Домашни

Ирена Јурчева: За да се преведе вакво дело, треба занес

Постојат автори со толку голема имагинација, што кога ќе отворите нивна книга се чувствувате како џуџе исправено пред Монт Еверест. Џ.Р.Р. Толкин сигурно е еден од најголемите автори на херојска фантастика, пред чиј митско-фантастичен универзум просто се подзинува. Уште повеќе, ако тој универзум ви е достапен на мајчиниот јазик, па влезот и престојот во него стануваат многу повозбудливи.

На почетокот од годинава на македонски излезе „Силмарилион“, делото кое ја дава широката слика на историјата на Средната Земја, во која се сместени дејствата на Хобитот и Господарот на прстените. Ова капитално дело, кое сите треба да се гордееме што ја виде светлината на македонскиот јазик, ни е достапно благодарение на трудот на преведувачката Ирена Јурчева, која, како што вели, во работата го слушала советот на нејзиниот омилен професор Драги Михајловски дека преведувањето „мора да биде со љубов и во детаљ”.

„Силмарилион“ на македонски е токму таков – во секој ред радуваат фино избрусените детали, а од секоја страница испарува вложената љубов. Ова интервју е оддавање чест на овој херојски преведувачки подвиг и, во исто време, искажување благодарност во името на сите сегашни и идни читатели.

За почеток, ме интересираат две работи: прво, од кога се занимаваш со книжевен превод, а второ, кога и како стигна до тоа да посакаш да го преведуваш Толкин?

Пред повеќе од десетина години почнав да преведувам литература со теолошка и философска тематика, а потоа и биографии на историски личности. Преку целото време вниманието ми го одвлекуваа популарните книжевни жанрови како што се митската, херојската и научната фантастика. Морам да признаам дека филмот Господарот на прстените: Дружината на прстенот ми беше портата кон легендариумот на Толкин, во студентските денови. Фасцинирана од филмот, веднаш почнав да читам неколку од неговите дела во оригиналот, по овој редослед: The Lord of the Rings – сите шест томови, The Hobbit, The Silmarillion, The Children of Húrin, Tales of the Perilious Realm. Окото ми се задржа на Силмарилион. Тогаш се запознав со светот на Толкин и ги видов длабочината и раскошот на неговите конструирани јазици, и сцената и битијата како втор производ на неговиот имагинарен свет. Посакав да го преведам, но требаше да поминат уште две децении за да созреам за еден ваков подвиг.

Во 2016 година ја браниш магистерската на тема „Културолошкото преведување на Силмарилион како предизвик за преведувачот“, при што и преведуваш делови од книгата. А целосниот превод излезе дури при крајот на минатата година. Што сè се случуваше во периодот измеѓу?

Работата на првата верзија на преводот траеше една година, веднаш по одбраната на магистерската. Значи, на тоа му претходеше темелно проучување на оригиналот. Токму во тие месеци немав работни обврски, и во привремената суша сфатив дека е вистинското време да започнам со преведување на ова дело, кое ги доби целата моја сосредоточеност и страст. Неколку пати ја исчитував книгата, секогаш со различна цел. Правев списоци – посебно за сложените зборови, имињата, посебно за архаичната лексика… Преведувањето беше испреплетено со пишувањето и едното влијаеше на другото.

Меѓу првата и последната верзија на преводот имаше временско растојание од шест години. Личен и професионален раст, и четири објавени авторски книги. Потоа го понудив во Издавачкиот центар „Три“, тие прифатија и така започна нашата соработка. Прегледот и исчитувањето на преводот пред да се објави траеше уште цела година.

Како покрај мегапопуларните дела на Толкин, ти се фати баш за најтешкото, за Силмарилион? 😊

Господарот на прстените и Хобитот веќе беа преведени. На почетокот мислев дека Силмарилион раскажува само за љубовта и судбината на Берен и Лутиен, но тоа е само едно од неговите најпознати поглавја. Уште на првата страница се зачудив и восхитив кога низ раскажувањето се размота целата космогонија, митолошкото минато, историјата на елфите, географијата на имагинарните земји, големите битки и личните приказни на неколку носечки ликови на дејството. Натаму ме насочи и мојата фасцинација од големите теми како што се создавањето на светот, вечната борба меѓу доброто и злото, слободата на избор… За да се преведе вакво дело, ви треба занес. Истиот тој занес со кој се пишува роман или поезија. Мило ми е што овој автор и неговите митопоетски дела ме сретнаа во младоста. Да се случеше ова подоцна, можеби ќе донесев поинаква одлука и ќе изберев нешто друго. Се водев по интуицијата и, едноставно, знаев дека откако ќе стекнам животно, професионално и писателско искуство, преведувањето на Силмарилион ќе биде дел од мојата задача, нешто што ќе оставам зад себе. Полека станував свесна за предизвиците со кои ќе се соочувам.

