Книги

Марија Митева: Одбирам да верувам во младата генерација којашто сонува

Кои ви се првите асоцијации кога ќе помислите на ноќта? Веројатно ќе се сетите на несониците во ситните саати од возбуда или стрес, можеби ќе ви заѕвонат стиховите на Пети Смит дека ноќта им припаѓа на љубовниците или ќе ви излезе пред очи ѕвезденото небо на Ван Гог. Тука е и песната „Ја чувам ноќта од будните“ на „Леб и сол“, која пак, нè води кон збирката „Стражари на ноќта“ на Марија Митева – најновото дело во македонската книжевност посветено на нејзиното височество, ноќта.

Оваа необична мултимедијална збирка, во форма на папка со 24 илустрирани песни во А4 формат подготвени за врамување во исто време е и контемплативно-медитативна поезија за ноќта, и слатко-горко преиспитување на мракот што ни паѓа пред очи од времето и местото во коешто живееме, и игрива критика на нашето неизбежно урбано секојдневие. Оваа збирка е и повод за овој муабет со нејзината авторка.

Марија, помина повеќе од еден месец од објавувањето на твојата збирка „Стражари на ноќта“ и промоцијата за неа. Еурофијата можеби спласна, но дали ти спласна и возбудата? Патува ли поезијата, ти стигнуваат ли нови впечатоци?

Еуфоријата спласна, но дури сега успевам делче по делче да ја составам сликата од изложбената промоција во мојата глава. Сѐ уште дознавам за нови моменти поврзани со поезијата, со илустрациите и со настанот. Секој стих кој луѓето го одделуваат за да го споделат, секој наслов, секоја илустрација се чува во посебна фиока во мене. Сите коментари ми значат, но мислам дека најмногу ме допреа оние на учениците кои ги читале омилените песни во училиште и ги споделувале на социјалните мрежи. Полно срце!

.

Ова твое ново дело, всушност твојата прва збирка поезија, наместо меѓу корици реши да го сместиш во папка. И сега поезијата не само што може да се чита, туку може и да биде присутна дома секој ден. Од каде идејата за оваа „изложбена поезија“, која така и беше промовирана, со изложба?

Отсекогаш на уметноста сум гледала како на една интегрална целина, отсекогаш ме привлекувале хибридните форми, точките во кои се спојуваат различни канали на уметноста. Така и размислувам, често си задавам предизвици, текстовите детално да ги визуализирам во глава, на фотографијата да ѝ додадам музика која ќе ѝ даде некое друго значење, на музиката да ѝ додадам движење. И оттаму идејата за изложбена поезија, љубопитна бев како овие песни би се изразиле во друг уметнички формат и многу поважно дали овие прашања кои мене ме засегаат ги допираат и современите уметници?

За крајниот формат на 24-те илустрирани песни размислував практично, сметајќи дека постери во папка ќе биде наједноставен начин за споделување, подарување и врамување. А тоа пак значи дека збирката останува „жива“ со можности сами да ја прередувате, допишувате и доцртувате.

.

Од друга страна, „Стражари на ноќта“ е и дело зад коешто не се потпишуваш само ти, туку и седуммина визуелни уметници. Ти тежеше ли таа одговорност, затоа што сепак ти си носителката на овој поетски „проект“?

7 уметници од различни канали на визуелната уметност, сликари, вајари, дизајнери, илустратори, секој со свој препознатлив печат, сите различни и со различни позадини. Имав чест да работам и учам од Зоран Кардула, Владимир Мартиновски, Катерина Јовчевска, Александар Стојчевски, Филип Ивановски – Пепе, Филип Мартиновски и Ања Ангеловска.

Пред сѐ беше многу забавен процес, процес на примање на многу информации со отворени рецептори, процес на слушање, процес на постојано учење, голема дисциплина и секако храброст за да ѕирнеш отаде линијата. Многу ѝ верував на идејата и се чини и таа веруваше во мене. Па секој пат кога ќе ја почувстував тежината на одговорноста се враќавме една кон друга јас и идејата и така некако го најдов балансот.

Темата на ноќта е главната тема во оваа збирка. Што е ноќта за тебе? Се сметаш ли за ноќна птица?

Напишав цела збирка поезија за да си одговрам што е ноќта за мене и пак не успеав ноќта да ја поедноставам во еден одговор. Ќе мора да се подружите со Стражарите и со: „ноќните птици кои ги поправаат своите / ранети крилја дур / го перат црнилото на денот, / во темнината на ноќта…“ за да се најде одговорот на ова прашање.

И боите во палетата што им беше на располагање на уметниците при создавањето на визуализациите на песните беа боите на ноќта: виолетова, жолта, чивит (мастилаво сина) и портокалова. Како дојде/дојдовте до овие бои?

Имате 5 секунди да одговорите: Кои се четирите бои кои ви паѓаат на памет кога ќе речам НОЌ? – Ги прашував луѓето неочекувано. „Испитаниците“ беа од моето опкружување, сите на различни возрасти и од различен пол. Процентуално најголем број имаше за темно виолетова, жолта, чивит и портокалова. Така и ја обоивме ноќта.

.

Лидија Димковска во рецензијата за „Стражари на ноќта“ ќе каже дека поезијата има призвук на рок-поезија, обработува урбани, општествени, социјални, геоплитички, емотивни и егзистенцијални теми на сленговски јазик, кои го отсликуваат македонското и универзалното секојдневие на игрив начин. Тука би додала дека важно место има и новата, млада генерација и нејзиното доживување на светот и на (нашето) секојдневие. „Промашената генерација во бунило и дремеж“ – (ќе) се буди ли полека или ќе тоне во сè подлабок сон?

Лидија и нејзините дела ме охрабруваат, учат и инспирираат, затоа не можам да бидам поблагодарна за оваа нејзина рецензија. И секако во универзалното секојдневие е новата, младата генерација, во која одбирам да верувам! Во нашиот град има места кои уште дишат и не се затруени од инстант пакувањата на турбо рециклираната цитат философија од полуписмени интелектуалци. Во нашиот град има младина која е различна од сите претходни, но во јадрото на поимот младост сепак ги задржува бунтовноста, критичката мисла, пркосот и слободата. И нека биде во сон, сонот не е дремеж. Сонот не е лоша работа. Сонот е здрав. Неодамна освестив дека соновите не се само за сонување, туку за остварување!

Би сакала ли твојата изложбена поезија да се подарува на Новогодишната ноќ? Купена од книжарница, не од рафтови на маркет😊

Магијата на оваа илустрирана поезија е во споделувањето. Ако нема споделување, нема блискост, а со тоа нема ни поента постоењето на овие Стражари. Така што сакам да се подарува и на новогодишната ноќ и која било друга ноќ, а од каде е купена нема да прашувам, ноќта има свои тајни патишта, зар не?


Фотографии: Огнен Ацевски

Наташа Атанасова

...

КОМЕНТАРИ

  • Марија Митева: Одбирам да верувам во младата генерација којашто сонува - УМНО.МК

    […] Целото интервју на Блен.мк […]

    Одговори

Што мислиш ти?