Архива на преводи

Мохамеду улд Слахи: „Дневник од Гвантанамо“ беше како крикови во мракот

Пред некое време излезе македонскиот превод на книгата „Дневник од Гвантанамо“ од Мохамеду улд Слахи, во издание на „Полица“.  Всушност, книгата кај нас се појави во исто време со филмот „Мавританецот“, снимен според вистинската голгота на Мохамеду. Додека ја читам, онака, од ќеиф, си преведов едно интервју со него, направено по неговото конечно излегување на слобода.

Мохамеду улд Слахи е роден во Мавританија во 1970 година. Во 2001 година, на барање на САД тој е приведен од мавританските власти и е сместен во затвор во Јордан, потоа бил преместен прво во Воздухопловната база во Баграм, Авганистан и, на крај, на 5 август 2002 година во американскиот затвор во заливот Гвантанамо, во Куба, каде што бил подложен на повеќе измачувања. Во 2010 година, федералниот судија наредил веднаш да биде ослободен, но владата не ја послушала неговата одлука. Во 2015 година ја објавува книгата Дневник од Гвантанамо, негов осврт на 13-те години што ги поминува затворен во воениот затвор. Бил ослободен од обвиненија и на 16 октомври 2016 година ослободен и вратен во неговата татковина Мавританија. За време на и по неговата голгота, против него не се покренати никакви обвиненија.

Со Мохамеду разговарал Нил Џорџис, програмски координатор за Блискиот Исток и за Северна Африка во Меѓународниот ПЕН. Интервјуто првично е објавено на 12.10.2018 година.

Додека да слушнеш дека си ослободен, 14 години беше држен во Гвантанамо. Како се чувствуваше кога ја доби веста?

Во името на Бога, најмилосрдниот, најмилостивиот, прво, дозволете ми да ви се заблагодарам, господине Нил и да се заблагодарам на меѓународниот ПЕН центар што ми ја даде можноста да разговарам со вас.

Беше надреално. Секогаш зборувам за тој момент. Бев во Камп Сакс. Точно се сеќавам дека бев во Хотел Блок. Се сеќавам кога капетанката дојде и се загледа во мене преку малиот прозорец, кој го користеа за да ми даваат храна. Се насмевна и рече: „Знаеш ли дека си одиш дома?“. Ѝ одговорив: „Не, не знам“. Со широка насмевка додаде: „Да, си одиш дома“. Тоа беше наша прва средба, со оглед на тоа што таа беше неодамна префрлена во Гвантанамо. Почнав да размислувам. Не знам зошто. Не сакав премногу да се возбудувам во врска со веста и потоа да се разочарам. Веста беше можна, но сè уште непотврдена. Понекогаш им кажуваат на луѓето дека ќе си одат дома и на крајот не си одат. Така што, искрено, ситуацијата беше многу возбудлива и надреална. Беше како некој да ми кажа дека утредента одам на Марс или на Јупитер. За мене, ослободувањето беше како патување на друга планета.

Конечно беше ослободен во октомври 2016 година. Како почна одново да го градиш твојот живот? Што ти беше најтешко во прилагодувањето на новиот живот надвор од ќелија голема два на три?

