Шкртки

Кога животот ќе ти даде „Млечни заби“, насмеј се

Прво се запознав со Хана Корнети, а потоа со тоа што го пишува. А тоа е секогаш ризично. Додуша, ризично е и обратното, ама ова првово значи дека ако земеш да го прочиташ тоа што го напишал човекот што ти се допаднал и не ти се допадне, УПМ – ем ќе чувствуваш должност да бидеш искрен, ем најчесто таа искреност ќе заврши вака: Еј, извини, ама не ми се допадна книгата иако ти ми се допаѓаш – еј, не ја прави таа фаца, еј, не сакам да биде готово меѓу нас…

За среќа, во случајов не беше така. И, искрено, не знам што ми се допадна повеќе – Хана или расказите на Хана 🙂

„Млечни заби“ е збирка што Нено од „Или-или“ ми ја препорача на коронскиот Саем на отворено. Сум ја купила на 9.9.2021 (како што уредно сум си запишала на неа), а некаде околу 9.9.2023 ја извадив на наткасна за да ја читам, откако малку пред тоа ја запознав Хана. И, искрено, ѝ се плашев многу, quod erat спомнато погоре. Ама собрав храброст и, нели, бидејќи среќата ги следи храбрите, излезе дека ми се посреќи и дека добив вистинско лижавче или сладолед (во корнет!).

Без многу понатамошно тупење, ова се моите 7 причини зошто „Млечни заби“ ми се допадна мнооогу и зошто мислам дека треба да се чита надалеку и нашироко:

  1. Ако со еден збор треба да се опише оваа книга, тоа би бил зборот: КУЛ. Да, „Млечни заби“ е младешка, забавна, лабава, игрива, а во исто време слатко-горка, хумористична и на делови трагикомична. Нарацијата тече со таква леснотија, што се фаќаш себеси како полека те заведува додека со очи што светкаат од запиеност ти ги покажува ѕвездите на небото полно облаци, смеејќи се ти раскажува вицови, па за момент скокнува да кака испуштајќи смешни прдевчиња – а ти со подзината уста.
  2. „Млечни заби“ е експериментално добра. Да терала Хана со испробана структура што ѝ оди од рака да ги пишува сите, можеби би излегле подобри поединечни раскази од послабите, како што е „Одморот“. Но не сум сигурна дека би излегла и подобра збирка. Затоа што убавината на „Млечни заби“ е во слободниот креативен дух кој сака да експериментира и по таа цена; дух на кој слободата да си игра му е поважна од калапот на испробаното и сигурното.
  3. Заради расказот „Како да се разбуди човек“, кој веднаш може да влезе во курикулумот на Општа и компаративна книжевност по предметот Историографска метафикција (ако сè уште постои). Не се сеќавам кога последен пат толку сум се затрескала во книжевен лик како во Евлија, и во неговата глава што одново и одново се претвора во каша. Не за џабе Хана за него пишува:

„Ова битие, создадено во просторот помеѓу немирот и потребата за израз, има потенцијал да биде повеќе сакано од човек од крв и месо“
(„Млечни заби“ стр. 40)

„А јас, знаејќи го најдобро, се наоѓам тука со раце врзани од правилата на светот што самата го создадов“
(„Млечни заби, стр. 41)

