Престапи против самиот себе – педерастија (Џереми Бентам)
Под кој вид престап би ги сместиле неправилностите на половиот апетит за кои се смета дека се неприродни? Додека се скриени од очите на јавноста, невозможно е да се нијансираат и да се разместуваат; зар не би можеле да се пронајдат каде било, па и овде[1]. Со години се мачев да изнајдам доволно добра причина која во наше време би ја оправдала осудата на овие престапи меѓу сите европски нации, но почитувајќи го утилитарното начело, не можев да најдам ниедна.
Престапи на нечистотијата и нивните видови
За гадостите коишто следат по овој наслов заедничко е тоа што задоволуваат одредени сетила со помош на нечисти објекти. Оттука, нечистотијата би можела да се состои во употребата на:
- Објекти од сопствениот вид, ама во непристојно време: на пример, по смртта.
- Објекти од соодветни вид и пол, во пристојно време, ама на непристојни делови од телото.
- Објект од истиот вид, ама од погрешен пол. Ова се разликува во однос на останатите под името педерастија.
- Погрешен вид.
- Во самозадоволување на половиот нагон без ничија помош.
Педерастијата како најголем престап
Третоспоменатото е највпечатливо во светот и би требало да му се посвети вниманието кое го заслужува. Во однос на сите други престапи набројани во овој одвратен преглед, во најголема мера ќе му се посветиме нему, востановувајќи ги природата и тенденциите на овој престап.
Дали педерастијата произведува какво било примарно зло[2]?
- Во споредба со кое било друго зло, јасно е дека педерастијата никому не му предизвикува болка. Наспроти тоа, таа предизвикува задоволство кое, покрај својот первертиран вкус, му е претпоставено на задоволството кое се смета за највисоко. Двајцата партнера имаат волја. Доколку само еден од партнерите не би имал волја, за чинот кој овде го имаме предвид не би ни расправале: би се работело за комплетно друг престап, бидејќи би припаѓало на друг вид чин, би се работело за лична повреда, за некој вид силување.
Како секундарен престап, дали педерастијата произведува каква било загриженост во заедницата?
2. Ни како спореден престап, педерастијата не задава никаква мака во разбирањето. Бидејќи, што воопшто би претставувала таа, ако некој би се плашел од неа? Претпоставката е дека кон неа се склони само оние кои ја избрале како извор на свое задоволство и кои се пронаоѓаат во неа како таква.
Дали произведува опасност во заедницата како секундарно зло?
Кога се работи за која било опасност која не предизвикува болка, опасноста, доколку и постои, би морала да тежнее кон тоа да послужи како пример. Но, кон што тежнее овој пример? Наведување на другите да ги практикуваат истите дејства? Но, овој акт, врз основа на сè што е досега изнесено, никому до ден денешен нема нанесено каква и да било болка.
Причини кои вообичаено ѝ се припишуваат
Досега не пронајдовме ниедна причина поради која би ја казнувале: посебно онаа која се однесува на степенот на строгоста со која обично се казнува. Да погледнеме за каква моќ се работи кога се зборува за причините кои обично ѝ се припишуваат за да се казнува.
Целиот сој правници – кои го испишуваат англискиот закон, иако меѓу нив никој веќе не ни знае што подразбира под зборовите „јавен ред и мир“, како што не знаат ни што значат многу други ним добро познати изрази – сметаат дека се работи за престап против јавниот ред и мир. Во согласност со тоа, тие во секој поглед ја сметаат (педерастијата)[3] за престап против јавниот ред и мир. На истиот начин на којшто разбојништвото, ковањето лажни пари или кој било друг вид на измама се сместени во престапи против јавниот ред и мир. За овие исти правници, несомнено е дека и прељубата го крши јавниот ред и мир. Јасно е дека ако галантниот заводник, како и да е и кога и да е, прифати предизвик на нечија туѓа жена, тој нешто присвојува на сила. Не е потребно ова понатаму да го објаснуваме.
Дали овој престап ја загрозува безбедноста на поединецот?
Сер В. Блекстон (W. Blackstone)[4] е попрецизен. Тој смета дека не се работи само за престап против јавниот ред и мир, туку дека токму преку поделбата на различни престапи на јавниот ред и мир се загрозува и се врши престап против безбедноста. Според истиот автор, доколку човекот е виновен за некој вид валканост, на пример, ако општел со крава – а познато е дека има такви – тогаш тоа е престап кој загрозува нечија безбедност. Авторот не кажува за чија безбедност се работи, бидејќи правото во своите уредби не прави таква разлика; ниту тој правник, ниту кој било друг англиски правник, во своите коментари не прави никаква разлика на овој вид валканост, кога е извршена со согласност на оној кој ја поднесува и истиот вид валканост извршен против неговата волја со употреба на сила. Исто како кога не би правеле разлика помеѓу прељуба и силување.
