Книги

Во челустите на животот и љубовните триаголници

(осврт кон романот „Агни“ од Борут Крашевец, „Чудна шума“, 2023 г.)

Има нешто во современата словенечка книжевност што ми ја прави особено шармантна. Со секоја нова книга којашто ќе ја исчитам, се чувствувам како да сум стапнала на нова гранка од едно високо и особено разгрането дрво. А секоја гранка си носи свој ризик, бара нова храброст и го дава задоволството од поинаквата или подалечната глетка.

Најновата гранка од ова дрво на словенечката книжевност ми е романот „Агни“ од писателот Борут Крашевец. „Индијанска“ за да се качам на неа ми дадоа текстот од објавата на „Чудна шума“ на Фејсбук и преведувачот Дарко Спасов – две примамливи препораки кои решив да ги испочитувам и… глетката што ја добив покажа дека одлуката целосно вредеше!

Три линии и три триаголници

„Агни“ е роман со три паралелни раскажувачки линии, во кои се раскажува за женката куникула Агни (инаку, куникула е вид питом зајак за домашно одгледување), од нејзиното раѓање до крајот на нејзиниот живот, и тоа најмногу преку нејзината перспектива; потоа за младата „женка“ Маша, девојка на 15 години која влегува во светот на возрасните со своето сексуално созревање; и, на крај, приказната за Катја, Брина и Иван – при што Катја е мајка на Маша, Брина сестра-близначка на Катја, а Иван сопруг на Катја, татко на Маша и… иден љубовник на Брина.

Овие три раскажувачки линии минуваат низ три главни љубовни триаголници. Едниот е семејниот – тој од погоре; вториот е театарскиот на Брина, нејзиниот партнер и колега Роберт и неговата нова љубовница и нивна колешка Карин, а третиот адолесцентскиот на Маша, нејзиниот дечко Јошт и нејзината другарка Ања. Има и други, замислени, како тој на Катја, нејзиниот поранешен дечко Дуле и Брина, а тука може да влезе и односот меѓу Маша и Брина, кој Катја го доживува како упад од страна на сестра ѝ и влез во врската со ќерка ѝ…

На почетокот беше крајот

Содржината на романот сама по себе не значи ништо доколку авторот не ја извози како што треба низ умот на читателот. А тоа тука е направено одлично, и од аспект на структурата, и од аспект на стилот на романот. Крашевец раскажувањето го почнува од крајот, од последната случка, кон која треба да нè одведат сите останати. А и таа случка, во првиот дел наречен „Наместо предговор“, ни ја прикажува снимена преку термографска камера што го препознава само топлинското зрачење:

„Нему устата му е како вулкан – бездруго ѝ свикал и од устата му излегува лава. Лиги се тоа? Зборот не може да биде толку жежок и запалив. Или, пак, може?

„Агни“, стр. 6

Понатамошното читање само отвора нови прашања и нови претпоставки кои се ликовите кои ќе се најдат во таа сцена и во кој дел од хронологијата, всушност, припаѓа сцената. А читателот ова го дознава дури на крајот, при што во ниту еден дел набиеноста на раскажувањето не опаѓа.

Во средината на инстинктите и звуците

А тоа што возбудата при читањето цело време е тука, најмногу се должи на начинот на кој Крашевец успева на неверојатно интересен начин да ги испреплете и по важност да ги изедначи ликовите на луѓето и на животните, особено преку прикажувањето на нивните однесувања кои се многу слични и многу почесто отколку што ни се чини водени од инстинкти (особено оние на луѓето).

На пример, Агни е женка куникула, која се окотува заедно со дузина други куникулчиња и по игра на случајноста преживува додека мајка ѝ јаде дел од нејзините браќа и сестри, за по некое време да порасне доволно за да биде оплодена од татко ѝ и и самата да роди свои деца, од кои дел ќе ги изеде; но и Маша е човечка женка, која на почеток ја гледаме како ги слуша лекциите од татко ѝ за сексуалноста на животните или на тетка ѝ за сексуалноста на луѓето и пред очи ни созрева и се впушта во својот прв сексуален чин. Или, онака како што куникулите стравуваат од лисицата што навечер доаѓа и го задавува мачорот или одгризува нога, така и Катја, потпирајќи се на својот инстинкт, се плаши од сестра си која се вселува во нивниот дом откако прави пауза во театарот по раскинувањето со партнерот кој ја изневерил, дека ќе се „нафрли“ на нејзиниот сопруг, т.е. дека ќе го заведе Иван, што е прекрасно доловено со овој алузивен дијалог во кој Катка сака да ја потсети Брина на времето кога ѝ го „украла“ Дуле, симпатијата од средношколските денови:

– Доцен снег, за неколку дена ќе се стопи, месечината засребри во гласот на Брина. – Некаде, рече Катја, не се сеќавам каде, прочитав нешто како: не паѓа снегот за да го покрие брегот, туку за секоја ѕверка да си го покаже трагот. Каков ѕвер? Навистина не знам за што зборуваш, Катја. – Не се сеќаваш? Нема да биде првпат.

