Шегите што живот значат
Уште ги чувам белешките од предавањата по Естетика кај професорот Иван Џепароски. За време на студиите, тој беше еден од ретките примери дека и надвор од катедрата за Општа и компаративна книжевност во зградата на ФЛФ и ФЗФ има „кул“ професори. Иако неговиот предмет ни беше изборен, часовите ги следевме со религиозна посветеност, додека нè опиваше магичната атмосфера во предавалната создадена од неговите естетички инкантации и зрачењето на неговата филозофска аура.
Иван Џепароски (1958 г.) е еден од нашите најголеми филозофи. Има напишано голем број предговори и поговори во рамки на преводи на значајни филозофски и книжевни дела (да ги споменеме само Платон, Псевдо-Лонгин, Фројд, Де Унамуно, Ками, Гадамер, Плаут, Блејк, Џојс, Бродски, Штајнбек…) и препеано збирки поезија од Блејк, Џојс и Бродски.
Во своите научни истражувања Џепароски се има занимавано со уметничкото дело, со естетиката на играта и на возвишеното, со аспектите на другоста, со дискурсите на визуелното, со културата и литературата… Го истражувал и комичното и хуморот, а неговите есеи на оваа тема како да ја чекале расположеноста на „Театар Комедија“ да почне со издавачка дејност за дружно да се вдомат меѓу корици.
За содржината на книгата
- Во првиот есеј, насловен „За комичното“, Џепароски прави преглед на теориите за комедијата и комичното низ историјата, тргнувајќи од Аристотел и неговата дефиниција за комедијата како подражавање на попрости луѓе и она што е кај нив грдо и смешно; преку Кант, Шопенхауер и Дилтај кои комичното го врзуваат за чувството на бесмисленост, ненадејно вооченото несоодветство или за доминантниот субјект кој исмева гледајќи од височина; до Фројд, Мориал и Липс, кај кои комичното е триумф на нарцизмот, олеснување или нешто малечко што ја зема маската на големото за да се распадне во своето ништо.
- Есејот „За комедијата“ се занимава со спецификите на овој драмски (и театарски!) вид. „За разлика од трагедијата и од трагичките настани и херои, комедијата се занимава со обичните луѓе и со секојдневните настани, и таа затоа не го носи во себе патосот и возвишеноста на трагедијата, туку (…) ги содржи во себе едноставноста, радоста и веселбата на секојдневието“, вели Џепароски, кој понатаму додава дека „широчината и богатството на темите опфатени во комедијата никогаш не се поврзуваат за митот или за вечните прашања на човечката судбина (…), туку отсекогаш со политичката и со општествената проблематика“ , за да заклучи дека „токму затоа комедијата најдобро се доживува и се дефинира – на сцена“.
- Потоа, следуваат есеите „За црниот хумор“ и „За иронијата“. По читањето на секој од овие два есеја, неговиот омилен „верен читател од првите читателски и театарски редови“, бидува награден со по еден сјаен бисер од книжевно-филозофската школка на Џепароски. Во првиот случај, тоа е црнохуморниот расказ-есеј „За писателите – со мала помош на црниот хумор“, каде што Џепароски се заигрува пишувајќи хумористични причини за смртта на канонизираните книжевници (на пример, Софокле: Самоубиство поради Едипов комплекс), најзначајните претставници на балканските книжевности (на пример, Никос Казанѕакис: Поради играње сиртаки распнат е на крст) и за евентуалната смрт на некои истакнати членови на македонскиот П.Е.Н. центар (не даваме пример, оти веруваме дека верниот читател сам ќе стигне до таму). Вториот бисер е филозофско-хумористичниот дијалог „За уметноста – со мала помош на еден ирониски дијалог“ што Џепароски го води со Сашо Поповски (САШО: Неталент и амбиција, стар љубовен пар. ИВАН: (…) и денес, неталентот и амбицијата не се разголени и без престан се нудат на уметничкиот пазар. Нудизам на невкусот.)
