Музика

„Мојра“: Нашите песни се деца на случајноста

На почетокот на месецов во „Буква“ беше промовиран видеоспотот за песната Арома(н)тична на „Мојра“. За жал, не успеав да ја доживеам премиерната возбуда, но штом го видов објавен на Фејсбук, просто ме маѓепса. Со денови живеев со песната на „loop“, со нејзиниот мелос во ушите, со сликите од спотот пред очите и со нови и нови прашања во главата.

Прв чекор кон заврзување во јазол на опсесивната нишка што излегува од мене секојпат кога ќе наидам на нешто што ме погодува длабоко беше да ја поставам песната на „Блен“. Вториот – ова интервју со Јасна Трпкова и Дарко Јованов, дечките кои се, всушност, „Мојра“. За така нежно и полека, малку по малку, да се навлечеме повеќемина на нивните магии, чунки така е и поубаво и посилно. За, како што би рекла Јасна малку подолу, „да живее нежноста и сета сила што од неа извира!“

Клото ја преде нишката на животот, Лахеса ја мери, а Атропа ја сече. Ова се трите мојри, судби или наречници кои, според старогрчката митологија, управуваат со нашите животи. А и со името на вашиот музички проект 😊. Зошто баш „Мојра“?

Јасна:  До моментот на официјалното прекројување на нашата соработка преку новиот концепт „Мојра“ во мај 2023-та, јас и Даре веќе си имавме разменето разновидни музички идеи низ временска рамка од три години.

Додека размислувавме за именување на проектот и албумот на кој ќе се најдат тие десетина песни, Дарко забележа дека често во текстовите вметнувам зборови како клопче, конец, нишка или ткаење.

Исто така, во една од композициите на кои допрва ќе работиме зборувам за двајца бесмртници кои се судбински врзани одново да се наоѓаат во секоја инкарнација и веќе имаат преживеано заедно илјада години. Низ приказнава исто така се создава атмосфера на времеплов и премин од една во друга димензија.

Спојот на овие три аспекти (клопчиња, судбина, и времеплов) му создале слика на Даре дека моите музи се всушност трите наречници. И така, правејќи ретроактивна лингвистична форензика, и двајцата со радост утврдивме дека проектот некако сам си се наслови.

Нашата традиција се огледува и во двете ваши песни што ги имате објавено, како во текстовите чии зборови звучат толку македонско-македонски, така и во музиката, во која провејува звукот на чалгијата. Што од нашата музичка и книжевна ризница најмногу ве возбудува и инспирира?

Дарко: Нашиот еклектичен пристап не остава премногу простор за хируршки прецизно лоцирање на сите парчиња од сложувалката. За впечатливите македонски текстови, не одмага фактот што Јасна е лауреатка со сензуален и гладок јазичен сензибилитет, сроден со изворот од кој црпел Блаже Конески. Дополнително, деликатните и древни доживувања кои ги обработуваме му се секако природно поблиски на архаичниот израз.

Што се однесува до домашни артисти што ни оставиле особен впечаток, би ги издвоиле „Foolish Green“, „Фолтин“, „Архангел“, „ЗЏМ Биг Бенд“, „Next to Silence“, „Minstrel’s Gallery“ и од најскоро Хана Корнети. Би додал дека утринскиот ритуал на моето семејство додека растев, кога секоj ден се почнуваше со преслушување на одбрано рок, џез или класика ЦД е нешто што со сигурност ми го има подготвено увото за стилските фузии кои ги истражувам низ „Мојра“.

Јасна: Нашите песни се деца на случајноста и содржат разновидна стилска генетика. Значителен број стохастични процеси го дефинираат финалниот звук. Етно призвукот кој е присутен кај Арома(н)тична е плод на препуштање на игривоста со која ми проструиле зборовите и мелодијата кои не ги токмам одделно, ами сами си доаѓаат во преплет. И самиот говор е на некој начин песна и веќе содржи мелодија. А мелодијата сама по себе знае да зборува. За секоја зборовна длапка, мелосот нуди испакнатина и обратно.

Сеќавањето на мојата баба Цвета и нејзините извонредни изведби на нашите изворни песни е исто така еден длабоко закопан слој инспирација. За она што ми се вовлекло под кожа од нашата музичка ризница заслужни се и моите родители. По пат на осмоза, тие уште многу рано ме задоија со омилените им „Архангел“ и „Мизар“, а преку еден концерт на „Архангел“, неповратно се навлеков на вулканските „Фолтин“.

Текстот на песната Арома(н)тична

Како што прочитав во едно интервју, во Арома(н)тична сè тргнало од текстот на Јасна, кој е чиста поезија што заведува малку по малку, многу ама малку. Од каде ѕирна првата нишка и како одеше ткаењето на текстот? 

Јасна: Ти благодарам за ваквото проникнување! Тешко е да се зборува за текстов низ еднодимензионална призма бидејќи иако на прв поглед едноставен, тој е всушност трислоен, или како што ми спомна актерката Александра Пешевска, тросмислен. Трите слоја ги делам на миризливото, опипливото и невидливото.

Првиот слој е најочигледен, односно како што имам спомнато во други наврати, навистина сѐ почна низ една игрива интеракција во една кујна со три жени од каде што се ширеа опојни мириси на разновидни домашни јадења. Нивното симпатично ехо на моето „дај ми малку од ова, малку од она“ ми ја донесе првичната мантра, зачинувајќи го обичното со мистичното. Во мојата фантазија, за миг ги доживеав баш како трите сестри наречници, со знајни полунасмевки и очи обременети со солени, слатки и горчливи тајни.