Во затворот речиси сè беше забрането. Сè. Зборувањето беше забрането. Комуницирањето беше забрането. Немаше интернет. Немаше телефони. Ниту смееше да дискутираш за нешто или да пишуваш што сакаш. Ако напишеше писмо во кое спомнуваш нешто што не му се допаѓа на стражарот или во кое даваш одредени детали за твојата ситуација, писмото никогаш немаше да излезе од ѕидовите на затворот. Ако роднините ти испратеа писмо во кое имаше некакви вести што американската влада не сака да ги знаеш, никогаш немаше да го добиеш. Не можеше да ги бираш филмовите или телевизиските програми што се прикажуваа. Кога стигнав дома, ми дадоа мал паметен телефон на кој можев да гледам што сакав. Иронично, сакав да ги пребарувам само работите кои ги слушав во затвор. Сакав да ја слушам музиката што случајно ја имав слушнато во затвор и да ги гледам филмовите што ни дозволуваа да ги гледаме. Ги пребарував затоа што ми беа утешителни и познати. Знаев само за живот зад решетки. Почнав да пребарувам полски филмови иако не го разбирав јазикот. Сепак, ги барав, само затоа што ги гледав додека бев во затвор. Пребарував работи кои ги слушав на радијата на стражарите и работи кои ни дозволуваа да ги слушаме, како рап музика. Ги пребарував сите овие работи. Исто така, и однесувањето со луѓето ми беше голем проблем. Ми стана проблем затоа што, на пример, влегував во куќа без да ја затворам вратата зад мене. Иако сум познат како морален човек, многу бргу се раздразнував кога зборував со луѓе. Повторливите соништа за враќање во затвор продолжија да ме прогонуваат. Кога и да влезев во некоја соба, добивав потреба да ја организирам како мојата ќелија во Гвантанамо . Сакав пак да ја имам ќелијата во Гвантанамо и да одмарам додека ги гледам истите филмови што ни дозволуваа да ги гледаме. Не сакав ништо ново. Искрено, слободата е важна, но единственото нешто што сè уште ме мачи е што јас сè уште си ја немам вратено слободата назад. Јас сум човечко битие што си ја сака својата слобода и тоа во најмирољубивото значење на зборот. Не верувам во насилство и мислам дека ништо добро не може да произлезе од насилството. Многу сум среќен што ја имам оваа слобода и се надевам дека ќе стане целосна.

Имаше ли некаква помош откако те ослободија од Гвантанамо?

Владата не ми понуди никаква помош. Општествено и правно гледано, искрено бев изненаден од преголемиот број писма и е-меилови што ги добивав од целиот свет. Сфатив дека светот не е поделен на Арапи, Европејци, Кинези, туку дека е поделен единствено на добри и рамнодушни луѓе. Ова е светот. Луѓето од сите региони, култури и раси ме поддржуваа мене, не затоа што сум следбеник на Мохамед. Јас сум сиромашен и непознат Бедуин; мојот татко умре кога бев млад. Луѓето кои застанаа на моја страна и ми помогнаа беа благородни и добри и веруваа во хуманоста и во моралот. Благодарен сум им за тоа и за нивната поддршка. Нема да го заборавам тоа, вклучително и поддршката од ПЕН центарот. ПЕН центарот застана зад мене и организираше вечер со читање и говори за мојата книга додека бев во затвор. Не знаев за таа вечер сè додека не бев ослободен. Одново и одново одам на Јутуб и одново и одново го пуштам тоа видео. Сè уште си го имам на хард-диск и понекогаш пак ме расплакува. Луѓето читаат и не сфаќаат што беше отстрането од владата во книгата, но јас се смеам затоа што во целост знам што беше тргнато.

Одново и одново беше мачен додека те држеа во Гвантанамо. Што ти даваше сила да издржиш?

Искрено, не знам како да одговорам на ова прашање. Овие насилија и навреди никогаш не ги сфатив лично. Всушност, тие ми беа нешто како навреда на сите луѓе. Кој и да малтретира една личност, го малтретира целото човештво. Според нашата култура и според Куранот: „Ако некој убие некој човек не како одмазда за убиство или (и) за да шири зло на земјата – ќе биде како да го убил целото човештво, а ако некој спаси живот, ќе биде како да ги спасил животите на сите луѓе“. Јас велам, не бев јас злоупотребен, туку мојата влада, мојата земја и моите права како човек. Човечкото суштество заслужува почит само затоа што е човечко суштество. Не му треба докторат, не треба да биде принц или крал или член на кралско семејство за да биде почитуван. Треба само да биде човек. Секогаш сум се прашувал зошто. Тоа прашање отсекогаш ми помагало. Од друга страна, сакам и да ги знам работите. По природа сум љубопитен и сакам да разберам сè. Ним не им беше гајле за моите мисли или за тоа што ме мачеше. Велеа дека сакаат да ми прават ова или она и тоа ми одговараше за да ги запознаам луѓето какви се. Ја играв улогата на чудак. Никогаш не би добил ваква шанса ако луѓето те гледаат како нормална личност. Не ти кажуваат што мислат затоа што те почитуваат и ги вагаат зборовите пред да зборуваат во твое присуство. Со мене, од друга страна, не постапуваа така. Искрено, ова ме прави среќен затоа што имав можност која еден писател обично ја нема. Секогаш мислев и знаев дека ќе ги напишам овие работи.

