Книжевен гоБЛЕН

„Да се истрае или не“ прашање e на пишувањето биографија

Пишува: Васко Марковски, писател, туристички водич и биограф


За нафаќањето да се пишува биографска книга

Биографската книга „Јован Спасеновски-Џагула – херој и инспирација за спортисти и за неспортисти“, објавена на крајот од 2024 година, ми се појави непланирано како пишувачки предизвик.

Имајќи го зад себе искуството со портретирање личности во серијалот „Урбани легенди“, по препорака на заеднички пријатели бев исконтактиран од семејството на Јован Спасеновски-Џагула, еден од пионерите на скијањето и на тенисот во Македонија, за кого имав само бегло чуено, кои ценеа дека би било добро неговата инспиративна животна приказна да се сподели со пошироката јавност и да се овековечи во форма на книга.

Зборуваме за есента, 2020 година, веќе сред период на пандемија, кога немајќи можност да се занимавам со мојата примарна професионална дејност – туристички водич, имав неброено време да се зафатам со таков, неочекуван пишувaчки предизвик. Една од првите работи што бев решил да ги направам во првите месеци од пандемијата, беше конечно да си ја обновам некогашната студентска соба во соба за пишување и преведување, каде што ќе ми бидат најголемиот дел од книгите, речниците и други ќефлиски колекции. Нова работна соба, нова книга – ми се виде интересно. Се договоривме и почнав.

Почетоците, собирањето материјали

Првото нешто со што бев начисто во предизвикот беше дека пишувањето книга за личност чија приказна пред сè гравитира околу спортот му е доверено на некој што речиси никогаш не спортувал, кој себеси уште од детството се доживува како антиталент за спорт, на некој што „го фаќаат црвите“ уште во првите неколку минути, ако некогаш им се придружи на другарите собрани да гледаат фудбалски натпревар на телевизија. Значи, работите за коишто ќе пишувам, треба да си ги објаснам најпрвин себеси, а и на читателите што не се занимаваат со спорт.

Една од првите работи што требаше да ги направам, беше пред сè да си објаснам со што сè се занимавал, за да добијам појасна слика кон што сè ќе треба да го насочам истражувањето. Почнав со напипување на пулсот во кругот на моите познајници: колку и по што им е познат на моите пријатели од Тетово, пријателите што имале допир со тениските кругови, со скијањето, ентузијасти што го следат македонскиот фудбал и пријателите спортски новинари. Целта ми беше да ги детектирам нештата кон коишто насетував дека ќе треба да се насочува градењето на приказната и да се продолжи понатаму со истражувањето.

Следно беше преслушувањето по стопати на интервјуата и телевизиските портрети што претходно му ги направиле, читање и препрочитување монографии за Тетово и за спортските клубови во коишто членувал, брошури за тениски првенства, монографии за тенисот на Балканскиот полуостров од почетокот на дваесеттиот век до денес.

Да пишуваш за човек роден пред деведесет години, за настани што се случиле пред седумдесет, а да не го доживееш, низ истражувањето, времето во кое се случувале, до најситните достапни детали, ќе беше како блефирање што можеби би поминало незабележано, но не и пред авторската совест. Како да си го доловиш? Каде да најдеш нешто опипливо? Ќе ти текне, не се откажувај! Така, ќе се сетиш дека во зафрлените делови од менито на телевизискиот оператор има колекција документарни филмови од „Вардар филм“ од повоена Народна Република Македонија, дека во еден дел од библиотеката имаш едно издание на „Кинопис“ со хронолошкки преглед на македонската повоена кинематографија.. Си велиш: Дечки, упут дан требит?

Осознавајќи сè повеќе и повеќе за личната приказна на Џагула, станував свесен дека истовремено се акумулираат и интересни информации и многу лични сведоштва за градот Тетово, за еволуцијата на трите спортови со кои се занимавал, но и за општествениот амбиент и за настани кои нам, на генерациите помлади од него и на помладите од нас им се малку познати или непознати, а за кои можеби никогаш нема да дознаеме, а на дофат имам живи сведоштва.

Неизбежно почна да се поставува прашањето кому сè му се обраќам и каква историска трага треба да остави зад себе книгата, како пишан документ. Малку по малку и тие прашања се затвораа и размислувањата се селеа во фолдерот „ad acta“.

