Интервјувце

Драги Неделчевски: „Дијагноза“ поставува прашања за нашите дијагнози

Утре, од 20 часот, во големиот салон на галеријата „Ко-ра“ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, ќе биде отворена новата самостојна изложба на нашиот фотограф Драги Неделчевски, насловена „Дијагноза“.

Секој од нас има понекоја дијагноза. Општеството во кое живееме има дијагноза. Светот, исто така. Со овие фотографии сакав да поставам некои прашања, без очекување дека ќе ги најдам сите одговори. 26 фотографии и илјадници прашања,

вели Неделчевски за „Лице в лице“.

Во пресрет на денот, со драгиот фотограф разменивме три прашања/одговори за ублажување на мојата заскокоткана љубопитност пред да ја видам изложбата:

Како дојде до идејата за оваа изложба, Драги? Колку време ја подготвуваше и како течеше процесот на наоѓање на моделите?

Мојот интерес во фотографијата отсекогаш бил документарната фотографија. А во неа – човекот. Обично работам паралелно на повеќе долгорочни проекти. Не се сеќавам точно како дојдов до оваа идеја. Некогаш идеите ми се надоврзуваат на моите искуства, на она што го гледам околу мене, нешто што ме допира и ми значи. Веројатно на ум ми дошла идејата дека секој од нас пред светот сака да се прикаже во најдобро светло, што е сосема во ред. Но, ретко кој од нас нема некоја мака, некој здравствен проблем. Со него се соочуваме кога ќе останеме сами. Сакав да покажам дека во болката и болеста не сме сами. Си помислив, дали би можел да направам една серија фотографии од луѓе кои се доволно храбри пред себе и пред светот да се покажат, да прозборат за својата болест и јас да ги фотографирам. Почнав скромно и хаотично. Првата ваква фотографија ја направив пред седум години. На проектот работев со многу прекини. Ретко кој сакаше да учествува во ова. Некоја моја статистика вели дека од седум луѓе со кои сум разговарал, еден се нафатил да биде мој модел. Бев упорен и правев сè повеќе фотографии. На сите им ја објаснував мојата идеја. Моделите се луѓе што лично ги познавам и фотографиите се работени со целосна доверба од двете страни.

Низ објективот секогаш си сакал да уловуваш моменти кои говорат за човекот и проблемите и предизвиците со кои се соочува во животот. Со „Дијагноза“ наликува дека многу длабоко навлегуваш во неговата кревкост и ранливост…

Работејќи на „Дијагноза“ открив дека сум исправен пред многу прашања и предизвици: етички, човечки, технички, фотографски… Сакав да ја прикажам есенцијата на мојата идеја, сакав фотографиите да бидат прецизни и минималистички. Истовремено, сакав сепак да ја заштитам приватноста и идентитетот на моделите. Оттаму се решив сите фотографии да прикажуваат торзо, без да се види лицето на моделот. На овој начин ја избегнав банализацијата на целата идеја и ја подигнав на едно универзално ниво, концентрирајќи се на она што ми беше битно. Фотографијата како медиум е директна, па дури и сурова, и затоа гледајќи ги овие фотографии имаме измешани чувства. Мислам дека целата приказна има повеќе слоеви и може да се гледа и толкува на повеќе начини. На моменти чиниш како некој да ти удира шлаканица, а со повнимателно гледање сфаќаш дека тука има и гордост, и храброст, и прифаќање на суровата реалност. Гледаш луѓе и сочувствуваш со нив, за потоа фотографиите да ги гледаш како апстракции и артефакти на секојдневното битисување на човекот. Во секој случај, мислам дека никој не може да остане рамнодушен гледајќи ги овие фотографии.

Една изрека вели дека здравиот не знае како му е на болниот. Ѝ ја даваш ли на фотографијата сега тешката улога да му помогне на „здравиот“ да сфати?

Се смета дека фотографијата е вистински одраз на реалноста и оттаму дека е многу моќна во својот израз и влијанието кај гледачот. Јас не се сложувам со ова. Сметам дека фотографијата е многу субјективна. Моите фотографии се мое видување на светот што нè окружува. Фотографиите од некој друг фотограф се негово видување, кое е сосема различно од моето. Кое е вистинското? И едното и другото. Ниту едното ниту другото. Историјата на фотографијата нè учи дека фотографијата не успеала (не може) да го промени светот. За мене таа има друга улога. Со фотографијата многу повеќе сакам да поставувам прашања. Не очекувам секогаш да најдам одговори. Користејќи го фотографскиот јазик сакам да го поттикнам гледачот да си постави некои прашања, да го натерам на размислување, да ги размрдам неговите емоции, да предизвикам емпатија. Ако со овие фотографии барем малку успеав во тоа, сметам дека мојата скромна мисија е успешна.

 


Поранешно интервју со Драги Неделчевски на Блен: Фотографијата не го менува светот, но може многу да направи за него

Наташа А.

https://blen.mk/jas/

Што мислиш ти?