Макендо

Драги Неделчевски: Фотографијата не го менува светот, но може многу да направи за него

За името на Драги Неделчевски можат да се залепат многу придавки што почнуваат на „нај“. Тој е еден од најприступачните и најкомуникативните луѓе што можете да ги запознаете, па колку и да изгледа несоодветно, и поради разликата во години, и поради искуството, секогаш ти доаѓа со него да бидеш на „ти“.

Драги е и еден од најзабавните и најзаразните луѓе, особено кога зборува на тема фотографија, а и еден од најенергичните – па ве тера да се запрашате дали правите доволно во животот кога тој, со полно работно време од 8 до 4, татко на дете со церебрална парализа и прилижно долг животен стаж успева да фотографира цело време, да подучува млади фотографи, да биде дел од еден куп фотографски проекти и, како врв на сè, да одговори во 2 по полноќ на порака на Фејсбук.

Пред некое време* в раце ми падна книгата „Дванаесет македонски фотограф(к)и“, која излезе неодамна во негово коуредништво, и токму тоа беше поводот што дојде како нарачан за да го направиме ова интервју.

Како почна твојата приказна со фотографијата, Драги?

Моите први допири со фотографијата се пред времето кога го купив мојот прв фотоапарат, во 1978 година. Во основно, во рамки на секцијата по техничко образование, наставникот имаше лабораторија. Јас влегував таму и миризбата на хемикалиите што се употребуваа за обработка на аналогните фотографии, ме опи заедно со магијата на работата со светло – се фотографира со светло, а филмовите се развиваат и фотографиите се прават во темнина. Но, најмногу ме обзеде сознанието дека делови од тоа што ме опкружува можам да ги овековечам на мој начин. И уште повеќе, да оставам нешто зад себе, некоја трага со мој печат.

И во прва година на факултет, додека студирав право, решив да си купам фотографски апарат. За кратко време собрав пари, ама пред да си го купам апаратот, си купив книга за фотографија. Тогаш немаше интернет и немаше многу литература. Знаев нешто за тој феномен, ама не доволно, колку што сакав. Ја читав книгата, ги гледав фотографиите и тогаш го купив апаратот. Секако, моите почетоци не беа успешни. Моите фотографии воопшто не наликуваа на тие што ги гледав во книгата.

И, така, наместо на предавањата на факултет, почнав да одам во тогашната Американска читална, каде што имаше стотици книги за фотографија и местото стана мојот рај. Па кога по неколку години се затвори читалната, една од вработените ми даде десетина книги за мене оти, како што ми рече, сум бил дел од инвентарот. Книгите ги чувам до ден-денес.

Колку од тој ентузијазам сè уште те држи?

Јас сум почнал сам да се интересирам за фотографија и таа самомотивација еве веќе 40 и нешто години ме држи. Ми се чини ни трошка не сум отстапил од тоа. И ден-денес со возбуда и фотографирам, и разговарам за фотографијата, и ги подучувам помладите на моите искуства, и уште многу читам за фотографијата. Денес е прекрасно времето, имаме многу информации до коишто можеме да дојдеме – видеа, текстови, книги…

Фотографијата ми е еден од позначајните делови од животот. А живот како живот, носи разно-разни премрежија и предизвици, па фотографијата ми има многу помогнато и да останам психофизички здрав, и како терапевтско средство. Ми донела многу радости и многу луѓе сум запознал преку неа. Веројатно затоа што не ме интересира само техничката страна на фотографијата, како да се направи добра фотографија – тоа можеби и најмалку. Многу повеќе ме интересираат сите други аспекти на овој феномен – комуникациски, философски, историски, естетски…

Има ли разлика во чувството да се биде фотограф во времето кога фотографите сте биле многу помалку од денес и сега, кога сите постојано чкрапаме и правиме фотки со телефоните, кога фотографијата е сеприсутна?

Има огромна разлика. Барем од моја гледна точка. Тоа беше време на аналогна фотографија, каде што материјалите беа многу поскапи, можеше да се прават малку фотографии и резултатот не можеше веднаш да се види. Со фотографија се занимаваа само луѓе посветени на фотографијата. Во денешно време, кога има, така да кажам, демократизација, има и инфлација на фотографии. Денес секој е фотограф, затоа што во мобилните телефони сите имаат апарат. Но, и покрај тоа, иако во денешно време многу лесно може да се добијат технички совршени фотографии, добрите фотографии, кои имаат подлабоко значење а не само површински ефект на допаѓање, сепак се исто толку ретки како и порано.