  1. Една од најсилните страни на оваа збирка се дијалозите. Хана има такво истенчено чувство за природен, убедлив и реалистичен (колку и да е проблематичен терминов, сепак нека стои тука) дијалог! Најчесто напишани на младешки сленг, дијалозите ги градат ликовите и ни ја доближуваат сликата за нив онака како што тоа го прави бојата на црно-белите фотографии.
  2. Кога сме кај младешкиот сленг од добрите дијалози, тука се и добрите ликови на деца, нешто што го ценам и почитувам. Да прочиташ ликче од 7-8 години (Ана Марија од насловниот расказ) кое ќе посакаш да ѝ го направиш другарка на ќерка ти (а и своја, да не се лажеме) – не можеш да кажеш друго освен фала Хана! Во светот на „Млечни заби“ децата, тинејџерите, младите навидум смотанковци со сета своја изгубеност се целосно рамноправни со возрасните на кои „принципите им паѓаат како млечни заби, за да ги заменат трајни, поцврсти“.
  3. „Млечни заби“ не е раскази со хумор, тоа е хумор со раскази, кој се менува во зависност од потребата – од детски смешен (Остави ме да спијам, имам работа сабајле, не биди гомце. – Госпоѓа Гомно, за тебе!) преку раскажувачко-зафркантски (Се смести, стави очила за сонце, извади роман од ранецот и потона во него. Во романот, нели, не во ранецот.) до политичкикоректно-зезачки (Како повеќето станови на возрасни луѓе, беше составен главно од стар, мислам возрасен мебел.). Од смешен, преку посмешен, до најсмешен.
  4. Да не излезе дека расказите на Хана се раскази само за мочкање, какање и прдење. Не, иако се преполни и со (ведро-детски) смешки, сепак тие чекорат по патека поплочена со сите теми на животот. На моменти потскокнуваш како да играш куцкамен по таа калдрма, па ќе го шинеш зглобот на некоја лабава како млечен заб, па ќе згазнеш на онаа на првата љубов, па на оние на врските што се распаѓаат и таман си се заиграл и ќе си речеш добро е, патов се управи, ете ја таа со смрт на родител. Но, ведрината со која се проаѓа низ овие теми, таа витална животна енергија која, всушност, е толку налик на младешката, а со која дише книгата доаѓа од мешањето на тешкото со смешното, како што и реално е во животот. Разговарајќи со соседот оперски пејач кој е депресивен и на раб на самоубиство од „Лебедова песна“ младите ликови лежерно ќе го кажат „лекот“: „главното беше да сме таму за него, што и не беше некоја мачна работа“. На денот на смртта и погребот на татка си, Фаик не може ни да размислува за нешто друго освен на тоа дека премногу му се кака, ама затоа тука е славната бирократија: „Бирократијата е, впрочем, многу практичен начин да му се каже на човек среде трагедија дека животот продолжува, повелете сметка“. А на размислувањата за сопствената смрт(ност) будалчето-смејалче Јуриј најутешно-философски ќе заклучи: „се надевам дека ќе е брзо и безболно и пријатно. Дека мозокот ќе ми пушти некакви ендорфини, хемикалии, убави халуцинации и дека ќе биде забавно. Не мислам дека стравот ќе ни биде последна емоција“.

Во еден од расказите Хана ја спомнува младешката „криза на четврт век“, која како нишка на игла ги боде и спојува ликовите од повеќето раскази. А дваесеттите, тие се можност за го уловите ѓубрето од езерото пред да се замрзне, што би рекла младата комичарка Тејлор Томлинсон во нејзиниот стенд-ап „Quarter Life Crises“. Добро, може и да се пододмрзнува и копа тоа езеро и подоцна, на пример, со читање вакви книги.

Има и други работи во расказите што се прекрасни. Како на пример, прекрасните чиниш поетски слики (Ме чешна едно растение од песокот. Му дозволив. или: Во тој момент пристигна трета, повозрасна русокоса жена (претпоставував) баба на девојчето со млечни заби, на која толку личеа другите две што добив впечаток дека гледам во расклопена матрјошка.), ама реков дека нема да тупам и нема – тука престанувам.

А Хана, Хана вреди да се чита и да се очекува сè ново што ќе напише, затоа што јас ептен, ама ептен визионерски ги читам последните зборови на првиот расказ, дека со оваа збирка „и онака само ги поставува темелите“.

Друга тема е зошто Хана ми се допадна толку многу. За тоа, во некоја следна прилика 😉

П.С. Ако животот ви ја даде „Млечни заби“, насмејте се 😉 А дотогаш, можете да си го пуштите нејзиниот албум „Голи песни“!


Позадина на насловната фотка: Engin Akyurt

Наташа Атанасова

...

КОМЕНТАРИ

  • Хана Корнети: Ајде да си дозволиме да се подетиниме - Блен.мк

    […] тролови“. Од каде поривот по збирката раскази „Млечни заби“ да пишуваш за […]

    Одговори

Што мислиш ти?