Книги

Сликовница за најубавата планета на светот

(осврт кон сликовницата „Каде е мојот дом?“ од Сезен Аксу Ташјурек; превод од турски: Васко Марковски; издавач „Чудна шума“, 2023 г.)

Имам неполни 7 години и сум прво одделение. Учиме за есента, а јас се пријавувам да нацртам на хамер плодови што ги собираат шумските животни. Бидејќи воопшто не ме бидува за цртање, на хамерот што завршува во рацете на мајка ми се појавуваат топчињата што си ги шутираме со децата по улица, кои учам дека се викале желади и дека, всушност, им биле храна на верверичките.

Имам полни 37 години и ова сеќавање за кое можеби никогаш немаше да знам дека постои, ми се враќа пред очи кога ја отворив сликовницата „Каде е мојот дом?“ и ги видов расфрланите желатчиња. Овие желади ги будат и пеперутките во мојот стомак кои се разигруваат секојпат кога за првпат отворам сликовница.

Но, мојата разгорена возбуда и љубопитноста не ме оставаат долго да контемплирам. Ме поттурнуваат да ја свртам страницата и да ја откријам приказната гушната меѓу страниците со желади.

Верверичката во светот во кој владее човекот

А внатре со верверичката од корицата тргнуваме на едно патување низ времиња и низ простори. Почетната станица е прастарото време, кога насекаде имало зеленило и единствената „интервенција“ на човекот во природата било цртањето на сивите карпи за да ги украси. Верверичката живее среќно, а единствен страв ѝ е да не ја стапне, по грешка и со мала веројатност, влакнестиот мамут.

Страницата се врти, времето тече, атмосферата се разгорува – човекот го открил огнот и ја запалил шумата, а верверичката за да спаси жива глава го напушта својот дом.

Уште едно вртење и ја сеќаваме полната сила на алузијата од претходните страници: „но од каде да знаела дека тоа од што требало да се плаши не бил големиот мамут“. Верверичката стигнува во нова шума и уште не зела здив од трчањето, сè се тресе, дрвјата паѓаат и таа открива дека човекот ги сече за да си прави куќа, не сфаќајќи дека тие се нејзиниот дом.

Како што продолжува потрагата на верверичката по дом, така срцето се стега и нејзината беспомошност се чувствува до коска. Нејзиниот дом не може да биде во морето; таму живеат морските животни кои исто така ги трпат последиците на тоа што „човекот научил да прави и бродови, но не научил да не го загадува морето“. Нејзиниот дом не може да биде ни градот, каде што дрво нема ни за лек.

И со секоја нова страница, зад зборовите и илустрациите лебди прашањето:

Ќе си најде ли верверичката дом?

Драмата на верверичката што ја читаме, паралелно и ја гледаме. Турската писателка и илустраторка Сезен Аксу Ташјурек толку добро на секоја нова страница ни доловува како се чувствува верверичката. На почеток од растрчана, разиграна и среќна станува подзамислена и подисплашена, па вистински исплашена и изгубена, мала како трошка во пространството на пеплосаната шума распослана на двете отворени страници. Потоа, за момент вратената надеж во нејзините очи кои ѕиркаат од новото домче излетува од нејзиното срце додека скокнува да бега од исеченото дрво што го нарамил дрвосечачот и пак ја гледаме како мравка во големото крајбрежје, како ги прави своите жални чекори кон морето. Нејзиното лице љубопитно нурнато под водата наеднаш станува преплашено додека јурнува да плива пред перките на бродот. Сама и мала во големиот град без ниедно дрво, тажна под будното око на контејнерските муви и на човекот во чија мрежа е заробена уште пред да успее да пушти солза над својата судбина. За кратко и извадена од памет кога ќе ѝ се скрши запчето од лажната кикиритка… И, да, ни недостасува и се прашуваме: „каде ли отиде насмевката на верверичката од првите страници?“ и се надеваме пак да ја видиме.

А дали ќе ја видиме верверичката пак среќна и насмеана?

Па… И тука се прави една голема пауза за разговор со детето до вас или во вас.

  • Зошто верверичката е од тажна-потажна? Зошто од скоковите низ пештерата што личеше на Ласко, сега е стутулена зад стаклото на излогот во една продавница? Зошто човекот ѝ го (на)прави сето тоа?
  • Дали е тоа фер? Дали човекот е фер? И тоа не само кон верверичката, туку и кон сите други живи суштества што живеат на овој свет, кој ние го доживуваме како да е само наш и да треба да ни служи само нам?!
  • Што би биле ние без природата, како би изгледал нашиот живот ако продолжиме да не се грижиме за животот околу нас? А како би изгледал ако почнеме да се грижиме?

…И можете да продолжите со читање за да уживате заеднички во крајот.

А откако ќе ја прочитате и последната страница со поглед  што потсеќа на „Ѕвездената ноќ“ на Ван Гог, сетете се на посветата од почетокот на книгата, во која детинесто, будалесто, искрено и топло оваа сликовница ѝ е посветена „на најубавата планета на светот“.

Во овој свет децата од мали треба да ги учиме за растенијата и животните, за тоа дека желадите се храна на верверичките, а дрвјата нивни дом, но најважно од сè, дека во овој наш голем заеднички дом треба да дејствуваме размислувајќи постојано на иднината, затоа што во него отсекогаш важи правилото: „што си посеал, тоа ќе си ожнееш“.

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?