И боите денес не само што се сеприсутни, туку и „пиштат“ сè посилно. Еве, на пример, и луѓето на себе носат сè подречливи нијанси кои бодат очи и не можат да не привлечат внимание. А на твоите фотографии боја ретко има. Зошто?

Кога се појавила, фотографијата била црно-бела. И во времето кога јас почнав да се занимавам со фотографија, материјалите беа црно-бели. Имаше и филмови во боја – купуваш филм, го фотографираш и го даваш во лабораторија, ама ако сакаш сам да го контролираш целиот процес, се занимаваш само со црно-бела фотографија. Црно-белата фотографија денес се смета повеќе за уметничка, иако јас со тој поим имам малку проблем. Но, вистина е дека боите пленат на прв поглед и на таа тема еден фотограф рекол: кога гледате фотографија во боја, всушност гледате каква гардероба има тој што е фотографиран, а кога гледате црно-бела, ја гледате суштината на нештата. Со црно-белата фотографија, преку црно, бело и сите валери на сиво, светот е поинаков, не е како тој што го гледаме, а фотографијата не е само гола репродукција на стварноста и токму затоа ја сакам црно-белата фотографија. Понекогаш фотографирам и во боја, но многу повеќе црно-бело.

Твоите фотографии се фотографии за човекот и за животот, со една неверојатно „жива“ естетика на секојдневието. На нив гледаме што сè те привлекува да фотографираш. Но, што не сакаш да фотографираш?

Во текот на овие 40-тина години сум фотографирал многу работи, но никогаш не би сакал да бидам воен репортер. Војни, несреќи, катастрофи – тоа е тоа што не би сакал да го фотографирам. Воените фоторепортери имаат своја улога и, иако честопати се обвинувани дека се морално дискутабилни со нивното воајерско фотографирање на нечија туѓа несреќа, сепак сметам дека нивните фотографии иако можеби не можат да го променат светот, можат да придвижат некои работи за надминување на некои лоши состојби. Но, јас лично сум толку емотивен што не би можел да го издржам тоа. Инаку, можеби малку е контрадикторно… оти центар на мојот интерес се луѓето и нивните животи, нивната околина. Сакам да ги фотографирам луѓето со сите свои проблеми, тегоби, премрежија, предизвици… не сакам да доловувам една разубавена слика, сакам да го фотографирам животот таков каков што е – убав и неубав, тежок и лесен, со сите негови нијанси. Но војни, сепак, не.

За време на воениот конфликт во 2001 година, кога во твоето Тетово се случуваа многу работи, не падна во искушение да фотографираш?

Апсолутно не! Не сакав да фотографирам. Тогаш честопати беше ризично да се излезе надвор, а не да се фотографира… Плус, не сум работел како професионалец, сум немал пристап до тие места каде што се случувале некои поекстремни работи, а како фотограф или фотографирам како што треба – од многу блиску и како директен учесник во тоа што се случува, што го фотографирам, или никако.

Ти се случила ли во животот некоја ситуација како онаа од култниот филм „Увеличување“ (Blow-up) на Антониони – да откриеш дека си фотографирал нешто за што не си ни бил свесен дека ти влегло во кадар? И колку често се изненадуваш пред екран, кога првпат ќе ги отвориш фотографиите?

Толку екстремна сигурно не, но имаше една интересна ситуација кога фотографирав една група, посетители на изложба, пред влезот на Чифте амам. Тоа требаше да биде една обична фотографија на која тие позираа. И, јас ги фотографирам, ама во тој момент зад мене еден човек се сопна и сите се свртевме натаму да видиме што му се случи на човекот и јас заборавив на фотографијата. Кога ја погледнав подоцна, видов дека сум фатил групен портрет на многу вџашени лица.

Меѓутоа, општо гледано, доста сум свесен за тоа што имам во кадар. Кога фотографираш, ти врамуваш дел од тоа што се случува пред тебе, значи сам бираш, ниту полево, ниту подесно, ниту погоре, ниту подолу и мораш да бидеш свесен. Како минималист, секогаш одбирам два до три елементи кои ги сместувам во фотографијата, така што, да, најчесто знам што ќе видам на монитор.

