Да се осмелиме да (се) видиме
(приказ на романот „Куќа без огледала“ од Мортен Санден, со илустрации на Иштван Лакатош; превод од шведски: Родна Русковска; издавач: „Чудна шума“, 2024 г.)
Како генерации кои поминаа речиси две пандемиски години живеејќи на принудна дистанца од другите, сите на своја кожа го почувствувавме отуѓувањето. Иако на почетокот со негодување, постепено се навикнавме да ги живееме нашите животи во изолација. Со бледнеењето на пандемијата, некои од нас се трудеа да си ги возобноват ослабените врски и односи со луѓето што им значат, додека други го прифатија пандемиското функционирање опкружени со мал круг околу себе.
Но, што ако ова отуѓување, кое само по себе знае да биде заразно, се насели меѓу членовите на семејството? Што значи тогаш препуштањето на апатијата, а што излегувањето од бездната на тишината и празнотијата? И што кога во целата ситуација, неминовно, се вклучени и децата?
Огледалце, огледалце, каде си?
„Куќа без огледала“ е илустриран роман за деца (веројатно би можеле да го читаат тие на возраст од над 8 години), напишан од шведскиот писател Мортен Санден. Санден, кој е автор на повеќе од 40 книги за деца, со своето познавање на човековата психологија, а особено на психата на децата, ги разработува горенаведените прашања во овој роман, кој годинава беше преведен на македонски јазик.
Чичко Даниел сè уште имаше некакво работно место на универзитетот, но мама велеше дека е така само затоа што не можат да се ослободат од него. Ерланд е нездрав во мозокот на некој страшен начин, а Сигне изгледа како да се плаши од сè (…) Кајса и нејзиниот сопруг постојано работат во својата рекламна агенција, купуваат работи, патуваат на разни места со Вилма, но како никогаш да не се свесни што им се случува (…) Вилма јаде премногу, а Кајса речиси ништо. Не дека тато и јас сме подобри. Овојпат сме тука неколку месеци и секој ден се чувствуваме како работите малку по малку да ни се оддалечуваат. Надворешниот свет, а и мама (…) Не знам како дојде до ова. Едно време бевме обично семејство, но без да забележи никој, почнавме да се оддалечуваме еден од друг. Слично како кога ќе се разлабават шрафовите на велосипед.
„Куќа без огледала“, стр. 40
Ова е еден впечатлив опис што 12-годишната Тумасина го дава за своето пошироко семејство. Инаку, таа и татко ѝ, како и неговите брат и сестра со нивните деца, престојуваат во куќата на старата роднина Хенриета, која има повеќе од сто години и е на смртна постела. Татко ѝ Тумас фанатички и до премалување се грижи за Хенриета, Кајса и Даниел размислуваат за колку пари би можеле да ги продадат деловите од куќата што ќе ги наследат, а Тумасина и тројцата братучеди, 14-годишната Вилма, 7 годишниот Ерланд и 5-годишната Сигне, додека јадат пица за ручек и по четири пати неделно затоа што никој не се потресува особено околу нив, се обидуваат да ги исполнуваат со каква-таква игра мрачните денови во старата куќа со 19 соби, полна штици што крцкаат и мистериозни тајни што допрва ќе се откриваат.
(слика 1)
Куќата без огледала, собата со многу огледала и огледалната куќа
Романот почнува со последните зборови што ги кажува детето што мижи, брои и тргнува да бара додека се игра криенка: Сто! Барам!. Во таинствената и страшничка атмосфера на огромната стара темна куќа, која потсеќа на готските градби полни морничавости, почнува потрагата на Тумасина, која продолжува и откако ќе најде каде се кријат нејзините братучеди.
Престојувајќи во куќата во која се очекува заминувањето од животот на старата жена која си го изживеала своето како успешна и славна глумица, децата (а особено Тумасина која ни раскажува) се сведоци на истекувањето на животот од очите на возрасните. Смртта на малечкиот Мартин, братот на Тумасина, кој се удавил, го фрлила во длабока депресија нејзиниот татко Тумас и трајно ги заладила односите меѓу него и мајка ѝ; нејзиниот чичко Даниел, кого го напуштила сопругата за друг живее во страв од поврзување, а тетка ѝ Кајса духовно каска на грбот на капиталистичката жед за повеќе пари. Сето ова врз децата се одразува со чувство на осаменост и страв, повлеченост во себе, губење на самодовербата и живеење со тагата како константа. Така, куќата без огледала, од која Хенриета ги тргнала сите огледала, станува метафора за неможноста на луѓето во неа да се огледаат еден во друг и да погледнат во себе.
Но, во таа куќа Сигне, најмалото од децата, ќе наиде на плакар во којшто се сместени сите триесетина тргнати огледала. Ова место, каде што порано мајката на Хенриета, Англичанка, ги чувала алиштата и служело за пресоблекување – the changing room, го остварува своето буквално значење. Собата со огледалата станува место каде што се случува магија и каде што, како во некоја divina machina, почнува промената, трансформацијата на ликовите. Со влезот во неа, ликовите влегуваат во некој вид магичен портал каде што едно девојче, Хети, ги води во времето и во просторот низ огледалната куќа – која и е и не е куќата на Хенриета и им овозможува да го видат својот одраз во нејзините очи – кој и е и не е тоа што се тие.
Качувајќи се нагоре, речиси од збор до збор го повторив тоа што ми го кажа Хети. Дека нашите животи се парчиња во коишто се огледува само мал дел од нешто поголемо. Дека има делови во секој човек што му се невидливи нему лично. Дека си требаме едни со други за…
…да се осмелиме да (се) видиме
(Куќа без огледала“, стр. 113)
Низ страниците на романот Мортен Санден полека и вешто, како низ сито ги сее ликовите низ излезната врата на куќата. Прво заминуваат Даниел со Сигне и Ерланд откако ќе се соочат со своите мрачни страни и стравови, а потоа и Кајса со Вилма, раскарани по созреаната одлучност на Вилма да истрае во својата намера да ѝ ја каже вистината в очи и да не отстапува од неа. Така, во големата и празна куќа, остануваат Тумасина и Тумас да бдеат над Хенриета којашто ги живее своите последни саати. Онака како што низ целиот роман децата се тие што ја преземаат иницијативата и ги прават првите чекори за соочување со своите стравови, а потоа возрасните ги следат, така е и во случајот со Тумасина и нејзиниот татко.
Разгледувајќи ги фотографиите стари и повеќе од сто години, Тумасина сфаќа дека прелистува животи на луѓе, кои се раѓале, растеле, живееле, умирале. А читателчето заедно со неа им гледа в очи на минливоста и цикличноста на животот и станува свесно колку е неопходно за секој човек, макар и со судни маки, да се ослободи од товарот на тагата. А ако тагата е кај некој близок, тогаш тие сили (или сите огледала!) треба да се насочат кон него, онака како што Тумасина го води татко ѝ да проговори за својата тага и за своите трауми, да се осмели да се погледне во неа како во огледало и да се соочи со тоа што го чува длабоко во себеси. А со тоа да ги истера своите демони и да излезе од дупката на отуѓеноста.
Последните епизоди од романот, кои се 3 во 1 мешавина од кулминација, катарза и расплет, се ода на моќта на љубовта кон ближниот, која единствена има сила да му го покаже патот нагоре од бездната и борејќи се за него да се избори и за сопствената среќа.
Заднина на насловната слика: Freepik
Наташа Атанасова
...