Дали овој престап ослабнува – Монтескје?
Причината поради која Монтескје го осудува, почива на слабоста која тој престап изгледа дека ја предизвикува кај оние кои практикуват (педерастија): „Би требало да се забрани бидејќи не прави ништо друго освен што на едниот пол му ја дава слабоста на другиот пол и што срамната младост ја подготвува за нечесна старост“ (Duh zakona, 12. книга, 6. глава)[5]. Ова, дури и кога навистина би било вистина, произлегува од сосема поинаквата природа во односот на сето претходно, така што врз основа на тоа најверодостојно е педерастијата да се смести меѓу горенаведените престапи, како што и направив. Сè додека тој чин навистина постои, на него треба да се гледа, на прво место, како на престап кој му припаѓа на списокот со престапи на човекот против самиот себе, како на престап од невнимание: и понатаму, како на престап против државата со кој се настојува да се намали моќта на јавноста (public force).
Доколку и настојува да го ослабне човекот, секако не преку некој поединечен чин, на видлив начин (педерастијата) би можела да произведе таква последица. Би можела да биде само навика: така како чин би станала омразена бидејќи би се препознала дека постои и на тој начин би се препознало и постоењето на навиките. Како и да е, ова ослабување не би требало да биде темел на основа на кој дејствувањето кое е во прашање би се третирало со поголем степен на строгост отколку што би било во случајот на вообичаениот полов апетит. Дали навистина треба да биде така? Доколку треба да дадеме потврден одговор, би требало и да покажеме или со помош на аргументи a priori изведени од разгледувањето на природата на човековото опкружување или од искуството. Дали постојат такви физиолошки аргументи? Не сум слушнал ниту за еден. Не би можел да се сетам на ниеден таков аргумент.
Што кажува историјата?
Што кажува историското искуство? Резултатот од ова би можел да биде измерен само во голем сооднос или низ најопшти истражувања. Меѓу модерните нации може да се споредува, иако ретко. Во модерниот Рим, тоа можеби не е толку невообичаено, во Париз веројатно не е сосема нормално, додека во Лондон е уште поретко; во Единбург или во Амстердам за тоа одвај да се чуло два-три пати во цел век. Во Атина и во древниот Рим, во времето на најголемиот процут на овие градови во историјата, регуларниот однос меѓу различни полови одвај да бил нешто повообичаен. Така било во цела Грција: сите практикувале (педерастија); никој заради тоа не се срамел. Можеби можеле да бидат посрамотени доколку им се чинело дека претеруваат во тоа или од тоа се срамеле како од слабост доколку склоноста го одведувала човекот од многу поважните занимања, баш како што и денес еден маж би можел да се срами од претерувањето или слабоста во својата љубов кон жените. Што се однесува до самиот чин, тешко дека некој од него бил посрамотен. За Агесилај[6] се говорело дека ги преземал сите мерки за да ја избегне блискоста со младичот кој се сметало дека е убав, а што и тој самиот го признал, но зошто? Не затоа што му било срам, туку заради опасноста. Ксенофон во списите Повлекување на десетте илјади, опишува анегдота за себе самиот во која говори за сопствената склоност кон таа активност, без да чувствува некаква потреба да се правда заради тоа. Пренесувајќи еден разговор со Сократ, тој го претставува философот критикувајќи го, или попрво исмевајќи го пред еден друг млад човек заради неговата склоност на практикување на таквата активност. Но, под која светлост тој го претставува сето тоа? Во вид на слабост недолична за философ, во ниеден случај како склоност или злодело кои се недостојни за човекот[7]. Не станува збор за тоа дека предметот на потрагата за одреден пол е несоодветен плен, туку за времето кое е потребно да се вложи и за понижувањето на кое сме изложени во таа потрага.
