Книги

Оливера Ќорвезироска: „Аб’т“ е роман за (не)именуваното

На првиот ден од месецов од печат излезе вториот роман за возрасни, инаку 15-та книга по ред, на нашата писателка и критичарка Оливера Ќорвезироска, во издание на „Или-или“. Романот со наслов „Аб’т“, кој веројатно сите некумановци што ја видоа неговата корица (дело на Владимир Лукаш и Марија Смилевска) ги натера да отворат речници и да се распрашуваат по пријатели, а кумановци ги направи горди на својот дијалект, е автобиографско-фикциски роман, во жанрот магичен реализам, заводлив за читање и инспиративен за размислување.

Со авторката отворивме некои прашања кои верувавме дека ја интересираат и широката публика, но особено оние што имаат професионален и длабок интерес за јазикот, книжевноста, креативниот процес, односот на фикцијата и автобиографијата…

Кога го читав Вашиот роман „Заклученото тело на Лу“, се сеќавам дека си мислев: „Па ова би можело да го напише писател(кa) од кој било крај на светот!“. Кога го зачитав „Аб’т“ како да зачекорив во домата на минатото и на носталгијата – нешто што може да го предизвика само „домашно писмо“. Кое од овие две пишувања Ви беше повозбудливо, а кое потешко?

Не можам да ја мерам возбудата од пишувањето на романот за Лу Саломе и возбудата сега од „Аб’т“. Тоа се неспоредливи возбуди. Двата романа ми беа сосем различни емоционално и она што го размислувам за автобиографијата, биографијата и биографичноста во книжевноста, се обидов да го истретирам на два сосема различни начини. Јас, генерално, не верувам во книжевност без автобиографија. Кога го пишував романот за Лу Саломе направив биографска фикција или фиктивна биографија на Лу Саломе, со тоа што мојата автобиографија ја вклучував на одредени книжевни начини, како што сум сметала дека можам, во туѓа биографија. Тој процес е сосем обратен во мојот најнов роман, „Аб’т“ – таму својата автобиографија ја вметнувам во фикција. Станува збор за обратен клуч на пишување: дали своето го внесуваме во туѓо или туѓото во своето. Тоа е таа вага со која постојано премерував.

Ликот на мајката од „Аб’т“, кој потсеќа на силните женски ликови на Петре М. Андреевски, низ целиот роман од раскажувачот е именуван како „мама“, додека таткото останува „татко ми“…

Оваа дистинкција, можеби повеќе лирска отколку лингвистичка, помеѓу „мама“ и својот несоодветен пар, значи не „тато“ туку „татко ми“ е всушност суштината на романот. „Мама“ е лик со конкретно име, Зоре, како и речиси сите ликови во романот. Единствените ликови коишто свесно ги оставив неименувани се раскажувачот, нараторот на романот и таткото. Не знам дали „мама“ е посилен лик или „татко ми“ е посилен лик; едноставно, сметам дека она што сум сакала јас да биде силно е, всушност, односот и нерамотежата меѓу именуван главен лик и неименуван главен лик. Во односот на именуваното и неименуваното е базата на мојата раскажувачка намера.

„На мама никогаш не ѝ беа чудни чудните работи. Таа беше во војна единствено со стварноста“. Постои ли човек што не е во војна со стварноста?

Не, претпоставувам дека не постои човек којшто не војува со стварноста. Меѓутоа, кога пишуваме за тоа, механизмите на тоа војување се книжевни механизми. Кога пишуваме големи книжевни формати, големи книжевни жанрови, обично како писатели си задаваме формат на искажување. Мојата намера беше многу повеќе да напишам магично-реалистичен роман отколку, да речеме, постмодернистички, како што беше во случајот со мојот прв роман за возрасни, „Заклученото тело на Лу“. Сите војуваме со стварноста, но сите различно. Ова оружје што сакав да ѝ го дадам во рацете на мама Зоре во „Аб’т“, сакав да биде типично само за неа и тоа оружје да биде, на некој начин, целосно убиство на стварноста, за да можам нестварното да го направам подоминантно во приказната.

Насловна на „Аб’т“ (издание на „Или-или“)

Бунарот што во себе крие човек станува човек што во себе крие бунар. А вистината се наоѓа на дното од бунарот, кој во случајов е празен, безводен. Блиску ли сме до симболиката на бунарот во романот?

Нема една вистина. Нема вистина горе и вистина долу. Вистината е она што е помеѓу нашето најгоре, во хабитусот и постоењето, и она што е нашето најдолу. Бунарот е централна тема, бунарот е всушност романот. „Роман длабок 18 метри“ е второто име на „Аб’т“.

