Муабетења

Невена Митрополитска: Тешко се проголтува вината – и на индивидуално, и на национално ниво

Романот „По шините“ од бугарската писателка Невена Митрополитска се занимава со судбините на три жени – баба, мајка и внука, кои во три различни времиња се соочуваат со различни животни предизвици. Бабата е бугарска Еврејка која за време на Втората светска војна, заедно со своето семејство, меѓу кои има и Евреи од Скопје, ја очекува депортацијата во концентрационен логор. Внуката е на истата возраст како тогаш баба ѝ и е жртва на врсничко насилство на училиште, а мајката гори меѓу два огна обидувајќи се да комуницира со двете додека самата се бори со почнувањето нов живот во прекуокеанска земја.

Романот допира теми кои се значајни како на индивидуално, така и на национално рамниште, а и отвора многу прашања во врска со нив, па тоа беше поттик за ова прекуокеанско интервју со писателката Невена Митрополитска, која живее во Канада.

Пред некое време правев интервју со албанската писателка Мимоза Хиса, а еве сега со Вас, што значи дека периодов сум се зачитала книги од соседните книжевности 😊. Колку, како писателка и како личност, ви се важни работите што ги споделуваме на нашиве простори?

Исклучително важно е да се разбираме добро со соседите – и на личен, и на политички план. Тие се нашето најблиско опкружување, ако имаме потреба, тие први можат да ни помогнат – пред пријателите и сојузниците. Ако ни се запали куќата, соседот е тој кој може да ни помогне, а не пријателите или роднините оддалеку. И оттука, на чисто политички план, за да се разбираме добро со соседите, важно е да ги разбираме. Да знаеме што им е важно, од што се плашат, зошто се плашат, што ги радува, што им е неприфатливо итн. И ако ги разбереме, ќе видиме колку многу се нештата што нè поврзуваат, колку повеќе и поважни се од нештата што нè разделуваат. А има ли подобар начин за да се постигне ова од познавањето на книжевноста на соседите?

Средишната приказна на Вашиот роман „По шините“, кој неодамна беше преведен на македонски, се одвива во Бугарија за време на Втората светска војна. Дали во одредена мера Ве демотивираше тоа што толку многу книги се напишани во светот на оваа тема или тоа Ви беше поголем поттик за да го најдете својот агол?

Тоа што се напишани толку многу книги на оваа тема, ми ја направи задачата потешка. Поминав години во читање на историска литература, во интервјуирање очевидци, гледање интервјуа со очевидци итн. И бидејќи прочитав различни мислења за настаните во врска со Евреите и Бугарија во Втората светска војна, мислења напишани од авторитетни историчари поткрепени со факти а сепак различни, за мене беше предизвик да се ориентирам и да добијам сопствено мислење за тие случувања. Тогаш сфатив дека еден искусен историчар, исто како и научниците од кое било друго поле, може да брани која било своја теза, едноставно, со селектирање на фактите што ја потврдуваат, а да ги игнорира фактите што би ја оспориле. Јас, како автор, макар и на уметничка книжевност, просто не можев да се потпрам на ничиј научен авторитет, требаше сама да барам одговори. А тоа не ме демотивира, ме мотивира. Сакам предизвици.

Земјите на Балканот живеат во агониска борба за историјата, постојано потхранувана од властите кои обожаваат да ги одржуваат во живот сликите на соседите како непријатели. Дали сметате дека со романот давате интелектуален придонес кон стивнување на страстите околу тоа што се случувало за време на Втората светска војна во Бугарија и Македонија?

Се надевам дека имам некаков придонес, иако не голем. За тоа како ќе биде примена мојата интерпретација на настаните од тоа време од македонската публика можам само да претпоставувам. Многу ме интересира дали Македонците ќе дознаат од романот нешто ново за односот на бугарските власти кон македонските Евреи. Претпоставувам дека не. Но можам да тврдам дека многу бугарски читатели на романот од него дознаа за суровиот однос на бугарските власти кон запленетите македонски Евреи во текот на тие неколку недели пред да им ги предадат на Германците. Во Бугарија, обично акцентот се става на фактот дека бугарските власти ги уапсиле и им ги предале на Германците, па оттаму започнуваат бескрајни дебати за тоа дали можеле да ги спасат или не, со тоа што вообичаениот одговор е „не, ништо не можеле да направат“. Во мојот роман го привлекувам вниманието кон нешто друго. Реферирав на тоа без заобоколувања, но накратко, зашто „македонската врска“ е второстепена наративна линија. Мислам дека треба уште многу работа – не само од страна на писателите, туку и од филмаџиите, на пример, за стивнување на страстите кај луѓето во однос на тоа прашања. И пак не сум сигурна дека тоа може да се постигне. Тешко се проголтува вината – и на индивидуално, и на национално ниво.