Фотографскиот проект „Живот во кутија“ за твојот син Мане, се чини дека е врвот на твојата кариера. Во духот на еден графит, кој вели: „Идам да се надминам“, ти иде ли да се надминеш и да го надминеш?

Се сложувам дека од тоа што сум го работел досега, овој проект ми е врвот во фотографијата, но и од повеќе аспекти: од личен, животен, емотивен, активистички… Тој фотоесеј немаше да постои да не беше Роберт Јанкуловски кој, знаејќи за моето дете со церебрална парализа, ми понуди да фотографирам неколку деца со нетипичен развој за подигнување на свеста за маргинализираните групи. Со задоволство прифатив, но сите пријатели што имаат деца со нетипичен развој ме одбија. Никој не сакаше да дозволи да ги фотографирам децата и тоа малку ме разочара. А, всушност, излезе секое „зло“ за добро. Така, со Роберт се договоривме да го фотографирам Мане, кој ми е достапен 24 часа дневно. И, почнав да го фотографирам Мане по дома и го фотографирав 9 месеци. Направив над 1.200 фотографии и тоа беше полн погодок. Излезе книга-каталог со 80 фотографии, имавме изложба во Скопје во 2009 година, па изложбата беше пренесена во Прилеп, Белград, Сараево, Берн, Нови Сад и, и ден-денес, сметам дека тоа беше многу добар проект.

Проект и на фотограф, и на татко.

Да. Ситуацијата беше семејна. Ги прашав и мојата сопруга и сите домашни дали се сложуваат со тоа да ги фотографирам во секојдневните ситуации. Тие прифатија, така што имав одврзани раце и го фотографирав Мане. Но, кога имате такво дете, има секакви моменти. Јас имав двојна улога, што е многу ретко во вакви ситуации. Имате фотографи кои одат по институции, ги фотографираат таквите деца и тие го работат тоа професионално, без некои поголеми емоции, што е и нормално. Но, работејќи како професионалци, сакаат нивните фотографии да бидат атрактивни и ги фотографираат децата и во некои можеби непријатни, неубави ситуации, затоа што публиката, сакале или не сакале да признаеме, бара сензационализам, па да бидам и погруб, на некој начин ужива гледајќи туѓи несреќи. Тоа е познато.

Сузан Сонтаг пишуваше за тоа во „За страдањето на другите“.

Така е. Е, сега, јас бев во улога и на фотограф и на татко. Кога беше потребно, кога Мане имаше епилептични напади или кога требаше да се направи нешто околу него, јас го оставав фотоапаратот и го правев тоа. Но, сепак, и покрај тоа, се покажа дека може да се направи еден фотоесеј да биде ем хуман, ем да не биде лишен и од силни емотивни и визуелни моменти. Тоа беше една придобивка и големо сознание за мене.

А во врска со надминувањето – би сакал да направиш нешто што ќе биде поголемо, што ќе има поголемо влијание во општеството од тој проект?

Меѓу другото, целта на тој проект беше да се подигне свеста на луѓето за децата со нетипичен развој, а не само да се бараат права од типот да се направи рампа, да ни се дадат пелени или прашок на перење. На мој начин се обидов да го направам тоа.

Фактот дека сакам да фотографирам луѓе и нивните животи такви какви што се, ме однесе и во некои други проекти, кои можеби имаат и поголема тежина од овој фотоесеј. На пример, веќе долго време работам на еден проект, кој е доста емотивен. Сè уште е „work in progress“, но станува збор за серија фотографии од торза од луѓе кои имаат некој физички проблем или некоја болест. Сите ние имаме по некој проблем, но кога треба да се појавиме, да излеземе во јавноста, ќе се замаскираме, ќе нафрлиме насмевка на себе и ќе го скриеме тоа што нè мачи. На овој начин сакам да ги „разголам“ луѓето. Насловите на фотографиите ќе бидат само дијагнозите, а анонимноста на фотографираните ќе биде зачувана. Сакам да прикажам дека луѓето имаат разно-разни проблеми и дека не се сами во тоа, но сè уште не знам што ќе излезе…

Пред извесно време излезе книгата „Дванаесет македонски фотограф(к)и“ која ја потпишувате ти и Никола Гелевски. Како дојдовте до идејата за неа и како течеше процесот на селекција на фотограф(к)ите?