Врската со бунарот е предадена преку кумановскиот збор „аб’т“, што значи бурјан. Тоа е растение што многу впива и крие вода во себе, па порано се верувало дека таму каде што расте аб’т, таму треба да се копа бунар.

Суштината на романот и причината за неговото создавање е всушност лагата, а не вистината. Човек, таткото во романот, сака да копа бунар таму каде што тој сака, а не каде што расте аб’т и немајќи сила да го направи својот личен престап без покритие, бара покритие во растение – корне аб’т од едно место, каде што се претпоставува дека би имало вода и дека би можело да се ископа бунар, и го носи на друго место каде што тој самиот сака. Така, лажејќи го светот си влегува самиот во сопствената лага. „Аб’т“ се темели на лага, не на вистина.

Дали приказната поврзана со влегувањето во бунарот во романот е чиста фикција или во прашање се (надградени) „усни преданија“ што сте ги слуш(н)але?

Приказната е целосно моја. Не сум истражувала и не ме интересираше тој аспект на мит, на колективни вистини, на колективно свесно или несвесно. Го истражував само историскиот материјал во романот (градбата на старата болница во Куманово, на болничката ограда, доаѓањето на Тито…).

Во мојата најреална реалност, постои еден бунар во подрумот на семејната куќа во Куманово каде што сум порасната. Моите родители имале стара куќа пред моето раѓање, којашто била мала и имала бунар во дворот. Годините пред да се родам јас, почнале да градат нова куќа, којашто е многу поголема и којашто го опфатила и дворот сосе бунарот, кој никогаш не го затвориле. Во моето детство беше забрането да се симнувам во подрумот сама, морав да се симнувам со некој возрасен, поради опасноста од бунарот. Тоа е една толку лична приказна и една таква моќна вистина којашто не би можела да ја раскажам во книжевен текст без да ја претворам во фикција.

Една реплика од Вашиот роман вели: „Ако мажот ти не излегува од бунар, ќе влезеш в бунар и ти!“ Дали сметате дека жените, општо гледано, трпат повеќе удари од вакви камшик-реченици?

Јас не бегам од феминизмот и не бегам од таквите потенцијални валенции на мојот текст. Свесна сум или претпоставувам дека женските ликови се поголеми хероини во мојот роман отколку машките ликови. Тоа има длабока врска со мојата реалност, начинот на којшто сум порасната, начинот на којшто и денеска живеам во секојдневието. Ликот на бабата Тимка е направен за да го потенцира она коешто јас не сакам да го третирам, односно местото на жената, на матријархатот и на феминизмот. На баба Тимка паѓа товарот на зададеноста на ова поднебје, каде што жените се постојано на една тенка линија помеѓу жртви и тирани. Во таа руба на жртви многу често се и тирани, така што тоа се теми можеби за друг роман, а во овој ми беше доволна Тимка со своите неколку, сметам важни, реплики во романот.

Во романот пишувате за офидиофобијата, вивисепултурата, онаматофобијата – ги разработувате и како феномени, и како реални стравови на ликовите. Помалку страшни ли се стравовите кога ќе им дадеме име?

Човек секогаш полесно се справува со именуваното отколку со неименуваното. Ова е многу широко прашање, на коешто би можела да објаснувам многу долго, меѓутоа сметам дека во контекст на романот, стравовите се неопходно наративно средство да го дефинирам профилот на раскажувачот. Само во тој контекст сум сакала да ги допрам, не во контекст на стравови како придружници на нашето постоење. Именувањето на нештата нè ослободува од тишината. Сакав да напишам многу зборлив роман, со многу богата лексика, а всушност да ја опишам тишината. Оттаму и ги именував стравовите за да се ослободам од безименото од коешто се плашиме.

Во контекст на главниот наратор, којшто нема љубов, нема ни живот, којшто е оштетен и од „мама“ и од „татко ми“, и од надземниот и од подземниот живот, сè што изнаучил во животот, сè е залудно. Залудни се дефинициите, многуте негови знаења, па оттаму се залудни, непотребно знајни и именувањата на стравовите што тој и сите околу него ги имаат.

Аб’т, дипе, алина, бинте, гамен… Додека читате ве облева милина од убавината и раскошноста на зборовите, од изобилството на лексиката со којашто располага нашиот јазик за кој многу често слушаме дека е сиромашен, во однос на помоќните, империјалистички јазици на денешницата.

Ова прашање е многу битно прашање за мене како писател – не само во „Аб’т“, туку и воопшто, а сметам дека во „Аб’т“ само го направив повидливо.

