Европски

Марио Маријани: Одам отаде обичните звуци на пијаното

Марио Маријани, човек кој лесно можете и во живо да го помешате со Хавиер Бардем, е уметник кој има чувство за маркетинг, онака како што имал и неговиот сонародник, италијанскиот режисер Џовани Пастроне, кој на својот филм „Кабирија“ втората деценија на 20. век (1914) потпишал двајца пославни уметници за да успее полесно да го пробие низ светот.

Маријани не го прави тоа, но тој живее во втората деценија на 21. век и знае дека тоа веќе не пали. За промоција на својата уметност, денес е доволно да си го испеете и исвирите своето CV во едно вакво видео:

И сите ќе сакаат да ве слушнат.

Во рамки на неделата на италијанскиот јазик*, која свечено беше отворена во македонската Кинотека, со проекција на немиот филм „Кабирија“, имавме можност да го видиме и чуеме во живо. Марио Маријани со своја изведба на пијано на авторска реинтерпретација и импровизација на музика за немиот филм, придонесе за неповторливо естетско уживање на публиката.

Утрото пред настапот, имавме можност да го запознаеме и да го замуабетиме.

Од сите инструменти на светот – зошто баш пијаното?

Добро прашање! Не знам :). Кога бев многу млад, моите родители ми подарија мала бучна Бонтемпи клавијатура. Со овој подарок се обидував да свирам и бев навистина музикален. Слушав музика на телевизија и ја свирев. Потоа побарав да ме запишат на часови по пијано, затоа што не ме биваше за спорт, за кошарка, на пример, како што играа моите соученици од основно… Музиката ми значеше и ми даваше смисла. И потоа се запишав во музичко училиште. Кога подоцна почнав да си го носам пијаното насекаде со мене, па и на некои чудни места како пештери и шуми, човек да си помисли зошто не сум зел да свирам на флејта :). Сепак, пијаното е мојот инструмент – го истражував пијаното и внатрешноста на пијаното и тоа истражување сè уште не е завршено.

Неконвенционалното свирење на пијано е инвенција на Џон Кејџ од триесеттите години на 20. век. Кога почна ти да експериментираш?

Многу рано почнав да ја користам продолжената техника. Не сакам да ја нарекувам препарирано пијано, како што ја нарекувал Џон Кејџ, затоа што моето пијано не е препарирано, јас ги држам моите алатки: сите синџири, топчиња и останатите чудни работи и ги користам со импровизација. Кејџ во неговите партитури пишувал точно кое каде треба да стои, на колку сантиметри оддалечено од што… Не и јас. За мене, тоа е импровизација. Затоа, го претпочитам терминот техника на продолжено пијано. И свирам пијано со оваа техника повеќе од 20 години. Причината е едноставна – имав пијано од почетокот на минатиот век, од 1906 година, прекрасно зачувано пијано кое беше во навистина лоша форма. И свирев и свирев на ова пијано кое немаше никаков механички одговор. Тоа што од него не можев да го добијам преку клавијатурата со класичната техника, се обидов да го најдам внатре во инструментот и ја развив оваа техника. Така, на пример, сега користам шејкер за инстант кафе за да добијам мандолински ефект. Инаку, пред две години, конечно, го реставрирав старото пијано.

Имаш ли некогаш зезнато некое пијано?

Не, не, не, сè е целосно безбедно! Знам дека штимерите и дистрибутерите на пијана се исплашени, но мојата техника навистина не носи никакви проблеми :D.

Преку твојата техника сакаш да го постигнеш тоа што го нарекуваш „утопија на звукот“. Можеш ли да го објасниш овој концепт?

Утопијата на звукот е моја стара идеја. И името на мојот прв албум е „Утопијано“. Станува збор за една пијаноутопија – како што е утопијата место што не постои или имагинарно место, така и јас имам имагинарни звуци што сакам да ги репродуцирам, што сакам да ги отсвирам на моето пијано. Сакам да отидам отаде обичните звуци на пијаното. Се разбира, ако ги слушате големите пијанисти, ударите на Глен Гулд се поинакви од ударите на Хоровиц, на Брендел или на Маурицио Полини. Сум се обидел и да свртам кон друг тип звук. Во главата го имам звукот на цел оркестар и звукот на синтисајзерот. Обожавам синтисајзери, ги имам околу 70 во моето студио. Така што, сакам да го изградам звукот од темел, бидејќи… дури и со пијаното не можете да правите огромни модификации. Јас само ставам нешто на жиците и потоа го тргнувам – го имам природниот звук на пијаното и потоа овој тип на модифицирано пијано.