- Двата следни делови се студиозните текстови „Хуморот и сатирата: културолошки пристап“ и „Комичното и хуморот: естетички пристап“. Првиот од нив Џепароски го почнува со разгледување на забележаниот феномен дека во Македонија луѓето сè помалку се смеат. Цитирајќи го Бергсон, кој вели дека „човек не може да ужива во смешното ако се почувствува осамен“, овој проблем Џепароски го лоцира на неколку места: прво, во „крајната индивидуализација која заговара осаменост и несподелување на заедничките чувства на радост и смеа“; потоа, во тоа што „сме премногу сериозни и ја немаме потребната лежерност која, меѓу другото, ѝ е потребна на една нација“ затоа што сме загрижени за сенешто и, на крај, затоа што хуморот кај нас сè помалку е коректор на недостатоците на индивидуален или на колективен план“. Џепароски со доза на жалење истакнува дека кај нас критиката и хуморот се во криза, дека театрите низ Македонија сè помалку изведуваат комедии и дека „единствено ‘Театарот Комедија’ од Скопје со својата успешна програма и многубројна публика, претставува соодветна апологија (одбрана) на комичното и на хуморот“. А, како што вели тој, „само онаа општествена стварност која може да опстои пред критичкиот наплив на потсмевот и на смеата завредува да опстане и да остане здрава“.
- Последниот дел од оваа книга Џепароски му го посветува на првиот автор од римската книжевност кој ѝ се дава целосно на комедијата, на најистакнаиот претставник на палијатата, кој до ден-денес важи за ненадминат мајстор на духовитите дијалози – Тит Макиј Плаут. Причината зошто Џепароски избира да пишува токму за Плаут е што тој ги приспособувал и поедноставувал делата од новата грчка комедија со цел да ги направи привлечени за пошироката римска публика, онаа навлечена на „леб и игри“. Неговите комедии изобилуваат со навредливи и умилкувачки зборови, пејоративи и деминутиви, провинцијализми и грцизми од богатиот фонд на народниот говор со цел постигнување на комичен ефект. „Плаут целосно го исмева – ничеовски кажано – светот на аполониската култура а го воспева светот на дионизиската култура. Во тоа е единствен и неповторлив и затоа мнозина го преработуваа(), и токму затоа, денес, тој е наш современик од дамнини“.
„Комичното и хуморот“ е книга којашто, на некој начин, ги поврзува теоријата и практиката. Филозофското размислување на професорот Џепароски, најсоодветното кога станува збор за промислувањето на комичното без да се упропасти смешното, на едно повисоко ниво е споено со дејствувањето на „Театар Комедија“, кој пред себе ја има зацртано целта да го насмее оној што ќе влезе низ неговите врати (повикан од театарскиот слоган: На чекор до смеата).
А засмевањето преку формата на комедијата отсекогаш имало тежина поголема од чисто смеење. Иако во антиката комедијата била третирана како „пониска“ уметност која ги задоволува ниските страсти на толпата, она што ја направило да опстои е нејзината моќ да биде коректив на стварноста. Доказ за тоа денес добиваме од напливот на стенд-ап комичари. Широката популарност на овие своевидни хумористични монодрами, од една страна, покажува колкава е гладта за комичното, а од друга страна дека комедијата ја држи цврсто в раце можноста со претставувањето на смешните секојдневни мотиви и ситуации во кои луѓето се препознаваат да се подбива со сериозни теми и да го предизвика ефектот на „кисело“ смеење. Тоа, пак, ги тера луѓето да размислуваат зошто им е смешно смешното, да развиваат емпатија и да размислуваат на борба против она што не чини – и надвор од нив, и длабоко во нив.
Читајќи ги страниците на оваа книга, сфаќаме колку ни е неопходно во животот да имаме смеа – за да се веселиме, за да се преиспитуваме, за да живееме! Ако театарот се одвива на штиците што живот значат, комедијата е тука за да ни ги носи шегите што живот значат.
Книгата „Комичното и хуморот“ можете слободно да ја преземете:
ТУКА.
Наташа Атанасова
...