Во тие моменти, дали си дозволуваше да се надеваш дека еден ден ќе бидеш слободен?

Апсолутно. Ја заслужувам слободата исто како и секое друго човечко битие на светот, особено во нашиот регион. Мил брате, дали сум помалку човек од еден Данец? Дали сум помалку човек од еден Германец? Зошто Германците автоматски имаат права без да треба да напишат песна или статија во која го величаат претседателот или кралот за да ги добијат своите права? Сакам да ги имам правата без да молам некого и без да се понижувам. Си ги сакам правата и правата на сите жители на овој регион. Овие права се вистински нарушени. Сакам да бидат исти како на секој Германец, Данец, Британец и Американец. Зошто, на пример, Соединетите Американски Држави немаат право да им го конфискуваат пасошот на Американците во САД, ама имаат право да се мешаат и да располагаат со мојот мавритански пасош? Треба да се добие одговор на ова прашање. Тоа не е само мој проблем, туку и на другите луѓе.

Ние тука во арапскиот свет се соочуваме со еден грозен феномен: екстремизам. Се храни со одгледувањето на младите со ставот дека немаат никаква вредност и никакви права. Што и да прават по мирен пат, нема да успеат да стигнат никаде. Ова не е одговорност на ПЕН центарот или на Британија. Ова е првично и целосно наша одговорност. Уште повеќе, кога ќе дојдеме до моќни влади, до Американци, организации, ПЕН или други организации кои ги бранат културолошките и човековите права, да им дадеме да застанат на наша страна, особено на либералните влади: нека застанат со нас, на страната на луѓето. Ова е тоа што го сакаат либералите: слобода за луѓето што живеат во Персискиот Залив, Африка и Магреб. Имам запознаено Американци; тие ја сакаат слободата. Сум запознал Американци од двете политички страни; и едните и другите ја сакаат и ја обожаваат слободата и не веруваат во диктатура.

Дали пишуваше пред да бидеш затворен?

Пишував. Кога бев мал, пишував раскази. Дома немавме телевизор затоа што мојот постар брат го забрани по смртта на татко ми. Гледав телевизија во домот на мојот другар и гледавме само фудбал. Имав цела полица книги, како Илјада и една ноќ, Али Баба и четириесетте разбојници, Агата Кристи, Шерлок Холмс и секако книги за исламското и арапското наследство. Имав многу книги. Сакав да пишувам, а и мојот татко пишуваше поезија. Култура имаше иако бевме Бедиуни и ѝ припаѓавме на бедуинската култура. Секогаш си фаќав мали белешки од кои сега ме фаќа срам кога ќе им се навратам.

Дали пишувањето на „Дневник од Гвантанамо“ на некој начин беше дело на верба дека ќе те ослободат? Очекуваше ли дека ќе бидеш читан додека си жив?

Мојот „Дневник од Гвантанамо“ беше како некој вид „крикови во мракот“, како што велат, затоа што не ми беше дозволено да зборувам и да давам мислење или да кажам нешто поврзано со затворот. Си велев дека ова ми е шансата да кажам нешто. Бев на суд каде што не ми беше дозволено да се бранам. Велеа дека треба да бидам осуден на смрт, но дека ќе отслужам само триесет години затоа што САД е земја што има милост. Ако соработувам со нив, ќе бидам осуден на „само“ триесет години затвор. Каква милост е тоа? Несомнено, овој договор се смета за добар, според стандардите на правдата на САД. Во суштина, пишувањето беше начин да им кажам на луѓето дека сум невин. И навистина, силно верував дека мојот дневник ќе ја види светината, но никогаш не мислев дека ќе се чува четири години во агенциите за разузнавање и дека на борбата за правда да го извади на виделина, во рацете на читателите, ќе ѝ треба толку долго.

А што се однесува до вториот дел од прашањето, ќе повторам и ќе кажам: да, силно верував дека луѓето ќе го читаат додека сум жив.

Како пишуваше? Како ги наоѓаше работите што ти беа потребни за пишување?