Тогаш гласовите на Аинурите, како харфи и лири, труби и свиралки, оргули и гудалки, пеејќи со зборови како недобројно хорје, започнаа да го обликуваат напевот на Илуватар во голема музика; и звук се крена од бескрајните вкрстени мелодии исткаени во благозвучје што во длабочина и височина ја преминуваше чујноста, и пребивалиштата Илуватарови се исполнија до прелевање, а музиката и одекот од неа влегуваа во празнината, така што и таа не беше празна. Оттогаш Аинурите никогаш повеќе не изнедрија музика како оваа, иако речено е дека уште повозвишена ќе се изнедри пред Илуватар, од хорјето на Аинурите и чедата Илуватарови, по свршетокот на дните. Тогаш напевите Илуватарови ќе се свират верно, и ќе се создадат во мигот кога ќе се изговорат, зашто тогаш сите целосно ќе ги разберат неговите намери во сопствениот удел, и секој ќе го поима она што другиот го разбира, а Илуватар нивните мисли со радост ќе ги обдари со тајниот оган.

извадок од Силмарилион за почетокот на светот, стр. 9-10

Архаизми, егзотизми, неологизми… јазикот е нешто што е на прво место кога станува збор за Толкин, филолог и лексикограф, кој за своите дела има измислено петнаесетина јазици. Што ли значеше да се преведат само илјадниците имиња во Силмарилион, а потоа и сè останато?

Мислам дека нема да претерам ако речам дека работата на Толкиновата сложена номенклатура, илјадниците имиња на ликови, места и фантастични битија, беше толку макотрпна, дури на моменти и болна, особено кога се исчитуваше на крајот, со внимание на доследноста на имињата. За среќа, Толкин ја предвидел популарноста на неговите дела и составил Водич за имињата за да им помогне на преведувачите кои имиња да ги транскрибираат, а кои да ги преведат. Од голема помош ми беа и картите и мапите, и исто и другите негови дела чијшто контекст е Силмарилион. Излишно е да се каже дека не е доволно само консултирањето со речник, затоа што преводот не е само од англиски, туку и од квенјански и синдарински, неговите измислени јазици. 

Долго бев во дилема дали elves да го преведам со виленици или елфи, имајќи го предвид фактот дека Толкин им вдахнал нов живот на имињата на суштествата кои го должат своето потекло на заборавените зборови од пораните периоди на англискиот јазик.

Главниот предизвик во преведувањето на Силмарилион од Толкин лежи во авторовата употреба на архаизмите како обмислен и целосно интегриран стилски елемент. Преводот треба да има ефект на стар јазик, но и да биде разбирлив за просечниот читател. Овде преведувачот се среќава со дилема дали да се архаизира или осовреми даден текст.

Тука се и сложенките кои во изненадувачки голем број се присутни во Силмарилион. За да биде доследен на стилот на оригиналот, преведувачот треба да се обиде да креира нови сложени зборови во преводот, наместо да се ограничи само да прибегне кон наједноставниот метод – описното преведување. Да одлучи колку креативна слобода може да си дозволи. Преводот е одново пишување на оригиналот, а една од целите на сериозниот и посветен преведувач е раскажувањето убаво да тече, и читателот никаде да не се сопнува.

Дрвјата на Валарите, илустрација на Мајкл Форман

Од друга страна, преводот е премин од една култура во друга, од едно време во друго. Кај Толкин тежината на тој премин се умножува многукратно, имајќи предвид дека неговиот свет е спој од повеќе митологии (финската, нордиската, старогрчката…) со многу библиски паралели. Од каде појде за да стигнеш до крајниот стил на македонскиот превод?Почнав со студиозно и посветено читање на добро избрани четива. Требаше да се обрне особено внимание на различните извори коишто му служеле како инспирација на овој автор: Стариот завет, „Еда“, „Волсунг сага“, „Калевала“, „Беовулф“… Некои делови од Силмарилион потсетуваат на религиозни текстови, други на средновековни саги.

Започнав од проповедите на св. Климент Охридски за да стигнам до Толкин. За да изнајде јазичен израз и стил кој ќе звучи архаично и древно, преведувачот треба да прочита што повеќе од ова. По целиот овој труд треба да се помириме со тоа дека не постои совршен превод, идентичен со оригиналниот текст.

А по целиот изминат преведувачки пат и сите културолошко-лингвистички авантури, се чувствуваш ли по малку како Фродо на неговото патешествие кон Планината на Судбата? :D

Преведувањето на Силмарилион е исто како да сте истрчале маратон или, подобро речено, како екстремен спорт, качување по карпи. Фродо носи прстен кој не е негов. Како преведувач се посветуваш себеси на нечиј друг текст, a тоа е голема одговорност. Фродо оди кон Планината на Судбата на речиси невозможна мисија. Така јалов е и трудот на преведувачот да го совлада оригиналот. Се чувствувам и како Финголфин, еден меѓу омилените ликови на љубителите на овој автор и дело. Финголфин, гледајќи дека битката и онака е загубена, доаѓа пред портите на илјада пати посилниот непријател и го повикува на двобој. Задоволството и олеснувањето кое доаѓа по овие битки можеби најдобро би го опишала со последните зборови од мојот магистерски труд: Овде завршува воведот на мојата потрага по јазикот и преведливоста на ова дело, не како победоносец, но само како малку поискусен и попонизен пероносец.

