Книги

Синото мече на нашето детство

(осврт кон сликовницата „Фати ми го синото мече“ од Силвија Шесто, со илустрации на Ванда Чижмек; превод од хрватски: Катица Гаровска; издавач: „Чудна шума“, 2024 г.)

За својот петти роденден, детето Вселенко како подарок добива прекрасно кадифено сино мече во кое се вљубува на прв поглед. И додека нестрпливо чека да го извади целофанот, да го гушне и да потоне во неговата мекост, мајка му му забранува да го направи тоа за мечето да не се извалка. Вселенко една година го гледа мечето како стои на полица завиткано во целофанот и бидејќи обидите тој или татко му да ја наговорат мајка му да попушти се неуспешни, цело време си игра со него во мислите и во соништата. Сепак, кога еден ден ќе дојде кај нив на гости неговата братучетка Модрана, работите нагло се менуваат: мечето ќе излезе од растргнатиот целофан и ќе заврши во нејзини раце, а со неа и засекогаш ќе замине од неговиот дом. Но не и од неговите мисли!

Ова е краток вовед во содржината на сликовницата „Фати ми го синото мече“ од хрватската писателка Силвија Шесто. Со оглед на тоа што живееме во време на преплавеност од секакви текстови, поткасти и рилови на тема трауми од детството и со совети за родителство кои ги даваат и стручни и самодекларирани експерти со самоувереност како да докторирале на темата, сметам дека е важно да упатам на оваа сликовница како на еден прекрасен и суптилен водич за разговор на родителот со своето дете, но што е уште поважно, на родителот со човекот и детето во себе, токму на тие теми.

Првото нешто што ме заинтригира во сликовницата беше името Вселенко. Најдов дека во оригинал е Свемир, што не е некое често име ни во Хрватска и си реков, мора да има нешто што направило авторката да го избере за име на главното јуначе. Но, се испостави дека требало само да продолжам понатаму, затоа што со стигнувањето до крајот на приказната, станува јасно дека името е искористено поради неговото буквално значење со кое лесно се упатува на универзалноста на ликот и на приказната, на тоа „севселенско“ чувство на скршеност на детското срце по претрпена неправда со коешто за првпат се соочуваме во детството и кое е првото скалило на искачувањето кон светот што го креираат возрасните, а е исполнет и со неправди, тага и фрустрации.

Оттука, затоа и мечето е сино, а сина е и доминантната боја на илустрациите низ сликовницата. Сината е прекрасна боја – бојата на небото и на водните пространства што мамат со својот бескрај и асоцираат на слобода, но е и бојата на тагата. На англиски да се биде тажен дури се вели и „to feel blue“. Па така, авторката во синото мече успеала да ги спои, од една страна, мечтите, прикажани преку желбата на Вселенко да си игра со мечето макар и само гледајќи го зад целофанот и замислувајќи го како другарче космонаут со кое ќе патува низ небесните пространства, а од друга страна, неизмерната тага што ќе се всади во неговото срце поради неможноста вистински да си игра со својата играчка.

Меѓу другите ликови што се појавуваат низ приказната, интересни се:

  • ликот на мајката (која се вика Тага!), која и самата кажува дека во детството имала кукла што стоела на креденецот и со којашто родителите никогаш не ѝ дозволиле да си игра;
  • потоа тука е таткото, во улога на немоќен посматрач кој не му помага на своето дете во исправување на неправдата, туку остава да победи неправедната волја на мајката;
  • тука е и Модрана – палавата и непослушна братучетка на којашто родителите не знаат да ѝ кажат „не“ и принципиелно да стојат до тоа „не“, па за нејзините палавости не само што поминува неказнето (и покрај заканите), на крајот по помодрувањео од плачење чисто за да го добие тоа што го сака, дури е и наградена;
  • а тука е и кумата Ѓурѓа, која му го подарува синото мече на Вселенко и која кажува дека и таа за неа си купила исто такво, кое спие со неа и ја чува на перницата (за што мајка му и татко му ја исмеваат).

Сепак, иако ова е сликовница на триесетина страници, од кои поголемиот простор е исполнет со илустрации, а текстот зазема прилично мал дел, таа е пример за тоа како и на мал простор може добро да се развие лик – ликот на Вселенко.

Низ сликовницата го гледаме Вселенко како се соочува со неправдата што му ја нанесуваат родителите (послушно!); потоа како тие увидуваат што направиле давајќи ѝ го мечето на Модрана, па се обидуваат да ја исправат барајќи насекаде да му купат ново мече (скршено!); потоа како е опсипан со разно-разни кадифени играчки но нему му минува желбата да си игра (расте!); па како почнува да ужива во читањето книги (утеха?) и со само еден параграф се прави гооолем скок во неговиот живот:

…ги прочита сите сликовници и сите книги што беа напишани, ги заврши сите школи што требаше да ги заврши, се вљуби во прекрасната Олга, се ожени, се пресели и го доби прекрасниот син Кузман.

Со овој скок се отвора простор во приказната да се мушне уште еден лик, ликот на синот на Вселенко, Кузман, кој визуелно е досетливо претставен со истиот изглед како Вселенко – меѓу нив нема никаква разлика. И Вселенко беше дете, како што биле некогаш и неговите родители, како што е сега и Кузман. Гледајќи го своето дете како расте, од мислите на Вселенко не се исселени сеќавањата за синото мече – таа голема неправда (и траума од постапките на родителите) кога бил малечок што ќе му остави длабока трага. Иако избледена, таа е тука сè до еден момент, до кулминацијата, кога на Вселенко ќе му се даде шанса за исправување на „космичката“ неправда.

На крајот стигнуваме до местото каде што сите ние намерно или случајно летно време знаеме да се најдеме со нашите деца, посетувајќи кое било од туристичките места во земјава и околината. Тие речиси банални апарати со фаќалки под кои лежи куп од кадифени играчки, кои повикуваат да се поужива во возбудата да се освои за своето дете играчка за да му засветкаат очињата, за Вселенко стануваат точка на соочување (а можеби и за надминување) на својата траума.

И додека сликовницата има среќен крај (барем за децата), а и родителите (барем оние свесните) можат да ликуваат што Вселенко го крши шаблонот на родителско однесување кое неговите родители го копирале од своите родители и со тоа го поштедува детето од една траума која би била идентична на неговата, сепак, останува да лебди прашањето со кои и какви трауми и неправди ќе се соочи Кузман понатаму во детството? Затоа што, човек што не доживеал неправда и траума не постои, а самото соочување со нив е дел од процесот на растење и развивање и оваа сликовница ни го покажува токму тоа. Врз некои можеме да имаме влијание и како самосвесни родители да ги поштедиме децата од нив, но врз неправдите на светот нема да имаме големо влијание а децата мораат да се соочат со нив и да порснат.

Затоа оваа сликовница ја гледам како едно убаво средство за размислување и разговарање – и сами со себе, и со нашите деца. Сите ние ги чуваме во себе сеќавањата за „сините мечиња“ од нашето детство, па можеби е време да ги ископаме од длабокото и да ги претвориме во приказни кои за децата ќе имаат забавен и поучен карактер, а за нас терапевтски. Па, мене ми текнува на неколку, ама баш ме интересира, кое е вашето сино мече?


Заднина на насловната слика: Pexels

Наташа Атанасова

...

Што мислиш ти?