Книги

Memini, ergo sum!

(кон романот Елизабет Финч на Џулијан Барнс)


Пишува: Марија Ѓорѓиева Димова


Елаборирајќи ја улогата на книжевноста во создавањето на културната меморија, Астрид Ерл и Ен Ригни ѝ доделуваат тројна функција: книжевноста како медиум на сеќавање, книжевноста како објект на сеќавање и книжевноста како медиум за посматрање на продукцијата на културната меморија (2006: 111-115). Во првиот случај, станува збор за придонесот на книжевните дела во создавањето колективни мемории преку сеќавањето на минатото во наративни форми, при што се актуализираат и прашањата за тоа како „пишувањето (жанровските конвенции, гледните точки, метафорите итн.) го обликуваат нашиот поглед врз минатото“ (Erll/Rigney 2006: 112). Во однос на оваа функција парадигматични жанрови се историскиот роман, историската драма и автобиографијата. Во вториот случај станува збор за можноста книжевноста да ја обликува сопствената меморија низ интертекстуалните релации кои им даваат нов културен живот на постарите текстови, било да се работи за нивна реафирмација или за нивно проблематизирање. „Таквите акти на сеќавање придонесуваат на специфичен начин кон текстовната продукција и репродукција на културната меморија како и на нашата рефлексија врз таа меморија“ (Erll/Rigney 2006: 112-113). Оваа теза, несомнено, кореспондира со тезата на Ренате Лахман за книжевноста како мнемоничка уметност par excellence која е видена како меморија на културата: „Пишувањето е истовремено и акт на меморијата и нова интерпретација со која секој нов текст е впишан во просторот на меморијата. Интертекстуалноста го демонстрира процесот со кој културата, каде што ‘културата’ е книгата на културата, континуирано се препишува себеси и се редефинира низ своите знаци. Секој конкретен текст го скицира просторот на меморијата, го конотира макропросторот на меморијата, било така што ја репрезентира културата или се појавува како таа култура“ (2010: 302). Во третиот случај, пак, станува збор за можностите на книжевноста имагинативно да ги репрезентира актите на сеќавање, правејќи го сеќавањето видливо. Оваа димензија на книжевноста „како мимесис на меморијата“ е илустрирана, на пример, во Прустовиот роман Во потрага по изгубеното време.

Првите два аспекти на односот книжевност-културна меморија може да бидат и интерпретативниот фон врз кој би се толкувал и ромaнот Елизабет Финч на британскиот автор Џулијан Барнс. Објавен во 2022 година,[1] романот ја продолжува Барнсовата поетичка определба за романескно илустрирање на релациите меѓу книжевноста и историјата, меѓу фактот и фикцијата, меѓу минатото и сегашноста. „Мислам дека романот е многу великодушна и флексибилна форма, а јас ја следам приказната, каде и да ме води таа, честопати и преку старомодните граници; па, среќен сум што можам фикцијата да ја мешам со историјата, со историјата на уметност, со биографијата, со автобиографијата – со сето она што приказната ќе го кажува на најдобар можен начин.“[2]

Трите дела, насловени Еден, Два, Три упатуваат на различни референти кои (ин)директно се меѓусебно поврзани, а во романот се оприсутнети како предмет на нечие сеќавање: нараторот, кој евоцира епизоди од сопственото минато,[3] неговата професорка Елизабет Финч, која станува дел од неговите сеќавања[4] и римскиот император Јулијан Флавиј Клаудиј (361-363 н.е.) којшто е тема на биографските и на есеистичките истражувања на професорката и на студентот. Токму низ тријадната структура се артикулирани и двете функции на книжевноста во создавањето на културната меморија. Имено, во првиот дел нарацијата е обликувана како реминисцентно навраќање на ликот-наратор Нил кон епизоди од професионалниот и од приватниот живот и, особено, кон онаа фаза кога ги следел предaвањата по курсот Култура и цивилизација кај професорката Елизабет Финч, со која го врзува и двeдецениско пријателство, а чијшто живот станува тема на обидот за биографско истражување во третиот дел. Во вториот дел, пак, се нуди есеистички обликуваното истражување на животот и на краткотрајното владеење на римскиот император, познат во историјата како Јулијан Апостат/Отпадникот. Во таа смисла, трите дела ја илустрираат улогата на книжевноста како медиум на сеќавање на одделни настани и личности, но и како истовремено сеќавање на претходните репрезентации на тие настани и личности, низ бројните интертекстуални референции кон постојните (не)книжевни текстуализации. Притоа, реминисцентно-ретроспективната нарација ги прави видливи процесите на сеќавање, низ нивните бројни коментари, токму во мигот додека се реализираат:

„Во мојот ум – во моето сеќавање, каде што единствено можам да ја видам – ја гледам како стои тука пред нас, нестварно мирна… Понекогаш го мешам она на што се сеќавам со она што сум го прочитал… И дека никогаш не знаеме, па дури ниту пред смртта – особено не на смртната постела – дали другите ќе нè осудуваат и како ќе нè паметат, ако воопшто нè паметат. Можеби сме оставиле трага во песокта која ќе се развее при следниот налет на ветрот. Или, пак, сме оставиле отисок во прашината, па неговиот совршен отпечаток ќе ги преживее вековите бидејќи се потрефило да живееме на Помпеите“

(Barns 2022: 13, 167, 179)

Дополнително, структурната тријада го илустрира паралелизмот, но и вкрстувањето меѓу личното и колективното паметење, што е експлицитно назначено и во коментарите на нараторот и во белешките на Финч:

„Зошто би претпоставувале дека нашето колективно паметење – кое го нарекуваме историја – е помалку погрешливо од нашето лично паметење?… Историското самосожалување е еднакво одбојно како и личното самосожалување… она што е лично е и историско“

(Barns 2022: 30, 42,50).

Нараторот го наследува интересот на својата професорка за една историска фигура, за која таа вели дека е „последниот пагански цар“, а чијашто смрт „е мигот кога историјата тргнува во ќорсокак“. Нејзината намера да пишува биографија за Јулијан е инспирирана од потребата да ја елаборира својата теза дека светот тргнува во погрешна насока во мигот кога е отфрлен политеизмот, односно кога е заменет со монотеизмот. Токму нејзиниот поранешен студент Нил го финализира недовршениот студентски есеј за императорот, потпирајќи се на сопствените истражувања за него и на белешките што професорката му ги остава во својот тестамент. Своето пишување за историската личност Нил го реализира како апокрифна историја, фокусирана врз „темните места“ во историјата: врз расветлувањето на причините поради кои императорот се залагал за враќање на многубоштвото, иако бил воспитуван во духот на христијанството.[5] Апокрифноста е дополнета и со оглед на тоа дека се работи за пишување историја на поразениот, на отпадникот, на оној кој бил отфрлен од теолошко-црковните авторитети.

„Сакам да кажам дека поразот понекогаш ни открива многу повеќе одошто победата, а оној кој не знае да губи, открива повеќе од оној кој тоа умее. Отпадниците од верата секогаш се поинтересни од вистинските верници и од светите маченици. Отпадниците се оние кои се сомневаат, а сомнежот – активниот сомнеж – е знак на делотворна интелигенција. И претходно го спомнував Јулијан Отпадникот… Поетот Свинборн и самиот бил отпадник кој се бунел против вредностите на викторијанска Англија… Еден скорешен биограф на Јулијан заклучи дека сите негови големи потфати пропаднале, додека неговите победи – воени, административни, теолошки – биле со краток век, па и привидни. Тоа ме наведе да се сетам како ЕФ изјави дека неуспехот може да биде поинтересен од успехот и дека губитниците може да ни кажат повеќе одошто победниците“

(Barns 2022: 39, 179).