Кога веќе се чувствував подготвен да почнам со директно интервјуирање на нашиот херој, се појави друга пречка. Време на пандемија, малку знаеме како се пренесува вирусот, а треба да се среќаваш со човек на речиси 90 години. Совеста не ти дава да го доведеш во опасност. Како да направиме? Прошетки покрај Вардар и вклучен диктафон. Преслушување и транскрибирање на материјалот, нижење нова листа прашања за следната прошетка, па повторно преслушување, транскрибирање, доинформирање.

Но, пак не е доволно. Го замолив да ми предложи листа од луѓе што го познаваат, со кои соработувале во трите спортови низ годините, што би имале интересни информации да споделат. Вкупно со претходните, се собраа триесет. Преслушување, транскрибирање, групирање.

Процесот на изборот, кроењето и пакувањето на материјалот во кохерентна приказна

Се собра еден шлепер материјал. Е, сега: што, каде, како. Искуството од претходните интервјуирања и документаристички серијали знае многу да помогне во класифицирањето на материјалот, во следење на скелетот од теми што патем се групирале при истражувањето.

Книгата е поставена на три столба: трите спортови со кои се занимавал. Но, за да им се постави сцената, сметав дека е потребно да почнеме со вовед, во кој ќе се „фрли јадицата“, да му се понуди на читателот брза и (се надевам) возбудлива информација – со кого си има работа. Да може што побргу да реши: има ли во оваа книга нешто за мене или нема? Ако решил да продолжи, се редат, во засебни поглавја, трите спорта: скијањето, фудбалот и тенисот. Логично заокружување на приказната, како што посочуваа речиси сите што придонесоа во истражувањето, беше приказната да се заокружи со Џагула како модел за виталност и како личност: поглавјето „Да бидам како Јово-Џагула“. Пречекани во книгата од авторот, читателите повторно ги испраќа авторот, со една анегдота од случка со главниот лик, која во неколку реченици ја става на тест успешноста на подвигот.

Значаен дел од содржината, како што подвлекоа и промоторите на книгата, на крајот од 2024 година, е делот со фотографии, кои ја следат приказната низ децениите, а неизоставен и значаен дел, кој ја надградува се и листите на трофеи и признанија во трите спорта и листата на ветерански тениски турнири на кои настапувал.

Огромен материјал, кој многупати знае да го доведе авторот во ќорсокак и пред откажување. Но, треба да се истрае.

Васко Марковски и Јован Спасеновски-Џагула на промоцијата на книгата одржана на 11.12.2024 г.

Совети за идните биографи, вклучувајќи се и себеси

Сумирајќи го искуството би издвоил неколку работи.

Пишувањето биографска книга е истражувачки комплексен, етички деликатен и макотрпен процес, како што велат искуствата на светските форуми на биографи. Лесно е да паднеш во малодушност и во авторска криза, но нема откажување.

Интревјуирањето многубројни соговорници генерира огромен материјал. Содржината на некои изјави е речиси идентична на содржината во исказите на некој друг соговорник, но начинот на кој е кажано истото кај едниот или другиот би можело да ни го даде јувелирски обработениот скапоцен камен.

Како да се постапи со јазикот на исказите? Да се пренесе личниот јазик на соговорникот или да „преведе“ на стандарден? Начинот на којшто е нешто кажано може да ни отвори дополнителни слики за нештата што сакаме да ги опишеме. Кај некои искази, интерпретирањето ќе ни заштеди простор и ќе ни даде леснотија во текот на текстот, но дијалектот, личниот јазик, професионалниот жаргон – се јувелирски обработениот скапоцен камен.

Во книгата е употребен британскиот стил на пренесување на исказите на соговорниците – вовлечени со еден таб вдесно, со користење малку помал фонт. Таквиот начин ни заштедува многу во воведувањето и излегувањето од цитатот, го поедноставува читањето и ни заштедува простор.

Прибирањето што повеќе материјал е нужно и ни дава големи можности во градењето на приказната, но може да нè доведе во пеколно тешка фаза подоцна, кога ќе треба сето тоа да се испроцесира. Тука е, ми се чини, најголемиот предизвик што би го имал следниот пат кога би се нафатил на ваков подвиг – како да станам поефикасен во архивирањето, бележењето и класификувањето на нештата од кои подоцна ќе се гради приказната.


Фотографија во гоблен од Васко Марковски и фотографија од Јован Спасеновски-Џагула и Васко Марковски: Виктор Поповски

Leave a comment