Книжевен гоБЛЕН

Книгата е основно човеково право

Пишува: Снежана Стојчевска, поетеса и директорка на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје


Библиотеките во Македонија имаат долга традиција и добри темели. Во нив со децении работеле врвни професионалци, па наше е само да ја надградиме таа основа. ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје годинава прославува 79 години од основањето. Работењето го започнала со фонд од 3.500 книги, од кои 500 биле книги за деца. Минатата година направивме попис и можеме да се пофалиме со фонд од половина милион книги. Интересно е дека последните наменски изградени библиотеки во Скопје се централниот објект „Браќа Миладиновци“ и библиотеката „Другарче“, која била изградена како детска библиотека во 1974 година. Сметам дека во тоа време државата имала идеја и стратегија што и зошто прави. Оттогаш, половина век во главниот град не е изградена нова библиотека!

За библиотеките да имаат иднина треба да имаат просторни, материјални и кадровски услови за работа. Наместо да градиме нови и модерни простори соодветни на потребите, пред сѐ, на младите читатели и што ќе привлечат повеќе посетители, ние не можеме да го одржиме ни она што ни е оставено. Сѐ се одвива по линија на помал отпор, успесите се времени и се должат на ентузијазам и на индивидуалци што професионално и со љубов ја работат својата работа. Тоа не е доволно за да говориме за иднината на библиотеките. План и стратегија мора да има!

Библиотеките не се трошок, туку инвестиција

Во време кога читањето е запоставена вештина, а последиците од тоа веќе се видливи, потребата од библиотеките е повеќе од насушна! Последиците за тоа се од нивото на функционалната писменост кај децата, преку способноста за изразување, до вештините за комуникација и разбирање. Тука се и честите проблеми со вниманието и зависноста од екраните итн. Придобивките од читањето во вака драматична ситуација се многубројни, но нашата статистика вели дека читателската публика е во залез. Побројни се повозрасните читатели (меѓу нив жените) за разлика од помлада публика. Затоа сѐ почесто велиме дека треба да работиме на создавање читатели од раѓање. На пример, Република Полска има токму таква државна стратегија што ја спроведува нивниот Институт за книга. Кај нив секое дете го добива првиот комплет книги и членска карта за библиотека уште во родилиште!

Ние во ГБСК цврсто веруваме дека книгата не е привилегија, туку основно човеково право. Искрено и вистински се залагаме за тоа што повеќе книги да дојдат до што повеќе читатели преку сите наши клонови (18 објекти) распространети низ цело Скопје. Тука е и нашиот Библиобус кој патува низ 19 населени места во скопско каде што не постојат ниту училишни библиотеки.

Ако сакаме светла иднина, државата и власта потребно е да сфатат дека библиотеките не се трошок, туку инвестиција. Платите на библиотекарите, споменувани од страна на неколку министри, не се луксуз – туку инвестиција. Без кадар и без добра инфраструктура, затворањето на библиотеки е неминовно.

Сакаме ли таква иднина за нас и за нашите деца?

Неодамна се вративме од работно патување во Полска каде што посетивме неколку типови библиотеки (универзитетска, регионална, градска) во Вроцлав и Краков. Го посетивме и Саемот на книгата во Краков и учествувавме на Форум на библиотекари од Долна Шлезија. Она што го забележав е дека никаде немаше обложувалници и казина, туку токму библиотеки, медијатеки/артотеки, книжарници, музеи, културни центри. Ваквите посети се добри за да видиме дека и ние имаме многу работи што вредат и се здраво поставени, но заостануваме во модернизацијата и вложувањето во нив, во нивното промовирање и активно позиционирање во секојдневието. Полска, преку ЕУ, работи на европски проект за реновирање на стари објекти и нивна пренамена во модерни простори. Така, библиотеките и културните центри многу често се сместени во објекти на железничките станици, магацини, фабрики. Тие се и медијатеки за изнајмување стрипови, друштвени игри, филмови, плочи, места за видеоигри (gameroom) и користење на виртуелна реалност (VR).

Кај нас, освен сериозно вложување и градење, треба активно да се работи и на подобрување на културата на користење јавни добра, грижата за заедницата и подигнување на општото културно ниво. Тоа повторно се постигнува само со долгорочна континуирана работа на сите чинители на културниот живот во едно општество, како и континуирано финансиско вложување. Спротивно на ова, ние континуирано добиваме кратење на буџетите, кои веќе се под секое ниво – за само 3 години веќе се троструко намалени.