Апокрифната историја што ја создава нараторот, како модус во кој го обликува своето истражување, го носи и предзнакот на алтернативна историја: во обидот да ги разгатни „темните места“ во биографијата на историската личност, нараторот ги разгледува и можните, алтернативните насоки во развојот на историјата, предусловени од судбината на императорот:

„Што би било ако владеел уште триесет години, време за кое христијанството повеќе би било маргинализирано, додека најпрвин благо, а потоа на сила одново би бил воспоставен политеизмот на Грција и на Рим? И, што би било кога неговите наследници би ја продолжиле неговата политика во наредните векови? Што би било тогаш? Можеби ренесансата не би била потребна, бидејќи грчко-римскиот свет не би доживеал пропаст, а величенствените библиотеки и нивните зданија не би биле уништени. Можеби не би било потребно ниту просветителството, бидејќи тоа, во голема мера, веќе би се случило. Повеќевековните морални и општествени деформации кои ги наметнувала исклучително моќната државна религија би биле избегнати… Замислете ги последните петнаесет века без верски војни, можеби и без верска нетрпеливост и расна нетолеранција. Замислете наука која не е условена од религијата… Се разбира, ваквата алтернативна историја е фантазија во иста мера како и христијанскиот рај“

(Barns 2022: 103-104).

Една од романескните постапки која го актуализира односот меѓу минатото и сегашноста, меѓу она кое е предмет на истражување и актуелноста од каде што се активира истражувачкиот интерес е креативниот анахронизам, сфатен како фикциско-романсиерска интервенција во „материјалната и/или интелектуалната култура или идеологија на минатото“ (McHale 2001: 88). Оваа постапка го фокусира не само проблематизирањето на релациите меѓу фактот и фикцијата, меѓу историјата и книжевноста, туку и меѓу минатото и сегашноста, како романескна афирмација на реинтерпретативната врска меѓу нив, како начин на ретроактивно интервенирање на втората страна од парот во првата.

„Можеби Јулијан бил положен на штит и доведен во шаторот, а можеби и не. Можеби се впуштил во философска расправа со своите соборци додека од телото му истекувале последните капки живот, а можеби не. Но, сигурно, не ги изговорил оние познати последни зборови што му обезбедиле место во енциклопедијата на цитати и на изреки. ‘Победи, Галилеецу!’. На тие зборови првпат наидуваме кај Теодор Кириски во неговата Историја на црквата, напишана стотина години подоцна. Ингениозно го смислил тоа, што само потврдува дека историчарите може воедно да бидат и извонредни романсиери. Отприлика, илјада и петстотини години подоцна Свинберн го запишал стихот ‘Победи, ти блед Галилеецу’. Од каде зборот блед? Бидејќи во најголем дел од историјата на западната уметност Исус е прикажуван како припадник на народите од северна Европа – Христос е бледолик – наспроти царот Јулијан, кој се родил во Константинопол и поголем дел од животот го поминал под силното блискоисточно сонце? Или Назарецот е со блед лик бидејќи не е од овој свет? Или бидејќи е веќе мртов? Сепак, веројатно е дека на поетот само му бил потребен збор со соодветен број слогови за да го вклопи во стих. И така овие измислени зборови биле преосмислени, овојпат во поетско руво. Поетите, исто така, можат да бидат извонредни романсиери“

(Barns 2022: 82-83).

Меѓутоа, во романот на Барнс станува збор за „невин“ анахронизам, којшто се задржува на рамниште на дискурсот на нараторот, не навлегувајќи во фикцискиот свет. На тој начин, се истакнува не само темпоралната дистанца меѓу чинот на нарација и настаните за коишто се раскажува, туку и дистанцата што ја обезбедува спознајно-ретроактивната доминантна позиција од која се истражува и се толкува она кое било.

Овие постапки (апокрифната историја и креативниот анахронизам) ги артикулираат и епистемолошките теми во романот, поврзани со прашањата за вистината и за знаењето за минатото, вклучително и за неговата текстуална посредуваност. Во својот есеистички запис Нил ја освестува перспективистичката природа на знаењето, односно неговата зависност од перспективата од којашто се посматра и се истражува минатото, од којашто дискурзивно се обликува вистината за него, со сите методолошки и идеолошки импликации.