Интересно е да се забележи дека речиси не постои впечатлива фигура во антиката, ниту постои човек кој врз основа на другите особини би го издвоиле како доблесен, а да не се појавуваат во некоја пригода, или пригоди, заразени со овие несфатливи склоности. Илустрација на тоа наоѓаме и во самиот увод на историјата на Тукидид кога, во единствениот настан, заради топлината на младите луѓе запалени и понесени од таа страст, градот Атина, според зборовите на историчарот, останал задолжен обидувајќи се да ја искупи својата слобода во незавидните околности[8]. Цврстината и храброста на Тебанските чети – четите на љубовниците, како што ги нарекувале и начелото за кое вообичаено се претпоставува дека ги зацврстувало членовите на тоа единство исто така добро е познато (Плутарх, Vita Pelopidae, преземено во Духот на законот на Монтескје, книга IV, поглавје VIII). Многу современици, а меѓу нив и Волтер тоа го оспоруваат, а овој вешт философ на прилично уверлив начин ги изнесува причините за своите неверувања: но причината за неговите неверувања почива на тоа што не му се допаѓа да поверува во тоа. Она што во антиката се сметало за љубов, во тој случај ние тоа би го нарекле платонска врска, т.е. не станувало збор за љубов, туку за пријателство. Но, Грците исто како и ние ја знаеле разликата меѓу љубовта и пријателството, имале различни поими со кои го опишувале едното и другото: затоа, изгледа сосем разумно кога говорат за љубовта да се претпостави дека навистина мислат на љубовта и кога говорат само за пријателството дека мислат само на пријателството. Што се однесува до Ксенофонт и неговиот учител Сократ, како и на неговиот пријател Платон, поразумно би било да им се верува дека му се оддале на тоа искуство кога тие, или еден од нив, тоа непосредно го кажува, отколку да им се верува на толкувањата, колку тие и да се вешти и добронамерни, кога денес некои пишуваат дека такво нешто да не постоело. Дури и да не говориме за Агесилај и Ксенофонт, изгледа дека сепак произлегува дека Темистокле, Аристид, Епаминод, Алкибијад, Александар, а можеби и голем број грчки херои, биле заразени со овој вкус. И тоа не затоа што историчарите се намачиле намерно да нè известат нас за тоа, бидејќи тоа и не би било толку извонредно ако се труделе, туку затоа што тоа го прикажуваат попатно раскажувајќи ја главната приказна.
Исто така, не е вредно за трудот, по она што е кажано, да се посвети многу време докажувајќи ги истите работи кога тие се однесуваат на Римјаните, нема потреба да се именуваат важните личности кои се нафаќале на тие гадости или да се наведуваат делови од текстовите во кои тој ист изопачен вкус воопштено преовладувал кај тој народ. Не споменувајќи ги притоа разните Антонији, Клавдији, Писони, Габинији од тоа време; Кикерон, ако му веруваме на зборот како на неговиот пријател Салустиј, така и на обожавателот Плиниј, не ги спречувал тие гласини како што не сметал ни дека треба да ги крие. Тој воздржан философ, откако напишал книга докажувајќи дека задоволството не е добро и дека болката не е зло, како и дека добрината може да го усреќи човекот низ мака, нежниот сопруг, среде најнежните изливи кон својата жена Терентија, можел да си игра криенка со својот секретар и да ниже оди славејќи го својот славен и важен потфат[9].
Што се однесува до луѓето воопшто, може да се претпостави дека доколку боговите на тој начин се забавувале – доколку Аполон го сакал Хијакинт, а Херкул бил преплавен од очај по загубата на Хилас и доколку таткото на боговите и луѓето можел да се теши во друштвото на Ганимед – ни на луѓето неретко не им било одвратно така да се однесуваат. Боговите кои ги создаваме, често се вели и тоа со причина, дека секогаш се направени според нашата сопствена слика. Во дамнешните времиња од добата на Kикерон, во кои, во склад со вообичаените предрасуди се претпоставува дека моралот на луѓето бил многу почист, во времињата во кои гозбите се укинувани бидејќи предизвикувале разузданост, неправилностите од тој вид, судејќи според Тит Ливиј[10], биле почести од обичните интриги. Тешко дека и би се свртувале на тој детаљ вреден за спомнување ако идејата за претерување во таа активност, како што може да се случи во кој било случај, не ја заскокоткала фантазијата на историчарот, но и онаа на судијата, чија администрација првиот ја бележи.
Лесно би можело да се смета дека сето она што е кажано досега е доволно. Доколку ни притребаат дополнителни докази, би било лесно да се собере доволно материјал и да се востанови една огромна, здодевна и исклучиво одвратна книга.
Изгледа дека оваа склоност била општо присутна меѓу старите Грци и Римјани, меѓу војниците, но и меѓу другите. Меѓутоа, старите Грци и Римјаните биле познати како повредни и похрабри во однос на вредните и храбри мажи од останатите европски нации. Изгледа дека, во најмала рака, биле повредни од Французите за кои оваа склоност не е вообичаена и тоа особено во однос на Шкотите, кај кои тоа е уште поретко, и покрај тоа што грчката клима во голема мера била потопла, па во врска со тоа и поистоштувачка во споредба со онаа на модерната Шкотка.