Прво, ни даваа пенкала и хартија за да им пишуваме на роднините. По неколку недели, сите добија одговор од семејствата, но јас не добив. Наместо тоа, ми беше дадено писмо напишано од разузнавачките служби како да е од моите роднини, ама јас ги знаев нивните ракописи и идеи, така што им го вратив. Знаев дека сите мои писма ќе бидат читани само од разузнавачките служби и дека пишувајќи им на моите роднини, ќе комуницирам со нив.

Второ, ми дозволуваа да напишам писмо и го земаа пенкалото назад. Како и да е, на некои од моите цимери им беше дозволено да го задржат пенкалото. Понекогаш ќе украдев некое пенкало и хартија за да пишувам. Почнав да пишувам на арапски за многу работи на различни начини, како и поезија. Потоа, почнав да пишувам на арапски, француски и германски. Пишував и на англиски за да учам. Еден од затворениците беше Британец и ме учеше на јазикот. Неговото име беше Бишер ал-Рави. Им помагав на неарапските говорители да го научат јазикот затоа што претходно подучував Арапски јазик и го подучував Куранот. Затоа и пишував. Пишував и малку поезија заедно со дневникот. Чуварите дознаа дека без дозвола имам некои хартии, па ме извадија од ќелијата и ми ги земаа хартиите и останатите работи. Мојот втор обид, кој  по неколку години во затвор (по околу четири години) излезе успешен, беше кога ја запознав адвокатката, г-а Ненси Холандер и нејзиниот тим. Почнав да пишувам писма до нив во форма на дневник. Им ставав бројчиња. Ќе пишував и пишував, па ќе ставев бројче и така долго време. За три месеци го напишав целиот дневник, којшто го гледате во книгата.

Зошто ти требаа десет години за да ја објавиш твојата книга „Дневник од Гвантанамо“?

Владата не го одобруваше објавувањето на мојата книга. Првин, ми дадоа дозвола да ѝ пишувам на мојата адвокатка. Мислев дека можам да комуницирам на сигурно со неа, но не беше така во Гвантанамо. Таму, можев да ѝ кажам сè, но таа немаше право ништо да однесе дома со неа или да ги користи моите зборови јавно за да ме брани. Ако го сакаше тоа, требаше да добие владина дозвола. Кога напишав 466 страници, адвокатката реши да ги изнесе преку сигурносната соба. Тие одбија, тврдејќи дека тоа е закана за националната безбедност. Од тој момент, правната битка почна и продолжи да трае со години сè додека книгата конечно не излезе со многу корекции, како што можете да видите. Знаев дека книгата беше испечатена кога бев во затвор, но моето барање да добијам примерок беше одбиено. Го одбија и барањето на мојата адвокатка таа да ми даде примерок, тврдејќи дека немам право да добијам. Замислете еден човек да напише книга, ама да не му биде дозволено да ја чита. Толку е чудно! Режимот беше ист како оној на кој бевме навикнати во арапските земји. Беше чуден репресивен авторитарен режим, како оној што го знаевме и на кој бевме навикнати во земјите од Третиот свет. Не личеше воопшто на слободите во САД за коишто слушавме. Можно е вие, на Запад, во Британија на пример, да не знаете за овие работи, но армијата и одредени фамилии владеат во нашите арапски земји. Оттука е и мојата способност да го препознаам авторитаризмот кога ќе го видам. За жал, Гвантанамо е авторитарна држава во рамки на САД. Тоа е причината. Нема закон што владее, не се почитуваат ни меѓународното право ни американските закони.

Што мислите, какво е влијанието на „војната против тероризмот“ и затворањето на луѓе во Гвантанамо во земјите како Мавританија, Авганистан и Ирак?