Имаш ли омилен дел од Силмарилион?

Повеќе ги имам. Првиот дел што ми падна на ум е поглавјето За Патешествието Еaрендилово и Војната на Гневот, за Еарендил, еден од најголемите Толкинови ликови.

Полуелфот Еарендил, кој е претставник и на двата народа, Луѓето и Елфите, се застапува за нив пред аинурите, ризикувајќи да се истури гневот врз него. Христоликоста на Еаредил и неговата медијаторска улога меѓу двата света, материјалниот и духовниот, е една од најубавите библиски алузии во Силмарилион.

И Еарендил отиде во Валинор и дворовите на Валимар, и никогаш повеќе не стапна на земјата на смртните луѓе. Тогаш Валарите се советуваа и го повикаа Улмо од длабочините на морето; и Еарендил застана пред лицата нивни и ја предаде пораката од двата народа. Побара прошка за Нолдорите и сожалба за нивните страданија, милост за луѓето и елфите и помош во нивните неволји. И неговата молба беше услишена.

извадок од „Патешествието Еарендилово и Војната на Гневот“, Силмарилион, стр. 315 

Во магистерската „бараш правда“ за фантастичната книжевност, која се третира како помалку важна од „високата книжевност“, како и за преведувачите кои се зафатиле да ја преведуваат. Како гледаш на овие прашања денес?

Проблемите коишто лежат во срцевината на ваквата литература не се разликуваат значајно од проблемите што произлегуваат од текстови кои се сметаат за драгоцена уметничка белетристика. Откако детално ќе го проучи целиот комплексен свет во овие поджанрови, преведувачот треба да има предвид дека еден од главните предизвици во преведувањето е задржувањето на егзотичноста којашто е срцевината на фантастичната литература, на уникатниот свет на фантастичниот роман со своја географија, демографија, култура, традиција, мит итн. Со цел читателите на преводот да го доживеат истиот ефект како и читателите на оригиналот, особен напор мора да се вложи за да се задржи туѓиот белег како начин да се задржи и раскошноста на делото што се преведува, а тоа го поставува преведувачот пред не толку лесна задача – одржување на балансот меѓу отуѓувањето и одомаќинувањето при процесот на преведување.

Како што беше во моите студентски денови, така е и сега. За фантастичната литература кај нас има многу малку научни трудови, а што се однесува до нејзиното преведување, станува потребно откако ќе стане популарен некој филм чиешто сценарио е адаптирано според фантастичен роман или збирка легенди.

Моментално филмот Дина 2 ги полни кино-салите, а досега не сме превеле ништо од Френк Херберт. Навистина би сакала да прочитам и превод на некој од познатите романи на Урсула ле Гвин. За автори како овие постои голема читателска публика кај нас.

Еден ваков капитален превод, каков што е твојот превод на Силмарилион на македонски заслужува да стигне до што повеќе уши и да се всели во што повеќе домови. Секаде каде што луѓето го сакаат Толкин, би рекла. Имате ли планови со издавачот за сериозна и широка промоција?

Некаде во средината на април, пред Саемот на книгата планираме настан со презентација на Силмарилион, со дискусија и музика од филмската трилогија Господарот на прстените. Добивме покани од библиотеки и други културни центри од неколку градови во земјава. Само во првата недела по објавувањето на Силмарилион, многу примероци беа продадени, и многу читатели и почитувачи на овој автор и жанр, особено меѓу младите, на форумите и социјалните мрежи изразија интерес да го прочитаат преводот.

Која е најголемата жртва што ја имаш принесено за да го донесеш на свет овој превод? А која ти е најголемата сатисфакција?

Повеќето од преведувачите и писателите немаат егзистенцијална сигурност и често се расплинуваат и со други занимања. Мислите ви се избиструваат ноќе или за викенд, откако ќе завршите со работата што ви го носи лебот насушен и сите други секојдневни обврски, па дури тогаш имате чисто време за уметничките дејности. Во тој процес на бавна и макотрпна работа, внатрешната мотивација продолжува да тлее. Таа свеќа никогаш не догорува, додека телото и умот се подложни на прегор. Тој дополнителен труд си зема данок и остава лузна што се носи долго време. Како потсетник на маката, но и како накит. Пишувањето и преведувањето, уметноста воопшто, е работа на богатите, која упорно им ја преземаме ние, ентузијастите (enthousiasmós = вдахнат, инспириран, обземен од Бога). Најголемата сатисфакција ми е преведениот Толкинов универзум на македонски јазик и култура. Исто така и споделените позитивни коментари од читателите на овој превод. Кога го прелистувам Силмарилион, понекогаш со благ страв и трепет, го гледам паралелниот митски свет на Џ.Р.Р. Толкин премостен во раскошот и богатството на македонскиот јазик.


Фотографии: Наташа Атанасова

Наташа Атанасова

...