Книжевен гоБЛЕН

Ајде заедно да веземе Книжевен гоБЛЕН

Што имаат заедничко летањето во јато, везењето и новата рубрика на „Блен“?

^^^   ^ ^  ^^   ^^^^^^ ^
^^^^^^^^^^ ^^^^^ ^^^^^

За мене, септември е месец за нови почетоци. Како на позадинско платно ми се проектира сликата и чувството од првата година одбележана со септемвриски почеток, онаа кога бев забаваче. Во занималната имавме закачени цртежи од јата птици преселници како ги почнуваат нивните летови кон југ и додека наставничката ни раскажуваше приказни за птичјите авантури, ние цртавме наши – цртежи, приказни и авантури.

Така, кога ќе видам на календарот септември, и ден-денес, по повеќе од триесет години, срцето ми потреперува и подигрува. Гледам небо, слушам цвркотење и душата ми се обојува со благиот немир и силниот восхит на пилиштарец што треба лекциите по летање од летните денови да ги стави на тест и да тргне на својот прв долг и непредвидлив лет кон некои непознати краишта.

И не знам што е тоа што ме возбудува повеќе во тие септемвриски слики: дали идејата за самото летање ^, летањето во јато ^^^^^ или…

^  ^  ^^^
^^^
^
… Идејата за некаквоси п(р)олетување

Сигурно се прашувате од каде сега муабетов за септември, новите почетоци и сликите од детството. И јас се прашувам, оти цело време додека го подготвував она што сакам да ви го претставам, размислував во друга насока. Но, вечерта кога седнав да го пишувам текстов (што денес му доаѓа вчера, на 1 септември!) нишките во овие почеточно-летовно-јаточни бои магично почнаа да се појавуваат и да ја везат сами приказната за она што (ќе) се вика: Книжевен гоБЛЕН.

Станува збор за нова рубрика на „Блен“, која долго време ја квачев, ја зборував, мислев и обмислував заедно со пријатели, кои придонесуваа со мислења и совети. Како што од некои добивав поддршка, а од други мрчење, така и од работно-животните обврски добивав де зелено светло, де рачна кочница, ама пустиот мерак не стивна, па рубриката полека почна да ја крши лушпата и – се испили!

Знам дека и вас како и мене ви се смачи од птичјиов вординг, ама поднасловов што ми долета ми е многу јак, па морам… 😀

Лет над книжевничкото гнездо

Идејата зад рубриката е секој вторник на „Блен“ во соработка со нова авторка, па нов автор, па нов автор, па нова авторка – и така натаму, и така потаму… да објавуваме авторски текст на нова (и кога се може, актуелна) книжевно-книжевничко-книгичарска тема.

На пример, за септември веќе имаме неколку договорени текстови, на теми како: дали писателите треба да лажираат борби за да создаваат потрогателни дела, дали се поважни битовите или доматите, како изгледа да се гостува кај нобеловка…, а потоа продолжуваме на нови теми, од типот на: како-би-ја-дефинирале-вие-темата-на-којашто-имате-што-да-кажете-и-ви-треба-само-некој-малку-да-ве-подбоцне-за-да-почнете-да-ја-везете 😊.

Со други зборови, рубриката е пополнета до третата недела од септември, а во меѓувреме ќе почнам да молам и скролам наголемо и нашироко за спарување на вистинската тема со вистинската личност.

Се мислев како жанровски да ги класифицирам овие текстови, со оглед на тоа што сите освен еден сè уште не се напишани и ете ти го Томислав Марковиќ, гостинот на „Друга приказна“ со кого правев интервју. Разговаравме за колумната, и тој кажува дека многу текстови, иако жанровски се нешто друго, можат да се шверцуваат под формата на колумната, затоа што тоа е форма што е растеглива и неодредена и трпи сè.

И, си велам, да ја растегнеме уште малку за во неа да собере и различни, и редовни и текстови од различни автори. Па, како што по широко распространети  медиуми речиси нема ништо на тема книжевност на редовна база („Окно“, „Букбокс“, „Арно“, „Умно“, „Трн“, „Нова Македонија, „Слободен печат“ – ова, секако, не важи за вас), така на „Блен“ во Книжевен гоБЛЕН може да има речиси сè!

Ако сите поединечно првкаме со крилцата и боцкаме за малите нешта со вештината, љубовта, ентузијазмот, истрајноста и трпението потребно за изработка на еден гоблен, сите заедно ќе ја почувствуваме неимоверната сила на еланот од лет во јато, кое ја везе големата слика за тоа што книжевноста ни значи и со каква енергија (и слика!) може да зрачи.

За крај, ова е само најава на почетокот :). Рубриката ја почнуваме утре, а прва ќе везе Хана Корнети.

И, да, засега веземе за џабе (дур да најдам начин за везачите да има и пристоен хонорар), ама везењето сигурно нема да ни биде џабе!

 

Наташа Атанасова

...

Leave a comment