Библиотеката – сигурен простор за децата

ГБСК постојано се труди да го реобмисли сопствениот имиџ, не само како место само за изнајмување книги, туку и како центар во кој се истражува, учи, дружи. Нашиот календар е исполнет со промоции на книгата и читањето, но и многу други теми и активности. Додека се обидуваме да ги следиме светските текови, се соочуваме со многу суштински проблеми, со кои не би требало да се занимаваме. Се надевам на посветли денови, но тоа нема да се случи, ако не се согледа важноста на библиотеките и потребата од нив. По домот и училиштето, библиотеката треба да биде третиот сигурен простор (the third place) за младите, а и не само за нив. Затоа нашиот фокус е токму програмата за деца и млади, која ја реализираме во соработка со издавачките куќи, книжевните фестивали, училиштата и градинките. Вмрежувањето е клучот на нашиот успех! Само така можеме да направиме видливо помрднување на работите од мртва точка. Мислам дека читањето и книгите ќе се вратат во мода, како што се вратија грамофоните и грамофонските плочите и сега се повторно кул. Се надевам дека ќе го дочекаме времето кога повторно ќе биде кул да се читаат книги и да се посетуваат библиотеките. Она што особено ме радува е бумот што се случува во книжевноста за деца. Последните години е повторно актуелно да се пишува и да се издаваат книги за деца, па и преведените книги за најмладите се во тек со европската и светската сцена. Сите актуелни наслови се дел од фондот на ГБСК, па сега на потег се родителите, бабите и дедовците, наставниците. Тие треба да ги донесат децата во библиотека и да читаат заедно со нив.

За средношколците и студентите – минатата година ја започнавме работилницата за креативно пишување со писателот Александар Русјаков. Курсот е бесплатен и трае 2 месеца. Од делата создадени лани, годинава ја издадовме „Антологија на иднината“. Во моментов е во тек втората сезона, а целта е да ги привлече младите креативци во библиотеката и да ги насочиме во нивното професионално профилирање или да им помогне конструктивно да го користат слободното време. Се надеваме дека ќе имаме материјал за нова Антологија на иднината, како и тоа дека дел од младите, кои ги поддржавме со овој проект, ќе станат важни имиња на нашата книжевна и културна сцена.

Тука е и нашата кампања „Читаме современи македонски автори“. Особено сме горди на влијанието што го правиме во актуализација на македонските автори. Првата промена е зголемениот интерес за македонските писатели од страна на библиотекарите, на читателите, па и од издавачите. Дел од библиотеките, па и некои книжарници, веќе имаат свои кампањи со книга на месецот и клуб на читатели, но искрено би сакале оваа кампања да прерасне во државна стратегија за промоција на македонската книжевност. Кампањата ја работиме веќе трета година и досега претставивме 19 наслови како книга на месецот, реализиравме исто толку разговори со нивните автори и исто толку клубови на читатели. На наша голема радост, кампањата ни ја донесе наградата „Промотор на читачката култура“ на Македонската асоцијација на издавачи. Значајно признание и поттик од фелата што дојде во моменти кога како институција се соочувавме со големи предизвици.

„Полска полица“ е важен проект што го реализиравме во соработка со Амбасадата на Република Полска во Скопје во неколку етапи. На почетокот Амбасадата ни донираше книги од полски автори преведени на македонски јазик, а потоа нашите библиотекари поминаа соодветна едукација за нивната промоција. Имавме неколку гостувања на значајни полски автори за деца и возрасни, а реализиравме и одлична изложба на графики од студентите на Академијата за ликовни уметности во Краков. Всушност, нашата посета и студиски престој во Полска беа заокружување на целиот проект, што се надеваме ќе продолжи и понатаму.

Ќе завршам повторно во духот на впечатоците од Полска и нивната грижа за културата. На Саемот за книгата во Краков имав средба со директорката на Институтот за книга, која ми образложи уште еден дел од нивната државна стратегија – поддршка на клубовите на читатели во сите библиотеки во државата. Тоа значи финансиска поддршка во набавка на книгите, како и средства за гостувањата на авторите, па таму средбите се случуваат и во најмалите и најоддалечени библиотеки во земјата. Се надевам дека ќе дочекаме ден кога и кај нас ќе има Институт за книга, некакво тело или барем прецизна стратегија што ќе помогне и нашите успешни практики да се пренесат на државно ниво.

 

Што мислиш ти?