„Приказната за Јулијан ни е раскажана од христијански агол… Во наредните илјада години и уште неколку векови, христијаните контролирале што е историјатот и пораката на приказната, додека Јулијан останал запаметен како клучна личност на нивниот антипантеон… Размислував за Јулијан и за тоа како со векови го гледале во оваа или во онаа светлина, како некој кој оди по сцената поминувајќи под снопот од рефлекторско светло од различни бои. Ох, беше црвен, не, туку повеќе портокалов, не, беше индиго боја, безмалку црн, не, беше наполно црн. Имам впечаток дека истото тоа се случува – иако не така драматично и екстремно – и кога посматраме нечиј живот: како го виделе родителите, пријателите, љубовниците, непријателите, децата, како непознатите на минување кои за миг го воочиле неговото вистинско лице, а како долгогодишните пријатели кои одвај го разбирале. А тогаш тој ќе нè погледне и ќе нè види поинаку одошто ние се гледаме себеси. Па ете, погрешното сфаќање на сопствената историја го чини составниот дел од личноста“

(Barns 2022: 105, 179-180).

Оваа димензија на знаењето Нил ја освестува и во обидот да пишува биографија за покојната професорка и пријателка, констатирајќи во еден миг дека биографскиот запис треба да ја вклучи и другата страна, односно да ги земе предвид сведоштвата и сознанијата на нејзините поранешни студенти кои нудат сосема различни, па и спротивставени перцепции за нејзината личност, за нејзините предавања и за нејзините ставови за историјата. Токму во коментарите во кои Нил го врамува сопственото истражување ги оголува границите и моќите на историското знаење, односно идеолошките импликации на односот знаење – моќ: кои, односно чии факти влегуваат во историјата и чии претстави на вистината добиваат моќ и авторитет над останатите, чија историја преживува, чија вистина е легитимирана, чија приказна е раскажана, но и кој ја има улогата на последен раскажувач? Перспективизацијата на знаењето, како начин на афирмирање на сомнежот во апсолутното знаење за минатото, ја вклучува и скепсата во апсолутните вистини, односно во проблематизацијата на конечноста и на непорекливоста на Вистината што се дисперзира во процесот на (мултиплицирано) генерирање вистини како партикуларни верзии, продуцирани од различни перспективи, но и на процесите на транспонирање на историските настани во факти: „Се разбира, ова е само делумно вистина. Постојат различни верзии на оваа приказна, од самиот почеток… Но, дали навистина било така?“ (Barns 2022: 81, 83), се прашува нараторот кој, истражувајќи ги настаните и личностите од минатото, доаѓа до заклучокот дека вистината е легитимирана во зависност од оној кој говори, во зависност од неговата перспектива и од неговата моќ, честопати легитимирана низ институционалните контексти/позиции на кои им припаѓа.

Истражувајќи го животот на две отсутни/покојни фигури нараторот ја констатира неминовната текстуална посредуваност на минатото, вклучително и недоверливоста на достапните текстуализирани траги, а чијшто документаристички авторитет бил наложуван како единствен критериум за воспоставување на историската вистина. Прелиминарното биографско истражување на животот на покојната професорка се потпира не само на неговото лично сеќавање, на сведоштвата на нејзиниот брат, туку и на читањето на нејзините малубројни научни трудови и на нејзините белешки во ракопис, скици за предавања, лектирата, новинарските написи во однос на едно нејзино јавно предавање (на покана од страна на Лондонскиот книжевен преглед) дека христијанството го затворило човековиот ум, квалификувано како скандалозно.[6] Во однос на Јулијан Апостат, Нил се повикува на цел текстуален комплекс сочинет од два корпуса. Едниот, кој се состои од делумно сочуваните списи на императорот:

„Јулијан бил плоден писател кој диктирал толку брзо што неговите писари не биле во состојба да го запишат тоа што го изговарал. Она што е сочувано е собрано во три книги во Лебедовата едиција на класична литература каде што се собрани неговите писма, беседи, панегирици, сатири, епиграми, фрагменти. Централно место има текстот под наслов Против Галилејците во кој Јулијан ги изнесува своите забелешки на сметка на христијанството. Изворно тоа била тротомна книга, но вториот и третиот том се изгубени. Но, и првиот том е сочуван само во фрагменти собирани од разни списи од подоцнежните христијански писатели кои го цитирале Јулијан за да ги отфрлат неговите ставови“

(Barns 2022: 86)

Другиот корпус се однесува на бројните текстуализации за животот и за делото на императорот,[7] понудени како контекстуализирани толкувања (на историчари, писатели, поети, драматурзи, философи, композитори, теолози, политичари) низ вековите, кои нараторот хронолошки-коментаторски ги сумира.

„Фамата за него се пренесувала низ вековите: Милтон го нарекол ‘најпрефриган непријател на нашата вера’. Подоцна, Јулијан стекнувал поддршка меѓу мислителите на просветителството, агностиците, либертаријанците и другите мислители. Тоа придонело неговото име и неговата слава да живеат и понатаму. Личноста чии лик и дело се толкуваат постојано во согласност со променливите ветрови на историјата: за некои, како што иронично забележала ЕФ, е ‘херој на отпорот’, додека за други е отелотворение на Сотониниот помлад брат…. Но, неговите мисли и неговиот стил не изгубиле на сила дури и во нивната интерпретација… До почетокот на 20 век ликот на Јулијан во извесна мера ја изгубила својата привлечност. И понатаму бил жив и присутен во академскиот свет, но надвор од тие кругови бил сведен на историска личност спрема која писателите и книжевниците се однесувале според сопствено убедување. Така ми изгледаше мене“

(Barns 2022: 86, 128).

Сите овие текстуализации на Јулијан не само што ја сугерираат посредуваната природа на минатото туку и улогата на репрезентациите низ призма на нивните моќи и нивните ограничувања во претставувањето на минатото. „Секој поглед врз минатото, неизбежно, ги зема предвид сегашните моќи и ограничувања на пишувањето за него“ (Hutcheon 1996: 159), а тоа пак го покажува „разбирањето на историјата низ интерпретација“ (Wesseling 1991: 90). Оваа димензија е илустрирана во толкувањето на сликата Св. Ѓорѓи и ламјата на италијанскиот ренесансен сликар Виторе Карпачо кое Елизабет Финч им го приопштува на своите студенти:

„Сликата е повеќе демонстрација на вооружена сила одошто на побожност… Размислете за тоа дали тој сирот змеј што го држел во страв градот што е во позадината на сликата – судејќи според распарчените тела на жртвите – не е само екстремен пример и олицетворение на светот на живата природа… Змејот е симбол. Тој е од Кападокија и е олицетворение на земјата која била паганска пред Св. Ѓорѓи да дојде таму и да ја покаже силата, поточно воената моќ на христијанството. Ако продолжиме понатаму со кинематографското толкување на оваа духовна приказна во слики, ќе видиме дека совладувањето на змејот директно водело до преобразување на целиот тамошен народ во христијанството. Значи, Карпачо на ова платно ни прикажува еден замрзнат кадар од акционен филм кој воедно е и ефектно дело на пропагандната уметност. Една од тајните на успехот на христијаската вера се огледувала и во тоа што секогаш се ангажираат најдобрите филмаџии“

(Barns 2022: 37-38).

Сеќавањата со кои е исполнето раскажувањето на Нил и записите што произлегуваат од нив се дел од метафицкиската рамка во која се врамени коментарите на нараторот за односите меѓу книжевноста/уметноста и стварноста, за биографијата и за нејзините жанровски можности и за ограничувањата во однос на она што го прикажува:

