Муабетења

Катрине Недрејурд: Понекогаш мораш да ризикуваш за да пораснеш како личност

Катрине Недрејурд е норвешка писателка, чиј роман за млади „Пушти ме“ го читав неодамна. Станува збор за современа приказна во која главен лик е младата Ана, која го живее животот како сенка на нејзината другарка Аманда, која е наметлива, снаодлива и популарна. Но, и голема лажга, како што се шушка. Серија случувања ќе ја одведат Ана на раскрсница во животот каде што ќе мора да ги преиспита своите пријателски и љубовни релации и да реши кому ќе верува а кому не. На некој начин, Ана ја живее својата современа иницијација во светот на возрасните.

Романот, кој во Норвешка е објавен во 2018 година, а кај нас беше преведен годинава, изобилува со живи и убедливи дијалози и со ситуации во кои и младите денес лесно ќе се препознаат. Ова интервју произлезе од желбата да ѕирнеме во мотивите на авторката кои стојат зад креирањето на овие ликови и зад пишувањето на овој роман.

Да се пишува за млади ми се чини дека е специфично тешка работа. Со оглед на тоа што неколку од твоите книги се наменети за оваа категорија на читатели, кои се главните предизвици што ги имаше во нивното пишување?

За мене не е голем предизвик да пишувам за млади. Почнав да пишувам романи за млади откако имав објавено две книги за возрасни. А кога почнав да пишувам за возрасни, на некој начин, се обидов да напишам книга која мене лично би ми се допаднала.

И истото го направив кога почнав да пишувам за млади. Се навратив на моите искуства како читателка, затоа што толку многу читав кога бев млада. Се обидов да се сетам што точно ме возбудуваше во книжевноста, кои книги навистина ме обележаа. И почнав да го рекреирам тоа искуство. Пишувајќи за млади, се обидов да пишувам за 14-годишната Катрине.

Во твојот роман „Пушти ме“ се занимаваш со темата на созревањето на една млада девојка. Читајќи го романот ги гледаме предизвиците и тешкотиите што ги има таа во тој процес, па се прашувам, дали постои лесно созревање или сите иницијациски мораме да го поминеме тоа во животот за да созрееме?

До ден-денешен не сум запознала некој кој, на кој и да е начин, не се занимавал со тоа да се пронајде себеси. Така што, во „Пушти ме“, на некој начин, се навратив на некои од моите искуства како тинејџерка, како што се пријателствата, верноста и љубовните врски и се обидов да го направам тоа поблиско до времето во коешто живеам сега. И да навлезам длабоко во тоа, да видам колкав предизвик е кога си таму и на некој начин се обидуваш да сфатиш кој си ти во овој свет. Така што, не можам да зборувам за сите, но мислам дека во еден момент во животот доаѓа време кога навистина треба да решиш кој сакаш да бидеш, како главниот лик во „Пушти ме“.

И, да, тоа не се случува секогаш на петнаесет, може да биде и кога ќе имаш дваесет години. За некои, може да биде и многу подоцна ако го избегнуваат тоа. Но секако мислам дека во одреден момент во животот, порано или подоцна, сите стигнуваме таму.

Потребата за припадност меѓу врсниците е една од основните социјални потреби на младите, која ако не е задоволена на вистински начин, создава проблеми. Го гледаме тоа кај Ана, чиј идентитет во голема мера се заснова на улогата на сенка на Аманда. Од каде црпеше инспирација за овој однос, кој е токсичен од едната страна додека другата не е свесна за тоа?

Како што веќе споменав, од некои искуства кога морав да научам кому можам а кому не можам да верувам и, во крајна линија, од осмелувањето да застанам сама. Затоа што понекогаш мораш да ризикуваш за да пораснеш како личност.

Тоа е она што Ана мора да го направи во книгата. А и јас тоа требаше да го направам во одреден момент од моите тинејџерски години и се сеќавам на тоа како на навистина осаменичко искуство.