Значи, доколку оваа активност во топлите земји на Антиката дејствувала ослабувачки, тие дејства биле повеќе од задоволителни споредени со надмоќноста [нечитко во оригиналниот ракопис] на напорите потребни по повод воените вежби, далеку понадмоќни од сите оние напори кои во денешно време се бараат при извршувањето на обична работа. Но, ако од историјата произлегува некоја причина заради која би се доаѓало до тие ослабувачки ефекти, ќе ми биде тешко да ја пронајдам.
Дали тоа дејство повеќе го ослабува оној кој го трпи (patient) од вршителот (agent)?
Монтескје, сепак, прави разлика: изгледа претпоставува дека тие ослабнувачки ефекти најпрвин се појавуваат кај личноста која е во пасивна состојба. Таа разлика не е задоволувачка од никаква гледна точка. Дали постои некоја причина поради која таа разлика е така утврдена? Да земеме личности од иста возраст поттикнати од истите несфатливи страсти: зарем улогите кои притоа ги играат не би можеле да се сменат? Зар оној којшто трпи (patient) не би можел да биде вршител (agent)? Доколку тоа не би можело да биде така, личноста над која, како што верува тој, ефектите би биле најголеми, е личноста за која е најтешко да сфати на што би требало да се засноваат тие последици. Во едниот случај доаѓа до исцрпување кое, доколку се јави претерување, би можело да доведе до ослабување; во другиот случај, такво нешто не би се случило.
Што вели историјата?
Што вели историјата, посебно во врска со оваа точка? Бидејќи двете улоги кои мажот во таа активност може да ги заземе се променливи, каква и да е зачестеноста со која тој зазема пасивна улога, земено воопшто тоа нема да биде воочливо. Како што сметале во антиката, во пасивната улога имало нешто деградирачко што не се препознава во активната. Тоа зависело од задвоволството – би требало така да го наречеме – на другиот којшто не учествува, бидејќи прави самиот да стане сопственост на другиот маж, глуми жена: бидејќи му недостасува машкост. Впрочем, ако ја преземеме активната улога, тоа би значело дека го користиме другиот за задоволување на сопственото задоволство, дека го сметаме другиот човек како лична сопственост и дека со тоа го чуваме својот машки владеачки карактер. Ете зошто Солон со закон забранува робовите да преземаат активна улога кога во пасивна положба е слободен маж. Во неколку случаи кои имавме прилика да ги слушнеме, кога се презема пасивна улога, ништо не ја поддржува претходната хипотеза. Преубавиот Алкибијад, кој во својата младост – вели Корнелиј Непот – бил омилен од многумина на грчки начин, не се истакнувал ни со својата слабост, ниту со кукавичлук; во најмала мера такво нешто не е пронајдено. Клодиј, кого Кикерон го исмејува поради неговата покорна послушност пред апетитот на Куриј, бил еден од најхрабрите и најнескротливите духови во целиот Рим. Јулиј Кајсар е сметан за човек обдарен со голема храброст во негово време, и покрај попустливоста која во својата младост ја покажал пред Никомед, кралот на Битинија. Аристотел, тој истражувач и посматрач чии списи од областа на физиологијата се сметаат за најуспешни во целокупното негово дело, тој ист Аристотел за тоа воопшто не дава свое мислење. Наспроти тоа, тој мошне трезвено ја презема поделбата на машката половина од човечкиот род на два вида: на една која има природна склоност, вели тој, во таквите активности да ја презема пасивната улога, додека другата би ја преземала активната улога (Probl. дел 4 чл. 27). Првата склоност тој ја припишува на специфичноста на градбата која е аналогна на онаа кај жената. Целиот дел е нејасен и го покажува недоволното познавање на анатомијата во тоа време. Треба да се признае дека оваа забелешка во голема мера не задоволува како ни тврдењето на истиот философ за двата вида луѓе – оние кои се родени за да бидат господари и оние другите кои се родени за да бидат робови. Доколку, сепак, постои каква било причина која ја претпоставува оваа активност, било да се работи за нејзината пасивна или активна улога, а која би имала каков било воочлив ефект во ослабнувањето на оние кои зависат од таа активност, таа тешко дека би ја избегнала шансата за тоа нешто да напомене.
Дали тој престап е штетен за населението?