Ако треба да кажам што ја обележи кај мене фотографски оваа 2019-та, покрај моето задоволство да споделувам знаења за фотографијата како ментор на курсот по фотографија кај „Џолев“, годинава ја одбележа и издавањето на книгата „Дванаесет македонски фотограф(к)и“. Со Никола Гелевски ја подготвувавме уште од лани.

Фотографијата е дводимензионална и нејзината суштина е да биде отпечатена во голем број репродукции и примероци, а честопати преку книгите со фотографии многу луѓе имаат единствена шанса да ги видат тие фотографии. Со Коља веднаш се сложивме дека во нашиот случај тоа треба да биде т.н. „coffee table book“, значи книга со малку текст и многу фотографии, со тврди корици и прекрасно дизајнирана. Такви книги во светот има многу, но во Македонија, за жал, малку. Првите 7-8 имиња ни беа заеднички. За другите дискутиравме и на крај направивме финален избор со цел да ги прикажеме современите трендови на фотографијата во светот преку македонските автори и нивната работа.

Сакавме да прикажеме фотографии од помлади автори, и поафирмирани и понеафирмирани, кои имаат различни пристапи во фотографијата: документарни фотографии, пејзажи, портрети, ангажирана фотографија, концептуална итн. Секако дека не станува збор за единствените фотографи во Македонија, можеби не и за најдобрите, ама според наше мислење, на сите тие фотографии им беше местото во оваа книга и, сакале или не, за сите пријатели, па и за оние што сметаат дека сме си зеле преголемо право ние да правиме избор на фотографи, оваа книга ќе биде репер понатаму за правење на сите други слични книги.

Првата промоција беше во Тетово на 15 ноември, а сега на 25 декември во МКЦ ќе биде промоцијата во Скопје, во рамките на Малиот новогодишен саем на книгата.

Кои се тие светски трендови во фотографијата што македонските фотографи успешно ги следат?

Ова прашање бара многу подолго елаборирање отколку што дозволува ова интервју, но ќе пробам накратко… Фотографијата е стара цели двесте години, што е малку во однос на другите визуелни дисциплини, но сепак, има изодено еден долг пат и, според многу теоретичари, кулминацијата како медиум ја доживеала некаде кон средината или малку по средината на 20 век. Но, фотографијата и ден-денес постои во различни форми и, како што овој 21. век е век на семплови, на миксови и на преработување на минатото, така и фотографијата се развива во различни правци.

Новите трендови ми се чини дека најмногу се гледаат по начинот на гледање на нештата. Некој ќе каже дека ништо ново не може да се измисли, но јас со многу доверба гледам на новите генерации, кои можат, мораат и ги гледаат нештата на свој начин. Современата фотографија е свртена кон животот и го прикажува и визуелно и содржински многу атрактивно. На таа трага се потрудивме да ги најдеме фотографиите и фотографите од Македонија кои ја претставуваат современата македонска фотографија.

Како можат фотографите да придонесат во борбата што сите (треба да) ја водиме против загадувањето, коешто пополека нè убива.

Да се разбереме, фотографијата не може да го промени светот. Светот функционира на некои други принципи и, како што ми поминуваат годините, само со жалење констатирам кои се тие принципи – ентрописки или некој друг лош ген во луѓето што имаат можност да владеат, на пример. Ама фотографијата, иако не може да го промени светот, сепак може многу да направи, може да придвижи некои работи или луѓе, или институции, коишто можат да го променат светот.

Што се однесува до загадувањето – тоа е идеално поле за фотографијата. Визуелното остава многу посилен впечаток на човекот отколку пишаните зборови коишто се апстрактни, за коишто треба напор за да се разбере што сакал да каже авторот, па да се создадат слики во главата. Фотографијата едноставно нè бомбардира со својата директност, а тоа што е пред нашите очи, за жал, ни нуди многу материјал и фотографски да биде забележано. Мислам дека фотографијата може многу да направи во врска со загадувањето и треба да се користи што повеќе.

* Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во декември 2019 година.

 

Фото: Наташа А.

Наташа А.

https://blen.mk/jas/

КОМЕНТАРИ

  • Елизабета Баковска и Сашо Димоски: Ако не ги архивираме ние нашите сеќавања и приказни – кој?! - Блен.мк

    […] кај нас е многу малку застапен – фотокниги направиле Драги Неделчевски, Боро Рудиќ и уште по некој автор… Денес, времето […]

    Одговори

Што мислиш ти?