Макендо

Наце Попов: Македонската природа е рај за очи

На Фејсбук ќе го најдете како Наце Попов Македонски. Неговите фотографии зрачат со магнетска привлечност кон Македонија и се вистински прозорец кон природните убавини на нашата земја, во кои ние луѓето заробени меѓу бетонот и асфалтот, ретко кога погледнуваме со свои очи.

Да се фотографираат пејзажи значи да се биде во дослух со природата. На природата ѝ требале милиони и милиони години за да го направи тоа што го направила, па пристапот за уловување на нејзините убавини не може да биде поинаков освен милиони и милиони мигови гледање и чувствување на тоа што го нуди таа.

Наце е таков човек. Ужива во природата и во самотијата во неа. Надарен со трпеливост и со око за препознавање на најубавото, низ годините на постојано шетање и фотографирање, се изградил во вистински мајстор на пејзажната фотографија кај нас. По излетот минатиот викенд поминат со него на Лешница, за мене новооткриена убавина во срцето на Шар Планина, уживање ми беше и правењето на ова интервју со човекот кој преку своите фотографии и монографии сака да им ја остави во аманет убавината на Македонија на идните поколенија.

Како почна твојата фотографска кариера, како се случи да се вљубиш во фотографијата и во фотографирањето природа?

Па, сосема случајно дојде тоа, од една друга љубов, мојата прва сериозна врска со девојка. Јас и претходно одев со другари на Водно и на други врвови во околината, зашто никогаш не сум сакал скриени работи и отсекогаш сум бил страшно љубопитен да дознаам што има позади. И, кога се запознав со девојкава, ме повика да одиме на Пелистер, била во планинарско друштво.

Кога отидов таму, буквално се вљубив во планинарењето. Не дека бев со девојка таму 😊, ама толку се воодушевив од природата, од езерата, Пелистерските Очи, па спиевме во домот и таа атмосфера ме понесе и така почна мојата втора љубов, планинарењето.

Со текот на времето, кога сфатив дека не можам да го пренесам дома или на пријателите тоа што сум го видел реков, чекај, ова треба да се фотографира. И така пред триесетина години од мајка ми го добив мојот прв мануелен фотоапарат Зенит и каде и да одев го носев. Па, природно од една љубов, ги споив сите три: природата, планирањето и фотографијата и до ден-денес сум среќен што го работам тоа што сакам да го работам.

Колку време требаше да помине за да исфотографираш голем дел од Македонија и да си речеш – имам материјал за книга? Или за да чујат луѓето за тебе…

Да, луѓето почнаа сами да ме бараат, муабетот се пренесувал од еден на друг, се кажувало дека правам такви фотографии. Прво ми се јавија од една печатница за календар за „Фершпед“, кои правеа уникатни календари, со огромни фотографии и тогаш првпат сфатив дека од фотографиите може да се живее. Па почнав и со фотографски услуги, фотографирање на настани и свадби, иако претежно работам за мои блиски пријатели. Тоа придонесе да се засилат моите патувања низ Македонија, планинарењето и правењето огромна архива за Македонија. Со текот на времето од природата си ја проширив фотографската дејност на црквите и манастирите, па археолошките локалитети, градовите, селата, луѓето во нив… Обожавам да фотографирам и се гордеам што имам најголема архива од фотографии од Македонија.

Како дојде до соработката со „Младинска книга“ за чудесната монографија „Чудесна Македонија“?

Тогашниот директор Грегор Медвед ме најде. Шетајќи и барајќи фотограф за нивниот прв национален проект, монографијата „Чудесна Македонија“, налетал на моите разгледници во „Икона“ каде што имав оставено е-меил и ми пиша да се видиме. Седнавме, му го покажав она што го работам и Грегор се воодушеви, па веднаш се договоривме да го почнеме проектот.