Но, откако го преживеав, откако видов дека можам барем себеси да си верувам, тоа беше навистина, навистина лечебно и созревачко. Па, на некој начин, тоа сакав да го одразам и во романот.

Во романот се третираат теми како прва љубов, односите меѓу младите и неопходноста од развој на емоционална интелигенција. Дали сметаш дека на емоционалната интелигенција треба да ѝ се посветува повеќе внимание во образовните системите?

Не знам како можете некого да научите на емоционална интелигенција. Не знам дали сите наставници ја имаат доволно. Мислам дека она што е опасност денес, а што не беше во времето кога јас бев млада девојка, е дека денес голем дел од социјализацијата е преку екран. Така што, не можете да ја видите фацијалната експресија и не го слушате тоа што гласот го кажува. Во исто време, комуницирате само писмено.

Како млада личност денес, мислам дека понекогаш треба да го оставите екранот и да се погледнете во очи со другите, да бидете заедно и да научите како да бидете човек така. Треба да бидеме способни да комуницираме, да си кажеме кога нешто е или не е во ред. И, исто така, треба да научите да не верувате на секого сè што ќе ви каже, затоа што има луѓе како Аманда од мојот роман, кои лажат, а Ана тоа не го воочува затоа што таа самата не лаже.

Во „Пушти ме“ делумно се допира темата на идентитетот на луѓето од народот Сами, кои и кај нас долго време беа познати како Лапонци, а од твојата книга дознав дека тоа е назив кој тие го сметаат за погрден. Како припадничка на овој народ, колку оваа тема ти е важна и кога стана свесна за неа?

Тоа е тема во мојот втор роман, а ја има и во првиот, кои сè уште не се преведени на македонски. Но е важна тема и има обележано многу од моите подоцнежни романи, особено во романот што навистина добро се проби во Норвешка, мојот најнов роман за возрасни, каде што се допира историјата на народот Сами во Норвешка, нешто за што не нè учат на училиште.

Така и ја увидов потребата да пишувам за тоа во романот, затоа што поинаку е кога учиш нешто преку емоциите на личности кои живееле живот кој не бил како твојот. И да влезеш во нивна кожа.

Сакам да предизвикам емпатија за искуствата на Сами. Толку многу пишував за тоа, толку романи за млади и сега за возрасни, како и театарски претстави, така што, да, секако дека ми е важно.

Твојата работа колку што е посветена на книжевноста, толку е и на театарот. Како ти се испреплетени тие работи и колку едната ѝ помага на другата?

Мислам дека сите жанрови во коишто пишувам имаат функција. Понекогаш доаѓа некоја идеја и треба да ја сместам во жанрот во кој најдобро ќе функционира.

На пример, кога почнав да пишувам за идентитетот на народот Сами, почнав со театар, мислев дека најлесно ќе биде да експериментирам со него, затоа што таму многу се остава на интерпретацијата, а работите и со други артисти кои сето тоа ќе го постават на сцена – актери, светло итн. Така што, мислев дека е безбедно да почнам на тој начин. Тоа ме научи многу за просторот што му се остава на читателот или на актерите, она што тие треба да го пополнат.

Понекогаш тоа активно го користам и кога пишувам романи. Моите романи за млади имаат многу дијалози, што, секако, е инспирирано од моите драмски текстови. Од друга страна, и моите романи ме инспирираат за другите видови дела. Така што, мислам дека сите жанрови на некој начин се претопуваат и од сите нив учам работи.

Дали и кога би имале можност да те видиме во Македонија? 😊

Досега не сум била во Северна Македонија, но навистина се надевам дека ќе дојдам еден ден. Би било навистина, навистина интересно. Еден од бонусите на тоа да се биде писател и да се биде преведуван е што добивате можност да видите разни места во светот. И секогаш учам многу за себеси, но и за другите култури кога патувам. Така што, навистина се надевам дека ќе добијам покана да дојдам во Северна Македонија.


Насловна фотографија: Фартејн Рудиур (Fartein Rudjord)

Наташа Атанасова

...

Leave a comment