„Агни“, стр. 24

Ова е роман богат со вкусови, полн со мириси и со изобилство звуци. Онаматопејата е присутна речиси на секоја страница, во познати, но и во најнеочекувани форми: пиф (капки од запалена пластика, односно солзи); флап (лижнување); ци-циу; шлак-шлак; мхм; мм; клик; ха-ха-ха; ма-Е-Е-и-и (мјаукање на мачки што се гонат); фрас, шраас, шлуп; а-а-ама, а-ама-а-а (викање по мајка на дете кое станува од сон); цап; р-р-р; д-р-р-р (клукајдрвец); куку, куку; глб, глб (звук на водата од чешмата); ток-ток (непроодноста на водата низ сифонот); у-и-и-и (морничаво цвилење на некој што го јадат жив и свесен); шик-шак (острење на нож); ту-тум, ту-тум (силно биење на повредено срце); жлуп (одвојување на слепени испотени тела); бе-е-е (блеење на ученици); пк, пк (плукање семки); шуш, шуш; би-и-и (свирење со сирена на автомобил), а тука се и ономатопејските глаголи, како хмнување, бреење, зузукање… Луѓето се доживуваат себеси преку мирисите, како на пример, таткото Иван за ќерка му Маша, кој мириса на шума, смола и свежа машка пот, а сетилата за мирис и вкус на Агни се најважни за нејзината перцепција на светот:

„Се восхитуваше на новиот свет отаде во кој се најде. Сè беше толку чудно (…) таа ја гледаше тревата, која одблизу ѝ изгледаше џиновска. Па, како мириса, го пикна носот во билките и длабоко вдиша. Да, тоа е тој мирис, мирисот на реалноста (…) Касна малку глуварче. Вкусот беше таков каков што мора да биде отаде: со многу непознати димензии (…) Ги затвори очите и само ги слушаше звуците, волшебни, непознати, звуците се спојуваа, се раздвојуваа, отскокнуваа, избезумено се бркаа по опавчињата некаде меѓу гранките или се вртеа меѓу тревата (…) Никогаш не би помислила дека звук, толку тенок звук со кафеав грб и бело меше, може да предизвика толку остра болка.

„Агни“, стр. 183

За крај, да заокружиме огнено

Колку и да изгледа налудничаво роман што раскажува за животот, животните и природата да се сведе на геометрија, некако линиите и триаголниците неминовно водат натаму :). Но, она што се покажува како главна форма кога ќе се погледне целата слика, целиот свет на романот, тоа е кругот. Какви и да се меандрите по кои нè води животот, колку и да се остри рабовите и ќошевите на триаголниците во кои запаѓаме или самите ги правиме, колку и инстинктите да нè спасуваат или да нè водат директно во ѕверски челусти, животот е еден голем круг, кој почнува со нашето раѓање и нè води кон смртта без можност за бегање.

На овој животен круг, впрочем, упатува и насловот на романот, односно името на куникулата што ѝ го дава Маша. Кога го побарав значењето на името Агни, видов дека на санскрит тоа значи „оган“, а воедно е и име на индискиот бог на обичниот, земниот оган. Огнот е симбол на срцето, страста и животот, а од другата страна на вагата рамнотежа држи неговата моќ да затемни, задуши, проголта и уништи. Сè на сè, огнот е прочистувачки елемент, симбол за обновувањето. А тоа што кај Ацтеките богот на огнот бил претставуван со два испреплетени триаголника (едниот со врвот нагоре како симбол за небесно издигнување и моќ, а другиот со врвот надолу како симбол за падот и соединувањето со земјата) е само уште едно фино митолошко зачинување на значењата на насловот и на романот.

Токму затоа и „Агни“ почнува од крајот, од последното случување кое ја заокружува приказната за ликовите луѓе и ликовите животни. На тој крај мислите низ целиот тек на нарацијата и неминовно му се навраќате да го препрочитате кога ќе завршите со романот, за да бидете сигурни дека кругот на приказната е затворен, а огнот на животот сè уште тлее.

Позадина на насловна слика: Pexels

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?