Фраер(к)и

За Марина Абрамовиќ вреди да се вреви

На 21 септември во Музејот на современа уметност во Белград ќе биде отворена* веројатно најизвиканата ретроспективна изложба во регионот во последниве години. Станува збор за изложбата „Чистач“, која е враќање на Марина Абрамовиќ на музејската белградска сцена по цели 45 години.

Многумина велат дека, гледано од културен аспект, настанот ќе ја обележи 2019 година и дека да се видат делата на најголемата уметница во историјата на перформансот толку блиску до нас е можност што не смее да се пропушти. Наспроти нив се оние за кои Абрамовиќ е само високо искомерцијализирана фигура, која со помош на музејските машинерии успева баналностите да ги претстави како уметност и од тоа да заработи богатства и дека не вреди да се троши време на неа.

Од ритуализам и комунизам до перформанс

Марина Абрамовиќ е родена во Белград, во 1946 година, од родители партизани, прогласени за воени херои. Зафатени со изградбата на Југославија, тие ја оставаат Марина да расте со нејзината баба.

Детството исполнето и организирано според религиозните ритуали на нејзината баба добива нов тек кога ќе се роди брат ѝ – за нејзиниот живот и образованието почнуваат да се грижат родителите. Во раскошниот стан, за кој подоцна ќе дознае дека бил еврејски дом узурпиран од фашистите, а потоа населен од нејзините родители, таа живее богат живот и добива скапо образование, но не може да избега од лупата на родителската строгост и од наметната комунистичка дисциплина.

Во годините на уметничкото образование и самоосознавање, спојот на ритуализираниот живот од најраните години поминати со баба ѝ со дисциплината и решителноста што владее во семејниот дом на нејзините родители резултира со фокусирање на нејзиниот интерес и нејзиното уметничко творештво на: перформансот. Со други зборови, таа станува уметник на кој најголем медиум му е сопственото тело.

Во говорот на „Тед“ од 2015 година, Абрамовиќ го изложува нејзиното едноставно поимање на перформансот: „Перформансот е ментална и физичка конструкција што изведувачот ја прави во одредено време пред публика и потоа настанува дијалог на енергии. Публиката и изведувачот заедно го прават делото. Сите човечки суштества секогаш се плашат од многу едноставни работи. Се плашиме од страдање, се плашиме од болка, се плашиме од смртноста. Овие стравови јас ги поставувам пред публиката. Ја користам вашата енергија и со неа го притискам моето тело да оди колку што може подалеку. И потоа, се ослободувам од овие стравови. А јас сум ваше огледало. Ако јас можам да го направам ова за себе, можете и вие.“

Во ритамот на болката

Вака говори Марина пред 4 години, но вака размислувала и пред повеќе од 40 кога ги правела своите први перформанси. Болката и стравот од болката се присутни речиси во секое нејзино дело. Од првиот перформанс, „Ритам 10“ (1973), со руската игра со ножеви што се забодуваат меѓу прстите, преку „Ритам 5“ (1974), перформансот со скокнувањето во запалената петокрака, до „Куќа со поглед на океан“ (2002), сценска „проѕирна куќа“ во која престојувала дванаесет дена пред будните очи на публиката без никаква приватност и од која единствен излез се скали направени од ножеви поставени со сечилата исправени нагоре.

Од перформансот „Ритам 0“ (1974)

Најпознатиот перформанс од нејзината младост е „Ритам 0“. Овој перформанс го изведува на 28 години, како одговор на сè пожестоките напади и исмевања од страна на критичарите кон уметниците што се занимаваат со перформанс со тврдењата дека се умоболни, егзибиционисти, мазохисти и дека сè што сакаат е само да бидат во центарот на вниманието.

Изморена од овие „ставови“, Абрамовиќ решава преку перформанс да ја изнесе на виделина природата на јавноста и да покаже до каде може да оди таа ако уметникот не направи ништо. На маса става 72 предмета за уживање, но и за нанесување болка, па им ги остава на располагање на присутните со изјавата дека можат што сакаат да (ѝ) прават со нив, дека таа нема да реагира и дека за сè што ќе направат за време на перформансот кој трае 6 часа, таа ја презема одговорноста. Меѓу предметите има и пиштол со еден куршум.

Иако публиката на почеток е воздржана, на крајот на перформансот Абрамовиќ се здобива со исеченици, целосно е разголена и измалтретирана од присутните, кои во моментот кога завршуваат шесте часа и Абрамовиќ зачекорува да се соочи со нив како човечко битие, а не како кукла од перформанс, си заминуваат.