„Откако го запишав ова, застанав, бидејќи во главата го слушам она што ни го кажа на едно предавање: ‘И запомнете, кога и да наидете на некој лик во роман, а посебно во биографија или во историско четиво, кој може да се сублимира и да се сведе на три атрибута, секогаш бидете сомничави кон таквата карактеризација. Тоа е правилото до кое настојував да се придржувам… Тој сака да ја фати кратковечноста, да го задржи на платното оној миг пред да почне цвеќето да вене. Кога ќе го набереме, на цвеќето му го скратуваме животот, а кога ќе го насликаме го продолжуваме неговото постоење и откако тоа ќе свене. А тоа е моментот кога уметноста станува стварност, додека она првобитно постоечко цвеќе станува краткотраен симулакрум, препуштен на заборавот… Понекогаш се прашувам како на биографите воопшто им поаѓа од рака сите тие посредни, контрадикторни, недоволни податоци да ги склопат во целина која го претставува животот, вистинскиот живот, стварниот живот. Мора да се чувствуваат како Јулијан во воениот поход, опкружен со свитата видовити… Или можеби доследно заокружената приказна е само привид, како кога човек се обидува да ги помири спротивните ставови. Можеби е исто како кога за некого создаваме слика само врз основа на низата поединечни индикативни податоци“

(Barns 2022: 18, 27, 139-140) .

Метафикциската рамка е дополнета и со метаисториографските коментари за одделните аспекти на историјата кои паралелно и се демонстрираат низ истражувањата на Нил:

„Мораме секогаш да го земеме предвид и она што можело да се случи иако не се случило, покрај она што се случило. Зошто се случило она што се случило, може да се запрашате, и токму тоа е прашањето со кое треба да се занимаваме. Можеби не е така. Не е ова чисто мисловна разонода во стилот што би било кога би било – што би било кога Хитлер би загинал од темпираната бомба што ја поставил Клаус фон Штауфенберг? – туку е сериозно аналитичко прашање. Премногу сме склони кон тоа историјата да ја перципираме како своевиден дарвинизам. Преживување на најспособните, со тоа што Дарвин, секако, воопшто не сметал дека тоа се оние најсилните, па ни најинтелигентните, туку оние кои се најспособни да се прилагодуваат на променливите животни околности. Тоа меѓутоа не е случај во стварната историја на човештвото. Оние кои преживуваат, ги надминуваат или ги надвладуваат другите, едноставно се оние кои се подобро организирани и кои поседуваат посилно оружје… Мирољубивите народи ретко кога носат победа, освен се разбира во светот на идеите, но идеите ретко кога победуваат освен кога покрај нив не одат цевки од пушки… Ако воопшто нè учеше на нешто тоа е дека историјата ја чини долготраен след на настани и дека таа не е нешто пасивно и инертно, појава која се наоѓа таму некаде чекајќи ние да ја видиме со дурбин или со телескоп туку активен и динамичен, понекогаш вулкански силовит процес“

(Barns 2022: 30, 38).

 

„Велат дека животот ни е одреден со генетиката, со родителското воспитување, со наследството, со климата, со начинот на исхрана, со времето поминато во мајчината утроба, со природата и со образованието. Но, тука е и оној слон што прави дармар во собата и кој никој не го спомнува: историјата. Дури и кога се спомнува сите секогаш мислат дека историјата е нешто што претходно се случило во нивниот живот или во животот на нивните родители: некоја инвазија, геноцид, наезда на скакулци. И дека во далечното минато историјата е нешто инертно, нешто што не е во хемиска реакција со сегашноста. Наместо да се занимаваме со Хитлер и со Сталин, предлагам да се свртиме кон Константин и Теодосиј. Ако ви е потребен некој кој е достоен за восхит, тука и Јулијан, кого во весниците би го нарекле ‘херој на отпорот’ “

(Barns 2022:77, 181) .

Комплексните (книжевни, филозофски, политички) теми во романот на Барнс се актуализирани низ дискретно сугерираното испреплетување на трите животни приказни (на ликот-наратор, на неговата професорка и на императорот), упатувајќи притоа на херменевтичкото исходиште на секој обид за и облик на навраќање кон минатото – и личното, и колективното. Минатото, неминовно, е подложено на (ре)интерпретативните, спознајно дистанцираните и ретроактивните филтри кои се потпираат и на текстуалните траги од/за минатото, на неговите материјални остатоци, но и на (не)доверливите механизми на меморијата. Во крајна линија, романот на Џулијан Барнс потврдува дека и личното и колективното минато, но и личниот и колективниот идентитет се обликувани низ сеќавањето.