Очигледна е помислата дека оваа активност нанесува штета на населението иако, можеби, таа не е подобро втемелена во однос на првоспоменатата. Волтер во еден дел од своите списи се чини е склон да го поддржува тоа сфаќање. Тој зборува за таа активност како за порок кој би бил деструктивен за човечкиот род доколку би се проширил. „Како е можно еден порок, уништувачки за човечкиот род ако се прошири, еден бесрамен напад против природата, да биде, наспроти тоа, толку природен“. Нешто подоцна, зборувајќи за Секст Емпирикс кој се трудел да нè увери дека таа активност во Персија е „препорачувана“ со закони, тој инсистира дека ефектот од таквиот закон би бил поништување на човечкиот род, доколку тој закон доследно би се спроведувал. „Не“, вели тој, „не е во човечката природа да прави закони кои и’ противречат и ја сквернават прродата, да прави закон кој би можел да го уништи човештвото доколку би бил применуван онака како што е напишан.“ Оваа последица, сепак, далеку од тоа дека е нужна. За да го разгледаме законот кој има таков досег, доволно е да практикуваме неплоден полов однос и не е нужно да практикуваме однос кој го исклучува плодниот. Бидејќи во историјата не можам да најдам оправдување на идејата дека еден ден нормалната и вообичаена склоност на страста спрема некој прикладен предмет, би можела да ја наруши пропорционалноста која е неопходна за да се сочува човечкиот род без оглед на неговата моментална бројност. Доколку ова a priori го разгледаме, ако ги прашаме за мислење г-динот Хјум и д-р Смит, би дошле до сознанието дека мерилото за бројноста на човештвото не е во моќта на оваа склоност на едниот пол спрема другиот, туку дека таа почива во количината средства која може да се пронајде или произведе на едно место. А што се однесува до самото население, ако ја разгледаме плодната доба на женскиот род, ќе видиме дека е далеку помала од стотиот дел активност – а која мажот може да ја практикува на тој начин – доволно за да го произведе потребниот ефект кој може да се произведе низ далеку поголема активност. Значи, населението нема да биде загрозено сè додека склоноста на машкиот пол спрема женскиот не биде значително послаба од стотиот дел од силата која машкиот пол ја манифестира спрема сопствениот пол. Дали постои веројатност дека тоа еден ден би можело да се случи? Морам да признаам дека не гледам ништо што би нè навело да претпоставиме такво нешто. Пред да може да се случи тоа, природата на човечкиот состав би требало да доживее потполна промена, додека таа склоност, би требало да важи за неприродна.
Веќе напоменав дека не наоѓам ништо во историјата што би го поддржувало поимот кој го истражувам. Наспроти тоа, земјата во која склоноста кон таа активност преовладувала, била позната по бројноста на своето население. Склоноста кон народните предрасуди направила да се претерува во придавањето значење на тоа: но после сите сведувања, оваа бројка не изгледа поважна. Таква е и покрај постојаните воени загуби на земјата која – распарчена на ситни безначајни држави – цела е составена од граници, допуштајќи на тој начин непрестан проток на селидби.
Оваа причина, колку и да е добро заснована само по себе, ако постои малку доследност, не може да биде во прв план во земја во која е дозволен целибатот, а уште помалку таму каде што дури и се охрабрува. Таа претпоставка – како што ќе докажуваме малку по малку, бидејќи напоменувам, воопшто не е вистинита кога се работи за педерастијата, сакам да кажам дека доколку таа би требало да има општа важност, би довела до смрт на човечкиот род – наспроти тоа, попрво би била вистинита за целибатот. Кога не би се осврнувале на населението, за кое би било правилно педерастите живи да се спалуваат, тогаш монасите би требало да се печат живи на тивок оган. Доколку педерастот, како што наведува монахот канонист Бермон, го уништува целокупниот човечки род, Бермон го уништува не знам колку илјада пати повеќе. Злоделото на Бермон е не знам колку пати полошо од педерастијата. Доколку би постоела и најмала сенка на сомнеж дека таа активност, во која било прилика, би можела и во најмала можна мерка да се поттикнува меѓу населението, кој било тоа би можел да го забележи. Но, бидејќи ние ја започнавме оваа расправа, би требало да се напомене дека сè што би можело да доведе до формирање правилен суд за оваа тема би требало да се наведе. Жените кои често се оддаваат на случајни прегратки се речиси секогаш неплодни. Во сите големи градови, голем број жени ќе се најдат во оваа ситуација. Во Париз, на пример, бројот на овие жени е околу 10.000. Овие жени, доколку на нив се примени само одредена мера плодна моќ, би можеле лесно да се изведат на добар пат да станат плодни како и другите жени; дури природно имаат повеќе шанси тоа да го постигнат, бидејќи се жени кои се принудени да се бават со таа професија, поради својата убавина речиси секогаш се поспособни да го привлечат вниманието на спротивниот пол во однос на идентичен број на други случајно избрани. Доколку сета сила која произлегува од таа мера, би требало да се насочи кон некој друг канал, јасно е, во случајот кој штотуку го наведовме, дека државата би можела да смета на зголемен број жители кој би можел да биде и преку 40.000 жени, и тоа така што во сооднос во кој секоја жена нарушувајќи го кој било дел од овој вишок би била помалку плодна, во истиот тој сооднос населението би растело.