Вториот слој симултано се надоврзува со претходново и ни доверува една лебдечка состојба на мечтаење и копнеж која природно бликна од мојот скарлетен внатрешен пејзаж. Забавно ми е тоа што наспроти оној стандард каде што инспирацијата почнува од љубовното, па потоа поетот се служи со метафори за ја дооформи смислата, овде таа семантичка кула се градеше со обратен редослед, од врвот кон основата.

Третиот слој се темели на малите нешта со големо значење, односно ситните љубезни гестови кои создаваат безбедна средина за препуштање во ко-креација. Сите ние голем дел од времето постоиме во и надвор од домовите со невидливи штитови, поставени кон комплексните и непредвидливи меѓучовечки односи. Арома(н)тична се зачна од една љубезна интеракција која низ мојот светоглед му пркосеше на секое наострено копје, тој ден во Скопје. Да живее нежноста и сета сила што од неа извира!

Труба, пијано, гитара, саксофон, тромбон, контрабас, перкусии + електронски елементи. Музиката ја следи емоцијата од текстот и совршено се надополнуваат создавајќи речиси мантрично-магична целина, која кај слушателот ја храни сласта и ја поттикнува страста за уште. Или за одново. Дали така се чувствувавте и додека ја креиравте музиката и во кој момент си рековте доста е, тука ја завршуваме?

Дарко: Додавањето сопре кога конечно песната ја почувствувавме целосна. Нејзината основа и структура беа во одличен баланс од самиот почеток, но од аранжмански аспект, нешто ми недостигаше. Луѓето кои ме познаваат знаат дека сум дијаметрално спротивен од „минималист“ и сакам аранжманите на моите песни да го поседуваат тој grander-than-life аспект. Сакам истовремено да бидат полни, филмски и амбиентални. Секако дека можев уште елементи да додадам, но моментот кога се сними пратечкиот вокал на Слободан, и јас и Јасна сфативме дека песната е готова, и сè повеќе би било метеж.

Иницијални нацрти за дел од дејството на спотот

Два конца од срцето испаравте, едниот црвен, другиот жолт и со нив ја завезивте визуелната приказна на Арома(н)тична, изведена со stop motion техника. Колку од симболите што ги гледаме беа однапред осмислени, а колку се појавуваа интуитивно?

Дребулиите од спотот

Јасна: Се работи за еден спонтано организиран и интуитивно уреден хаос. Јас правев почетни нараторски нацрти кои беа никулците за дејствата во различните сцени, а Даре умешно ги доосмислуваше и развиваше во мали засебни и често катарзични настани. Двата конци беа однапред одбрани како главни протагонисти, а дополнително знаевме дека сакаме да ја вметнеме мојата стара црна маска со везени украси, цветови кои ги доживуваме во поларитетен однос на машка/женска енергија и одбрани овошја како јаболко, круша и калинка. Дел од дребулиите кои ги гледаме се ситници што сме ги имале по дома, а некои се подароци од значајни блиски луѓе. Стариот часовник го најдов случајно во една антикварница додека бев излезена со мисла да најдам нешто што се совпаѓа во визуелната приказна. Но би сакала да ти доверам дека некои од предметите се скришна симболична најава (Easter eggs) и се поврзуваат со насловите на песните што следуваат.

Присутните на промоцијата на спотот за песната имаа можност да го добијат и третиот дел од мултимедијално-мојровскиот триптих на Арома(н)тична: мало книжуле со поетски спакувана приказна за изработката на спотот. Себично прашање, ама каде може да се најде?

Дарко: „Зад К(л)опчето“ е наш мал поетско-сликовит осврт кон цела таа чувствена и естетско-ментална гимнастика која беше потребна за склопувањето на Арома(н)тична. Преостанатите копии може да се најдат во кафе-книжарницата „Буква“, која се наоѓа зад Собранието. А една секако себично чуваме…за тебе.

Од што најмногу црпите инспирација и добивате креативни идеи? И што ново можеме да очекуваме од вашата кујна до следната рунда?

Јасна: Многубројни идеи во фаза на демовки сега молбено ни трепкаат со очињата, а во меѓувреме надојдоа и нови…

Што се однесува до тоа од каде доаѓаат, навистина нема конкретно изворно место, сè она што го доживуваме и набљудуваме влегува во таписеријата од која отпосле влечеме нишки, но не по план или нарачки. Самиот збор inspiration си кажува дека кога твориш си обземен од духовното – in spirit.

Она што можам сè појасно да го увидам е дека најмногу ме привлекуваат меѓусостојбите и неодговорените прашања. Не дека умеам нешто особено да ги одговорам. Само сакам да ги галам облините на прашалниците и да жонглирам со нивните топчиња. Можеби тоа и е поентата.

Токму една таква медена и езотерична меѓусостојба е следната смеса што растекува и се раствора на нашата работна маса. Се работи за дует со Бранислав (Пијан Славеј) именуван „Деносоние“, за сите оние кои, исто како нас, денски сонуваат.


Насловна фотографија: Бјанка Станковиќ

 

 

Наташа Атанасова

...

Leave a comment