„Ги прочитав бележниците кои никому не ги покажала, ја проучив секоја назнака со молив во книгите што ми ги остави. Но, можеби, сите тие средби и разговори како и моите сеќавања на нив – а сеќавањето е сепак функција на фантазијата- биле и останале реторички фрази. И тоа живи, а не книжевни, но сепак фрази. Можеби може да се каже дека ја ‘познавам’ и ја ‘разбирам’ Елизабет Финч во иста мера – иако на поинаков начин – на кој можам да кажам дека го ‘познавам’ и го ‘разбирам’ и царот Јулијан“.

(Barns 2022:181)


Литература

  1. Barns, Džulijan. 2022. Elizabet Finč. Beograd: Gеopoetika.
  2. Erll, Astrid and Rigney, Ann. 2006. Literature and Production of Cultural Memory: Introduction. European Journal of English Studies. Vol. 10, No. 2. pp. 111 – 115.
  3. Hačion. Linda. 1996. Poetika postmodernizma: istorija, teorija, fikcija. Novi Sad: Svetovi.
  4. Lachmann, Renate. 2010. Mnemonic and Intertextual Aspects of Literature. A Companin to Cultural Memory Studies. Ed. by Atrid Erll and Ansgar Nünning, Berlin /New York: Walter de Gruyter, pp. 301-310 2010.
  5. McHale, Brian. 2001. Postmodernist Fiction. London and New York: Routledge.
  6. Wesseling, Elisabeth. 1991. Writing History as a Prophet: Postmodernist Innovations of the Historical Novel. Amsterdam and Philadelphia: John Benjamins Publishing Company.

[1] Романот е преведен и на македонски јазик. Џулијан Барнс. Елизабет Финч. Скопје: Артконект, 2023. Превод Љубица Арсовска.

[2]Basinsky, Pavel. „An Interview with Julian Barnes“. Russia Beyond. Nov. 29, 2016 (www.rbth.com/arts/literature/2016/11/29/).

[3] Иако, во неколку наврати нараторот се обидува да се изземе себеси од фокусот, изјавувајќи дека „јас сум овде небитен“, „ова не е книга за мене“. Во таа смисла Во таа смисла, и овој роман на Барнс се надоврзува на неговиот роман Ова личи на крај (2012), во којшто нараторот се обидува, како и Нил, да се разбере себеси и својот однос кон другите преку ретроспективната нарација.

[4] Низ процесот на сеќавање на епизоди од своето минато тој освестува дека бил вљубен во својата професорка, но и дека покрај дваесетгодишното пријателство многу нешта од нејзиниот живот му останале непознати.

[5] Јулијан Флавиј Клаудиј/ Јулијан Апостат/Отпадник, една од најинтригантните личности во римската/византиската историја, но и во историјата на христијанството, како еден од неговите опоненти, владеел само осумнаесет месеци, пред да загине во воен поход во Персија. Историчарите и научниците се со поделени ставови во однос на неговата улога во историјата: дел од нив го ставаат во негативен историски контекст (Сократ Схоластик, Натаниел Ларднер, Томас Штраус, Кристофер Кларк), со оглед на тоа дека неговите идеолошки и религиски аспирации доживеале крах, додека други сметаат дека неговото влијаниее една од клучните критички точки во историјата на христијанството (Џон Абот, Џон Хурст, Едвард Берковиц).

[6] Во оваа епизода, Барнс критички упатува на моќта на новинарскиот медиум манипулативно-сензационалистички да ги измести изјавите од изворниот контекст и да го помести фокусот.

[7] Рускиот писател Димитриј Мерешковски нуди романескна интерпретација на императоровиот живот во своето дело Смерть богов. Юлиан Отступник (1895).

Марија Ѓорѓиева Димова

Професорка по теорија на книжевност на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“