Се надевам дека никој нема да го употреби сево ова што беше изречено за да претпостави дека намерата ми е да ја охрабрувам таа несреќна склоност за сметка на населението. Таков заклучок би бил колку слабо заснован, толку и суров. (Му ја препуштам на секого посебно грижата за тоа што еден писател како Свифт, на пример, би можел да направи од оваа тема: „Проект за унапредување на населението преку поттикнување на педерастијата“). Вистината е дека суверениот, доколку владее со подносливо внимание, почитувајќи ја среќата на своите поданици, никогаш не би требало да се грижи за нивниот број. Никогаш не би имал потреба да вложува каков било напор кој би бил поврзан со намерите за зголемување на нивниот број. Природата ќе го заврши својот дел од работата доволно брзо и без негова помош, само доколку тој не и’ пречи. Такви срамни средства би биле непримерни, како и непотребни и принудни. Дури и монасите, во земјите кои ги имаат преплавено, не го загрозуваат во толкава мера вкупниот број на населението, колку што на тоа население му влијае бедата која тие ја произведуваат и од која патат, како и предрасудите од сите видови чии автори и лековерници се тие.
Дали тоа ги оштетува жените?
Далеку посериозно убедување со кое се казнува оваа активност е она кое се однесува на ефектите кои таа ги создава, а се однесува на рамнодушноста на машкиот пол спрема женскиот, залажувајќи ги жените во врска со нивните права. Доколку го потврдат фактите, тоа убедување е навистина опасно. Интересот на женските припадници на човечкиот вид бара подеднакво, ни помало но ни поголемо, внимание од страна на законодавецоткако и машки интерес. Навистина, жалба од таков вид тешко дека би можела да се слушне од устата на чесна жена, но ако претпоставиме дека жените се воздржуваат да поднесат жалба во таквите случаи, мажите треба тоа да го направат за нив. Доколку тоа тврдење се потврди со факти, тоа е навистина многу сериозно: до каде е потребно да се оди за тоа да се испита?
Првенствено, женскиот пол секогаш е поспособен и, воопшто, поподложен на примање поголемо количество љубовни пофалби отколку што машкиот пол е во состојба да пружи. Значи, доколку обичаите на некои земји би биле такви што би дозволувале целосно манифестирање на таа способност (со исклучок на посебните случаи каде што ниеден предмет од женски пол не е на располагање), секое настојување од тој вид кое го презема некој маж врз друг маж, би делувал како чист губиток за заедницата на жените. Во таква ситуација изгледа се случува трговија на половите задоволствата во некои ретки делови на земјината топка, на пример во Отахеите.[11] Оттука, изгледа дека педерастијата тука не би ни можела да постои доколку, пропорционално на тоа, правата на женскиот дел од заедницата не биле задоволени. Ако требаше да се оправда педерастијата на Тахити, тоа беше можно само поаѓајќи од таа апсурдна и неверојатна претпоставка според која машкиот пол би победил благодарение на една таква перверзија, повеќе отколку што женскиот пол би изгубил.
Но во сите европски и некои други земји на кои им ја придаваме особината на цивилизираност, случајот е сосема различен. Во овие земји оваа наклоност, присилно воздржана кај машкиот пол, е неспоредливо поприкриена кај жените. Иако и на двата пола им е подеднакво забрането уживањето во овие задоволства, со исклучок на рамките на брачната заедница и тоа под неизвесното и неодредено влијание на религијата, јавната цензура целосно ги негира женските задоволства по цена на најстрога казна, додека машкиот пол останува потполно слободен. (Кога во оваа прилика зборувам за религиозните препораки, не зборувам за нив самите, туку за она што од нив останува во мнението и расправите на оние чија што задача е нив да ги толкуваат). Штом се дознае дека некоја жена ја прекршила таа забрана, таа на секој начин е спречена да го повтори прекршокот или, ако ѝ се измолкне на контролата, ѝ се препушта на таа класа во која недостатокот на припаднички на истиот пол сосема ја унесреќува додека прекубројноста на машкиот пол ја прави неплодна. Во тој случај, се чини дека придонесот којшто машката страна на човековиот вид е волна, колку и способна, да го пружи ја надминува секоја поголема споредба во однос на она што на жената ѝ е дозволено да го прима. Доколку жената има маж, дозволено ѝ е тоа да го прими само од својот маж: доколку нема маж, не смее ништо да прими од ниеден маж, а со тоа да не биде деградирана меѓу проститутките. Ако спадне на таа несреќна класа, таа навистина нема ништо помалку од тоа што би можела да го посака, но, што за неа честопати е полошо, го има и премногу.