Во 2010 живееше цел месец во пештера и ги честеше присутните секоја вечер со твојата музика. Во 2011 изгради мал театар во шума и направи фестивал со меѓународни уметници. Што значат за тебе овие уметнички авантури?

„Пештерското“ искуство ми значеше навистина многу. Тоа беше целосно мој проект. Имам мала куќа на планина во централна Италија и еден ден се шетав низ шума, кога здогледав совршена дупка – иста како театар, околу 7 на 9 метри долга и широка и 5-6 метри висока. Совршена акустика. Веднаш си реков, којзнае како би било да донесам тука пијано. И беше како во „Фицкаралдо“ на Вернер Херцог: го спакувавме пијаното и успеавме да го внесеме со одвај неколку сантиметри луфт. И, кога веќе бевме внатре, си останавме цел месец. Ноќно време спиев во шатор веднаш до пијаното, преку ден се подготвував, а навечер свирев. Поканив многу пријатели и настаните донесоа многу луѓе. Имаше многу музичари со кои заедно свиревме и заедно импровизиравме. Секој ден во тој еден месец имав јавен концерт за публиката.

А авантурата дојде откако цело лето немав ниту еден настап. Толку многу работи имав направено, толку силно CV имав набиено и ете – ниеден летен настап. Но, можев или да кукам колку е тежок животот на уметникот или да побарам дозвола од градоначалникот да ми дозволи да влезам во пештерата. За среќа, и тој беше откачен, ми дозволи и го направивме тоа што го направивме.

Следната година, за да не останам познат како пештерскиот пијанист :), најдов една прекрасна шума со борови и таму направивме фестивал, кој исто така траеше цел месец.

Имаш ли на ум уште некоја пијановентура?

О, да, ги имам многу! На една веќе ѝ имам дадено и име: „Un piano per Africa“ што во превод од италијански значи и „Пијано за Африка“, но и „План за Африка“. Ја замислувам како тура на импровизации со африкански музичари. Ги обожавам Африканците – ќе најдат некој предмет што го исфрлило морето на брегот и од него ќе направат инструмент! Исти се како мене, како тоа што јас го правам со пијаното. Сакам оваа тура да ја искористам како повод за собирање средства од спонзори со кои ќе им помогнеме на луѓето таму да изградат училиште, болница, тресетиште…

Во едно твое предавање, велиш дека режисерите се луѓе што бараат „силна музика што треба да звучи како оркестар со 80 изведувачи, но по цена на еден мандолинист“. Со оглед на тоа што имаш напишано музика за дваесетина филмови, би рекла дека прилично добро излегуваш на крај со режисерите. Но, дали некогаш на некоја премиера си си рекол: „Можеше подобро!“?

Филмовите не ги гледам за првпат на премиерата, туку ги гледам одново и одново и одново за време на постпродукцијата. Но, кога ќе ја слушнам музиката на звучници во кино, првото нешто што го забележувам се грешките. Без разлика дали станува збор за органската или за залепената музика, секогаш размислувам како тоа да се направи подобро следниот пат. Следниот пат, нели, се обидувам да ги избегнам грешките од претходниот, но правам други и така… :).

Во истото предавање, правејќи паралела со теоријата дека човекот користи само 10% од капацитетот на мозокот, велиш дека и класичните пијанисти користат само 10% од можностите на пијаното. Колку проценти успеваш да искористиш ти?

Пред нас е пијаното – клавијатурата е 10% од него, а жиците се останатите 90%. Така што, се обидувам да достигнам колку што е можно повеќе проценти… или колку што ми досегаат рацете!

Што можеме да очекуваме вечерва од твојот концерт за време на проекцијата на „Кабирија“?

Не знам, ќе биде импровизација. Во овој случај, како и во други слични проекти, сакам да свирам при проекција на неми филмови. Потребно ми е совршено да го знам дејството на филмот, да гледам што се случува и на некој начин да го дизајнирам звукот според тоа. На пример, се уриваат градби и јас ги правам тие звуци со пијаното.

Сепак, во овој случај, се потпирам на музиката што ја имаат правено Илдебрандо Пицети и Манило Маца, композиторите на оригиналната музика на „Кабирија“. Имам неколку теми од Маца, кои ќе ги свирам интегрално, како што е „Огнената симфонија“ од Пицети. Ја свирам, но и импровизирам при свирењето.

Кога свирам цело време погледот ми е втренчен во екранот, сите три часа. Постоиме само јас и филмот, нема ништо друго наоколу – ни сала, ни публика. Иако се надевам дека ќе има публика и дека ќе уживаат.

 

* Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во октомври 2019 година.

 

Фото: Наташа А.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?