Со самото тоа што го сработив тој огромен капитален проект за Македонија, каков што досега никој нема издадено, од „Младинска книга“ беа задоволни од соработката и ми предложија да продолжиме со работа, па од една стигнавме до три монографии. Втора беше „Македонски цркви и манастири“, која беше исклучително тешка за работа, бидејќи за црквите и манастирите требаат дозволи за фотографирање, особено за внатре, па да го најдеш човекот што треба да ти отклучи… Меѓутоа, успеавме и тоа да го завршиме, а потоа следуваше и третиот нивни национален проект, „Македонски слави“, за кој беше потребно фотографирање на икони и фрески од сите светци кои се слават во Македонија. Така што, со „Младинска книга“ имав долга и успешна соработка која траеше цели 5 години.

А како одеше целиот процес – тие имаа план за тоа што сè треба да влезе во книгите или се консултираа со тебе?

Се консултираа со мене. Тие се странци и не ги знаат сите убавини на Македонија, па и црквите исто не ги знаеја. Концептите беа на мој предлог, па дури и јас го формирав тимот од текстописци, а на нив остана дизајнот и печатот. Имаат одлични дизајнери, а и печатницата во Суботица им е феноменална и тоа ме воодушевува, ама затоа и се толку успешни, бидејќи знаат како да работат. За жал, кај нас во Македонија ме имаат и мене, и еден куп фотографи и доста добри дизајнери, ама нема кој да почне и да заврши една ваква голема идеја.

И потоа, бидејќи од „Младинска книга“ не беа расположени за монографии на англиски, си реков зошто не продолжам сам да работам книги за Македонија, кога веќе имам идеја, фотографии, ги имам луѓето: лектори, уредници, текстописци… и почнав соработка со „Табернакул“ за мојата прва монографија на англиски The Soul of Macedonia, за убавината, мистичноста и духовноста на најубавите свети храмови кај нас. Сега при крај е издавањето на втората моја самостојна книга, Beautiful Macedonia за природните убавини на Македонија на англиски јазик.

Од каде ти доаѓа љубовта кон Македонија – дали од тоа што го гледаш однадвор или од тоа што си однатре?

Па не знам, никој не ме учел сакај си ги корените, сакај ја Македонија, едноставно така чувствувам, си ја сакам земјава без разлика на сите проблеми што ги има. Сум имал милион шанси да отидам во странство, сум имал директна понуда да одам да работам во Канада и тоа за луѓето што ги обожавам, Индијанците, меѓутоа решив да останам тука и не се каам.

Каква е во твоите очи Македонија од времето кога си почнал да ја фотографираш пред 30 години досега, дали се има променето многу?

Луѓето се многу сменети на полошо. Телевизиската и интернет-пропагандата влезе во мозоците на многу луѓе и, за жал, станаа: овци!

Овците се преубави животни, меѓутоа не размислуваат со своја глава, гледаат само да се најадат и како што ќе тргне една овца, сите по неа… И гледам дека сè повеќе и повеќе луѓето ги губат вредностите кои ги имавме како нација, како народ. Не се почитува веќе ни семејство, ни фамилија, секој гледа личен интерес, пред сè парата, материјалната вредност пред духовната и многумина ја напуштаат земјата. Не е сè во парите, ама ете, тоа е тоа.

Каде на друго место ќе се чувствуваш свој ако не дома…

Моите се од село Сушица, струмичко, богато село, сите имаат огромни ниви и до пред 20 години се занимаваа со земјоделство и се живееше феноменално. Обожавав да одам на село, затоа што кога одев таму гледав дека сите се весели и расположени, нижеа тутун со музика и уживаа во животот.