Освен со судбината на Евреите во Бугарија и во (тогашна Вардарска) Македонија, во романот се занимавате и со емиграцијата и со врсничкото насилство на училиште преку животите на трите женски ликови – бабата, нејзината ќерка и нејзината внука. Како изгледаше процесот на истражување, пишување и спојувањето на сето ова во романот?

Првин беа истражувањата, кои траеја најмалку две години. Пред да почнам да пишувам, основниот дел од истражувањата беше завршен онолку колку што беше потребно за да ја исклучам можноста да се појави логична дупка во приказната. А додека ги пишував поединечните сцени, можев да почнам да копам околу некој незначителен детаљ и тоа да трае со часови.

За современата наративна нишка користев мои интервјуа, научни трудови, понекогаш книги од областа на психологијата, како и мои лични набљудувања од животот. На пример, за да пишувам за случувањата на внуката во гимназијата, разговарав со девојче на нејзина возраст, со учителка на деца на нејзина возраст, најдов статии во научни списанија и ги користев набљудувањата на моите деца и моите лични спомени.

И бабата Ребека имала 15 години кога се подготвувала да биде депортирана во концентрационен логор, и внуката Маја има 15 години кога го живее пеколот на малтретирањата по училишните ходници. Се сеќавам на женските списанија што ги читав кога и јас бев на таа возраст, каде што постојано се пишуваше дека ова е пресвртна година во животот на една девојка и до ден-денес се согласувам со тоа. Како гледате Вие на оваа возраст?

Не знам дали во списанијата што сте ги читале станувало збор точно за 15-та година или за поширокиот дијапазон на тинејџерските години. Тоа е навистина пресвртна возраст. Сега и се замислив зошто решив хероините да ми имаат по точно 15 години кога им се случуваат овие нешта. Зошто не 16 или 17? Од една страна бугарскиот Евреин од Ќустендил што го интервјуирав имал точно 15 години во 1943 година. Од друга страна, и мене лично на 15 години ми се случија нешта кои во голема мера ми ја определија судбината – од една страна, го изгубив татко ми, а од друга, го посетив Аушвиц, нешто што децении подоцна доведе до пишувањето на овој роман. Некои мои творечки решенија доаѓаат по многу обмислување, а други – интуитивно. Решението возраста на Ребека за време на обидот за депортирање да биде 15 години беше интуитивно. А тоа што возраста на внуката од современата наративна линија беше иста како и на баба ѝ во текот на 1943 година, беше намерно.

Како споредна, но за мене многу важна, во романот се провлекува и темата за вечниот конфликт меѓу генерациите и чувството дека не можат да се разберат едни со други. Дали тоа што сме различни од генерациите пред и по нас ни е само изговор за тој конфликт?

Да, мислам дека е само изговор. Тоа што зависи од нас е да не престануваме да се обидуваме да ги разбереме другите генерации. Да излегуваме од комфор-зоната и од нашето разбирање на светот кои ни даваат сигурност и да ги разбереме другите. И мислам дека книжевноста тука може многу да помогне.

Прашањето на (не)можноста за правење избори во сопствениот живот, кое е многу важно во романот, е нешто што нè допира сите, на различни начини. На кој Ваш избор сте Вие најгорда во животот?

Најмногу се гордеам со изборот да имам деца. Со текот на времето сè повеќе си оддавам признание дека тоа ми е најголемото достигнување и најголемата радост. Исто така, се гордеам затоа што решив да пишувам романи иако долго време за мене тоа беше нешто нерационално, со што си го остварив сонот од детството.  Во тоа се впуштив на една не толку млада возраст, на 40 години и веќе со три деца, иако уште на 20 години решив дека тоа треба да си остане само сон. Но, книгите, сепак, се на второ место. На прво се децата.


Насловна фотографија: Анелија Петрова

Наташа Атанасова

...

Leave a comment