За суштината на поезијата не треба многу да се философира
Овој текст му го посветувам на Игор Исаковски (1970-2014) по повод десетгодишнината од неговото прерано заминување.
Пишува: Јосип Коцев
Отпрвин, не знаев дека во мене има некаква поезија. Во првата деценија на новиот век (the oughties), понесени од развојот на различните форми на постоење во дигиталниот свет, многумина ја селеа својата креативна работа онлајн. Дел сум од генерациите што го живееја тој молскавичен премин од аудио и видеокасета на флопи, па на ЦД, ДВД, УСБ, од форум, блог, на Фејсбук, Твитер, Инстаграм… Нашето претопување од аналогно во дигитално беше природно и возбудливо. Ракописното пишување одеднаш стана типкање на тастатура, а јас ја имав шансата да го искусам најдоброто од двата света.
И така, во студентските денови, длабоко несреќен од изборот да студирам на Правен факултет, збунет кој сум и што сакам, паралелно ја водев борбата со своите демони и отпуштањето на таа креативна брана за којашто чувствував дека треба некако и oд некаде да распука за да ми ја намали фрустрацијата.
Поезијата никогаш не ми беше намера и моите први „возрасни“ поетски обиди не беа на хартија, туку на тастатура, на онлајн форум во 2008 година. Се зачленив под псевдонимот Квентин за да читам рецензии за филмови и серии. Псевдонимот доаѓа од бројот 5 на латински и значи „петтиот“, поради многуте петки во мојот датум на раѓање (каде ли ми бил паметот!?). Спонтано ја пронајдов форумската секција за поезија. Таму се вежбав две години, објавувајќи и коментирајќи со другите членови, меѓу кои имаше почетници и ентузијасти како мене, но и филолози и професори по литература.
Откако го изгустирав форумот, се преселив на блогерајот и во период од 3 години исполнив три блог-страници со околу 300 песни. Кога ми помина меракот и за блог, го преселив псевдонимот на Фејсбук.
Да се биде или не анонимен
Беше тоа нов свет со многу подиректна и побрза комуникација и добивање одѕив. Таму со години пишував како Квентин, додека еден ден, (мојата сега добра пријателка) Илинка Делчева не ме натера да ѝ откријам кој сум. Таа ме поврза со познатиот поет Игор Исаковски, кој беше заинтересиран за тоа што го пишувам. Бев преплашен и засрамен од средбата со поет од рангот на Игор, се разбира. До вчера и самиот го читав и споделував. Се сеќавам дека на нашата средба во „Цреша“, тој ми рече: „Уште колку време планираш да се криеш, ова треба да го објавиме“.
Да не беа Игор и Илинка, никогаш немаше да се охрабрам да објавувам. Дотогашната добра рецепција од публиката на социјалните мрежи не беше доволна да ме натера да објавам книга. Решив дека тоа нема да го направам додека не добијам потврда од искусен и докажан човек во книжевноста. Се мачев со помислата дека можеби придонесувам кон општото скрибоманско штанцање книги кои никој не би ги читал. Тоа е особено евидентно во сферата на поезијата, како некаков вид експлозија на егото и негова масовна манифестација во печатена форма. Откако Игор ме убеди дека тоа не е така во мојов случај, му ги испратив сите песни од форумот, блоговите и Фејсбук, а тој рече дека со неговата издавачка куќа „Блесок“ ќе конкурира на годишниот конкурс на Министерството за култура, а потоа и ќе ја уреди и објави мојата прва книга.
Тој декември 2014, страшната вест дека Игор не е повеќе меѓу нас ме заледи и стопираше. Не мислев на книгата воопшто, се повлеков во мојот кожурец само со поривот да пишувам. По некој месец, книгата беше одбиена од Министерството за култура, а рецензијата што ја напишал Игор остана на неговиот компјутер кој беше заклучен со шифра. Месеците минуваа, речиси се бев откажал бидејќи сè изгледаше безнадежно, а првата книга се чинеше како далечен сон. Околу март 2015, од издавачката куќа „Блесок“ ни соопштија дека успеале да го отклучат компјутерот и да ги извлечат документите на Игор. Меѓу нив беше и рецензијата за мојата книга која уредно ми пристигна на мејл. Тоа го протолкувавме како знак од некаде дека треба да продолжиме со книгата. Јас и Илинка ја подредивме како знаевме и умеевме (читај, со раскошно неискуство) и ја издадовме во мај со рецензијата на Игор, гордо поставена на почетокот пред сите песни. Не можев да поверувам дека книга со поезија ќе предизвика таков интерес. Промоцијата на „Јас, Квентин Скриблер“ во октомври 2015, на која како гости ги поканив моите драги луѓе од поетскиот свет со кои истата вечер и се запознав за првпат (Ана, Снеже, Ѓоко и Дарко), беше преполна со луѓе, а целиот тираж го снема за кратко време.