И наеднаш пред 10-15 години се смени сè. Како да пукна нешто. Почнаа да никнуваат некои сè ми се чини измислени статии по весниците за среќни млади брачни барови кои се иселиле од Македонија.  Буквално приказни. И еден по еден и моите братучеди оттаму се иселија во Словенија. А кога ќе заминеш, срам ти е да се пожалиш дека таму не чини. Само за платите се фалиш. И, големите и богати струмички села сега не можеш да ги познаеш, пола куќи се празни, нема кој да ги работи нивите, тотална трансформација… Исто како Мариово – масовна миграција и од преубави и богати предели коишто имале млеко и овци буквално за цела Југославија, наеднаш сè да пропадне. Зошто?! Од златна работа дома да си работиш, свои пиперки да си одгледуваш или бостан, да одиш да го работиш во туѓа земја тоа што го работат најнеобразованите. Куќите им пропаѓаат, им пропаѓаат нивите, целото богатство… за 500 евра што ќе им останат на крајот на месецот, да одиш по бел свет, да се изгубиш и ти и децата, целиот живот да си го смениш… за мене е тоа: имаш пари – немаш живот.

Оттаму ти дојде идејата за „Заборавена Македонија“?

Многу ги сакам старите села низ Македонија, особено оние заборавените, напуштените. Ми зрачат со некоја духовна убавина којашто сакам да ја ставам во книга. Паралелно со другите проекти, размислувам и работам и на таа монографија: „Заборавена Македонија“. Од напуштените села, кои се премногу како бројка, веројатно ќе влезат околу 40 локации. Каде што има луѓе сакам да ги фотографирам и нив, сакам да го покажам и животот меѓу напуштените рушевини.

Идејата си тлееше во мене, ама еден наш човек, иселеник во Австралија ме поттикна да почнам да работам на неа. Дојден на самитот „Македонија 2025“ човекот на 80 и некоја година ја виде мојата „Чудесна Македонија“ и почна да плаче. Толку беше емотивно погоден од сето тоа што го гледа, па дури сум успеал да ја фотографирам и куќата на татко му во едно мариовско село, што решив дека мора да направам нешто со што би ги поттикнал нашиве луѓе и следниве генерации да си го сакаат она што е оставено зад нас како минато. Градовите, зградите и бетонот – корените не ни се оттука, туку коренот ни се нешто сосема друго.

Тоа може да се стави во книгата, но дали така ќе се допре до младите? Како да се бори човек со големата убеденост дека таму некаде на друго место е подобро, дека во туѓиот двор тревата е позелена?

Желбата да ги поттикнам младите, оние до кај 30 години, да си ја запознаат Македонија ми е ѕвезда-водилка. Сакам да видат какви сè убавини имаме, сакам да видат каков рај за очи е природата во Македонија. Иако не сум многу љубител на социјалните мрежи, намерно ги отворив тие мои порти и ги примив сите што ме бараа за пријател за да запознаам колку што може повеќе луѓе не само со мојата работа, туку со убавините на Македонија. На луѓето им се допаѓаат местата што ги гледаат и се чудат каде е ова, можно ли е да е во Македонија?! Па ќе прашаат може ли да дојдеме со тебе и почнав да правам тури и да носам луѓе на моите патувања. Последен пат кога бев во Мариово видов 20-тина млади дечки, кои на велосипеди, кои пешачеа и многу ме израдува што дошле да ги видат тие места. Почнаа да се отвораат и некои етно куќи со места за ноќевање и на тој начин можеби ќе се вратат малку младите натаму. Можеби ќе добијат идеја да вложат, на пример, во алтернативен селски туризам.

Таа твоја мисија очигледно допре и до мене 😊. Имено, поттикот за ова интервју беа твоите фотографии на Фејсбук за проектот Macedonia from the Air. Што е целата идеја и до каде си со реализацијата?

Да, во тек ми е и работата со мојата нова играчка, фотографија со дрон и таа фотомонографија ќе биде еден сосема нов поглед за нашето поднебје. Ако печатењето тираж на една книга поезија или проза чини 1.000 евра, за една монографија е минимум 15.000 евра. Дополнително, Macedonia from the Air е огромен проект: дрон што чини многу и патувања во голем дел со теренски возила, кои исто чинат многу.

