомври 1969 година, драмата базирана на овој роман, доживеала јавна осуда од страна на Тито и веднаш била тргната од репертоарот на Југословенскиот драмски театар.

Пред точно половина век, по говорот на Јосип Броз Тито на еден земјоделски митинг во Зрењанин, претставата „Кога цветаа тиквите“ била тргната од репертоарот на Југословенскиот драмски театар во Белград. Тито ѝ судел на претставата што воопшто и ја немал гледано, како што кажува и самиот во говорот, и ѝ пресудил врз основа на тоа што од блиски партиски луѓе му било пренесено дека во неа има идеи кои го поткопуваат социјалистичкиот систем што го градела Југославија.

Дел од говорот на Тито за книгата (1969)

Драмата имала доживеано пет изведувања и до тој момент од културните работници и од критиката добивала само пофални зборови. Низ весниците со восхит се воспевала неверојатната работа на режисерот Боро Драшковиќ, совршената глума на глумците, како и одличното сценарио на Михаиловиќ.

По јавниот напад од страна на Тито, според сеќавањата на Михаило Јанкетиќ, кој го глумел Љуба Шампионот, главниот лик од „Тиквите“, истите тие критичари ги свртеле своите мислења и почнале да се занимаваат со политичко коментирање на настаните од приказната и со нејзино осудување.

Зошто „Тиквите“ толку тешко му паднале на Тито?

Новелата „Кога тиквите цветаа“ или во оригинал „Кад су цветале тикве“ е приказна за Љуба Шампион, еден обичен мал човек израснат меѓу мали луѓе за време на и по Втората светска војна. Воспитуван во просто работничко семејство, животот на Љуба и на неговото семејство е постојано на работ на сиромаштијата и преживувањето на маргините на Белград.

Приказната ја раскажува самиот Љуба Сретеновиќ-Шампион, во една исповедна форма која на читателот му дава впечаток дека седи очи в очи со него и го слуша. Романот почнува со познатите зборови „Не, нема да се вратам“, и ја следи судбината на Љуба, за кој насилството е единствен услов за опстанок.

Младиот маалски мангуп кој живее за и во име на боксот, ќе ги проголтува сите горчини на животот откако татко му и брат му ќе бидат уапсени затоа што слушале руско радио, а брат му ќе биде однесен на Голи Оток. Додека семејството на Љуба полека но сигурно се распаѓа, во еден излив на бес и во афект Љуба на претседателот на боксерскиот клуб во кој членува, а кој е единствениот човек близок до партијата кој може да му даде информации за тоа што се случува со брат му, му вели „Полоши сте од Германците“ на тој начин осудувајќи го новото општество во изградба кое требало да биде целосна спротивност на она против кое се борел југословенскиот народ во Втората светска војна.

Љуба раскажува од дистанца, откако повеќе од десет години живее во Шведска со својата сопруга Швеѓанка и нејзиниот син, каде повремено го фаќаат напади на носталгија, кои ги лечи со долго возење до границите на Југославија, немање сили повторно да се соочи со неа и враќање назад. Животот во романот е живот во кој границите на човештината и моралот се целосно избришани.

Од една страна, романот е впечатлива, силна и вознемирувачка приказна за судбината на „еден човек кој сè уште може да се потпре – само на војната“, како што велат последните зборови од ова дело, а од друга тој е и сведоштво за историските социјално-политички превирања од не толку далечното минато на Југославија.

Во напад и одбрана на „Тиквите“

Кога излегол во 1968 година, романот „Кога цветаа тиквите“ не ја добил најценетата награда во време на Југославија, „Ниновата награда“, па многумина веруваат дека токму затоа тогаш не бил фатен на политичкиот радар. Но, кога бил претворен во претстава, работите се смениле. Всушност, станувало збор за прво излегување на сцена на темите како Голи Оток и политичката пресметка со неистомислениците на власта, за кои јавно речиси никогаш не се зборувало. Југословенскиот драмски театар во тоа време бил од огромно значење за држава – бил основан со указ на Тито и секој збор изговорен на таа сцена имал специфична тежина.

Така, „Тиквите“, кои се појавиле во фамозната ’68, годината кога сите верувале дека се поместиле границите на слободата во општеството, дека има простор за критичко мислење и творечка слобода, парадоксално доживеале само пет изведувања како драма, пред да бидат замолчени.

Ретко кој можел да претпостави дека во тоа време може да дојде до директна забрана на едно уметничко дело, затоа што тоа не личело на Тито, кој пред тоа само Бранко Ќопиќ го имал директно споменато на тој начин, неколку години пред тоа. Сепак, исто како и Ќопиќ, и Михаиловиќ ова не го исплашило. Напротив, јавната критика од страна на Маршалот ја сфатил како гаранција дека главата ќе му остане на рамена, а дополнителна сигурност му влевало и уверението дека тогашниот академик и нобеловец Иво Андриќ бил на негова страна и заштитнички се однесувал кон него.

Уште повеќе, Михаиловиќ продолжил темата за Голи Оток да ја обработува низ своите дела, а за тоа зборувал и во својата воведна реч при пристапувањето во Српската академија на науките и уметностите. „Тешко е да се пишува за работи кои имаат својата конструкција и евиденција и бројки, а вие тоа не го знаете, затоа што и понатаму не постои отворена документација за Голи Оток, достапна за користење од страна на јавноста и публицистиката“, вели Михаиловиќ.

Од забрана до култ

Краткиот роман „Кога цветаа тиквите“, припадник на т.н. „црн бран“ од југословенската книжевност, подоцна ќе стане култен роман, омилено четиво на многу генерации и ќе влезе во задолжителна лектира во Србија.

Според мислењето на многу критичари, тоа е најдобриот српски краток роман од втората половина на ХХ век. Иво Андриќ, откако го исчитал романот за Михаиловиќ имал кажано „Го најдов мојот писател“, а романот му бил омилен и на големиот Данило Киш, кој и самиот изгнаник од својата земја, особено ја сакал првата реченица.

На македонски, романот „Кога цветаа тиквите“ е издаден дури во 2017 година, од издавачката куќа „Темплум“, во превод на Иван Шопов.

Што се однесува до драмата, од 2014 година наваму таа е на репертоарот на Белградскиот драмски театар во режија на Бобан Скерлиќ, со Милош Биковиќ во главната улога.

 

* Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во октомври 2019 година.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?