Ја раскажав приказната за моите почетоци затоа што сè уште ја доживувам поезијата како форма на автотерапија. Преку поезијата се прифатив себеси, таа е мојот начин да ја живеам својата вистина. За мене таа не е нешто што треба да биде продадено, популарно, фотографирано и обожавано. Според мене, многу важна е рецепцијата од читателската публика, важен е и одгласот на критиката како и вашиот личен пристап и однос кон тоа што го творите. Важни се преиспитувањето, конструктивното сомневање и реалниот поглед на нештата. Но најважно, ми се чини, е постоењето на луѓе како Игор, луѓе кои се веќе етаблирани и несебично им даваат „ветер во грб“ на младите, неискусни и несигурни автори.
Како да продолжи да се пишува ваква непопуларна форма?
Пишувам зашто тоа е мојот начин да се интерпретирам себеси, не да се допаднам некому или да му го погодам вкусот. Ако моjата главна raison d’être беше некакво докажување или натпревар со други, сигурно одамна ќе ме имаше напуштено желбата да се истражувам и да растам. Понекогаш си мислам дека поезијата е многу изморена, ветва, износена, откажана од себе, и тогаш кревам раце сè до следниот природен импулс за творење. А тие импулси се обична реплика од странец во автобус, рефрен од песна што ја слушам за првпат, разговор и пропаѓање во некого… Секогаш различен отсјај на постоењето. Сите мои поетски книги се раздобја од мојот живот преведени на поетски јазик. Го споделувам напишаното со светот затоа што сакам да му кажам дека има и други начини како да се прифатиме себеси такви какви што сме. You may say I’m a dreamer, but I’m not the only one.
Инаку, лично, не сум голем љубител на перформативниот дел на поезијата (тука мојата социјална анксиозност го има последниот збор), туку само на творечкиот. Единствено се трудам да не си го расипам уживањето во творечкиот процес и да не пропаднам во калта на суетата, дали е читано, дали е популарно, наградувано, фалено и колкумина ќе го купат.
Како да им одолееме на консумеристичките нагони нешто да биде популарно, продавано, а истовремено да биде сметано за каква-таква уметност? Тешко. Но суштината на книжевноста, па и на поезијата како дел од неа, не се купува и за неа многу не треба да се философира. Tаа се доживува и се памети. По извесно време, паметиме само како таа уметност нè допрела. Дури не ги паметиме ни ликовите од романот што сме го читале, нивните реплики, стиховите во одредена песна. Го држиме само чувството. Знам дека нешто ме допрело кога ќе го исполнам телефонот со слики од пасуси што ми се допаднале. Порано ги потцртував со молив. Како читател, голем дел од тоа што го имам прочитано и во моментов ми било претставено како врв на книжевноста, ми е заборавено. Затоа верувам дека само времето покажува што и колку долго ќе преживее во меморијата на читателот. Тоа е вистинскиот показател, а не моменталниот тренд, популарноста и маркетингот околу одреден наслов. Да се стрпиме и да почекаме J
Каква е иднината на пишувањето поезија?
Развојот на социјалните мрежи и комуникацијата во дигитална форма ги преселија кратките книжевни форми на Интернет. Да, никој нема да седне да чита роман онлајн, но љубителите на поезија читаат и споделуваат поезија на Фејсбук, Инстаграм, Твитер, а верувале или не, ги има и на Тик-ток. Зошто да му се спротивставуваме на времето и слепо да се држиме за нешто што ни се развива пред очите и има бескраен потенцијал? Сакам да верувам дека иднината на книжевноста е умешен микс од традиционалните и современите медиуми за нејзино пласирање. Такви треба да се и фестивалите, настаните и платформите што ќе ги обединуваат повозрасните и помладите генерации писатели. Токму мојот нестандарден пат и влез во книжевноста е еден таков одраз на тоа ново време. Да не ми се случеше таа имерзија во дигиталниот свет, веројатно никогаш немаше да тргнам по него и веројатно сега немаше да го пишувам овој текст за „Блен“.