Љубовна врска – уметничко дело

Од перформансот „Преостаната енергија“

По разводот со српскиот концептуален уметник Неша Париповиќ во 1976 година, Абрамовиќ оди во Амстердам да изведе перформанс и за време на престојот решава да остане да живее тука. Во Амстердам го запознава западногерманскиот уметник Улај (Уве Лајзипен), со кого почнува интензивна врска, која ќе резултира со плоден уметнички период на нивни заеднички перформанси. Од перформансите кои ја истражуваат природата на врската меѓу двајца, особено се истакнуваат:

Во 1988 година, Абрамовиќ и Улај решаваат да стават крај на нивната интензивна врска на начин што за сите останати може да биде несекојдневен, но е за нив е само составен дел од перформативното секојдневие. Во перформансот наречен „Љубовници“ (The Lovers) двајцата тргнуваат на духовно патување од двата спротивни краја на Кинескиот ѕид, Абрамовиќ од источниот, кај Жолто Море, а Улај од западниот, во пустината Гоби и откако и двајцата ќе одат по 90 дена и ќе изодат по 2.500 километри, се сретнуваат на средина за да се разделат. Така, ова перформативно долго одење за доближување и разделување во моментот на средба, за кое Абрамовиќ има кажано дека ѝ се сонило дека треба да го направи, станува вистински филмски завршеток на врската полна со мистицизам, енергија и привлечност.

Балкан(ски) барок

Во 1997 година Абрамовиќ добива покана да биде прва жена-претставник на речиси распаднатата Југославија на Венециското биенале. Се претставува со перформансот „Балкански барок“ (Balkan Baroque), кој првично ѝ е одбиен во Црна Гора. Добива уметнички простор, подрум, што ниту еден друг уметник не го сакал, но што совршено се вклопил со нејзината идеја.

Марина Абрамовиќ во „Балкански барок“

Абрамовиќ го наполнила подрумот со куп свежо исечени кравји коски и секој ден по шест часа седела и ги чистела коските од месото и крвта со челична четка, додека во позадина оделе снимки што асоцираат на насилство и траума.

Перформансот претставувал уметнички бунт против грозотиите на војните (на оние на Балканот, но и на сите останати), кои посетителите можеле да ги намирисаат оддалеку како што минувале часовите и деновите и како што коските гниеле и црвјосувале на жешката температура. „Балкански барок“ ја освојува најзначајната меѓународна награда на биеналето.

Уметникот е присутен

На полни 64 години, Абрамовиќ му покажа на светот дека сè што ѝ е потребно за да ја пренесе својата уметност е една соба и два стола. Станува збор за прочуениот минималистички перформанс „Уметникот е присутен“ во њујоршкиот Музеј на модерна уметност (МОМА), каде што три месеци или вкупно 736 часови седеше лице в лице (или подобро: очи в очи) со гости од публиката.

Абрамовиќ го втренчи погледот во 1.545 луѓе, меѓу кои се најдоа и Клаус Бајзенбах, Џејмс Франко, Лу Рид, Ален Рикман, Џема Кирк, Џенифер Карпентер и Бјорк; луѓето беа замолени да не ја допираат и да не ѝ зборуваат. При крајот на перформансот наспроти неа се појави и Улај. Видеото од нивната средба со вирусна брзина го обиколи светот, а и до ден-денес циркулира на интернет:

„Да се седи три месеци, делуваше како цела вечност. Видов толку многу болка и осаменост. Се обидов да дадам безусловна љубов на секој пар очи што се најде спроти мене. Навистина ја почувствував сета тежина на постоењето гледајќи во толку многу очи. Постои потреба празнината да се исполни. И може да се исполни само со искрена човечка врска и пренос на енергија“, вели Абрамовиќ во едно интервју.

Во повеќе наврати таа има изјавувано дека овој перформанс ѝ го сменил животот: „целосно, секој можен елемент, секоја емоција“. Перформансот имаше толку силен одек во јавноста, што во музејот го посетија околу 750.000 луѓе, а по него беше направена и видеоигра.

Сериозно, зошто толку врева?!

И тука се враќаме повторно на почеток, каде ја отворивме дилемата дали вреди да се крева толку прашина околу доаѓањето на Марина Абрамовиќ во Белград.

Факт е дека Абрамовиќ е една од најпризнаените живи уметници од просторите на поранешна Југославија во светот, а во исто време и име кое голем дел од луѓето на овие простори, за жал, не го ни слушнале. Оние што го слушнале и што слушнале за нејзината слава без да се заинтересираат подлабоко за нејзиното дело, знаат ноншалантно да ја отфрлат. Ја етикетираат како самопромовирачки ексцентрик желен за внимание што создава безвредни дела во кои сметаат дека единствено можат да уживаат (или, уште повеќе, да се прават дека уживаат) само луѓето кои имаат некаков профит од тоа или смешните уметнички снобови.

Но, да не должиме многу – ако спаѓате во оваа група, дајте си шанса да ја запознаете уметноста на Марина Абрамовиќ (отворете ги линковите од текстот, на пример), па можеби ќе се премислите и ќе ми се придружите во ставот дека Абрамовиќ е перформанс-маг за кој, навистина, вреди да се вреви!

 

* Текстот беше објавен на magazin.antoris.mk во септември 2019 година

 

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?