Ќе ви дадам еден пример. Моето семејство и јас немаме ништо со оваа војна. Ние сме обични луѓе кои сакаат да живеат безбедно, да работат и да заработуваат за живот. Сакаме почит. Не посакуваме ничие ропство затоа што немаме ништо со политичките, геополитичките и геостратешките интереси на САД. САД сака да контролира одредени земји; Русија сака да контролира одредени земји. Ние немаме ништо со оваа војна против тероризмот. За жал, цивили се убиваат во оваа војна и војни се водат против нив. Нивните деца, на двете страни, се убиваат. Кажав и ќе кажам пак, ние немаме ништо со оваа војна. Со оваа војна, САД сакаат да завладеат со светот но ние, луѓето, немаме ништо со неа. Се обидуваме да живееме мирно, во демократија и слобода. Кој и да сака да прибегне кон насилство треба да си има работа само со законот. Кој сака мир и сака да го искаже своето мислење, без разлика колку и да е екстремистичко, па дури и да сака да искаже недоверба во владата, има право да го направи тоа во контекст на слободата на говор. Ние го сакаме ова, на истиот начин на којшто се случува во сите земји кои функционираат во согласност со владеењето на правото и на човековите права. Оваа војна против тероризмот е војна од која најголема корист имаат тероризмот и екстремизмот. Ова е очигледно и бројките се очигледни. Пред 11 септември, тероризмот не постоеше. Како и да е, работите се сменија по окупацијата на Ирак затоа што тероризмот се храни со насилство и расте во насилна средина. Таму каде што има насилство, таму има тероризам.

Една од првите извршни наредби што ги даде Доналд Трамп беше да се држи Гвантанамо отворен и тој укажа на тоа дека сака да испрати повеќе луѓе таму. Што мислиш за оваа политика?

Претседателот Доналд Трамп е избран од Американците. Според тоа што го знам, а можеби и грешам, тој е одговорен да го надгледува спроведувањето на правото и на американскиот устав. Правото и американскиот устав забрануваат нелегално затворање. Само пребарајте на интернет и погледнете во извештаите на Стејт департментот, каде што се осудуваат земјите кои ги нарушуваат и не ги почитуваат законите, вклучително и Мавританија. Читав извештај за Мавританија. Фино е тоа што САД велат дека се спротиставуваат на нарушувањето на правото и на затворањето на луѓето надвор од правната рамка. Сепак, неприфатливо е што САД објавува дека ќе го игнорира и нема да го почитува својот закон. Ако припаѓате на одредена раса или религија, САД не го почитува законот, така што нема да бидете изведени пред суд. Ова е толку жалосно. Сепак, ќе кажам пак, Американците го избраа нивниот претседател и сега плаќаат за тоа. Ова е жалосно за луѓето кои повикуваат на мир и се залагаат за човекови права. Жал ми е што најголемата нација на светот, како што се САД, го омаловажува правото. Сите мали тоталитаристички, или авторитарни земји се среќни поради ова. Ќе ни речат: гледате? Ви кажавме дека демократијата е бескорисна. Видете ги САД, најголемата земја во светот. Не ја почитува демократијата ни човековите права, па зошто ги барате од нас? САД е важна и моќна држава, ако не и најмоќната на светот. Тоа што го прави и го вели САД е важно, затоа што може да ги брани човековите права и нејзиниот збор има повеќе значење од зборот на која било земја во светот. Како човек кој живеел и имал контакт со фини Американци и кој му посакува добро на американскиот народ, жал ми е што гледам дека САД дојде на ова ниво на презир кон човековите права и игнорирање на слободата и демократијата.

Што е тоа што би сакал нашите читатели да го научат од тоа што ти се случи тебе?

Читателите треба да знаат дека законите и демократијата се валидни и корисни и дека презирањето на демократијата и на човековите права е погрешно и недопустливо. Зошто го велам ова? Затоа што САД рекоа дека ќе ме мачат додека не признаам, дека потоа ќе ме изнесат пред суд и ќе ми судат. Бев испратен на мачење во Јордан, Авганистан, Гвантанамо и сепак не можев да стигнам на суд. САД го направи целото тоа за да може да соберат докази за насилство и да ме осудат на суд. САД не успеаја. Зошто? Затоа што владеењето на правото е единственото нешто што е валидно. Извршната власт во една држава не смее да осудува луѓе без судење.

Второ, им кажувам на читателите: без разлика на тоа од која култура сте, без разлика на тоа која е вашата религија или боја на кожа, не смеете да бидете подложени на неправда. Луѓето кои застанаа на моја страна беа во сите бои и од сите култури, а и луѓето кои ме мачеа беа од различни култури и во различни бои, како муслимани, Американци, христијани, Евреи и им припаѓаа на сите партии. Пак ќе кажам, демократијата, човековите права и судењата се корисни и овозможуваат сигурност, додека сè останато носи несигурност и назадување.


Извор: Меѓународен ПЕН центар

 

Наташа А.

https://blen.mk/jas/

Што мислиш ти?