Сето тоа се навистина големи трошоци, па се решив да пробам со нов начин на финансирање, преку GoFundMe, што беше идеја на една пријателка од Англија. Има 2-3 недели откако го отворив и сè уште не сум се активирал за да го прошириме линкот со сите сили и да видиме што можеме заеднички. Се надевам дека ќе успееме да собереме доволно средства за без проблем да го завршиме тој проект.

Планирано ми е да биде до крајот на годинава, бидејќи сакам да фатам разни временски сезони на околу 40 локации. А работењето со дрон е доста потешко отколку со фотоапарат бидејќи батеријата трае до половина час, дронот се качува на висина од 150 метри и оди до 1,5 км во далечина, па треба да се внимава и на него, оти многу лесно може да го снема или да се оштети, како што ми падна еднаш во Берово. Поспецифично е исто така и фотографирањето од горе, фотографиите ги контролираш од далеку, меѓутоа и огромен предизвик ми е затоа што не сум го работел досега и самата фотографија композициски е нешто сосема друго.

Колку е важна техниката за ваков тип на фотографии, а колку е важно да имаш око? 

Кога ќе кажеш дека работиш пејзажна фотографија и фотографираш природа луѓето си мислат дека тоа е многу лесно и едноставно, оти, нели, природата си е таква каква што е, меѓутоа и природата бара светло. Јас сум бил буквално по 10 пати на едно исто место и секојпат е различно. Проблем е кога ќе отидеш 50-100 км надвор од Скопје за да фотографираш нешто и ти е тмурно или врне, грми, а на планина за 20 минути можат да се сменат три годишни времиња. Па ќе си речеш ќе се вратам другпат, па тој период не можеш да одиш, а сакаш пролетни или есенски фотографии и пак си го пропуштил моментот… Тоа е доста комплицирано и треба да се погоди и моментот, и малку да имаш среќа, малку да бидеш упорен.

Техниката како техника – има влијание, меѓутоа за мене нема многу. Денес професионалните фотоапарати и телефоните со добри камери се достапни за секого, меѓутоа не е важен алатот, колку што е важен мајсторот. Добар мајстор може да работи и со обична алатка за да направи врвен производ, а тој што не го бива и најдобриот алат ќе го упропасти. Така што, пред сè, многу е важно да знаеш што сакаш, да го сакаш тоа што го работиш, а за алатот – ќе знаеш како да го искористиш за да го добиеш тоа што го бараш. Ако луѓето поаѓаат од тоа, да го сакаат тоа што го работат, резултатот сигурно ќе биде квалитетен производ и задоволство од работата.

А што е со разно-разните филтри за менување на сликата низ објективот и со обработката на фотографиите – си имаш ли играно со тоа?

Претежно гледам моите фотографии да бидат колку што е можно поприродни. Прво, немам нерви за да седам со саати на компјутер, одвај седнувам и за да правам избор на фотографиите, зошто мене како автор сите ми се убави. Второ, да обработувам до детали, па да бришам или да менувам небо, позадини – не ми е тоа реално и не ми е тоа стилот. Евентуално можам да сменам контраст, да осветлам или затемнам некој дел, но генерално сметам дека постпродукцијата е работа на други луѓе, на дизајнери, а мојата како фотограф е да фотографирам. Од филтри користам само поларизер, којшто е за доловување поприродна боја на небото и за водните површини да добијат малку длабина, да нема отсјај од езерата или реките. Друго ниту би користел, ниту имам потреба да користам.

И, за крај, сите прашуваат може ли убавината да го спаси светот, а мене ме интересира: може ли фотографијата да ја „спаси“ Македонија?

Започнав да фотографирам за да ја доловам, заробам убавината. На крај убавината ме зароби мене. А за Македонија, ако не успеам да ја спасам, барем сум сигурен дека многу ќе помогнам да не се заборави.

Наташа А.

https://blen.mk/jas/

Што мислиш ти?