Оттука се чини дека жените се губитнички во практикувањето на таа активност само со претпоставката дека моќта со која се обидуваат да ги одвратат мажите од стапување во односи со другиот пол е поголема од моќта со која јавната цензура се обидува да ги спречи тие односи преку својата акција кон жените.
Во земјите како што е Тахити, не постојат граници кои го одредуваат задоволувањето на половиот апетит; каква активност на апетитот на машкиот пол и да е спроведена над истиот пол, тоа би претставувало само загуба на уживање за жените. Но, во земјите во кои е ограничен, како во Европа, на пример, тоа никако не е случај. Се додека работите стојат така, побројни ќе бидат случаите во кои жените нема да трпат поради недостатокот на побарувачка од страна на мажите. За институцијата брак да биде делотворна, и за да се одржува применувајќи ги строгите правила, најпрвин треба од вкупниот број жени да се одземат оние кои би пателе поради преовладувањето на тој вкус, но и сите омажени жени чии мажи не се заразени со таа склоност. Второ, тргнувајќи од претпоставката дека состојбата на проституција не е посреќна од состојбата на невиност, мора да ги издвоиме сите тие жени кои по пат на оваа склоност би избегнале да се расипат. Жените кои, ab initio, би можеле да патат од тоа, доколку не се работи за склоност, се оние кои имаат мажи. Реков ab initio, бидејќи од моментот кога жената е доведена до тоа да се препушти на проституција, таа ќе им припаѓа на оние кај кои ќе постои склоност кон тој вкус и тоа до точка во која би била подготвена да се лиши од таа трговија до тој степен што би останала без ништо. Оваа работа не е како во многу други работи во кои количината на предметот кој се бара е пропорционална на побарувачката. Занимањата во кои тоа правило добро се изразува се поврзани со карактерот, размислувањето и изборот. Но во оваа професија едвај да постои жена која се занимава со неа од овие причини. Мотивот кој ја наведува жената да се ангажира во оваа работа не почива во тоа што таа со тоа, на пример, очекува да привлече клиентела. Таа тоа не го презема со намера тоа да биде нејзин ангажман. Таа нема намера да се ангажира околу тоа кога презема чекори кои евентуално го докажуваат начинот на нејзиното агажирање. Непосредна причина за нејзин ангажман во тоа би била случајноста која би ја лишила од кој било друг извор на преживување. Под претпоставка дека постои одреден број кои застраниле, без разлика дали се многу или малку, секогаш ќе наидуваме на ист број на жени кои би биле подготвени да се препуштат на навалувањата. Според тоа, замисливо е дека доколку склоноста спрема тој вкус порасне, сепак останува истиот број жени кои се на крстопат како и до сега, но и дека сите расположливи проститутки ќе изумрат од глад за клиенти.
Прашањето е, значи, сведено на ова. Колкав е бројот на жените кои поради склоноста кон овој вкус, што е и веројатно, би можеле да бидат спречени да најдат маж? Се работи за оние, и само за оние, кои поради тоа би пателе. Во склад со следните разгледувања, малку е веројатно дека предрасудата која е претрпената на овој начин, а која е поврзана со полот, би можела кога било да добие на значење. Дури и склоноста кон овој вкус да се зголеми до невидени размери, голем број од мотивите поврзани со брачната заедница и понатаму би останал недопрен. На прво место ќе остане желбата за раѓање деца, на второ желбата за формирање сојуз помеѓу семејството, трета ќе биде погодноста од заедницата со сопатникот во чие друштво би можело да биде пријатно во текот на целиот живот, четврта би била погодноста од задоволување на споменатиот апетит кога и да се појави желбата и тоа без надомест, но и тешкотиите поврзани со истото или опасноста од неговото евентуално откривање.
Ако вкусот на мажот е толку поместен што тој ги претпочита прегратките на личност од истиот пол, пред оние од женскиот, така превртената врска ќе му биде подоволна од брачните цели. Врската со жена, по некој случај, би можела да биде проследена со гадење, но и врската од оној другиот вид, мажот би морал да го знае тоа, со време исто така би можела да биде следена од гадење. Сите антички документи кои се однесуваат на тоа, а со кои располагаме во изобилство, се согласуваат дека само мал број години во текот на животот мажите продолжуваат да бидат предмет на желба, дури и оние кои се најзаразени со тој вкус. Самото име под кое биле познати меѓу Грците би можело на местото на сите други докази, а најпрвин и преку делата на Лукијан или на Маркијал, да обезбеди изобилство од потребните примери. Меѓу Грците тоа се нарекувало paederastia, љубов спрема момчиња, не се работело за andrerastia, љубов спрема возрасни мажи. Меѓу Римјаните тој чин се нарекувал paedicare, бидејќи предметот на желбата било момче. Постоело специфично име за оние кои и по кратко време во текот на нивниот живот продолжиле да бидат предмет на желбата на сопствениот пол. Биле нарекувани exoleti. Што значи дека не постои маж кој би можел да очекува какво било реципрочно чувство од тој вид. Требало да биде одбивен спрема момчето од самиот почеток, како што за кратко време и момчето ќе биде спрема него. Според тоа, предметот на тој вид сетилност би можел да се пронајде само на местото на обичните проститутки. Тие никогаш не би можеле, дури и за некој со сосема изопачен вкус, да ја исполнат улогата на жена надарена со доблести.
