Шкртки

Два дена со мајсторите на полската книжевна репортажа

Деновиве во Скопје се случи едно од оние чуда во кои треба да се верува и на кои човек вреди да се радува.

За полската книжевна репортажа имав чуено пред 7-8 години, но за првпат зедов да читам нешто од полските репортери дури лани. Тоа беше книгата „Уште еден ден живот“ од Ришард Капушќињски. И веднаш ме поттикна да напишам нешто за неа.

Потоа следуваше средба со Лидија Танушевска, преведувачката на голем број дела од оваа полска школа кај нас, која многу тактички своите примероци од сите нив ми ги подари за да ми стојат на полица, да ме гледаат и да не дозволат да ми згасне жарот за жанрот.

И сега, по прочитани серија книги од мајсторите на полската книжевна репортажа и по поминати два прекрасни дена со мастерклас, работилница и промоција – седнувам да напишам нешто за тоа. А што друго смее да биде тоа освен: репортажа 😊.

Ми се наметнува прашањето: од каде да почнам? Дали, како што вели Мариуш Шчигел, треба да се имаат почетокот и крајот, па да се растегне меѓу нив жица и потоа сите делови да се спростираат како алишта по нејзината должина? Или, како што вели Камил Балук, да се најде едно интересно делче од сложувалката и да почнам да ги барам тие што се спојуваат на него, па оттаму да ширам кон краевите?

Или, да се распишувам како што ми доаѓа, како што ми има смисла и единствено онака како што знам – да нурнам во хаосот од белешки по нотесот и notes во апликациите на телефонот, да замижам и да евоцирам слики и спомени, па да ги измешам со впечатоците и емоциите дур се свежи и по осет да додавам и вадам додека не ми се причини дека напишаното ќе биде јад… читливо?!

Ќе видиме.

Мастермајндот и мастеркласот

„Ако пишуваш репортажа за ова, задолжително да кажеш дека за репортажата најважни се луѓето“, ми вели Мариуш Шчигел по промоцијата на книгите на неговите помлади колеги во вторникот, откако му пристапив да поразговараме.

А мене во главата ми одѕвонуваат сите работи што ги кажа во текот на неговиот мастерклас на Филолошкиот факултет:

  • Писателот е како бог, тој може да ги убие своите ликови, додека репортерот им служи на ликовите;
  • Во репортажата најважни се деталите, кои треба да бидат „по мерка на читателот“;
  • Општите работи се убијци на репортажата;
  • Репортажата секогаш е за нешто, а книжевната репортажа и за нешто плус;
  • Репортажата нуди поистоветување, ни дава можност за кратко да бидеме некој друг, а со тоа и да го разбереме светот;

Помислувам и на неговата неверојатна способност за раскажување приказни – не само во неговите репортажи, како што можев да се уверам од маестралната книга „Готленд“, туку и додека зборува – и за другите, и за себе, па:

  • Посакувам веднаш да ја најдам репортажата „Шепа до шепа“ на Барбара Лопиенска, која пишувајќи за дресурата во еден полски циркус зборувала за комунистичкиот режим во Советскиот Сојуз и успешно ја поминала цензурата затоа што тоа било само репортажа за тигрите и нивните дресери;
  • Ми се врежуваат в глава приказната за жената што се грижела за деца и перела алишта во бегалски камп во кеса и сликата на менаџерот кој стои фатен за рачката на автобус, среден од глава до пети, еден од оние кои никогаш не се извалкани или запотени, но чии нокти изедени до крв сега се на ачик;
  • Го замислувам Мариуш, овој човек со фризура на филмска ѕвезда и елегантни очила како замуабетува некоја тетка поставувајќи ѝ триста прашања за нејзините кактуси, па како ја пробува нејзината супа и, бидејќи мажот ѝ посакува да влезе во натпревар за вниманието на гостинот, ја пробува и неговата сливовка или оревовка иако не пие алкохол, па како се расположуваат сите тројца и потоа од нив може да добие на тацна сè што му е потребно да му раскажат за репортажата што ја пишува…

И, да, помислувам и се восхитувам на неговата способност (мастермајнд!) да го увиди богатството на полската традиција на книжевна репортажа, да ја изгради како бренд, основајќи ја Полската школа за книжевна репортажа, и да работи на зголемување на свесноста низ целиот свет за неа како за полско, но и светско културно наследство. И, како што дознавме за време на промоцијата, додека има авторска блокада, да го користи времето за промовирање на своите квалитетни помлади колеги.

Сите муабети на Камил

„Сите деца на Луи“ е втората книга што ја читам наменски за овие денови – дознав дека ќе доаѓа нејзиниот автор Камил Балук, па како вистинска бубалица, сакам да бидам спремна за на час. Не дека ќе има испрашување, ама убаво ми е кога знам што повеќе на темата.

Пред да почне промоцијата, ја гледам сликата на нашата уметница Тања Таневска, која била директно инспирирана од оваа книга. На неа таа себеси и женското тело ги прикажува како керамичка вазна декорирана во грчкиот геометриски стил, со што ја истакнува функционалноста или употребната вредност на жената како мајка, со глава во која влегуваат сперматозоиди како симбол за опседнатост (да се има дете?), со белегзии на рацете во кои е испишана постапката за инсеминација.

