Книжевен гоБЛЕН

Со читачкиот клуб му даваме шаренило на сивиот живот во Куманово

Пишува: Наташа Атанасовска, преведувачка и ентузијастична читателка


Откако знам за себе уживам во книгите, но покрај читање книги, отсекогаш сум сакала и да дискутирам со други читатели за тоа дали и кај нив дадена книга побудила исти чувства, дали и тие ја протолкувале на ист начин како мене и дали дадена книга им се допаднала или ги шокирала исто како и мене.

Ова чувство преовладуваше кога ја читав „Петтото дете“ од Дорис Лесинг во далечната 2011 година, кога едвај чекав да зборувам за оваа книга со некој кој ја има прочитано. За среќа, во моја околина имав неколку пријателки кои исто така сакаа да читаат и да дискутираат за прочитаните книги, па решивме да формираме книжевен читачки клуб. На почетокот бевме три, а веќе следниот месец бројот ни се дуплираше на шест и во последниве 13 години бројот ни се движи од шест до девет членки. Некои од членките го напуштија клубот поради преселба во друга земја или мајчинство, нови членки дојдоа во меѓувреме, но некако низ годините клубот најчесто ни броеше шест читателки. Велам читателки, бидејќи и покрај нашите напори да вклучиме машки читатели, тоа не ни успева. Не знам дали ова е поради предрасудите дека ќе предлагаме „евтини љубовни“ романчиња или дека ќе ги надзбориме, но ете почнавме и останавме само жени членки, иако се надевам дека во иднина ова ќе се смени.

Како функционира читачкиот клуб?

Секој месец по една членка на клубот нуди книга која или ја прочитала и многу ѝ се допаднала или ја заинтригирала или, пак, непрочитана книга која делува интересно и има добри критики. Почнуваме со предлозите на најстарите членови, а потоа на најновите и така ротираме секој месец. Исто така, се обидуваме да вклучиме автори од разни држави и од разни ери. Покрај автори од англиското говорно подрачје, сме читале и автори од речиси сите европски земји, од Јужна Америка, Африка, блискиот и далечниот Исток, дури и од Австралија, бидејќи една од основачките на клубот ни се пресели во Австралија и од таму повремено ни препорачува интересни автори, но повеќето не се преведени, па ги читаме на англиски јазик. Вообичаено читаме печатени верзии на книгите, но понекогаш кога книгата е непреведена или кога не можеме да ја најдеме во локалните библиотеки или книжарници, читаме електронска копија на киндл или на лаптоп. Иако се фокусираме на помодерните книги, одвреме-навреме ги препрочитуваме и класиците, како некои од книгите на Достоевски, Вајлд, Булгаков, Орвел, Хаксли, Петре М. Андреевски итн.

Средбите секогаш ни се во живо, во некое помирно кафуле или ресторан каде можеме гласно да дебатираме без да ги вознемируваме останатите гости, освен во текот на КОВИД пандемијата, кога редовно, секој месец, одржувавме читачки средби на Зум.

Дискусиите секогаш ни се интересни и бучни бидејќи сите имаме различни ставови и погледи за книгите. Сметам дека поинтензивна дискусија е доказ за добра книга. Спротивставени ставови имаме скоро за сите книги, зависно од нашето искуство и погледи на светот, како и од вкусот за книги. На пример, јас претпочитам книги со надреални елементи, книги кои спаѓаат во доменот на научна фантастика или книги со црн хумор, а некои од членките сакаат „полесно четиво“ или претпочитаат да ги препорачуваат класиците. Меѓутоа, колку и да не ми се допаѓа дадена книга, сметам дека ми е обврска да ја прочитам до крај како почитување кон лицето што ја предложило и потоа да си го кажам мислењето. За среќа, многу ретко препорачуваме „недобри“ книги, ако има такви, бидејќи од секоја книга може нешто да се научи.

Покрај читање на странски автори, секако читаме и македонски автори и тоа и од постарите и од поновите генерации. Секако, тука е „неприкосновениот“ Венко Андоновски и неговите „Папокот на светот“, „Вештица“ и „Припитомување на кучката“, потоа сме ги читале „Сите лица на смртта“ од Петре М. Андреевски, „Египетска сонувалка“ и „Рогот на љубовта“ од Божин Павловски, „Резервен живот“ од Лидија Димковска, „Индиго Бомбај“, „Каменот од твојот ден“ и „Манастирот Фуентерабија“ од Јагода Михајловска Георгиевска, „Мојот маж“ од Румена Бужаровска, „Телото во кое треба да се живее“, „Страв од варвари“ и „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски, „Диссомнии“ од Игор Станојоски, „Нишан“ од Блаже Минески, „Избрани драми“ од Горан Стефановски, „Аб’т“ од Оливера Ќорвезироска, „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ и „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ и мојата омилена „Денот на црвот“ од Симона Јованоска. Ги препорачувам сите горенаведени автори како доказ дека и во македонската литература има и постари, но и млади креативни лица кои изненадуваат со својата дарба за пишување.

Последниве години почнавме да ги каниме македонските автори на нашите средби и имавме среќа најпрвин да нѐ дружи Симона Јованоска, која е преоригинална авторка и прекрасна личност, потоа „махерот на македонската книжевност“ Јагода Михајловска Георгиевска, како и двајцата талентирани автори од нашиот роден град Куманово: Петар Андоновски и Оливера Ќорвезироска. Најинтересно е тоа што сите писатели кои доаѓаат на нашите средби се зачудени како веќе 13 години опстојува нашиот книжевен читачки клуб и како читаме добри книги и имаме квалитетна дискусија за нив од психолошки, социолошки, политички и личен аспект.

Најголемо задоволство ми е кога ќе помислам дека сум прочитала толку многу книги, па нема веќе што да ме изненади и се појавува некоја нова прекрасна книга во која бескрајно уживам. Овој клуб ни отвора нови видици и нѐ прави пофлексибилни и поотворени луѓе бидејќи слушаме различни мислења, дознаваме нови работи и имаме нови искуства со книгите кои ги читаме.

За водењето на овој клуб е потребно, пред сѐ, организираност, упорност и, секако, љубов кон читањето. И покрај многубројните професионални и лични обврски, сите сме посветени и одговорни кон читањето на избраната книга за тој месец, но во меѓувреме успеваме и други книги да прочитаме по слободен избор. Сите со нетрпение ги очекуваме месечните средби за да дискутираме за работи за кои инаку не би ни знаеле дека постојат. Така му даваме шаренило и разноликост на секојдневниот сив живот во нашиот роден град.

Постоиме веќе 13 години (т.е. во февруари 2025 година ќе бидат 14 години) и во моментов ја читаме нашата 143-та книга, „Невообичаена убавина“ од Лидија Манатоја, па се надевам дека ќе продолжиме со исто темпо и во следните децении.

Leave a comment