Всушност, сè почнува од самиот наслов на романот што е свесно избран кумановски збор, а насловување на дело со дијалектен збор е многу деликатно прашање. Тоа повлекува и навестува употреба на многу дијалектизми во самото писмо. Во „Аб’т“ лексиката е слободна и е збогатена со многу кумановски зборови. Всушност, сакав да има една заводливост помеѓу стандардниот јазик и дијалектизмите. Освен што сум писателка, јас сум и лектор по македонски јазик, којшто смета дека во книжевноста синтаксичката и морфолошката структура мора да бидат строги, меѓутоа лексичкиот материјал мора да биде олабавен, затоа што не треба да го стеснуваме јазикот, туку да го прошируваме. И сметам дека писателите сме тие коишто треба да најдеме начин да го збогатиме јазикот со дијалектниот материјал, којшто нема соодветни и идентични еквиваленти во стандардниот јазик.

Сакајќи да го збогатам јазикот, не само од некоја општествена или ширококултурна функција, туку од својата лична раскажувачка позиција, со употребата на кумановските зборови сакав да направам клучеви за разбирање на фамилијарното, на личното во приказната, оти нашите сеќавања се потпираат на зборовите многу повеќе еуфониски и како некакви слики, отколку како значења.

Зборот аб’т е бурјан, див бозел, авдика на српски, sambucus ebulus на латински и речиси сите овие зборови би можеле да бидат легитимни наслови на мојот роман. Меѓутоа, мојот роман се вика „Аб’т“, а аб’тот ги повлекува во романот дипето, фистоните, реслото, кондураџиските термини, алината – зборот кој е моето вербално алтер его. Нема ниту една моја објавена книга, којашто го нема зборот алина во себе. Во „Аб’т“ дури има и лик Алинка, една хипокористика со којашто сакав да остварам и други наративни цели. Дијалектните зборови се моето минато во Куманово, коишто сакав да ги внесам во мојот стандарден македонски јазик.

Сте размислувале ли некогаш да напишете роман целосно на кумановски? Би можело ли тоа да функционира?

Не. Во мојот однос кон јазикот, не само како средство, туку и како игра при пишување, наполно сум свесна дека не сакам, не можам и никогаш нема да напишам текст само на кумановски. Од многу едноставна причина: бидејќи ми е тесно во дијалектот. Кога пишуваме мора да ни биде удобно. Кумановскиот дијалект и, воопшто, дијалектите ни се тесни за пишување, особено поголеми прозни формати. Меѓутоа, она што ми е многу возбудливо и што верувам дека секогаш додека пишувам ќе го правам, тоа е тоа кокетирање, таа заводливост што постои помеѓу стандардниот јазик и дијалектот. Верувам во таа заводливост, иако не верувам во фатална љубов меѓу дијалект и стандарден јазик и ниту случајно во замена на едното со другото.

Во последниот дел од романот, симболички именуван како „Ресло“ читаме една графија за измислена биографија врз база на автобиографија. Како течеше целиот процес составен од сеќавање, фикционализирање и пишување?

Многу ми е важно читателите на „Аб’т“ да сфатат дека романот има три дела, а дека „Ресло“ е додаток. „Ресло“ не е дел од романот, „Ресло“ е додаток што може и не мора да се чита. Зборот значи остаток, кога се крои нешто, она што останува од крајот на текстилот, тоа е ресло. Може да се употреби за нешто друго, а и не мора.

„Реслото“ го пишував за верзираните читатели на мојот роман, за оние што се занимаваат со книжевност на едно попрофесионално ниво. Не ги потценувам останатите читатели, напротив, но „Реслото“ првенствено им го наменив на верзираните. Работам доста и книжевна критика и би сакала да прочитам роман во којшто писателот би ми дал „ресло“ за да ми покаже како го правел тоа што сум го прочитала. Значи, за мене „Ресло“ е издавање на тајната како го напишав романот „Аб’т“. Ресло е речиси вистина, речиси мое пишување во прво лице, ама мое, како Оливера, не како безимениот наратор на романот. Процепот меѓу тоа прво лице од „Реслото“ и третото лице во „Аб’т“ сметам дека е клучот за книжевната уметност што ја извлекуваме од автобиографијата и потоа предадено ја летаме како да е некој змеј од фикција.

 

(Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во октомври 2019 година)

 

Фото: Наташа А.

Наташа А.

https://blen.mk/jas/

КОМЕНТАРИ

  • Елизабета Баковска и Сашо Димоски: Ако не ги архивираме ние нашите сеќавања и приказни – кој?! - Блен.мк

    […] Оливера Ќорвезироска во предговорот вели дека си „патентирала една наративна постапка со капсулирање на вистината“. Како би се чувствувала кога и други автори би го користеле твојот „патент“ за капсулирање на својата вистина во исти вакви животни периоди на соочување со смртта на родител/близок? […]

    Одговори

Што мислиш ти?