[1] Со други зборови: меѓу престапите против самиот себе. Во своите правни текстови Бентам долги години се занимавал со критика и анализа на поимот „престап или злосторство против самиот себе“. Во склад со начелото на утилитарност, кое наложува дека секој поединец трага по задоволство и ја избегнува болката, би можело да станува збор само за замислени престапи доколку соодветните активности, под услов да не вклучуваат некој друг, му носат повеќе задоволство отколку болка на оној на кого се однесуваат, бидејќи, наспроти тоа, претставуваат невниманија кои не потекнуваат ниту од законодавството, ниту од религијата, туку од „деонтологијата“ (поим кој Бентам го смислил за таа прилика) која ги одредува „обврските кон самиот себеси“.
[2] Бентам разликува различни ефекти на секој престап за да ја вреднува вкупната количина болка што престапот ја нанесува. Тој прави разлика помеѓу примарно зло – тоа може да ја снајде една или повеќе индивидуи на кои се однесува – и секундарно зло кое извира од првото, но се проширува на целокупната заедница или на неодреден број поединци без да се однесува на нив. Секундарното зло само по себе подразбира две различни неволји: тревога која упатува да се трпи тоа зло и опасност која наведува на реалната веројатност на можноста за изложеност на зло. Терцијалното зло е поврзано со отровните ефекти на постојаното и упорното зло кое го обесхрабрува секое поединечно дејствување и го деморализира општествениот живот. Цитат од: Jeremy Bentham, “Of the consequences of a mischievous act”, An Introduction to the Principles of Morals and Legislation, Прир. J. H. Burns, H. L. A. Hart, Oxford, Oxford University Press, 1996 стр. 198.
[3] Заградите во текстот ги користат приредувачите на ракописот на англиски јазик, така што ретките интервенции кои го олеснуваат разбирањето на концизниот крајно економичен и елиптичен стил на Бентам во преводот ќе бидат наведувани во загради.
[4] W. Blackstone (1723-1780), англиски правник, автор на Commentaries on the Laws of England, мошне влијателен трактат од британското обичајно право.
[5] Charles de Secondat Montesquieu, L’Espirit des Loise (1757), прир. Robert Derathe, Paris, Garnier, 1973.
[6] Ксенофон, Избор од списите на Ксенофон.
[7] Ксенофон тоа во повеќе наврати го повторува во Гозба.
[8] Тукидид, Историја на Пелопонеската војна. Тукидид раскажува за неуспешното убиство на тиранинот и наместо тоа убиство на неговиот брат кое го извршиле двајца млади љубовници, Хармодиј и Аристогитон, поттикнати на тој чин од љубомора и чувство на загорзена чест.
[9] Плиниј, Писма VII. Плиниј Помладиот пренесува дека Кикерон пишувал смели стихови во кои ги обединувал лукавствата на Тириј каде што овој „одбива неколку бакнежи кои му ги должи по вечерата“. И Плиниј врз основа на тоа носи заклучок: „Зошто да не признаеме дека ние знаеме за лукавствата на Тириј, за неговите незгодни игри и за тајните сладострастија кои побудуваа воздржаност“.
[10] Тит Ливиј ја пренесува изјавата на конзулот Постуниј за природата на Бакховите гозби за време на кои „занемарувањето на сите забрани претставувало најдобар облик на посветеност“. Исто така пренесува „дека имало повеќе сквернавења меѓу мажите отколку меѓу мажите и жените“. Види Тит Ливиј, Историја на Рим од основањето на градот.
[11] Тит Ливиј ја пренесува изјавата на конзулот Постуниј за природата на Бакховите гозби за време на кои „занемарувањето на сите забрани претставувало најдобар облик на посветеност“. Исто така пренесува „дека имало повеќе сквернавења меѓу мажите отколку меѓу мажите и жените“. Види Тит Ливиј, Историја на Рим од основањето на градот.
Насловна фотографија на Jill Burrow од Pexels
Наташа Атанасова
...