За време на промоцијата, каде што Камил маичката со риби што ја носеше на настаните на Филолошки ја има заменето со друга, овојпат со кученца, ми се допаѓа каде гледа потенцијал за книжевна репортажа за Скопје: би ги нашол уметниците вклучени во проектот Скопје 2014, би ги прашал дали добро заработиле и на што ги потрошиле парите. А јас со задоволство би читала за да видам дали денес повеќе се чувствуваат како риби на суво или како клоцнати кутриња.

По промоцијата зборувам со Камил – ми го раскажува продолжението на приказната што ја ставил меѓу корици во 2017 година. Ми открива дека бројот на утврдени деца на Луи, анонимниот донатор кој донирал сперма дваесетина години во Холандија, од 30-тина денес е искачен на над 130 и дека освен Половинките (децата на Луи), најдена е и друга група деца од ист донатор – деца на доктор Карбат (човекот кој додека бил жив тврдел дека никогаш не искористил своја сперма за инсеминација) кои себеси се нарекуваат Кarbastards. Му кажувам колку ми се допадна делот посветен на луѓето со Аспергер синдром – ми кажува дека уредникот го советувал да го исфрли но тој го задржал и е горд на тоа, затоа што не сум прва што му го кажувам ова; потоа дека денес би бил политички покоректен во однос на терминологијата и дека судбински по објавувањето на книгата и нему му бил дијагностициран аутизам. Потоа разговорот меандрира, па со сопругот му раскажуваме за политичката ситуација во Македонија и за одвратната сила на десницата тука – тој ни кажува како се заобиколува нивниот одвратен закон за забрана на абортусот со наголемо издавање на психијатарски потврди дека кај жената што решила да абортира постои суицидален потенцијал.

Марифетите на Марго

Книгата на Марго Рејмер „Калта послатка од медот. Гласовите на комунистичка Албанија“ на македонски излезе предоцна за да имам време да ја прочитам. Но, Марго како личност дефинитивно ме навлече тоа да го направам во прва прилика.

За време на промоцијата, таа кажуваше дека книгата ја пишувала 8 години, дека толку се навлекла на потрагата по приказни што се преселила во Албанија, се заљубила во Албанец и живеела таму со години. Смета дека никогаш повеќе не би можела толку многу да се поврзе со една тема и дека книгата ќе ѝ остане ненадмината.

Ако треба да одбере тема поврзана со Скопје што би ја истражувала, тоа би била сликата на скелетот како метафора за градот, која неколку пати ја слушнала низ приказните на младите луѓе тука.

А бидејќи јас не можам да одберам, туку тоа во овие два дена ми се наметна – Марго ќе ја паметам по тоа колку беше брилијантна во водењето на работилницата за книжевна репортажа на којашто учествував заедно со уште 12-13 луѓе.

Мислам дека Марго од сите нас успеа да извади работи за кои и не сме знаеле дека ги имаме во себе. За вкупно 5 саати поделени во два дена, направивме зин од 20 страници на тема Скопје – со репортерско-книжевен пристап, со визуелна разиграност и панк-вајб. Нејзиното несебично споделување на марифетите на репортерскиот занает и деталноста во образложувањето на забелешките и впечатоците за секој од нашите погледи, концепти и текстови беа толку луцидни и во исто време мотивирачки, што енергијата на групата личеше на мала нуклеарна централа.

А, пак, нејзиното интуитивно поетско сетило! Кога новинарката Маја Васева го изрецитира на македонски почетокот на песната „Стерна“ за да му ја долови на друг учесник од Франција моќта на јазикот на Конески – Марго без да разбере ни збор рече дека ѝ звучело како вода што татни и надоаѓа. На нашите возбудени реакции дека токму тоа и е содржината, вода надојде и во нејзините очи.

Трио фантастико

Да се имаат два дена со Мариуш Шчигел, Марго Рејмер и Камил Балук за мене беше еднакво вредно како два слободни дена од работа, кои без размислување си ги зедов за да можам да учам од нив.

А да се има во градот онаа женска тројка, дрим-тимот во состав Лидија Танушевска, Јасминка Делова-Силјанова и Наталија Лукомска од катедрата за славистика, кои душа даваат за полонистиката, е вистинска гордост.

Благодарение на Лидија ги имаме сите овие преводи од полската книжевна репортажа на македонски; благодарение на Јасминка тие се уредени и издадени во нејзината издавачка куќа „Славика либрис“; благодарение на Наталија и нејзиниот консекутивен превод кој траеше со саати за време на мастеркласот и промоцијата – ги разбиравме гостите од Полска. Благодарение на ова трио фантастико, гордо можеме да кажеме дека во градот ни се случи едно од оние чуда во кои треба да се верува и на кои човек вреди да се радува.

За крај, поздрав од и до градот, со мојата репортерска страница од зин-от на тема космополитизмот на Скопје, базирана на изјава од мојот поранешен колега Васко Марковски, човекот кој ме запозна со постоењето на полската книжевна репортажа.

Наташа Атанасова

...

Leave a comment